19 Декември, 2025
0.0613

ИНТЕРВЈУ ГОШЕВ: Мака мачевме да направиме квалитетни банки, а сега тоа се упропастува!

Објавено во: Економија 14 Мај, 2016 09:08

Добивај вести на Viber

„Ниту една од наведените - техничка, концентрациона, експертска, широка коалиција - составувани од истите мешетари и злосторници  нема да помогне. Тоа се видови на влади со краток здив  од кои за кус период сите се откажуваат.   Значи, потребна е политичка влада составена врз основа на резултат од одржани  фер и демократски избори. Според тоа, клучно е, и на прво место,   демократската јавност со сите средства да ги победи арамиите, примитивците и лажните патриоти, таквите да одговараат за злоделата, за да се надеваме  дека ќе ја научиме лекцијата  и  ќе добиеме  поодговорна власт. Оттука, „шарените револуционери“ треба здружено да продолжат до конечна победа над злото, а потоа ќе дискутираме за порафинираните политички преференции“ вели во интервју за Фактор екс гувернерот Петар Гошев. Тој зборува за економијата, банките, проблемите со иселувањето, причините зошто Македонија тапка во место веќе 25 години. разговараше Горазд Чомовски Фактор:  Гувернерот  Димитар Богов  тврди дека добил документ што потврдува дека новиот газда на Алфа банка е Швајцарецот Анисур Кан, човек кој претходно имал обиди за влез во македонскиот банкарски сектор, но тогаш бил одбиен од Народна банка  како несоодветен инвеститор. Зошто го  одбивте  инвеститорот и   дали  е точно дека на Кан сте му дале лиценца  за 9 % во ИК банка ? Гошев: Централното прашање не е ниту цената, ниту тоа дали некогаш некој друг гувернер на истиот субјект му дал согласност да купи 9% од акциите на Алфа банка. Централното прашање е зошто еден фонд (ако добро сум разбрал) основан во 2015 година со капитал од 100.000 евра,  добил согласност од НБРМ да биде  сопственик (100% -тен) на една банка во Македонија - во случајот на досегашната Алфа банка и колку таквиот акционер смее да има управувачка контрола во една банка  според  одредбите на Законот за банки и соодветната подзаконска регулатива.  Јас знам дека во 2007, а мислам и пред тоа и потоа,  лицето Агинус Кан, во име на еден фонд од Швајцарија бараше да стане сопственик на 33% од ИК банка во Македонија. Не му дозволивме. Потоа бараше помалку, барем  20% од акциите на ИК банка. Заедно со супервизијата оценивме дека финансиски фондови не може да бидат иматели ниту на значителен дел од акциите на една банка  (а тоа според Законот за банки е удел од 20% и над тоа и удел од 33% и над тоа), а уште помалку да го поседува одлучувачкиот пакет - над 50%. Ниту еден поединечен инвестициски фонд нема акции во некоја македонска банка со поглем процент од 10%. Тоа беше политиката на супервизијата на НБРМ. И таквата политика не е само во Македонија. Каква промена настанала во критериумите на супервизијата на НБРМ, тоа треба да го објасни Гувернерот и супервизорите на НБРМ. Зошто во одговорот на Гувернерот се подметнува ирелевантна информација? За непрофесионалната јавност? Нема доволно вистински аргументи за да се оправда одлуката? Да заклучам: како што тогаш не му дозволивме на ваквиот, или сличен акционер да има повеќе од 10% акции во некоја банка во Македонија, тоа не би го дозволил ниту денес. Во периодот 2004-2011 година мака мачевме да се ослободиме од неквалитетни акционери. Јавноста знае кој сé мораше да си замине од банкарството на Македонија поради неисполнувањето на соодветните стандарди. Фактор: Дали и актуелната криза и високото ниво на јавниот долг ја загрозуваат економската стабилност на Македонија и и какви би можеле да бидат последиците   врз стопанството ако и натаму продолжи политичката голгота? Гошев: Во 2007 година започна светската финансиска криза. Иако Владата тврдеше дека тоа нема да ја погоди Македонија, а изговараа и разни небулози од видот дека тоа дури може и да и помогне, факт е дека надворешната криза силно ја погоди и македонската економија. Во тој момент Владата ни соопшти дека не е повеќе демохристијанска ( во економска смисла), туку дека е кејнсијанска (левичарска) - што значи дека ќе ја зголемува државната интервенција. Зголемената државна интервенција беше можна зашто јавниот долг којшто таа влада го наследи беше на многу ниско ниво - домакински управуван од претходните. Значи: имавме надворешна криза и низок надворешен долг кој овозможуваше стимулирање на економијата со зголемена потрошувачка преку јавен долг. Знаеме дека јавниот долг го дуплираа, дека го доведоа до критично ниво и дека најголемиот дел од долгот го украдоа и го фрлија во патолошки егзибиции на Првиот Злосторник во државата. Сепак, на тој начин, на мускули истуркаа некаков раст на економијата просечно од околу три проценти годишно - присвоен во најголем дел од најбогатите 1% граѓани на Македонија. Денес ситуацијата е потешка: имаме длабока внатрешна политичка криза   -  распад на политичкиот систем, распад на државата и висок долг. Значи, институциите не функционираат, а вбризгувањата од државата во економијата врз основа на нови долгови не се можни како досега. Особено ако политичката криза продолжи, секнувањето и поскапувањето на задолжувањето на јавниот сектор ќе биде големо. Квантитетот на штетите ќе зависи од времето на траење на политичката и системската криза и затоа не е лесно тој квантитет да се процени, независно што НБРМ излезе со неповолното сценарио. Доколку политичката агонија продолжи сигурно ќе следи: контракција на економските активности, големи буџетски ограничувања, зголемени банкротства на компании, обновен процес на зголемување на невработеноста, нов бран на исселување од земјата, ширење на девијантните социјални појави, можни тензии по етничка и верска припадност - ловците во матно ќе ја намирисаат нивната шанса. Дури и да се смири политичката криза, поради дуплираниот јавен долг можностите за покренување и одржување на економската активност ќе бидат намалени. МИНИСТЕРОТ ЗА ФИНАНСИИ СЕ ПРЕТВОРИ ВО ОБИЧЕН БЛАГАЈНИК Фактор:  НБРМ  процени дека економскиот раст во Македонија годинава ќе се намали од 3,5 на 1,6 проценти.  Гувернерот Богов прогнозира и намалена потрошувачка и инвестициите. Пред неколку дена  НБРМ ја зголеми и основната каматна стапка од 3,25 на 4 проценти.  Ако Вие бевте министер за финансии каква  фискална политика ќе водевте ? Гошев: Прво, НБРМ го прогнозираше наведениот пад на економскиот раст доколку политичката криза не се реши во најбрз можен временски период. Второ, фискалната политика не зависи само од министерот за финансии, туку најмногу од премиерот на една влада. Така е особено на Балканот. Значи, потребен е министер за финансии кој е одговорна  и стручна личност и потребен е премиер кој ја разбира економијата и му дава одврзани раце на министерот за финансии, доколку е компетентен и одговорен, да ја креира економската политика и водењето на јавните финансии. Трето, јас не би можел да бидам министер за финансии со премиер како сегашниот, а ниту тој не би можел да работи со мене, зашто јас не сум слеп извршител на ничии хирови, патолошки изливи и апетити за крадење на сопствениоот народ. Како што е познато,  мандатот министер за финансии ми беше прекинат од  друг премиер во 2003 година, откако го саниравме  хаосот направен од Груевски и Љубчо Георгиевски во претХодниот мандат и штотуку требаше да почнеме со „нормална“ терапија за поттикнување на еконмскиот раст, преку јавни финансии кои водат сметка за законитоста, транспарентноста, подобрувањето на структурата на буџетот, даночните реформи, елиминирањето на долговите на државата кон приватниот сектор итн, итн. Во секој случај,  клучно е добро да се управува со макроекономските ризици со најголем можен поттикнувачки ефект врз економските активности. Треба да се проценува економскиот мултупликатор на секој јавен расход и да се води строга селекција на приоритетите на едно општество. Клучно е исто така  да се знае што е домен на јавниот сектор, што е домен на приватниот сектор,  што е домен на работа на државно, а што на локално ниво. Сегашната власт сé измеша, со желба сé да контролира. Премиерот се претвори во главен палир на државно и локално ниво, а министерот за финансии е само благајник на каса од која  премиерот  зема пари за се што ќе му се сони и колку што нема. Фактор: Вие во изминатиов период  постојано ја нагласувате потребата дека оваа владејачка гарнитура  мора да  замине, но без притоа да понудите конректни  предлози  за стабилизација.  Како идната Влада  би ги враќала   долговите  кон  странските и  домашните кредитори,  како  би се менаџирало  со гломазната  и неефикасна јавна администрација, како ќе се  врати  нарушениот  меѓународен  имиџ ...? Гошев: Прашањата по кои ја критикувам оваа влада се истовремено и  посочувања што  не треба  и што треба да се прави. На пример: треба да се спречи корупцијата, а корумпираните да одговараат бидејќи таа ги јаде работните места; треба да престане да расте јавниот долг - но  со оваа влада тоа не може да се спречи сé додека не  банкротираме; треба да престане трошењето на јавните расходи за налудничави проекти и истовремено да се селектираат најбитните приоритети на општеството; за секој расход на владата потребна е анализа за неговиот мултипликаторски ефект врз растот на БДП; треба да се реформира даночниот систем бидејќи постојниот, заедно со корупцијата драматично ја зголеми нееднаквоста во општеството. Таа,  пак,  битно влијае на намалување на растот на економијата, зголемувајќи ги конфликтите во општеството; треба да се промени моделот за привлекување странски инвестиции кој ја пустоши земјата и нé прави измеќари за бедни надници; потребна е вистинска политика на отстранување на регионалните диспаритети во земјата, зашто и тоа создава неприфатлива нееднаковст, празни простори и дизекономии од кои не можеме да кренеме глава; треба да се напушти сегашниот модел на делење субвенции за земјоделието зашто тоа е модел за политичка корупција, а не модел за раст и развој на зејоделството; треба да престане политичката репресија  зашто нема одржлив раст и развој без вистински плурализам и демократија; ни треба компетентно и  некорумпирано судство, институции кои се однесуваат еднакво кон сите граѓани и го штитат јавниот интерес  итн. Јавната администрација мора да се селектира врз основа на мерит системот, а тоа може само со политички одговорна власт. Јавниот долг  може да се управува ако пресатане несоодветното темпо на задолжување и бесцелното, непродуктвно расфрлање на парите. Секако,  ниту  тоа не може без одговорна власт, а одговорна власт може да има само ако системите на општествена контрола функционираат. Фактор:   Техничка, концентрациона, експертска.. Каква  влада би го отворил патот за враќање на државата во демократски колосек и како профил на премиер  и е потребен  во моментов на Македонија  ?  Меѓу  луѓето  од Шарената револуција  кои  протесстираат речиси 20  дена  може да се слиушне  гневот  од начинот на владеење на Никола Груевски, но    за најголем дел од нив лидерот на СДСМ   не алтернтива?   Гошев: Ниту една од наведените - техничка, концентрациона, експертска, широка коалиција - составувани од истите мешетари и злосторници  нема да помогне. Тоа се видови на влади со краток здив  од кои за кус период сите се откажуваат.   Значи, потребна е политичка влада составена врз основа на резултат од одржани  фер и демократски избори. Според тоа, клучно е, и на прво место,   демократската јавност со сите средства да ги победи арамиите, примитивците и лажните патриоти, таквите да одговараат за злоделата, за да се надеваме  дека ќе ја научиме лекцијата  и  ќе добиеме  поодговорна власт. Оттука, „шарените револуционери“ треба здружено да продолжат до конечна победа над злото, а потоа ќе дискутираме за порафинираните политички преференции. Ако некои луѓе постојано шират песимизам седејќи дома во пиџами и велејќи, „ама ние не можеме“....итн, тогаш ќе ги имаме на врат истите бандити. ВО ВЛАСТА СЕДАТ ГАНГСТЕРИ Фактор:  Дали се согласувате со констатацијата на дел од  политиколозите и економистите  дека тапкаме во место веќе 25 години и реформите не се чувствуваат токму онаму каде што најмногу се спроведуваат. Дали кризата која трае веќе предолг период може да го загрози опстанокот на државата?  Гошев: Се согласувам, стопроцентно! За тоа има безброј аргументи.  Во изминатите 25 години просечната годишна стапка на реален раст на БДП изнесува јадни 1.3%.  Според податоците на Светска банка во истиот период од земјата се исселиле над 600.000 жители и таа река продолжува да тече. Причината е јасна: отсуство на успешни политички и економски реформи. Ако тој тренд продолжи, секако дека може да го загрози опстанокот на државата. Впрочем, историјата е полна со пропаднати империи, да не зборуваме за капилар каков што е Македонија. Зарем има некому кому не му е јасно зошто соседни држави се уште држат т.н „отворени прашања“ од минатото? И покрај тоа нам не ни текнува дека треба час поскоро да ги решиме. Фактор: Кој е Вашиот став зошто Македонија не може да обезбеди долгорочен одржлив развој; зошто при огромни трошења со години, нема осетно намалување  на сиромаштијата?     Гошев: Веќе реков! Во Македонија не се одвиваат демократски политички реформи. Политичките институции се екстрактивни, неинклузивни, поблиски се до хиерархиското општество отколку  до граѓанското. Кога политичките институции се екстрактивни, неинклузивни, тогаш и економските институции се екстрактивни, неинклузивни. Сето тоа, заедно, ја создава таканаречената „проклета спирала“ (Ачемоглу и Робинсон), која постојано нé влече кон сé подлабоко дно. Во такви услови нема одржлив раст и развој. Концентрацијата на доходот и вкупните ресурси е огромна. Доходот и богатството го поседува мал процент од населението, наспроти морето сиромашни граѓани. Во овој момент Македонија има највисок коефициент на доходна нееднаквост во Европа и срамно се приближивме  до нееднаквоста во некои Латино-Американски држави, Мексико и слични. Фактор: Стапката на невработеност во Македонија   во изминативе неколку години е  намалена , но  асте поцентот на македонски граѓани кои ја напуштаат  државата континуирано раст.  Како го објаснувате овој феномен  ?     Гошев: Лугето бегаат од својата земја од повеќе причини. Ќе спомнам три, за кои мислам дека се најважните: раширената неправда ( во тоа ја сместувам и навредливата економска нееднаквост), сиромаштијата (која главно произлегува од невработеноста и лошата социјална политика)  и изгубената  надеж дека наскоро работите може да се подобрат. Мислам дека е ова клучно и за реката млади кои секојдневно ја напуштаат Македонија. Патем да спомнам,  невработеноста во Македонија и натаму е највисока во Европа, можеби само после Косово, платите се најниски и во  споредба  со регионот. Намалениот процент на невработени најмногу се должи на вработените во јавната администрација, факт кој гангстериве упорно го кријат од јавноста која ги плаќа со нивната пот.

Можеби ќе ве интересира

Во која земја од ЕУ храната е најевтина?

Во која земја од ЕУ храната е најевтина?

Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?

Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?

Хрватска ги заострува условите за вработување странци

Хрватска ги заострува условите за вработување странци

Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар

Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар

Во кои европски земји најмногу поскапе млекото?

Во кои европски земји најмногу поскапе млекото?

Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра

Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра

„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips

„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips

ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд

ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд

Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии

Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии