Добивај вести на Viber
Со задолжувањето какво што имаме годинава, сегашната владина гарнитура признава дека на Македонија не и оди добро на економски план и дека потфрлаат проекциите на сите нивоа, вели Фатмир Битиќи. За извршниот директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија, владината политика на задолжување е погрешна, особено што задолжувањето се користи за непродуктивни цели и за купување на „социјалниот мир“.
Според Битиќи, поради политичката криза, намалување и откажување на инвестиции има скоро во сите сектори.
„Ние ќе бидеме среќни, ако на крај на годината стигнеме до економски раст од 2 отсто. Ако се направат напори до одржување на изборите да имаме функционални институции на сите нивоа, ќе имаме барем одржување на еконосмките активности на статус кво и секако бегање од сценариото на забавување или целосно запирање на економските активности“ објаснува Битиќи.
За компаниите, клучниот проблем е намалената ликвидност а со тоа и невозможноста да се подмират обврските.
„Законот за финансиска дисциплина со самото носење беше половичен и како таков беше за очекување дека истиот нема целосно и од сите да се почитува . Ова законско решение кое што во времето на носење ја изостави Владата како најголем договарач (само во 2014 имало 1 милијарда евра вредност на договорени работи преку системот за јавни набавки, во 2015 отприлика на ниво од 700 милиони евра) како можете да очекувате дека соодветно ќе се спроведе“ посочува Фатмир Битиќи.
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Може ли додека политичките противници се обидуваат да го најдат правецот во лавиринтот што ќе ги доведе до дефинитивен излез од кризата, бизнис секторот да ги реализира зацртаните планови или парализирано стои во место во исчекување на исходот?
Битиќи: Првично морам да кажам дека никогаш не било возможно политиката и економијата да се разделат и случувањата дали се позитивни или негативни во едното подрачје да ен влијаат на другото. За жал нас ни се случува тоа што малку го посакуваат стопанствениците, да имаме политичка криза која што трае подолг период а уште повеќе неизвесноста од излез од истата е сеуште присутна. СКСЗМ мината година на завршниот настан како заокружување на претходната година, најавивме дека ако 2015 година беше година во која што велиме дека економијата заради полтичката криза беше на статус кво, 2016 од друга страна ќе биде една од потешките години.
Рековме дека оваа ситуација секако ќе доведе до состојба во која што бизнис секторот не може да размислува за развој, проширување на нивните бизниси и сега кога веќе влеговме длабоко во третиот квартал од годината, можеме со сигурност да го потврдиме истото. Бизнис секторот не само што не превзеде чекори за зголемување на нивните планови, туку напротив влегоа конзервативно во нивните планови кои што ги имале многу порано планирано, се одржуваат на минимум операциите како и можните инвестиции. Дијагнозата ако може така да се нарече, сеуште не е “целосна парализа” но делови од телото оваа состојба ги има зафатено.
Фактор: Какви се последиците од политичката криза брз економијата, дали во изминатиов период се евидентирани откажувања на инвестициите? Во кои сектори е најкритично, какви мерки ќе треба да бидат преземени за да се санираат загубите во стопанството ?
Битиќи: Секако дека последиците се очигледни, како што кажав и порано во ваква ситуација најпрво се размислува да не се троши непотребно, затоа што ризикот може да биде повисок. Секако овде влијание има и угледот на земјата, довербата од странските партнери затоа што имањето на пола функционални институции, со техничка влада скоро 9 месеци, не е добар предзнак за водење и правење бизнис.
Намалување и откажување на инвестиции има скоро во сите сектори особено тие сектори во кои владата со претходно започнати инвестиции не интервенира (оставете ги настрана секторите на градежништво и земјоделие, во кои владата во едниот има директна интервенција со проектите СКОПЈЕ 2014, и започнатите автопати/патиштач а во другиот со субвенциите) сите други имаат назадување во плановите за можни инвестиции.
Ние како комора сметаме дека за жал се додека не се реши политичката криза и немаме формирање на стабилна влада, која најпрвин ќе ги оцени последиците нема и не е возможно да се превземат било какви мерки. Но секако морам да кажам дека мерките ќе треба да бидат радиклани и суштински во стратешките сектори кои ќе се одредат од самите бизнис чинители а не водени од ниски партиски интереси.
ЗАДОЛЖУАВЊЕТО НЕ Е ДОБАР ЗНАК
Фактор: Како го оценувате континуирааниот процес на задолжување на државата на мегународните финансиски пазари и кај домашните кредитори и каде води ваквата владина економска политика ?
Битиќи: На неколку наврати сме кажале дека неумереното задолжување не е добар предзнак, тој не дава сигнали на сигурност и секако за прв пат можеме да ажеме дека со толакво задолжување какво што имаме годинава, сегашната владина гарнитура признава дека на Македонија не и оди добро на економски план и дека потфрлаат проекциите на сите нивоа.
Ние неодамна рековме, дека оваа владина политика на задолжување е погрешна, особено што задолжувањето се користи за несусштински расходи, непродуктивни и секако не развојни. Тие за жал се користат за купување на “социјалниот мир”, или тоа ви е исто како да видите дека надоаѓа вода која што ќе ви ја однесе целата куќа и вие не превземате , него напротив се обидувате дома да креирате мир и спокојство со тоа што велите имаме доволно храна за да преживееме.
Фактор: Ако реализцијата на обврските од договорот во Пржино одат според предвидената динамика во парламентарните избори би се одржале во декември или најдоцна или во март-април 2017 година. Дали економската активност ќе забави заради очекувањата и неизвесноста која изборите генерално ја носат и што за бизнис заедницата е клучно во овој период до одржувањето на изборите?
Битиќи: За економијата неопходно е да имате функционални институции кои нема да ги прекинат своите операции заради изборите. Ако ова би се случило, што е исклучително тешко за верување тогаш економските последици и забавувањето и не би биле толку големи колку што нашите проекции велат дека ќе бидат.
Ние секако ќе бидеме среќни, ако на крај на годината стигнеме до економски раст од 2%, а тоа да не биде и под ова. Повторувам, ако се направат напори да до одржување на изборите имаме функционални институции на сите нивоа, ќе имаме барем одржување на еконосмките активности на статус кво и секако бегање од сценариото на забавување или целосно запирање на економските активности во одредени сектори.
НЕ АПЛАУЗИ, ПОТРЕБНИ СЕ ИЗДРЖАНИ РЕШЕНИЈА
Фактор: Зошто Законот за финансиска дисциплина не може да го санира проблемот со неликвидноста. Податоците покажуваат дека македонските фирми во просек ги плаќаат обврските за 172 дена? Каде го лоцирате проблемот што роковите на плаќања се предолги ?
Битиќи: Прво, треба да се каже дека законот за финансиска дисциплина и со самото носење беше половичен и како таков беше за очекување дека истиот нема целосно и од сите да се почитува. Закон кој што во времето на носење ја изостави владата како најголем договарач (само во 2014 имало 1 милјарда евра вредност на договорени работи преку системот за јавни набавки, во 2015 отприлика на ниво од 700 милиони евра) како можете да очекувате дека соодветно ќе се спроведе.
Сметам дека клучниот проблем е намалената ликвидност а со тоа и невозможноста да се подмират обврските. Причините за ова секако не треба да се набројуват и повторуваат но морам да кажам дека еден голем удел има и подмирувањето/неподмирувањето на обврските од горе споменатитот чинител.
Фактор: Кога во септември 2013 години тогашниот премиер Груевски го најави Законот за финансиска дисциплина околу 250 бизнисмени од трите Стопански комори со аплауз и воодушевување ја поздравија владината одлука. Зарем на бизнис асоцијациите им беа потребни три години да сфатат дека ова законско решение е тешко применливо или и сметавте дека политичката криза е единствената причина што бизнис секторот е недисциплиниран кога се во прашање плаќањата ?
Битиќи: Секако носењето на законски одредби со кои се обидува да се воспоотави некаква си регулација во хаотично општество и општества во транзиција дека секогаш е за поздравување. Секогаш има два начини за регулирање на меѓусебните односи со цел за поттикнување на поголем економски развој: саморегулација која ви требало да биде донесен од засегнаттите страни, или регулација која што е донесена преку закон (како што е случајов).
Во Македонија за жал не успеваме да се саморегулираме (затоа што клучните чинители во застапуање на бизнис интересите имаат различни приоритети и намери), и тогаш останува нешто што е наметнато. Решението кое што беше предложено, како што претходно беше кажано е половично и како такво тоа не е одржливо решение на проблемот. На крај морам да кажам, дека 250 не е 70000, и секако и тогаш во овие 250 имаше гласноговорници дека ова нема да функционира и дека не е најсоодветното решение, но е секако некаков обид.
Стабилна држава, во која се креираат предуслови за економски раст, во која што интересите за добростојба на сите во државата се на прв план е клучно во креирање на взаемна доверба, заеднички планови и конкретни чекори за благосостојба. Само во ваква ситуација не би зборувале дисциплина или недисциплина, туку напротив би зборувале за подмирување на извршени квалитетни, ефективни и ефикасни взаемни услуги и никако различно. Се додека нас ова не ни е приоритет, туку нешто друго ни е приоритет ќе се доведуваме во прашање дали ние или другите ни се криви.