29 Март, 2024
0.0306

Интервју Кверинг: Германскиот бизнис со нетрпение очекува Северна Македонија да ги започне преговорите со ЕУ

Објавено во: Интервјуа 05 Јули, 2019

Добивај вести на Viber

Германија е убедливо еден од најзначајните европски економски партнери на Македонија со постојан раст на трговската размена. Исто така кај нас се присутни повеќе значајни германски директни инвестиции, а свои вложувања имаат околу 200 компании. Од друга страна добрата економска соработка ја следат и блиските релации на дипломатско и политичко ниво, со надеж дека земјава ќе добие голема поддршка од Германија за започнување на преговорите за членство во ЕУ. Фактор направи ексклузивно интервју со Ања Кверинг од германската бизнис асоцијација - Комитет за економски односи со источна Европа. Таа е регионален директор за Југоисточна Европа и за Фактор разговара за предизвиците на Р.С. Македонија за членството во ЕУ, за нивната програма за стипендисти која досега опфаќа над 80 македонски студенти кои имале можност да работат на пракса во германски компании, за долготрајните врски меѓу двете земји, перспективите и за тоа како да се спречи одливот на мозоци бидејќи токму Германија е многу привлечна за квалитетните македонски кадри.

Фактор: Каква е перспективата на економската соработка меѓу Р.С. Македонија и Германија. Според статистиките Германија е најголем трговски партнер во изминатите години. Можеме ли да очекуваме поголем раст на германски инвестиции кај нас и проширување на веќе постоечките германски компании?

Кверинг: Статистиката навистина веќе зборува сама за себе: Обемот на трговијата помеѓу Северна Македонија и Германија изнесуваше 4,1 милијарда евра во 2018 година, што претставува импресивен раст од речиси 17% во споредба со претходната година. Обемот на трговијата во првиот квартал од 2019 година изнесува 17,3% во споредба со претходната година. Ова зголемување ветува позитивна перспектива за понатамошно продолжување.

Како што можете да видите, германско-македонските економски односи напредуваат. Околу 200 германски компании веќе се активно вклучени во Северна Македонија, генерирајќи околу 20.000 работни места. Тоа не е изненадување, бидејќи Северна Македонија е рангирана на 10-тото место за водење бизнис на листата на Doing Business и затоа нуди добра економска и инвестициска клима. Со прогнозата на ЕБРД за солиден раст од 3,0 отсто раст на БДП во 2019 и 2020 година, мислам дека сме на добар начин за понатамошен интензивен економски раст. Ова се важни предуслови за понатамошно инвестирање во земјата. Но, и покрај овие огромни средства и достигнувања, сè уште постои потреба од понатамошни реформи, на пример во врска со борбата против корупцијата или транспарентноста на бирократските процедури.

И уште една голема пречка се уште чека да биде решена: Недостигот на квалификувана работна сила го попречува не само приливот на странски директни инвестиции во Северна Македонија, туку и ги става кочниците на домашната економија. Оваа закана за економскиот развој мора да се реши што е можно побрзо за да се овозможат добри долгорочни услови за странски директни инвестиции.

Фактор: Како го оценувате евринтегративниот пат на Р.С. Македонија. Премиерот Заев и претседателот Пендаровски го посетија Берлин со цел да ги засилат дипломатските активности, а канцеларката Меркел веќе се заложи дека ќе дејствувува за Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ. Какви се шансите тоа да се случи годинава?

Кверинг: Не сакам да шпекулирам за временска рамка, но нашата позиција во однос на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ е јасна: Ние целосно ја поддржуваме европската интеграција на земјата. Нашиот член на одборот, г-дин Енгел го истакна во својот говор на нашиот годишен настан, каде што имавме задоволство да го пречекаме премиерот Заев како главен говорник. Германскиот бизнис со нетрпение го очекува отворањето на разговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија.

Фактор: Дел од вашите активности се и поддршка на програмата за практична работа и на млади луѓе од Македонија кои имаа шанса да се стекнат со искуство во Германија. Колку се тие се значајни за креирање трајни врски меѓу двете земји и какви се плановите за понатаму?

Кверинг: Јас дефинитивно се согласувам дека „Програмата за практикантска работа Зоран Ѓинѓиќ“ на Комитетот за економски односи со источна Европа за Западен Балкан создава трајни врски. Северна Македонија стана успешна земја-партнер на Програмата во рамките на првиот круг на проширување во 2007 година - оттогаш 81 корисници на стипендии од Северна Македонија имаа можност да учествуваат.

Овие млади професионалци стекнуваат практично искуство во германските компании во рамките на 3 до 6 месеци и ги применуваат теоретските знаења што ги стекнале во текот на нивното образование. Вклучени се повеќе од 200 германски компании. Оние компании обично се вклучени во самиот регион, така што обуката на младиот професионалец од една од земјите учеснички во нивните германски седишта, исто така, отвора можност за вработување на овој стипендист во нивната матична земја.

Се разбира, живеењето во Германија повеќе месеци, исто така, воспоставува културни врски. Сите стипендисти учествуваат на курсеви за германски јазик, запознаваат локални пријатели и ги запознаваат земјата и бизнисот - како и запознавање на нивните колеги стипендисти. Ова е дел од нашата мрежа на алумни, вклучувајќи база на податоци на CV на алумни кои бизнисите можат да ги добијат за вработување млади професионалци како потенцијални вработени за компаниите во земјите од Западен Балкан. Подобрувањето на регионалната поврзаност во Западен Балкан е важен дел од Програмата за практикантска работа.

Нашата главна цел е да се спречи одлив на мозоци и да се обезбеди млади и квалификувани работници да останат во земјата, како и да создадат силна основа за понатамошни инвестиции и заеднички да поттикнат одржлив економски развој. Што се однесува до плановите за иднината: Сакаме да ја продолжиме програмата, бидејќи покажува голем успех за двете страни. Нашата најголема придобивка од нивното искуство и вмрежување преку мрежата на алумни и компаниите кои се вклучени е што добиваат бенефит од пристап до високо квалификувани млади професионалци за нивните експозитури и помошни компании во земјите од Западен Балкан.

Фактор: Германија е една од најпосакуваните земји за миграција на македонските кадри. Дел од нив како што се ИКТ експерти, инженери и медицински персонал лесно наоѓаат работа. Колку е отворен германскиот пазар за македонската работна сила?

Кверинг: Се чини дека германскиот пазар е многу привлечен за работната сила од други земји, не само од Северна Македонија, туку и од сите земји од Западен Балкан. Но, дозволете ми да истакнам дека од најголема важност е заеднички да работиме на подобрување на образовниот систем и стручната обука, бидејќи сите компании во Северна Македонија - без разлика кој инвеститор може да стои зад нив - имаат целосна потреба од квалификувана работна сила.

Ние како Комитет за економски односи со источна Европа придонесуваме за оваа заедничка цел со „Програмата за практикантска работа Зоран Ѓинѓиќ“ за Западен Балкан, која веќе беше спомената. Друг пристап кон овој предизвик е програмата „Експерти за вештини", формирана од Германското сојузно министерство за економија и енергетика, која ги поддржува германските компании во странство во обуката на нивните работници во согласност со моделот на двојна обука. Северна Македонија е дел од оваа програма од самиот почеток во јануари 2017 година.


Х.С