ИНТЕРВЈУ БЛАГИЦА ПЕТРЕСКИ: Политичката криза го јаде бизнисот!
Објавено во: Економија 24 Февруари, 2016 10:26
Извршната директорка на Finance Think Благица Петрески вели дека Политиката за Дознаки има за цел да ги трансформира дознаките од неформална во формална социјална заштита. СПоред неа , Ваучерот е дизајниран да биде достапен за најранливите категории граѓани кои примаат некаков износ на дознаки а се соочуваат со неможност да остварат социјално осигурување . „Македонија прима најмалку 4% од БДП по основ на дознаки. Износот на примени дознаки е еднаков или повисок од примените странски директни инвестиции. Истовремено, сеуште се соочуваме со висока стапка на сиромаштија од 22,1% и невработеност од 25,5%. Кај најсиромашните 20% дознаките учествуваат и со 90% во тековната потрошувачка“, објаснува Петрески. Таа оценува дека политичката криза која трае веќе една година, најсилно ја чуствува бизнис заедницата, додавајќи дека неизвесноста го јаде бизнисот – всушност во 2015 му изеде најмалку 1 процентен поен од растот на додадената вредност. Ми се чини дека годинава ефектот ќе биде уште посилен.
„Според проекциите на Finance Think од декември, растот ќе беше 3.8% годинава, но ризиците кои ја туркаат оваа проекција надолу во моментов работат со голем интензитет. Во март ќе излеземе со нова проекција. Видете, економијата едноставно застана – сите, и граѓани и фирми се во исчекување што ќе се случи во оваа политичка мешаница. Кој носи долгорочни одлуки во ваков контекст? Никој. А, неизвесноста може да се намали само ако имаме избори кои ќе бидат фер, демократски и признати од сите засегнати страни“, децидна е извршната директорка на оваа тинк-тенк организација Благица Петрески .
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Нето приливите од македонската дијаспора се движат околу една милјарда годишно. Дел од овие трансфери доаѓаат од нашите иселеници преку банките и други финансиски трансфери . Македонско иселеништво ги помага своите родини и со кеш средтсва при доаѓањето во својата татковина . Во што се состои идејата за посебни социјални и здравстевни бонуси или ваучери доколку се користат регистрараните официјални дознаки од странство?
Петрески: Македонија прима најмалку 4% од БДП по основ на дознаки. Износот на примени дознаки е еднаков или повисок од примените странски директни инвестиции. Истовремено, сеуште се соочуваме со висока стапка на сиромаштија од 22,1% и невработеност од 25,5%. Кај најсиромашните 20% дознаките учествуваат и со 90% во тековната потрошувачка. Резултатите од истражувањето покажаа дека дополнителни 2000 денари дознаки ја зголемуваат општата потрошувачка за 1176 денари, а потрошувачката за здравје и лекови за 370 денари, што потоа ја намалува веројатноста за влошување на здравјето за високи 63%. И, додека од една страна постојат различни мерки за социјална заштита на ранливите граѓани и во подем е развојот на активни мерки за вработување, ниту една од од овие мерки не ги вклучува дознаките како формален систем на заштита. Ваучер Политиката за Дознаки има за цел да ги трансформира дознаките од неформална во формална социјална заштита. Ваучерот е дизајниран да биде достапен за најранливите категории граѓани кои примаат некаков износ на дознаки а се соочуваат со неможност да остварат социјално осигурување. Секој невработен кој примил дознаки преку официјални канали би добил од државата ваучер за користење здравствени услуги и лекови во вредност на просечната потрошувачка за здравје и лекови, под услов тој/таа да стави 6% од дознаката на пензиска штедна сметка. Резултатите покажаа дека вака применетиот ваучер ќе ја подобри здравствената состојба на лицата, а на долг рок ќе обезбеди нивна поголема сигурност кога тие ќе дојдат во пензионерски денови. Ваквиот ваучер ја зголемува и веројатноста да станеме поздрава популација и да се зголеми продуктивноста и животниот век.
Фактор: Кои контролни механизми ќе го намалат стравот кај дијаспората дека користењето на социјалниот и здравстевн пакет за граѓаните во Македонија ќе биде гарантирано со тајност на депозитите и евентуално плаќањето на даноци или укинување на веќе стекнатите права на социјална и здраватсвена заштита по основ на невработеност?
