19 Декември, 2025
0.0257

Интервју ДАРКО ЈАНЕВСКИ: Не може да прогласиме криза поради лифтовите на Миле Јанакиески!

Објавено во: 19 Март, 2015 08:38

Добивај вести на Viber

Не мисли белким некој дека заради лифтовите на Миле Јанакиевски, нешто што се решава за еден ден, сме во криза. Да ги видиме најпрвин сите докази, па да извлекуваме оценки кои ќе имаат поголема тежина. Вака се се сведува на мислење за работа од која можат да зависат и животи. Уредникот на „Дневник“ Дарко Јаневски ги компарира моделите на голема буџетска потрошувачка на Владата наспроти штедењето на екс-сдсмовските миниситри за финасии Никола Поповски и Петар Гошев. Главниот уредник на „Дневник’ за Фактор констатира дека во Македонија постои групација присутна во јавниот живот која искрено се разочарува кога ќе се зголемат платите и пензиите, бидејќи таа го сака обратното за да може да ја води својата политичка агенда. Разговараше Горазд Чомовски Фактор: Популистички ветувања или реалност се  најавите на Владата за зголемување на пензиите, платите, социјалната помош или ова е обид за  дефокусирање на  јавноста од  т.н. бомби на  опозицијата во кои е  инволвирана извршната  власт?  Јаневски: Кај нас постои еден генерален проблем а тоа е дека Владата често е критикувана затоа што нешто прави, а не затоа нешто не прави. Наместо да трпи критики ако не ги зголемува платите, пензиите итн... обично се прави обид тоа да се минимизира. Баш ме интересира како платите и пензиите ќе ја дефокусираат јавноста? Меѓутоа, во основа, станува збор за два економски коцепти: едниот кој беше применуван од 2002 до 2006-та и кој е повеќе германски модел, а вториот е американски. Првиот подразбира дека се нема пари за такви ситни нешта какви што се платите и сл., освен, се разбира, за тие што извршуваат високи државни функции, а вториот концепт е потрошувачkи. Тој подразбира дека за да се има раст, мора да се има пари и тие пари мора да се потрошат. Најдобро, со производи од домашни фирми, заради дефицитот. Ако се сеќавате, пред 15-тина година владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА купи кашкавал од битолската млекара и го делеше преку синдикатот. Дали тоа беше популизам или обид да се поттурне работењето на домашна компанија чиј директор беше од СДСМ? Ако денес прашате некој министер за финансии од претходните влади на СДСМ, на пример Никола Поповски или Петар Гошев, јасно ви е однапред што ќе добиете како одговор, бидејќи во нивно време се спроведувал концептот кој вели дека се нема пари за повисоки плати. Значи, во крајна линија, имаме работа со германски модел кој се накалемува на македонски услови и кој го критикува другиот модел кој поаѓа од тоа дека луѓето треба да имаат повисоки плати, пензии, социјална помош. И од друга страна имаме работа со американски модел кој ја пали црвената лампа во Белата куќа ако за Божиќ бил потрошен макар еден долар помалку од лани. Вториот момент е дека во Македонија постои групација присутна во јавниот живот која искрено се разочарува кога ќе се зголемат платите и пензиите, бидејќи таа го сака обратното за да може да ја води својата политичка агенда. Меѓутоа, како стратегија тоа е погрешно и затоа не дава резултати. Фактор: Опозицијата бара формриање на преодна влада, од друга страна  премиерот Груевски на политичките противници им порача дека тоа е можно, но без учество на ВМРО ДПМНЕ. Дали евентуалното формирање на преодна  влада без партиципиенство на најголемата владејчката партија  би имала легитимитет да решава  крупни прашања? Јаневски: Ниту една преодна влада не би имала легитимитет да решава крупни прашања. Од каде би го црпела легитиметот? Од сите граѓани? Кој добил глас за такво нешто? Ова е некаков обид за примена на сценариото од 2001-та но ако два пати се сопнеме на ист камен, тогаш нема што друго да се каже. А за преодна влада без ВМРО-ДПМНЕ мислам дека е јасен одговорот. Фактор: Можна ли е правна разврска во случајот „Пуч“ и аферата „Прислушување“ без смена  на Јавниот обвинител  Марко Зврлевски? Јаневски: Зошто да не. Дали Зврлевски го води случајот или друг обвинител? И дали Зврлевски носи пресуда или судот? Потоа, дали Зврлевски и било кој обвинител во својата работа се потпираат на МВР, а него во било која варијанта и во било која земја на светот го води политичко лице од партијата на власт. Дали тоа значи дека еден обвинител за да им докаже на група луѓе како работи треба да формира свое МВР? Обвинителството е само една страна во постапката и тука завршува приказната. Нашата кривична постапка не е холивудска каква што некои јавни личности би сакале да биде, ама не е холивудска ниту во САД, ниту во Франција ниту било каде. Тоа е посериозна работа. Обвинителство ќе ги изнесе своите докази, сите ќе имаме можност да ги видиме, но одлуката е на судот. Интересно, кога пред осум години овде беше донесен италијанскиот обвинител Франческо Мондои, следеше јавна хајка против тоа. И доколку се вратиме малку наназад ќе видиме дека хајката потекнуваше главно од истите кругови. Нив се им пречи, и плати и пензии и обвинител и судии и тоа што Дојранското Езеро се наполни со вода и да не набројувам. Како што до пред некоја година за било што во државата, според ВМРО-ДПМНЕ, виновен беше Бранко Црвенковски. Фактор: Како ги оценувате потезите на ВМРО-ДМНЕ која во услови на криза се обидува да ја зацементира  својат позиција нудејќи им на ДПА да бидат дел од Владата? Јаневски: Не знам дали терминот „нудејќи“ е точен, но одговорот е - како нормална политичка борба. Фактор: Речиси сите политички партии се едногласни дека е неопходна меѓународна асистенција.  Зошто од осамостојувањето па до денес немаме капацитет сами да се справуваме со проблемите,  па  мораме да барем некој однадвор да ни ги решава? Јаневски: Затоа што одамна сме влегле во тој колосек и нема да излеземе од него. Ние нашиот капацитет во оваа смисла го одредивме на почетокот на деведесетите години од минатиот век, можеби делумно и како потреба да го замениме Белград. Второ, денес односите во светот, посебно во Европа се такви што тоа му доаѓа како нешто сосема нормално и таквата поставеност се злоупотребува, независно од тоа што ако добиете помош во ум и искуство од надвор, тоа не би требало да пречи. Но, колку пати го сменивме Уставот по барање од надвор? Избројте ги амандманите на Уставот и ќе видите колку од нив се изворни наши, а колку не. И конечно, не е мал бројот на оние овде што финансиски се врзани со „меѓународната“ па и тие создаваат амбиент за тоа. Во секоја таква ситуација имате финансиски аспект кој воопшто не треба да се занемари. Земете за пример некоја земја која печали од продажба на оружје. Нејзе би и одговарало веќе утре да се постигне долготраен мир на секоја точка од Земјата? Како и да е, во овој случај добро е да имаме некаква форма на правен надзор од надвор. Другото ќе дојде само по себе. Фактор: Можна ли е дестабилизација на државата  доколку не се решат внатрешните турбуленции и како го оценувате однесување на албанскиот фактор  кој се обидува да се држи настрана  од превирањата меѓу двете најголеми македонски партии? Јаневски: Се разбира дека е можна. Па тоа е една од поентите на кризата. Не мисли белким некој дека заради лифтовите на Миле Јанакиевски, нешто што се решава за еден  ден, сме во криза. Но, ајде да ги видиме најпрвин сите докази, па да извлекуваме оценки кои ќе имаат поголема тежина. Вака се’ се сведува на мислење за работа од која можат да зависат и животи. Што, ќе признаете, е поразлично и посеризно од нашиот секојдневен политички фолкор.