Интервју Елида Зулбеари: Бомбите, хакерските напади и дезинформациите фрлија сомнежи на изборниот процес
Објавено во: Интервјуа 27 Јули, 2020
Бројните дезинформации, лажни страни и
профили на социјалните мрежи, новикнати веб сајтови кои ширеа пропаганда па
дури и говор на омраза за политичките противници, како и употребата на бомби и
нелегално снимени разговори го одбележаа изминатиот изборен процес. Целиот
информативен хаос дополнително им создаде проблеми на професионалните медиуми
да известуваат за политичката кампања и да ги пренесат точните информации. Со
Елида Зулбеари, новинар и главен уредник на Порталб, разговаравме за
разнишаната доверба на граѓаните во политичките елити. Исто така силен сомнеж
се фрли и со хакерскиот напад врз ДИК кој и натаму не е разјасен со што дел од
партиите обвинија за изборен фалсификат и не ги признаа резултатите. Зулбеари
смета дека граѓаните не се наивни и не веруваат така лесни на предизборните
„мамки“, но загрижува фактот што се зголеми употребата на лажни вести и
пропагадни содржни маскирани во „вести“. Само добро информирани граѓани може да
носат правилни одлуки, а за тоа потребно е да се зголеми медиумската писменост
и да продолжат реформите за професионализација на медиумите.
Фактор: Колку беше тешко да се следи изминатата изборна кампања која за разлика од претходните, иако сме сведоци на ниското ниво на политичка култура и дебата, овој пат премногу се користеа т.н бомби и нелегално снимени и прислушувани разговори што на некој начин дополнително ја отежна атмосферата за водење на еден политички дијалог. Како медиумите се справија со ваков вид на предизвик?
Зулбеари: Од тоа што јас можев да го видам мислам дека малку беа обработени, истражени и ставени во контекст бомбите кои се објавуваа. Ако веќе како редакција се одлучиш да објавиш нелегален разговор, тогаш мора да објасниш зошто, која е целта, кој е контекстот и позадината. Ако само го објавуваш, како медиум стануваш дел од кампањата на политичарите која е насочена еден против друг. Ние многу ретко објавуваме бомби, затоа што, не можеме да го знаеме контекстот и не можеме да знаеме што има во позадина. Пред кампањата, во еден наврат објавивме бомби за случајот „Монструм“, но затоа што се води судска постапка, познати се околностите и одредени елементи може да се разјаснат. Медиумите така може да побараат и изјави од инволвираните, да побараат од надлежните институции да поведат истрага. Сега, имаше исклучоци, но ретко кој побара да се поведе истрага за изборните бомби, а таква неактивност имаше и во МВР и во обвинителството. Оваа војна се водеше со бомби преку медиумите, и да се донесе одлука да не бидеш дел од тој хаос е тешка, но ние донесовме одлука да не ги објавуваме, имавме и консултации со адвокати и сме многу претпазливи.
Фактор: Генералниот заклучок е дека кампањата беше многу „црна“, излезноста околу 50% споредено со претходни изборни циклуси е многу пониска, секако улога имаше и корона кризата, но постои впечаток дека има незадоволство од политичките елити. Дали тоа е резултат на негативната кампања и начинот на кој што ја претставија понудата пред гласачите?
Зулбеари: Изборите сами по себе воопшто не се лоши, тие ни се потребни, но во Македонија партиите нема што да понудат нешто ново, ги рециклираат старите ветувања, а од друга страна ветуваат и нереални работи. На пример, дека ќе растат платите, пензиите и итн, а всушност нема реална економија која може тоа да го поддржи, ниту остварлив план. Се нафрлаат секакви слогани и се очекува дека гласачите ќе се „фатат“ на мамката, но народот не е глупав и знае да процени. Се соочуваме со една апатија кај гласачкото тело кое повеќе нема висока доверба во политичката понуда. Уште поважно е што овој пат имаше силна националистичка реторика, не дека таа не била присутна претходно, но во овој циклус беше многу изразена. Се користеа обвинувања дека „името го продадоа“, се злоупотребуваше ликот на Гоце Делчев, додека пак ДУИ ја форсираше идејата за премиер Албанец. Двата фронта со националистичката реторика сакаа да ги придобијат гласовите на таа емоционална база, додека пак ветувањата за нормалност не „палат“ толку силно кај гласачите, и тоа е навистина лошо.
Фактор: Дополнителен проблем се создаде по завршувањето на гласањето со хакерскиот напад врз ДИК, не беа достапни официјалните податоци за распределба на мандатите, а истовремено нападната беше и страницата time.mk. Дали со ова се направи обид, да се фрли сомнеж врз изборите, да се намали довербата на граѓаните, без оглед кој всушност стои зад овој напад?
Зулбеари: Да, нешто не беше во ред со страната на ДИК. Потоа се дозна дека договорот со фирмата ДУНА не бил склучен преку тендер, туку очи во очи. Тоа е еден елемент од низа сомнежи кои произлегоа со хакерскиот напад, на пример дали пристапот е овозможен од внатре и кој се може да има удел. МВР требаше веднаш да реагира со своите сајбер тимови, да провери што се случува, од каде доаѓа нападот, дали има „крт“ внатре во ДИК за манипулација со гласовите. Сите тие проблеми ја намалија довербата во изборниот процес. Ако ова е грешка, тогаш треба нешто да научиме, и не денес туку требаше уште од вчера да се започне со изработка на нов систем на ДИК за преглед на резултати. Треба да се утврди одговорност, да се истражи кој е виновен, да има казни за тие кои се одговорни. За нас новинарите беше уште еден дополнителен проблем, се следеа резултати на еден екран кој никој не објасни што покажува и создаде конфузија, а многу се доцнеше и со обраќање пред јавноста.
Фактор: Вие работите на мониторинг и откривање на лажни вести. Во текот на кампањата и за време на изборниот молк се појавија голем број на нови Фејсбук страници, профили, и веб сајтови кои наводно не се поврзани со политичките партии иако беше видлива тенденцијата. Освен оние мрежи на ботови, гледаме и дека граѓаните без оглед што се свесни дека станува збор за лажни вести, удобни во својата еко-комора, продолжуваат да ги споделуваат и шират истите содржини. Колку беше ова изразено во изборниот период и што може да се преземе?
Зулбеари: Ние уште од 2012 се занимаваме со различни проекти за овој феномен на лажни вести, поточно на дезинформации. Терминот „лажни вести“ стана и злогласен бидејќи лесно се користеше од политичари за притисок врз медиуми прогласувајќи одредена информација дека, ете ова е лажна вест. Преку Сервисот за проверка на факти, Вистиномер и Критинк и нашите активности како новинари за верификација, бевме целосно ангажирани во изборниот период да детектираме лажни вести и да ги разобличуваме. Стана честа појава покрај профили и страни на социјалните мрежи да се креираат и веб портали, па самите партии ја преземаат улогата на медиумите. Тие си објавуваат сопствени „вести“, што всушност се пропагандни содржини кои служат само за напаѓање на противникот, а такви ги има и на македонски и на албански јазик. Ние покрај тимот за откривање на лажни вести поврзани со КОВИД-19, имавме и тим за следење на партиските манипулации во кампањата. Забележавме и злоупотреба и на лажните вести со КОВИД-19 за изборите, што може да биде навистина штетно за граѓаните, ако се манипулира со информациите. Се генерираше и говор на омраза кој се размножуваше преку социјалните мрежи. Поради недоволна информираност и немање на доволно познавање и навика за проверка на информациите, многу полесно и побрзо луѓето ги споделуваат лажните вести, што може да доведе и до реални конфликти. За нас како Порталб беше важно да ги пренесеме сите ветувања на политичарите, бидејќи тоа ќе остане запишано, па по изборите ќе може да ги потсетиме дали биле искрени или излажале.
Фактор: Реформскиот процес во медиумите е заглавен во последните три години, нема промени во јавниот радиодифузен сервис, нема промени во професионализација на медиумите. Во пресрет на формирање на новата Влада, здруженијата на новинарите и медиумските работници излегоа со одредени ставови пред партиите и нивни очекувања за реформи. Како да се продолжат реформите во медиумите?
Зулбеари: Ние преку Проектот за опсервација на медиумските реформи ги следиме овие случувања, и во приоритетните четири столба нема никакви поместувања. Мали измени има во Комисијата за пристап до информации од јавен карактер, но реформи во МРТВ нема, ниту е подобрена состојбата со случаите на навреда и клевета. Ние закони имаме, проблемот е во нивната имплементација. Нас не ни треба Владата или било кој друг да ни го регулира нашиот простор. Затоа што закони доволно има, а преголема регулација води кон цензура, самоцензура и од тоа медиумите да имаат последици од самите политичари кои го користат судството како инструмент за правење штета на тие медиуми кои не ги сакаат. Ние, професионалните медиуми, може лесно да бидеме цел на неосновани жалби и тужби затоа што имаме редакција, импресум, јавно објавени контакт податоци и нас може да не изведат пред суд и ние сме тие загрозените. Регистарот за професионални медиуми може да се направи уште подобро, таму гледам има и сомнителни медиуми кои не ги исполнуваат многу стандардите. Во реформите мора да се работи на почитување и на Законот за авторски права што е огромен проблем. Исто така, во образовниот систем мора да се воведе програма за зголемување на медиумската писменост. Со подигната медиумска писменост самата публика ќе може да препознае кои медиуми се професионални, а кои не и да ја подобри својата информираност. Така може да се подигне и професионализацијата на медиумите, процесите започнаа и застанаа и сега мора со поголема енергија да продолжат.
Христијан Станоевиќ* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.