20 Декември, 2025
0.1485

ИНТЕРВЈУ Д-р ДОДЕВА: Лекарите специјализанти нема да бидат робови во сопствената држава!

Објавено во: Економија 28 Февруари, 2016 09:52

Добивај вести на Viber

Никој не сака да си го напушти својот дом и своето семесјтво но верувајте, во оваа моментална очајна за нас ситуација принудени сме секојдневно да размислуваме каде да се замине. Во моментов најдобра инвестиција за секој лекар е да научи јазик и веднаш да се вработи во било која европска земја, отколку да се бори со сите небулози на овој закон и да го доведе своето семејство во финансиски колапс. Доколку продолжи деградирањето на специјализантите на овој начин, сите ќе си одат еден ден - вели во интервју за Фактор,  Билјана Додева, доктор специјализант на психијатријa  и предводник на протестот на специјализанти кој се случи  на почетокот од  месецов.   Пред повеќе од една година за прв пат во Законот за здравствена заштита се воведоа измени со кои директно беа засегнати специјализантите. Законот наложува секој приватен специјализант да работи 8 часа дневно и еднаш неделно да дежура непрекинато 24 часа, своето работно време да го регистрира во електронскиот систем за евеиденција на работно време, да исполнува работни задачи од работно место и да е казнуван дисциплински за повреда на работна дициплина, а за возврат да не добива ниту денар плата, нема здравствено и пензиско осигурување, што претставува класична експлоатација на работна сила, практично не третираат како робови. Со оглед на тоа дека специјализацијата освен едукација претставува и секојдневна работа со пациенти, работа за која не сме платени,во наредните 4-6 години ќе бидеме целосно финансиски зависни од нашите семејства што  е честа причина за многу колеги да се одлучат да ја прекинат специјализацијата и заминат во странство- вели Додева. Фактор: Силно алармиравте за проблемите со кои се соочувате.... д-р Билјана Додева: Групата на специјализанти е неформално здружение, а јас неформален претседател. Групата изготви петиција од 350 потписи на идни и сегашни специјализанти во која се наведени сите наши проблеми кои произлегоа од Законот за здравствена заштита. Имаме наложен  лихварски договор за лојалност на државните специјализанти со кој се обврзуваат по завршувањето на специјализацијата да работат и до 10 години во конкретна Јавна здравствена установа, во спротивно се активира бланко потпишана меница која изнесува 60 000 евра или петкратна вредност од моменталната сума на специјализацијата која чини до 12 000 евра. Проблем се 24 часовните дежурства кои не се платени ниту на државните, ниту на приватните специјализанти. Доколку е некој на боледување подолго од 12 месеци или на породилно отсуство подолго од 24 месеци го губи правото да специјализира. Воведена ни е задолжителната тримесечна обука во странство која ќе биде на наш трошок, а без која нема да можеме да добиеме лиценца за работа како специјалисти. Проблем е интермедиерниот испит чие воведување е непотребно, а ќе биде причина за губење на специјализацијата и правото на едукација доколку не се положи од прв пат.И конечно, во моментов најгорлив проблем, во пресрет на престојната испитна сесија е видеоснимањето и емитувањето во живо на интернет на сите наши испити кое е противзаконско, крајно деградирачко и со кое не се согласува ниту еден лекар специјализант. Фактор: Што се превзема да се решат проблемите   бидејќи поминаа пет месеци откако ја доставивте петицијата  со конкретни барања за проблемите и за решавање на статусот? д-р Билјана Додева: Ние повеќе од една година алармираме за сите проблеми што ги донесе овој закон. Се трудевме да земеме учество на скоро секоја јавна дебата, но на крај повторно се изгласуваше дополнување на законот без ниту една измена во спорните членови. Поради тоа се одлучивме во октомври 2015 да составиме Петиција на која само за 3 работни дена се потпишаа 350 лекари специјализанти и идни специјализанти. Оттогаш два пати побаравме средба со Министерот за здравство, но не бевме повикани и средба не се оствари. Поради тоа испративме писма до сите