Петрески: Ваучерот покрај бенефитите за индивидуалните корисници, има и бенефити и за целокупната економија. Преку охрабрување за примање на средствата преку официјални канали, ќе овозможи појасна слика за износот на дознаки што влегуваат во економијата. Користењето финансискте институции и приватни пензиски фондови може да поттикне и да го зголеми штедењето. Покрај тоа, ваучерот ќе помогне во посоодветно таргетирање на лицата кои имаат потреба од социјална заштита, а кои имаат неформален извор на средства од дознаките. Секако, државата треба да гарантира дека тие дознаки нема да ги оданочи, впрочем какво што е сегашната поставеност во овој поглед, особено затоа што дознаките не се доход од труд, туку се еден вид подарок. Истовремено, ваучерот не смее да предизвикува укинување на постојаните бенефити за социјална помош, туку треба да се гледа како комплементарна мерка.
Фактор: Платниот дефицит и кредитно монетарната политиката со која управува НБРМ се потпира и врз дознаките на дијаспората кон Македонија . Ниските каматни стапки во деловните банки ги имобилизираа депозитите и значаен дел од нив се чуваат под „ перница“ без притоа да бидат стимулативни при отварањето на нови работни места ?
Петрески: Износот на примени дознаки нуди огромен потенцијал за порационално и попродуктивно искористување на истите. Потребно е само да се дизајнираат инструменти. Отворањето на микро бизниси, преку искористување на дознаките е одлична можност. Преку охрабрување на примателите да се добијат средствата преку официјални канали, ќе се зголеми и финансиската писменост, па веројатно ќе се стимулира средствата кои се чуваат „под перница“ да се пренасочат во финансиските институции. Потоа, постепено и инвестициите би се зголемиле преку два канали. Прво, вкупниот депозитен потенцијал ќе се зголеми, и ќе овозможи повеќе средства за нови инвестиции. И второ, самите приматели на дознаки ќе ја зголемат кредитната способност, самите да користат микро кредити и да основаат свои бизниси.
Фактор: „Finance Think“ прави едно огромно истражување за ефектите од странските инвестиции во индустриските зоните . Што покажуваат прелиминараните согледувања ?
Петрески: Сосем прелиминарно, анализата со помош на методот трошоци-бенефити дава поддршка на политиката на СДИ, без оглед што во јавноста се крева многу прашина околу износите со кои тие се субвенционираат. Трошокот што го генерира едно работно место за нас како општество е проценет на околу 7.000 евра и пресметката според погореспоменатиот метод е дека долгорочните бенефити се поголеми од овој направен трошок. Сепак, ова е прелиминарен наод. Истражувањето е моментално во фаза на рецензија од меѓународно-признати експерти во областа и дефинитивните резултати и наоди во подетална мера би ги објавиле откако тој процес ќе заврши.
Фактор: Бизнис-заедницата во Македонија поминала многу кризи, а економијата успеала да биде отпорна и да се носи со предизвиците. Сепак стопанствениците признаваат дека функционираат како во предизборен период, на стенд-бај со своите деловни активности Доколку се одоговлече кризата какви би можеле да бидат последиците врз стопанството и врз економскиот раст?
Петрески: Политичката криза која трае веќе една година, најсилно ја чуствува бизнис заедницата. Неизвесноста го јаде бизнисот – всушност во 2015 му изеде најмалку 1 процентен поен од растот на додадената вредност. Ми се чини дека годинава ефектот ќе биде уште посилен. Според проекциите на Finance Think од декември, растот ќе беше 3.8% годинава, но ризиците кои ја туркаат оваа проекција надолу во моментов работат со голем интензитет. Во март ќе излеземе со нова проекција. Видете, економијата едноставно застана – сите, и граѓани и фирми се во исчекување што ќе се случи во оваа политичка мешаница. Кој носи долгорочни одлуки во ваков контекст? Никој. А, неизвесноста може да се намали само ако имаме избори кои ќе бидат фер, демократски и признати од сите засегнати страни. Без тоа, за жал последиците ќе бидат многу подалекусежни.
Можеби ќе ве интересира
Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?
ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?
Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?
Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба




