19 Декември, 2025
0.1307

Интервју Деаноски: Срамен притисок на претседателите на судовите врз судската администрација

Објавено во: Економија 29 Јуни, 2016 08:23

Добивај вести на Viber

Притисоците врз судската администрација започнаа уште со почетокот на штрајкот и во секој суд беа различни, а последниот голем притисок доаѓа од претседателите на судовите, вели во интервју за Фактор, Трпе Деаноски од УПОЗ.  Деаноски објаснува дека претседателите на судовите донеле заклучок, според кој судската администрација треба да работи скоро 90% од предметите кои се заведени во судовите, а доколку штрајкувачите одбијат да работат, бидејќи се во штрајк, добиваат закани дека против нив ќе бидат поведени дисциплински постапки бидејќи одбиваат да работат. Деаноски, предупредува дека таквиот  заклучок нема обврзувачко дејство и дека е спротивен на законите, и се користи за вршење притисок врз штрајкувачите и прекинување на штрајкот. Доадава дека ако ваквите закани и понатаму продолжат, Синдикатот на УПОЗ за да ги заштити штрајкувачите ќе почне да поднесува и кривични пријави. Фактор: Добивте предлог спогодба од Министерството за правда, што содржеше нивниот предлог, кој го оценивте како неприфатлив? Деаноски: Синдикатот на УПОЗ до Министерството за правда достави Предлог – спогодба за решавање на барањето истакнато со штрајкот уште пред три недели. Предлог - спогодбата која Министерството за правда ја достави до нас беше одговор на нашиот предлог но истата не содржеше одредби од обврзувачки карактер за Министерството, рокови во кои Министерството би го решил барањето, ниту пак некаква гаранција. Единствената обврска беше на страната на Синдикатот, а таа гласеше дека по потпишувањето на таа Спогодба, штрајкот веднаш да прекине. Фактор: Со каков предлог Вие им возвративте на Министерството за правда, по нивната неприфатлива спогодба? Деаноски: По добивањето на Предлог – спогодбата од Министерството, Синдикатот на УПОЗ и ЗСА доставија изменета Предлог – спогодба со која баравме да се прецизираат роковите и обврските на потписничките на таа спогодба. Од наша страна како потписник на спогодбата беше додаден и Судскиот совет на Р. Македонија бидејќи го актуелизиравме и прашањето за работното време на судовите, а воедно бараме и гаранција дека Судскиот буџетски совет нема да им скрати 40% од платите на штрајкувачите. Од Министерството побаравме во рок од три дена по потпишување на спогодбата до Владата на Р. Македонија да достави измени на Законот за судска служба и да гарантира дека измените ќе бидат усвоени од Собранието на Р. Македонија, Синдикатот на УПОЗ и ЗСА се обврзуваат да го стават штрајкот во мирување истиот ден кога измените на Законот ќе бидат објавени во Службен весник на Р. Македонија. Во спогодбата исто така е побарано најкасно до 06.07.2016 година, да се формираат работни групи кои до 30.09.2016 година, ќе изготват изменет Закон за судска служба во кој ќе бидат опфатени и останатите барања на Синдикатот на УПОЗ и ЗСА,истакнати со штрајковите од 03.12.2015 година и штрајкот од 22-25.03.2016 година. Фактор: Повеќе од еден месец трае штрајкот, и досега бевте игнорирани. Зошто власта одбива да Ве сослуша, досега, а потоа Ви праќа понуда која Вие ја сметате за неприфатлива? Деаноски: И нас не ни е јасна причината поради која власта се однесува незаинтересирано не го прифаќа барањето за израмнување на додатоците на плата за судската служба. Нашето мислење е дека барањето е сосема разумно и логично и дека доколку се покаже барем малку воља од другата страна истото може да се реши за еден ден. Ова го велиме од причина што ние сега бараме да биде утврдено правото на додатокот на плата што го добија судиите, јавните обвинители и јавнообвинителската администрација, а исплатата да следува кога државата ќе обезбеди средства за сите категории вработени, судии, обвинители, јавнообвинителска служба и судски службеници. Фактор: Велите дека сте биле изиграни, со тоа што за судиите, јавните обвинители и јавнообвинителската администрација беше усвоено покачување на нивните плати, а за судската администрација не. Но, потоа стигна одговор дека ниту тие нема да добијат повисоки плати? Деаноски: Одлуката на власта за три категории вработени да донесе измени на закони со кои се дава додаток на плата од 35%, а четвртата да биде игнорирана е исто како родители кои имаат четири деца на три да им дадат јадење, а четвртото да го остават гладно. Синдикатот на УПОЗ никогаш не побара додатоците на плата да не бидат исплатени на судиите, јавните обвинители и јавнообвинителската служба туку напротив, бараме овие категории да ги добијат додатоците на плата. Ова посебно се однесува на јавнообвинителските службеници кои имаат најниски плати во од било која друга администрација во Р. Македонија. Фактор: Од кои причини сметате дека тоа се прави? Деаноски: Не водат сметка за сите вработени во судството. Сите права или зголемувања на плати вработените во судовите ги добиле исклучиво преку штрајк ниту една власт досега на своја иницијатива на вработените во судовите не им дала ништо. Исто така, надлежните во Синдикатот не гледаат на вистински социјален партнер туку го доживуваат како своевиден непријател. Фактор: Се сретнавте ли со министерот за правда кому му однесовте вреќа со сол, како симболика за неговиот инает да не се сретне со Вас? Дали се уште барате негова оставка? Деаноски: Не однесовме вреќа сол затоа што покрај министерот има и други кои се инаетат и наместо заеднички да бараме решение, тие гледаат како да го скршат отпорот на штрајкувачите, да ги казнат со намалување на платата за 40% за време на штрајкот. Не водат сметка за последиците и не знаат дека си играат со оган. Незадоволството е толку огромно што било каков непромислен потег од страна на надлежните може да доведе до самоиницијативна радикализација од самите штрајкувачи и да предизвика вистински бунт. Фактор: Имате ли проценка, колку пари годишно ќе го чини државниот буџет, ако Ви се исполнат Вашите барања? Деаноски: Проценката на средствата може да ја направи исклучиво Судскиот буџетски совет. Наше мислење е дека оние средства кои државата ги одвојува за судството, а кои согласно Законот за судски буџет изнесуваат 0.8% од БДП би биле доволни за исплата и на овие додатоци на плата. Но, проблемот овде се јавува што досега ниту еднаш државата во целост не ги исплатила средствата кои се наменети за судскиот буџет. Фактор: Има ли притисоци врз судската администрација за запирање на штрајкот? Од каде доаѓаат и во каква форма? Деаноски: Притисоците врз судската администрација започнаа уште со почетокот на штрајкот и во секој суд беа различни. Последниот голем притисок дојде од претседателите на судовите од апелационите подрачја и претседателите на судовите со основна надлежност. Имено, наведените на одржана работна средба помеѓу нив донеле заклучок на кој има само потписи и кој заклучок според нив е обврзувачки за сите штрајкувачи. Во тој заклучок е наведено дека треба да се работат скоро 90% од предметите кои се заведени во судовите, а доколку штрајкувачите одбијат да работат, бидејќи се во штрајк, добиваат закани дека против нив ќе бидат поведени дисциплински постапки бидејќи одбиваат да работат. Самите Претседатели на судовите добро знаат дека ваквиот заклучок нема обврзувачко дејство и дека е спротивен на позитивните законски норми но истиот се користи за вршење притисок врз штрајкувачите и прекинување на штрајкот. Ако ваквите закани и понатаму продолжат, Синдикатот на УПОЗ за да ги заштити штрајкувачите ќе почне да поднесува и кривични пријави Фактор: Адвокатската комора реагираше дека трпат штети и бараат што поскоро да се најде заедничко решение со власта? До кога ќе трае штрајкот, со оглед дека се уште нема решение, и дали се можни нови форми на штрајк? Деаноски: Адвокатската комора со допис се обрати до Синдикатот на УПОЗ во кој допис беше наведено дека ги подржува напорите на двете страни за изнаоѓање брзо решение за штрајкот. Факт е дека адвокатите и нивните странки ја трпат најголемата штета поради неработење на судовите, но и покрај тоа поединечната поддршка од адвокатите се уште секој дневно пристигнува на наша адреса. Бидејќи на повидок се уште нема решение, штрајкот ќе продолжи се додека не се најде заедничко решение, а за евентуалните нови форми на штрајкот ќе одлучат членовите на Синдикатот и ЗСА. Фактор: Ве обвинија дека со штрајкот сакате да поттикнете револт со цел во овој период да се искористи за некои други центри на моќ. Деаноски: Таквите обвинувања се крајно несериозни и дадени со цел на Синдикатот да му се нанесе штета, а штрајкот да добие политичка конотација. Синдикатот никогаш па ниту во иднина нема да работи за никој друг или да застапува туѓи интереси освен интересите на своите членови. Н.С.

Можеби ќе ве интересира

Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба

Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба

ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка

ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка

Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата

Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата

ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите

ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите

Во која земја од ЕУ храната е најевтина?

Во која земја од ЕУ храната е најевтина?

Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?

Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?

Хрватска ги заострува условите за вработување странци

Хрватска ги заострува условите за вработување странци

Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар

Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар

Во кои европски земји најмногу поскапе млекото?

Во кои европски земји најмногу поскапе млекото?