Добивај вести на Viber
Одвојувањето на државата од партијата е неопходен услов за едно демократско општество. Република Македонија во праксата има еден хибриден модел на политичко уредување кој се состои од демократија на површината, а авторитаризам во суштината, оценува Драган Алчинов. Нашиот соговорник кој е магистар по уставно право и истражувач од областа на правните и политички науки вели дека администрацијата е преобемна затоа што трупањето на ,,своите’’ на државни јасли значи поголем број гласови на наредните избори.
„Зар не е понижувачко она влечкање од град во град за одново и одново административците да ги слушаат вдахновените говоранции на пастирот? Зар не е понижувачко постојаното барање од административците да собираат ,,сигурни гласови’’? Верувам дека во администрацијата има луѓе со свое достоинство кои се свесни за својата вредност“ вели Алчинов . Според него, фер и демократски услови во вакви услови се невозможни .
„Колку пати до сега опозициски настроените граѓани и интелектуалци беа оцрнувани како соработници на странски служби? Колкумина од нив беа притварани и затварани само затоа што се ,,дрзнале’’ да размислуваат поинаку? Колку бизниси беа уништени само затоа што сопствениците на истите биле со ,,погрешна’’ партиска определеност? Партиските непријатели беа оквалификувани како државни непријатели и целиот правосуден систем се стави во одбрана на власта“ , посочува Алчинов .
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Преобемна, партизирана и неефикасна администрација се наведува како проблем години наназад во извештаите на ЕУ за Македонија, а беше нотирано и во извештајот на Прибе. Како може да се реши проблемот со администрацијата?
Алчинов: Европската Комисија сосема со право ѝ ги дава таквите атрибути на јавната администрација: нашата администрација е и преобемна и недоволно ефикасна и целосно под влијание на партијата на власт. Сите овие појави се взаемно поврзани. Администрацијата е преобемна затоа што трупањето на ,,своите’’ на државни јасли значи поголем број гласови на наредните избори.
Така добивме ситуација во која во некои институции имаме повеќе вработени отколку бироа и столчиња. Но, фаворизирањето на своите партиски членови при вработувањето носи и еден друг негативен ефект: наместо образованието и искуството да бидат единствените критериуми при вработување во администрацијата, ние како најважен (а се плашам: и единствен) критериум ја имаме партиската припадност и сервилноста кон партијата. Но, не само при вработувањето туку и понатаму во работата административците немаат мотивација да му служат на граѓанинот, туку исклучиво се трудат да му угодат на претседателот на општинската организација на партијата на власт кој им овозможил вработување.
Истите тие административци вработени заради нивната верност и оданост кон партијата понатаму ги гледаме на секој митинг на партијата каде што тие продолжуваат да ја искажуваат својата благодарност. Во предизборните кампањи токму овие административци се најбројните активисти на власта кои одат од врата до врата
убедувајќи ги граѓаните колку добро се живее во Македонија. Всушност и ,,бомбите’’ на опозицијата од проектот ,,Вистината за Македонија’’ јасно посведочија како се вработувале луѓе затоа што биле членови на партијата, како истите напредувале во кариерата и како требало да се сотрат сите оние чија партиска определба била ,,погрешна’’.
И така добиваме една поцелосна слика: администрацијата е пренатрупана со нестручен кадар селектиран по партиски клуч и субмисивен кон партијата на власт. Решението за вака наталожените проблеми е итна и целосна департизација на администрацијата. Департизацијата на администрацијата ќе значи враќање на вистинските критериуми за вработување, но и поголем степен на професионалност во извршувањето на работните задачи. Придобивките од департизацијата на администрацијата се огромни и сите ќе ги почувствуваме. Но, сметам дека во овој момент нема ни еден грам политичка волја за работите да тргнат во таа насока. Администрацијата е бастион на власта, но не толку силен колку што некои мислат.
Фактор: Партиските вработувања во јавната администрација за возврат носат гласови на изборите. Може ли да се спречи злоупотребата на администрацијата за изборни цели ?
Алчинов: Неспорно е дека партиските вработување носат гласови на изборите. Тоа е и нивната примарна, а честопати и единствена цел. Клиентелизмот стана еден од основните инструменти на Груевизмот. Преку нудење на вработување во администрацијата, власта ја купуваше поддршката на граѓаните. Тоа е класичен пример за клиентелизам, односно однос меѓу партијата и граѓанинот во кој граѓанинот станува клиент на партијата заменувајќи го својот глас и партиски активизам за поддршка при вработување. Кандидатот за вработување во администрација треба да обезбеди соодветен број ,,сигурни гласови’’ и да учествува на партиските настани.
Ветувањето е дека ако партијата победи тој/таа ќе биде адекватно награден со вработување во администрацијата. Клиентелизмот до толку стана широкораспространет што веќе се смета за нормален тек на нештата. Кај нас не само власта, туку и граѓаните се корумпирани преку овој клиентелистички механизам. Клиентелизмот и непотизмот имаат свој удел и во унапредувањето во кариерата на административците. Како што е вистина дека политички неподобните треба да бидат ,,сотрени’’, така е и вистина дека политички подобните треба да бидат наградени со позиција и примања.
Сево ова зборува за еден строго контролиран систем кој треба да обезбеди уште еден мандат на владејачката партија. Како што погоре реков, власта смета на администрацијата како на свој верен слуга. И никој не е луд за да ја исече гранката на која седи. Така што заклучокот е јасен дека нема ни еден атом политичка волја на страна на власта за да ја департизира администрацијата и да не ја злоупотребува во изборни цели. Но, работите можат да се сменат. И затоа што работите не се менуваат одозгоре, можат да се сменат одоздола. Имено, административците треба да го покажат својот револт против ваквиот понижувачки и репресивен систем кој ги прави да бидат неми послушници на власта. Зар не е понижувачко она влечкање од град во град за одново и одново административците да ги слушаат вдахновените говоранции на пастирот? И зар не е понижувачко постојаното барање од административците да собираат ,,сигурни гласови’’?
Верувам дека во администрацијата има луѓе со свое достоинство кои се свесни за својата вредност и за сето ова кое ни се случува. Тие се подложни на постојани притисоци и се натерани да бидат прости извршители на волјата на партијата. Редно време е да се свртат против својот ,,господар’’ и да го казнат за сѐ она што им го приредува речиси цела една деценија.
Фактор: Едно од клучните барања на меѓународната заедница е одвојување на државата од партијата на власт, заради организирање фер и демократски избори.
Алчинов: Одвојувањето на државата од партијата е неопходен услов за едно демократско општество. Република Македонија во праксата има еден хибриден модел на политичко уредување кој се состои од демократија на површината, а авторитаризам во суштината. Ваквиот електорален авторитаризам (односно авторитарен систем кој одвреме навреме одржува избори) се карактеризира со нефер услови за рамноправен политички натпревар. Замислете дека два тима играат фудбал, но целиот терен е закосен на едната страна така што топката постојано е на половината на едниот тим. Згора на тоа и судиите се постојано на страна на привилегираниот тим, а и коментаторите постојано коментираат во корист на истиот.
Може ли тогаш да зборуваме за фер фудбалски натпревар? Како тогаш би можеле да зборуваме за фер политички натпревар во ситуација кога целиот политички терен, судиите и медиумите му се наклонети на едниот тим? Нека се присетат читателите колку пати до сега опозициски настроените граѓани и интелектуалци беа оцрнувани како соработници на странски служби? Колкумина од нив беа притварани и затварани само затоа што се ,,дрзнале’’ да размислуваат поинаку? Колку бизниси беа уништени само затоа што сопствениците на истите биле со ,,погрешна’’ партиска определеност? Партиските непријатели беа оквалификувани како државни непријатели и целиот правосуден систем се стави во одбрана на власта. Тоа е врвниот израз на приватизирањето на државата. Целиот државен апарат стана сопственост на една партија, односно поконкретно кажано- на една фамилија.
Фер и демократски услови во вакви услови се невозможни и тоа го потврдија релевантните домашни и меѓународни институции. Затоа и беа формирани Специјалното Јавно обвинителство (во кое многумина со право гледаат надеж) и квази-техничката влада- овие две институционални реструктурирања имаа за цел да овозможат независно спроведување на правдата и барем минимум баланс во спроведувањето на изборите. Целиот овој циркус што се случува изминативе неколку месеци од формирањето на СЈО и поставувањето на новите министри и заменици-министри, зборува за тоа колку длабоко биле испреплетени државата и партијата/фамилијата и јасно укажува на тоа дека реформите се неопходно и итно потребни.
Фактор: Во една Ваша колумна констатиравте дека јавната администрација без партиско вмешување во нејзината структура и работа би значела стручна и професионална служба во интерес на граѓаните. Од друга страна,
сонот на голем број млади е токму да се вработат во јавната администрација .
Алчинов: Токму така. Освен структуралните грешки во управувањето со администрацијата, постои и една субјективна грешка вградена во младите генерации. Таа грешка е митот дека вработувањето во државна администрација е врвот на достигнувањата, најголем успех. Се смета дека државното работно место е сигурно работно место. Ние излеговме од социјализмот, но социјализмот не излезе од нас.
И сѐ додека ги учиме младите дека врвот е дремењето на некое биро во некоја институција- ќе ни се случува партиите на власт да трупаат партиски кадри по канцелариите. За да се избегне тоа ние мораме да сфатиме дека времето на социјализмот одамна заврши и дека 21виот век побарува квалитетен и трудољубив кадар и дека во функционална пазарна економија истиот ќе биде далеку подобро платен и почитуван отколку административците.
Ова прашање задира длабоко во нашиот менталитет и е одраз на еден инфантилен однос кој го имаме кон животот. Се надевам дека ова ќе се смени и дека веќе се менува. Од друга страна, пак, цврсто сум уверен дека новата власт ќе ја промени и политичката и економската клима во земјата а со тоа директно ќе влијае на менувањето на перцепциите кај младите.