пратеници, до Комисијата за здравство во Собранието на РМ и до премиерот. Учествуваме и на Јавната расправа во Комисијата за здравство во Собранието на РМ, но за жал, иако аргументите беа на наша страна и имавме поддршка од голем број пратеници, здруженија и Народниот правобранител, сепак во Законот за здравствена заштита повторно се изгласаа дополнувања и измени без ниту едно прифатено барање од нашата Петиција, без ниту еден изгласан амандман во наша корист. Согледувајќи дека институционалниот пат е практично исцрпен, протестот на лекарите специјализанти сам по себе беше неизбежна реакција на постојаниот игнорантски однос кон нас од страна на Министерството за здравство.  ДОКОЛКУ ПРОДОЛЖИ ДЕГРАДИРАЊЕТО НА СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ СИТЕ ЌЕ СИ ОДАТ ЕДЕН ДЕН Фактор: Последниве години има масовна појава на лекари и медицински персонал кои заминуваат надвор, поради повисоките плати и можности за напредување во професијата. Со ваква динамика постои ли опасност да останеме без квалитетни млади кадри? д-р Билјана Додева: Се соочуваме со  песимизам, разочараност и огромна демотивираност до толку што колегите не се ни надеваат дека воопшто постои можност да се променат работите на подобро. Дали можете да разберете колку сме разочарани кога се соочуваме со одбивање на нашето знаење од страна на самата држава на којашто сакаме да го посветиме цел свој живот? Ние сме тука и сакаме да останеме тука, за тоа се бориме и нема да застанеме се додека не се решат нашите проблеми , не се добијат назад одземените права и достоинство на белиот мантил. Повеќе и не е прашање на дефицит на квалитет, туку на квантитет. Со оваа динамика постои опасност да се остане без специјалистички кадри во многу гранки од медицината. Македонија секојдневно ја напуштаат се повеќе лекари, вратите во светот ни се широко отворени и наместо репресивни закони треба да носат стимулирачки закони кои ќе обезбедат минимум достојни услови за работа и едукација, со цел да се намали одливот на лекари. Никој не сака да си го напушти својот дом и своето семесјтво но верувајте, во оваа моментална очајна за нас ситуација принудени сме секојдневно да размислуваме каде да се замине. Во моментов најдобра инвестиција за секој лекар е да научи јазик и веднаш да се вработи во било која европска земја, отколку да се бори со сите небулози на овој закон и да го доведе своето семејство во финансиски колапс. Доколку продолжи деградирањето на специјализантите на овој начин, сите ќе си одат еден ден. Фактор: Има ли дискриминација врз лекарите специјализанти и со што се соочуваат секојдневно? д-р Билјана Додева: Дискриминирани сме на секој чекор и по секој основ. Скоро и да нема човеково право кое што не ни е прекршено или ускратено. Дискриминирани сме во однос на правото за плата за извршена работа и правото на социјална сиурност. Прекршено ни е правото на образование под еднакви услови, прекршено ни е правото на приватност со предвиденото видеоснимање на сите наши колоквиуми и испити, дискриминирани сме по основ на болест, па дури и до тој степен системот се дрзнува да навлезе во нашата интима  при што ни го планира семејството и не дискриминира како жени и како мајки. НЕ ПРИФАЌАМЕ ПАРЦИЈАЛНИ РЕШЕНИЈА Фактор: Последните законски измени кои беа најавени од Министерот за здравство  преку Програмата  за кофинансирање на приватните специјализанти   беа промовирани како добра можност за младите лекари сами да отворат ординација, да реализираат специјализации во одредени области кои ќе бидат кофинансирани. Дали оваа програма може да биде решение на проблемите? д-р Билјана Додева: Програмата за кофинансирање на приватните специјализанти  во моментов Министерството за здравство ја користи како единствен аргумент дека се обиделе да ги решат нашите проблеми. Но таа програма воопшто не придонесува за решавање на проблемите од три причини. Првата е што со таа програма времено ќе се пополнуваат слободни работни места во Јавните здравствени установи кои порано се пополнуваа со процесот на редовни вработувања. Значи, сама по себе оваа програма нема да донесе нови работни места. Вториот проблем е што програмата за кофинансирање ги содржи истите оние уценувачки договори за лојалност против кои се бориме со месеци наназад. И трето, дури и да се вработат определен број лекари, тоа по некоја наша процена би биле 100, еве нека бидат и 200 лекари, сепак ќе останат уште 400 до 500 приватни специјализанти кои и понатаму нема да добиваат ниту денар плата за сработеното, со што проблемите и понатаму остануваат отворени. Ние не прифаќаме парцијални решенија, ние бараме решение за сите специјализанти. Сите работиме иста работа и сите треба да бидеме еднакво платени. По кој основ за еднакво сработена работа едни специјализанти "заслужуваат" плата и платени дежурства, а други не?  Со оваа програма Министерот под изговор дека се грижи за приватните специјализанти покажува дека се грижи само за покривање на кадровскиот дефицит во јавното здравство. Затоа, апелираме доколку навистина сака да ни помогне треба да најде начин времено да ги вработи СИТЕ приватни специјализанти. Фактор: Зашто е потребно видеоснимање и емитување во живо на испитите во текот на специјализацијата? Како здраствените власти објаснуваат дека тоа ќе придонесе за подобрување на квалитетот на едукацијата? д-р Билјана Додева: Министерството за здравство нема ниту еден издржан аргумент за воведување на оваа постапка. Од друга страна ние поставуваме прашања дали знаат колку закони се прекршуваат со овој нов начин на испитување? Што е со нашата приватност загарантирана со Уставот на РМ? Дали Министерството го зема предвид јавното понижување, деградирање и можноста за исмејување на докторите пред јавноста, што ќе биде последица од овој видео пренос? Во која друга земја докторите служат за потсмев и забава за народ? Видео снимањето на нашите испити е апсолутно неприфатливо и нема да дозволиме нашата специјализација да се сведе на толку ниско ниво. Фактор:Има ли  поделеност меѓу лекарите- специјализанти и како да се надмине оваа состојба во ситуација кога на секое делување му се става политички предзнак? д-р Билјана Додева: Кога се во прашање нашите барања нема поделеност, на протестот излеговме сите заеднички и позади овие барања застанаа сите специјализанти. Низ нашите активности ние цело време застапуваме една политика, а тоа е политиката на белиот мантил. И наместо да се трудат да ставаат партиски предзнак на нашето делување, апелираме до сите политички фактори да застанат со нас на иста страна. Со  решавање на нашиот проблем навремено ке се спречат многу проблеми во здравствениот систем . Ние сме земја која нема капацитет да увезе лекари кога ке биде тоа неопходно  поради енормниот одлив во ма лекари во странство. Зошто со сила се правиме дека сме земја која нема капацитет да ги задржи тие што си одат кога за тоа е потребно само добра волја ?Повикуваме на единство затоа што овој проблем не е само проблем на специјализантите, овој проблем е проблем на цело општество, на граѓаните ,на власта. Едните заслужуваат квалитетно јавно здравство, а другите се должни тоа да им го обезбедат. С.Б.

Можеби ќе ве интересира

Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?

Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?

Koи европски држави ќе имаат раст до 2027 година?

Koи европски држави ќе имаат раст до 2027 година?

ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?

ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?

Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?

Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?

Просечните плати во Хрватска се зголемија

Просечните плати во Хрватска се зголемија

Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри

Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри

Зошто во Европа се затвораат фабриките за шеќер?

Зошто во Европа се затвораат фабриките за шеќер?

НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка

НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка

Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба

Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба