Христина Џамбазовска Анастасов, Директор на Сектор за управување со деловни процеси
ИНТЕРВЈУ ЏАМБАЗОВСКА: Здравственото осигурување на „Кроација“ покрива лекување во која било домашна болница, но и приватни клиники од Европа
Објавено во: Економија 04 Јуни, 2020
Кризата во економијата има последици и врз осигурувањето, но осигурителниот сектор во земјава останува стабилен. Христина Џамбазовска Анастасов, Директор на Сектор за управување со деловни процеси во „Кроација Осигурување - Неживот“ во разговор за Фактор вели дека нивната компанија успеала во време на криза да отвори и нови работни места. Очекува понатамошен раст на осигурувањето, иако во овие услови 60 отсто од клиентите ја прифатиле понудата што ја дала компанијата за одложено плаќање на осигурителните рати. Кроација осигурување го лансираше Доброволното приватно здравствено осигурување, а Џамбазовска вели дека е производ кој покрива осигирување во сите приватни клиники во земјава, но и во која било клиника во Европа, а се покриваат и малигни заболувања. Во производите на Кроација има покритие и за тестирање на коронавирус
Македонија чувствува последици од здравствената
криза и на економски план. Осигурителниот пазар е стабилен, но со оглед на негативните
изгледи за економскиот раст, кои се вашите очекувања? Ќе има ли раст на
осигурувањето? Како ќе влијае кризата на овој финансиски
сегмент? Ќе има ли забавување на стапките на раст?
Џамбазовска Анастасов: Кризата која ја затекна целата економија секако ќе има последици и на осигурителната индустрија како дел од финансискиот пазар во Македонија. Намалената активност на секојдневните бизнис-процеси која резултираше со намалени капацитети на компаниите, како и со зголемување на процентот на невработеност во државата, секако очекуваме дека ќе влијае и на растот на осигурувањето. Но, сепак, од друга стана пак, осигурителниот сектор засега е ликвиден и стабилен, а нашите очекувања, во рамките на анализите кои ги правиме во Компанијата, се одржување на премијата за осигурување на ниво на годишните планови, односно адекватен раст. Основа за ваквиот оптимизам е фактот дека во 2020 година, и покрај вонредната состојба изминатиов период, „Кроациа Осигурување“ бележи раст на премијата и добивката во однос на минатата година, без ревидирање на условите кон нашите интермедијари, туку само врз основа на поставување на квалитетна нова основа за раст и развој во Компанијата на клиентски ориентиран пристап и новините кои ги воведовме во изминативе 6 месеци. Ќе напоменам дека клучна улога имаше реорганизацијата во Компанијата, како и сертификацијата по ИСО-стандард за квалитет, која ја заокруживме минатиот месец, а со која Компанијата станува висококвалификувана за работа по стандарди за квалитет, и во односот со осигурениците, но и во процесите на решавање на штети. На кратко, растот e квалитативен, со намалени аквизициски и административни трошоци, што и беше наша цел.
Фактот дека пред крајот на минатата година го зајакнавме и капиталот на Компанијата за 74 милиони денари е солиден показател за плановите на брендот „Кроациа“ во осигурителниот сегмет. Докапитализацијата беше во вистинско време и секако ќе ни овозможи дополнително стабилно работење, вложување во развој на Друштвото, како обезбедување на сигурност и заштита на сите наши клиенти, бидејќи тоа сега е потребно повеќе од кога било.
Објавивте дека барате нови луѓе, односно
вработувате. Какви се показателите од работењето и зошто се одлучивте за ширење
на Компанијата со раст на бројот на вработени?
Џамбазовска Анастасов: Стратешка цел на „Кроациа Осигурување“ е грижа и сигурност за вработените, но и развој, вложување и едукација на нов потенцијален кадар кој во иднина би ја водел компанијата. Со оглед дека во овој период голем дел од граѓаните останаа без работа, дел од фамилиите без приходи, одлучивме во период на пандемија да отвориме 10 нови работни места, не само во Скопје туку и регионално во другите градови. Од една страна ќе помогнеме финансиски на 10 фамилии, а од друга страна во овој период ќе се посветиме на едукација и вклопување во работните процеси. Морам да потенцирам дека интересот и пријавувањето на огласите беше голем, но и дека веќе во Компанијата имаме 5 нови колеги кои се во процес на работна интеграција. Свесни сме дека највредниот капитал во една компанија се луѓето и токму поради тоа постојано инвестираме во нив.
Овој период активно сме насочени на дигитална трансформација на процесите и услугите, но клучна улога во тој процес се повторно нашите вработени и токму поради тоа одлучивме да ја прошириме Компанијата со нова енергија и нови луѓе.
Од аспект на пандемијата, ни во западните земји, како и впрочем секаде, нема осигурителен продукт кој покрива лекување од Ковид-19. Зошто е тоа така?
Џамбазовска Анастасов: На глобално ниво сите држави се соочуваат со многу голем предизвик во борбата со оваа пандемија, чиј исход во голема мера го засега јавниот интерес и здравјето на сите граѓани. Во една ваква ситуација, сите ресурси на државата мора да се стават во функција на процесите кои ќе ги контролираат тестирањето, изолациите и сите активни случаи, со цел целосна контрола врз состојбата. Поради овој факт, државата не може да си дозволи лицата да бидат оставени сами на себе во случај да заболат од Ковид-19 и истите да се лекуваат во приватни здравствени установи. Сепак, ние како компанија која е фокусирана кон промени и задоволување на потребите на нашите клиенти, решивме во рамките на сите индивидуални и семејни пакети да покриеме тестирање од Ковид-19 во болниците и лабораториите со кои имаме договор. Во рамките на лимитите договорени на полисата, сите осигуреници кои веќе имаат склучено индивидуално или семејно, како и сите оние кои ќе склучат, ќе можат со најава преку нашиот Контакт центар да закажат тестирање. На нашите осигуреници им стојат на располагање сите тестови, зависно од нивните потреби. Се надеваме дека со оваа одлука ќе придонесеме кон подобра заштита на здравјето на нашите осигуреници.
Во време на криза, банките понудија одложено плаќање на ратите на кредитите, кои олеснувања ги нудите вие?
Џамбазовска Анастасов:Како одговорна компанија која се грижи за своите клиенти понудивме одложено плаќање од 3 месеци за сите типови на осигурување. Клучно беше нашите клиенти да немаат грижа дали се осигурани во овој период и затоа одобривме одложување на обврските. Понудената опција ја прифатија околу 60 отсто од новите клиенти, што сметаме дека е висок процент. Секако, оваа олеснителна опција на одложено плаќање не е оптоварена со дополнителни камати или трошоци бидејќи цел беше да овозможиме олеснување на финансиските буџети на граѓаните.
Започнавте со продажба на Доброволно приватно здравствено осигурување. Зошто сега? Кои се вашите очекувања?
Џамбазовска Анастасов: Во последните 5 години пазарот на осигурување за доброволно приватно здравствено осигурување бележи енормен раст. Само за споредба, во 2015-та година премијата за овој вид на осигурување на целиот пазар изнесуваше 103.561€, додека пак изминатата 2019-та премијата достигна висина од 3.071.301€. Порастот на премија се должи, пред сè, поради поголемата потреба за користење на услуги од приватно здравство и развојот на мрежа на приватни здравствени установи во рамките на нашата држава. Потребата на клиентите го движи пазарот многу побрзо од очекуваното, бидејќи тие често се изложени на многу високи трошоци кога користат услуги во приватните здравствени установи.Она што за нас во овој момент претставува одлична можност е нивото на свест за овој вид на осигурување бидејќи самите клиенти во голем дел имаат познавање за услугите кои се нудат на пазарот.
Дополнително, факт беше дека на компанијата оваа линија на производи ѝ недостастуваше во портфолиото. Не треба да се занемари фактот дека „Кроациа Осигурување“ во рамките на својата Групација, во последните три години ја создаде најголемата мрежа на приватни поликлиники во Република Хрватска. Имаме знаење, веќе и искуство, на меѓународно ниво, и тоа дефинитивно нè прави поразлични од сè она што досега го видовме од аспект на понуда, но и од аспект на услуга. Создадовме нова можност за нашите граѓани да искусат едно клиентско искуство базирано на врвна услуга.
Приватното здравствено осигурување е доста развиено во западните земји, веќе и во некои земји од регионот. Какви се искуствата?
Џамбазовска Анастасов: Искуствата генерално зависат од тоа како е концепиран системот на здравството во делот на поделба на услуги од јавно и приватно здравство. Но, ние сме дел од регион каде приватното здравство зема сè поголем замав. Тоа се должи на фактот дека државата нема доволен капацитет да може да ги опслужи сите граѓани, пред сè во делот на дијагностика и рана детекција на заболувањата, се чекаат термини кај специјалист и по неколку месеци, а потоа следи и самиот стандард на изведување на услугата бидејќи условите во јавното здравство се далеку под посакуваното ниво. Оттука, и кај нас почнува потребата за развојот на приватно здравствено осигурување кое е зависно од самиот развој на мрежа на приватни здравствени установи во една држава. Искуствата покажуваат дека на развиените пазари мнозинство од граѓаните имаат и приватно здравствено осигурување кое им овозможува услуги што не ги покрива јавното здравство, или пак им овозможува услуга достапна многу побрзо, отколку што тоа се нуди преку јавното здравство.
Од тој аспект какви се можностите за раст на премијата за овој тип осигурување? Како беше досега на ниво на осигурителен сектор?
Џамбазовска Анастасов: Како што веќе и напоменав, пазарот во делот на доброволно здравствено осигурување расте со високи стапки од година во година, но мое мислење е дека потенцијалот уште не е искористен доволно. Очекувам следните 10 години да бидат златните години за Доброволното здравствено осигурување, и дека ќе имаме минимум двоцифрени стапки на раст на овој тип на производ.
Во нашата стратегија за развој на Компанијата плановите за развој се базираат токму на овој производ. Планираме развој на многу разни пакети на овој производ, а сè со цел да излеземе во пресрет на потребите на сите граѓани.
Што покрива ова осигурување, за кого е најпогодно и колку чини продуктот?
Џамбазовска Анастасов: Доброволното приватно здравствено осигурување на „Кроација“ претставува услуга која е наменета за сите. Може да се добие како услуга за едно лице - индивидуално, за партнери со или без деца - семејно и она што во моментот е доста актуелно на пазарот, тоа е колективната форма на осигурување, кога се осигуруваат вработените лица и премијата ја уплаќа работодавачот. Индивидуалните и семејните пакети доаѓаат во облик на CROCARE основен пакет и CROCARE+ проширен пакет. Двата пакета се базираат на стимулирање на превентивна нега, преку користење на специјалистички услуги и во услови кога немате симптоми поради кои треба да посетите лекар, болничко лекување со операции не само во Македонија туку и на територија на цела Европа и целосно лекување во случај на малигни заболувања. Проширениот пакет CROCARE+ покрива и трошоци за комплексна дијагностика (магнетна резонанца, компјутерска томографија, лапароскопија и сл.) кои ќе бидат препорачани од страна на лекар специјалист.
Колективниот пакет за вработени лица CROCAREKO опфаќа поширок опсег на покритија поради осигурување на поголем број на лица во ист момент. Пакетот покрива: специјалистички прегледи, услуги во дневна болница, комплексна и едноставна дијагностика, физикална терапија, болничко лекување со операции од сите области, најголемиот дел на специјалистичко-консултативни области, лекови, стоматологија, прегледи во тек на бременост и породување, како и дополнителни покритија кои можат да бидат договорени, офталмологија и психијатриски услуги.
Нашата визија како компанија е давање поддршка при потребата за лекување, за што формиравме сопствен Контакт центар кој работи од 8 до 16 часот и на сите осигуреници им дава можност да ги избегнат трошоците за предвиденото лекување. Јавувањето во Контакт центарот започнува со чувствување на првите симптоми од страна на осигуреникот, каде по извршена проверка во нашата база и преглед на покритие, организираме лекување и потребен третман и трошоци платени директно од наша страна.
Во кои болници ќе можат да се оствари правото од осигурувањето?
Џамбазовска Анастасов: Нашата компанија во изминатиот период работеше посветено на развојот на мрежата на здравствени установи и успеа да склучи договори со најреномираните болници на територија на нашата држава и тоа: „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“, „РЕ-МЕДИКА“, КЛИНИЧКА БОЛНИЦА „ЖАН МИТРЕВ“, „СИСТИНА ОФТАЛМОЛОГИЈА“ и „НЕУРОМЕДИКА“. Во периодот што следи, секако планираме да склучиме договори и со помали приватни установи, како што се лаборатории и специјализирани ординации за нудење на одреден дел од специјалистичко лекување.
Во поглед на остварување на правото на осигурување, нашиот Контакт центар врши посредување и издава гаранција за трошоци за директно плаќање единствено во рамките на својата мрежа на партнери, но осигуреникот може да одлучи да го прави лекувањето во која било приватна здравствена установа на територија на нашата држава која има важечка дозвола за работа. Трошоците за тоа лекување ќе бидат надоместени по пат на рефундација, откако осигуреникот ќе ги поднесе документите.
Која е неговата придобивка споредено со класичното осигурување?
Џамбазовска Анастасов:Главната придобивка на приватното здравствено осигурување е тоа што овозможува услуга достапна веднаш, што значи заштеда на времето, а во исто време Ве штити и материјално од непосакувани трошоци. Она што е важно, исто така, е да се напомене и самиот стандард на изведување на услугата, кој е на многу повисоко ниво кога се добива услуга во рамките на приватните здравствени установи.
Кои други новини ги најавувате, впрочем, кои се плановите во оваа ситуација?
Џамбазовска Анастасов: Овој период се посветивме на развој на нови продукти, различни пакети на осигурување, како и дигитална трансформација на целата Компанија. Новина овој месец е што веќе имаме нова веб-страница преку која многу полесно ќе може нашите осигуреници да комуницираат со Компанијата. Развивме и целосно интегрирана апликација за доброволно здравствено осигурување. Секој клиент има свој профил и во секое време ќе може преку апликацијата да комуницира со нас, да закаже прегледи, да ги добие резултатите, да провери статус на исплата на штетата и слично. Со овој начин ќе овозможиме целосната грижа за клиентите да биде онлајн, доколку сакаат, без потреба од физичко присуство или контакт со вработените.
Планираме до крајот на летото да креираме нови производи за професионална одговорност на лекари и производ за одговорност од неисправен производ, како и нови пакети преку кои клиентите ќе можат да искористат дополнителни бенефиции во нашата компанија.
Александра Томиќ* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.