03 Мај, 2024
0.0324

Интервју Чаминска од GEW: Мора да се работи на поголема бизнис инклузивност на младите и жените за конкурентен стартап екосистем

Објавено во: Интервјуа 07 Ноември, 2020

Добивај вести на Viber

Претприемачката култура мора да се негува за да се зголеми иновативност во бизнисот и економското развој на земја како Македонија. Повторно, сите претприемачи и тие кои имаат идеи за покренување на стартап ќе може да научат многу во целонеделниот настан кој по трет пат се одржува кај нас. Со Симона Чаминска, координатор на Global Entrepreneurship Week разговараме за специфичните услови во кои ќе се одржи неделата на претприемништво, и за тоа што ќе се преземе за подобра поврзаност на тие кои сакаат да започнат или веќе водат сопствен бизнис. Македонскиот стартап еко-систем е еден од подобро организираните на Балканот, но тоа е процес кој треба постојано да се надградува. Особено во поврзување на претприемачите, образовните институции, бизнис заедницата, како и надлежните органи за креирање на соодветни политики за подобрување на бизнис климата и инвестициите во развој и иновации.

Фактор: Повторно ни претстои одржување на Глобалната недела на претприемништво во С. Македонија. Ова е трета година по ред за GEW N. Macedonia, па колку искуството од претходните години влијаеше врз форматот за годинешниот настан и што може да очекуваме?

Чаминска: Оваа година, Глобалната Недела на Претприемништвото (ГНП) ќе се одржува од 16-ти до 22-ри Ноември, трета година по ред во организација на Стартап Македонија како домаќин организација. Веруваме дека позитивните искуства од минатите две години одиграа голема улога во формирањето на партнерства во тековната година, со оглед дека од еден настан во 2018 година дојдовме до 14 настани во 2019 година; додека оваа година имаме вкупно 38 потврдени активности. Самата тенденција за зголемување на бројот на активности и интересот меѓу партнер-организациите говори за тоа дека постои свест за релевантноста и значајноста на ваквиот вид иницијативи во нашиот екосистем, но и за значајноста на самата иницијатива со оглед дека паралелно се случува во уште 170 држави ширум светот и ја етаблира Северна Македонија на мапата на добро поврзани и силно развиени екосистеми.

Во поглед на содржинската страна на програмата која овогодинешната Глобална Недела на Претприемништвото ќе ја понуди, ќе бидат опфатени сите четири глобални теми и дополнително ќе биде остапен простор за теми како што се инвестиициите, зеленото претприемништво, како и простор на самите претприемачи за споделување на нивните животни приказни и совети за патот до успехот. Се решивме за „интегрирање„ на ваков вид активности поучени од минатите искуства дека сепак на крајот на денот, најрелевантни се искуствата на самите претприемачи. Исто, оваа година, активностите ќе се одвиваат на три јазици: македонски, англиски и албански јазик; зависно од таргет публиката која партнер-организацијата се стреми да ја освои. 

Фактор: Годинава под влијание на пандемијата со КОВИД-19 сите настани ќе се одржат онлајн. Како е замислена програмата и реализијата  на активностите. Токму можноста за вмрежување беше една од предностите на претходните GEW Skopje, па како овој аспект планирате да го надоместите?

Чаминска: Сите партнер-организации ќе ги одржуваат своите активности на некоја од платформите за состаноци: Zoom, Microsoft Teams, WebEx, Facebook Live и слично, со тоа што генерално препораката од наша страна како организатори, е активностите да бидат отворени за следење од пошироката јавност. Оние партнер-организации кои ќе организираат активности од „затворен тип„, односно само за публика која самите ќе ја одредат, ќе имаат можност да ги снимат своите настани и потоа истите ќе бидат објавени на YouTube каналот на Стартап Македонија за подоцнежно следење. На овој начин, дури и отворените активности кои се одржуваат во паралелни термини со други активности поради бројката на настани, ќе бидат подоцна достапни за целата заинтересирана публика.

Вмрежувањето е се уште една од најбитните придобивки на оваа иницијатива, па така во улогата на Национален Координатор на ГНП работев на вмрежување на организации со слични интереси, со надеж дека меѓу истите ќе се јави и интерес за заеднички активности. Еден успешен пример е заедничката активност на Здружението на бизнис жени во Македонија и иницијативата Women In Tech кои одлучија да ги здружат силите и организираат заеднички настан посветен на женското претприемништво. Во однос на интересот за вмрежување од страна на публиката, се надеваме дека ќе може да се искористат поволностите на секоја од платформите на состаноци и да се разменат контакти додека траат сесиите, за подоцнежно поврзување.

Фактор: Кои се клучните теми на кои ќе посветите внимание годинава и како ќе ги анимирате претприемачите да ги пренесат нивните искуства и да споделат значајни совети и новитети?

Чаминска: Глобалната Мрежа на Претприемништвото предвидува четири глобални теми и тоа: стекнување на претприемачки вештини во рамки на формалното и неформалното образование; инспирирање на заедниците и организациите да остваруваат подобра соработка која ќе овозможи основа на претприемачите за скалирање на нивните бизиси; намалување на бариерите за основање на бизниси особено за младите и жените т.е. поттикнување на инклузивноста во бизнисот и квалитетно креирање на политики како соработка меѓу екосистемот и Владата. Секоја од овие теми е соодветно застапена низ најмалку една активност од страна на партнер-организациите, заради што се надеваме дека ќе се разменат конструктивни идеи и ќе прозилезат можности за идна соработка.

Во однос на претприемачите, како што објаснив и претходно, предвидуваме посебна серија на разговори со претприемачи која ќе се одржува секој ден од 20.30 до 21.30 часот, по завршување на делот каде партнер-организациите „теоретски„ ќе обработат некоја од глобалните теми или друга тема поврзана со претприемништвото; па ќе имаат простор да споделат свои размислувања за состојбите во нашиот екосистем, да разговараат отворено за сопствените падови и успеси и да дадат препораки до идните претприемачи и креаторите на политиките. Овие сесии ќе се одвиваат на македонски и албански јазик. 

Фактор: Како би го оцениле македонскиот стартап екосистем но и воопшто претприемачката заедница? Кои се насоките за зголемување на соработката и меѓусебната поддршка, но и поттикнување на конкуренцијата која треба да донесе иновации, натпревар на идеи и раст?

Чаминска: Македонскиот екосистем е еден од подобро поврзаните и развиените екосистеми во регионот, но имаме уште работа додека истиот стане глобално конкурентен и препознаен како поволна локација за основање и развој на бизниси. Претприемачката заедница е отворена за соработка со меѓународните организации, коморите и слично, како и да даде фидбек за подобрување на условите за развој на претприемништвото и да се вклучи во процесот на креирање политики во интерес на оваа брзорастечка бизнис заедница. Ние сме меѓу ретките екосистеми во Европа кои имаат екосистем организација како Стартап Македонија, која од 2016 работи на интеграција, афирмација и дигитализација на целиот екосистем. Уникатниот пристап „оддолу нагоре„ во развој на екосистемот инициран од потреби и податоци, е од голема важност за развојот на иновативноста и конкуренстноста, како и носење на квалитетни политики. 

Во однос на зголемувањетo на соработката меѓу чинителите во екосистемот, меѓународните организации и особено Владата во улога на креатор на квалитетни политики, потребно е да се работи на подобрување на дијалогот меѓу сите засегнати страни и имплементација на утврдените заклучоци. Во таа насока, Стартап Македонија во рамки на ГНП организира настан посветен на квалитетното креирање на политики и лобирањето на организациите во екосистемот, претставувајќи ја успешната приказна на законската измена со која се предвидува воведување на конвертибилниот заем во Законот за трговски друштва, кој пак ќе отвори пат за инвестирање од страна на  бизнис ангели во земјава. На овој настан, претставници на Стартап Македонија ќе разговараат со претставници од Владата на Р. Северна Македонија, Канцеларијата на Светска Банка и други релевантни институции за тоа што следно треба да се подобри за да има поголем развој на екосистемот. 

Фактор: Колку настан како GEW може да придонесе за зголемување на капацитетите на претприемачите, како и можностите за инвестирање во квалитетни бизнис идеи?

Чаминска: ГНП е еднонеделна иницијатива која има за цел да го отвори и паралелно „засили„ разговорот за развојот на претприемништвото во секоја од државите каде се одржува. Веруваме дека ваквиот вид иницијативи претставуваат добра основа за квалитетно вмрежување и слушање на гласот на претприемачите, со оглед на интензивноста на настаните и пораките кои би се комуницирале притоа во јавност. Дополнително, некои партнер-организации како свои активности одржуваат т.н. pitching настани, каде стартапите би имале можност да се натпреваруваат за влез во акцелераторска програма.

Дополнително, за прв пат оваа година, во рамки на ГНП ќе се организира и активноста Startup Huddle во организација на Стартап Македонија и Програмата ИМЕ (Increasing Market Employability) каде компании во затворен круг заради специфичноста на информациите кои се разменуваат, ќе имаат можност да се презентираат себеси пред претставници од реалниот сектор. Оттука, ГНП нема само поширок општествен контекст, туку и зависно од намерите на партнер-организациите во однос на активноста која ја организираат или поддржуваат, може да дојде и до директно инвестирање.

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ИНТЕРВЈУ САЊА БОЖИНОВСКА: Инфлацијата и истрошениот буџет се најголемите предизвици со кои на стартот ќе се соочи новата влада на ВМРО-ДПМНЕ

ИНТЕРВЈУ САЊА БОЖИНОВСКА: Инфлацијата и истрошениот буџет се најголемите предизвици со кои на стартот ќе се соочи новата влада на ВМРО-ДПМНЕ