20 Април, 2024
0.0438

Интервју Драган Илиевски, „Бимилк“: Нашата трајна заложба е постојано подобрување на квалитетот на суровото млеко!

Објавено во: Интервјуа 12 Јуни, 2019

Добивај вести на Viber

Поддршката што Бимилк им ја дава на своите фармери кооперанти е континуирана и е спроведена на повеќе различни начини, сè со цел колку што може повеќе да го стимулираме примарното млекопроизводство и да обезбедиме квалитетна домашна суровина, вели Драган Илиевски, директор на суровина во Бимилк.

Во интервјуто за Фактор , Илиевски посочува дека тие ја градат стратегијата за да им помогнат на фармерите колку што е можно поскоро да го постигнат тој квалитет, а интересот е обостран. Директорот, вели дека би можел и да гарантира дека секој фармер со мала помош во инструкции, мал дополнителен напор и минимално вложување, без одложување може лесно да го подобри квалитетот на суровото млеко за многу краток период. 


Фактор: Со кои предизвици се соочува млечната индустрија? Трендот на производство за сурово млеко е растечки, но дали е доволно? Како може да се реши овој проблем?

Илиевски: Гледано од страна на примарното производство, т.е. обезбедувањето сурово млеко, главни предизвици се, пред сè, количината на суровината и, второ, нејзиниот квалитет. Или ајде да го претставиме тоа вака: главен предизвик во млечната индустрија, кога потребите за редовната преработка се сè поголеми, е токму тоа: да се обезбеди доволна количина сурово млеко со добар квалитет, со цел да се задоволат тие потреби.

Не би рекол дека трендот на производство на сурово млеко е растечки, би рекол дека е недоволно растечки тренд. Во моментов, напротив, опаѓа бројот на молзни крави во државава, но она што дава надеж за консолидирање е фактот што расте бројот на молзни грла по фарма, што значи дека сериозните фарми, кои својата иднина ја гледаат во млечниот бизнис, се окрупнуваат и се модернизираат. Во исто време, таквите фармери се обидуваат да го подобрат генетскиот потенцијал на молзните грла во континуитет и со тоа да ги направат своите фарми попродуктивни. Долгорочно гледано, тоа е вистинскиот пат за унапредување на млечното говедарство и би рекол дека истовремено е и еден од начините за решавање на проблемот со недостигот на квалитетно сурово млеко.


Фактор: Министерството за земјоделство, на барање на Бимилк, донесе и мерка за примарното производство, подобрувањето на квалитетот на суровото млеко и за поттикнувањето на млечната индустрија. Дали се зголемени расположливите средства за приплоден добиток и колку се зголемени? И колку оваа мерка влијае врз квалитетот и квантитетот на количините на суровото млеко?

Илиевски: Мерката е донесена според Националната програма за поддршка на земјоделството и руралниот развој за набавка на приплоден материјал, во нашиот случај на стелни јуници за зголемување на бројот на молзни грла во државава. Бимилк само препорача зголемување на планираните финансиски средства за 2019 година и промена на начинот на апликација и одобрување на барањата, со цел да се охрабрат фармерите и да аплицираат за користење на тие средства. Секако, нашиот предлог беше поддржан од голем број учесници во млечниот бизнис: Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР), Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ), потсекторската група за млеко при МЗШВ, Националната федерација на фармери, другите фармерски асоцијации, Асоцијацијата на млекопреработувачи. Благодарејќи на оваа иницијатива, МЗШВ ги зголеми средствата за поддршка на оваа мерка од 14 милиони денари во 2018 година на 91 милион денари во 2019 година. Интересот на фармерите беше очекувано голем, па апликациите ја надминаа планираната сума и веќе разговаравме со министерот за можноста од реалоцирање средства од другите мерки за дополнување на средствата што недостигаат. Навистина се надевам дека ќе се најде начин позитивно да им се одговори на сите апликанти што ги исполнуваат критериумите за одобрување за користење на средствата од мерката.

Доколку биде така, бројот на молзни грла ќе се зголеми за речиси 1.000 нови, висококвалитетни стелни јуници, од кои реално може да се очекува зголемување на дневните количини сурово млеко. Од друга страна, тоа е и значително подобрување на расниот состав и генетскиот потенцијал на фармите, што долгорочно гледано ќе придонесе за раст на млекопроизводството во државава. Апсолутно поддржуваме ваков тип планирана поддршка за набавката на приплоден материјал и слични мерки за развој на млечното говедарство. Како компанија, конструктивно ќе продолжиме со давање идеи и конкретни предлози во тој правец преку телата во кои активно учествуваме, како што е групацијата за млеко при Стопанската комора на Македонија и Потсекторската постојана група за млеко при МЗШВ.


Фактор: На кој начин вие, како компанија, од друга страна, влијаете и ги стимулирате вашите кооперанти?

Илиевски: Поддршката што Бимилк им ја дава на своите фармери кооперанти е континуирана и е спроведена на повеќе различни начини, сè со цел колку што може повеќе да го стимулираме примарното млекопроизводство и да обезбедиме квалитетна домашна суровина. Всушност, ја поддржуваме секоја активност за зголемување и модернизирање на фармите, за зголемување на бројот на молзни грла по фарма, за унапредување на молзната опрема итн. Се обидуваме да учествуваме и директно со асистенција при набавка на потребната опрема преку краткорочни и долгорочни зајмици, обезбедување кредити и инвестиции на фармата. Останува континуитетот на помош и при набавка на сточна храна, семенски материјал, земјоделска механизација и вештачки ѓубрива. За следната година планираме и два други големи проекти за развој на фармите и за подобрување на ефикасноста на искористување на сточната храна, но засега нека остане само најавата, сè додека не бидеме комплетно спремни за реализација.

Во секој случај, сè што прави нашата компанија е во насока на стимулација на фармерите и во насока на градење и негување долгорочни партнерски односи со нив, сè со цел да се осигуриме дека ќе се обезбеди доволна количина квалитетно сурово млеко, што, пак, е и предуслов за квалитетни млечни производи.

Фактор: Многу се дебатира за квалитетот на произведеното млеко. Кој е вашиот фокус во оваа насока?

Илиевски: Квалитетот на суровото млеко секогаш ќе биде наш главен фокус, затоа што секогаш може подобро. Нашите најголеми фарми истовремено имаат и најдобар квалитет на млекото што може да се споредува и со фармите од ЕУ. Но, потребно е тоа да го постигнат и средните и малите фарми. Имено, според новите законски одредби за категоризација на фармите, само млекото од фарми од прва категорија ќе може да се преработи во консумни производи и, всушност, рокот се скратува до крајот на 2020 година кога сите фарми што го продаваат своето млеко во регистрирани млекарници мора да постигнат квалитет каков што има ЕУ на предаденото млеко.

Токму затоа, Млекара АД Битола започна серија активности за подобрување на состојбата на фармите на своите фармери, како и за подобрување на квалитетот на суровото млеко добиено во нивните фарми, со цел колку што може поголем број од фармите да бидат категоризирани во првата категорија. Всушност, ние ја градиме нашата стратегија за да им помогнеме на нашите фармери колку што е можно поскоро да го постигнат тој квалитет, а интересот е обостран. Сметам дека и фармерите се свесни дека квалитетот е императив што неоспорно мора да биде и нивни главен фокус во наредниот период. Оттука, би можел и да гарантирам дека секој фармер со мала помош во инструкции, мал дополнителен напор и минимално вложување, без одложување може лесно да го подобри квалитетот на суровото млеко за многу краток период. Нашата трајна заложба е постојано подобрување на квалитетот на суровото млеко!


Фактор: Секоја година традиционално ја одржувате манифестацијата „Денот на фармерите“. Од аспект на индустријата и оваа гранка, каква соработка негувате, за што впрочем станува збор?

Илиевски: Мило ми е што „Денот на фармерите“ полека преминува во традиција, со оглед дека тоа е еден убав настан каде што во присуство на сите чинители во синџирот на млекопроизводството и преработката им оддаваме признание на најуспешните фармери. На овој настан, освен количината млеко, посебно се признава успехот и за квалитетот на суровото млеко, и тоа како микробиолошкиот, така и хемискиот состав на млекото. Всушност, признанија се оддаваат и за количината испорачано сурово млеко и за микробиолошкиот и хемискиот состав на млекото, и тоа во категоријата комерцијални и семејни фарми.

Се разбира, им оддаваме признанија и на нашиот најстар, најмлад и најлојален фармер и се трудиме да организираме едно пријатно дружење во весела атмосфера што ќе се памети и каде што во неформална дискусија имаме можност директно да размениме мислења со нашите фармери, па можеби да слушнеме и понекоја критика доколку сме ја заслужиле.

Посебно ми е мило што на тој ден имаме и почесни гости, како што се министерот за земјоделство, директорот на Агенцијата за храна, заменик-директорот на Агенцијата за поттикнување на земјоделството, градоначалниците од пријателските општини, почесни гости од Имлек, а, всушност, сето ова на настанот му дава и посебна нота на широка поддршка.

Во секој случај, Денот на фармерите редовно е добро оценет од страна на сите присутни и, всушност, тоа е и доказ дека сме направиле добра работа не само во однос на организацијата, туку и во однос на целата иницијатива на оддавање признанија на нашите најдобри фармери. Драго ми е што истовремено добивме и многу конструктивни предлози од самите фармери за тоа како следната година да ја направиме манифестацијата уште подобра, а ние, секако, сме работеле и ќе работиме во нивни најдобар интерес.


А.Т.

Можеби ќе ве интересира

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“