25 Април, 2024
0.0315

Интервју Малчески: СДСМ ќе стане заложник на ДУИ во големиот политички пазар

Објавено во: Интервјуа 07 Мај, 2019

Добивај вести на Viber

ВМРО-ДПМНЕ ги загуби изборите и Силјановска Давкова не стана првата жена претседател на републиката, но затоа пак освои победи во голем број градови и општини со мнозинско македонско гласачко тело. Соочени со хибридната коалиција на СДСМ, ДУИ и уште триесет партии поразот и не е така болен, особен што сега опозицијата има право да тврди дека поединечно може да освои најголем број на гласови. Според професорот и политички аналитичар Самоил Малчески победата на ВМРО-ДПМНЕ во средините со мнозинско македонско население не е резултат на национализам. Сепак, според него процесот на реформи во ВМРО-ДПМНЕ мора да продолжи и тивко да се отстранат сите поранешни функционери осомничени за криминал, кои според него веќе се во прегратките на власта од каде и претходно дошле како партиски играчи. Сега, во фокусот на ВМРО-ДПМНЕ реално не е албанскиот електорат, но и СДСМ не би можела да повтори ваков резултат во албанските средини доколку настапи самостојно. Во спротивно ризикува да биде „измеќар“ на интересите на ДУИ што пак ќе предизвика внатрешни незадоволства.

Дали поразот на професорката Гордана Силјановска Давкова значи дека не успеа во намерата да освои гласови од страна на неопределените, како и на разочараните симпатизери на актуелната власт?

Малчески: Ако добро ги погледнете резултатите од првиот и од вториот круг можеме да заклучиме дека изборниот ден е еден голем политички пазар. За жал како и многу пати до сега граѓаните беа заборавени во желбата да се победи по секоја цена. Вакви победи ни се случувале и претходно и најчесто губитник се оние кои на крај ја плаќаат цената од политичкиот пазар, граѓаните и Република Македонија. Конкретен пример за ова што го зборувам се случувањата во ИВЗ непосредно пред изборите и мешањето на високи функционери од владејачката СДСМ во тие случувања. Од една страна со нивните постапки сериозно ја нарушуваа секуларноста на Република Македонија, а од друга страна експресното решавање на состојбите таму е сериозна индиција за политички пазар но и флагрантно кршење  на низа закони, што е веќе воспоставен стил на владеење на оваа коалиција.

Очигледно е дека Пендаровски победи со голема поддршка на коалиционите партнери кои обезбедија доволен број на гласови на етничките Албанци, особено од ДУИ. Од друга страна ниту пак, тие што гласаа за Блерим Река или пак се опозициски настроени како Алијанса за Албанците и БЕСА не се префрлија на контото на Силјановска Давкова. Како ВМРО-ДПМНЕ да ја врати довербата кај Албанците?

Малчески: Пак ќе напоменам, во неделата победи политичкиот пазар. Најголем губитник беа токму БЕСА и Алијанса за Албанците. Во само две недели се виде дека концептот за правна држава според нив е само сурова борба за власт. Најверојатно поради политичкото неискуство, тие за само две недели се доведоаво ситуација од победници во албанскиот електорат, до тоа да се пазарат и да го прокоцкаат сето она што го стекнаа во првиот круг. Ваквата нивна поддршка му овозможи на ДУИ да се врати на голема врата на македонската политичка сцена. Слично нешто се случувало и во минатото. Да се потсетиме само на Имер Селмани, кој во минатото од изненадување и ѕвезда на претседателски избори за само неколку месеци премина во класата неважни политичари. Но, кога сме кај бројките, легитимен поглед покажува дека во средините каде претежно живеат Албанците, СДСМ и ДУИ во вториот круг остварија разлика од над 95000 гласови - нешто што СДСМ сигурно не може да добие на ниту едни парламентарни избори. Во овие средини гласовите кои ги добиле Силјановска и ВМРО ДПМНЕ се забележителна бројка, т.е. над 55000 гласа. Токму затоа е и мојата констатација дека БЕСА и Алијанса за Албанците се најголеми губитници, бидејќи се чини дека разликата е остварена токму со гласовите кои Блерим Река ги освои во првиот круг.

Што се однесува до ВМРО ДПМНЕ, сметам дека во овој момент нивниот фокус не е албанскиот електорат. Затоа е тешко да се даде одговор на вториот дел од Вашето прашање. Мислам дека довербата кај Албанците ја губи и СДСМ и дека случувањата на изборниот ден не се резултат на политичка доверба, туку се производ на без малку криминоген политички пазар со формални и неформални политички структури во албанската етничка заедница.

Што според вас е најголемиот недостаток на Гордана Силјановска Давкова како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се разговара ли сега дали опозицијата можела да излезе со подобар кандидат или пак дебатата за неуспехот ќе се бара внатре во партијата?

Одговор. Прво на сите треба да им е јасно дека професорката беше најдобриот кандидат кој ВМРО ДПМНЕ можеше да го има на овие избори. Според мене беше пријатно и убаво изненадување.

Што се однесува до резултатите, ако добро ја погледнате мапата на Република Македонија објавена на страната на ДИК, можете да забележите дека 2/3 е обоена во црвена боја, нешто што не беше така пред две години. СДСМ изгуби во сите големи градови, но за жал победи нивната спремност за заокружување на тоталитарниот систем, за што јавно се пазареа со секој што ќе им донесе некој глас повеќе, без разлика колкава е штетата по државата. Но, ова не е ништо ново за оваа партија. Да се потсетиме само на постапките за донесување на законите за територијална поделба и употреба на албанскиот јазик, како и нивното делување за време на насилната промена на Уставот.

Еден од наративите кој сега ВМРО-ДПМНЕ може да го наметне е дека победиле во средините каде живеат мнозинство Македонци, а со тоа и дека поединечно против СДСМ има поголема поддршка. Дали овој наратив е штетен за опозицијата која треба да се надмине себеси и да ги освои симпатиите од сите, но и дека потсетува на минатото при водење на националистички реторики?

Малчески: Факт е дека ВМРО-ДПМНЕ победија кај мнозинството од Македонското население. Меѓутоа, ваквиот резултат не се должи на некаква националистичка реторика. Сметам дека резултатот пред се е производ на незадоволството кај електоратот од неспособноста и корумпираноста на актуелната власт, но и од политичкото насилство кое го промовира власта. И покрај сите заложби по првиот круг албанскиот електорат, за жал, повторно беше третиран како статистика.

Но, од друга страна, ваквото однесување на СДСМ веќе со сигурност укажува на  почетокот на крајот на нивното владеење. На следните парламентарни избори или ќе мора да одат сами или ќе мора пак да коалицираат со ДУИ. Ако се одлучат на првото и ако добро ги погледнеме резултатите од првиот и вториот круг, со сигурност можеме да кажеме дека ги очекува сериозен пораз -„метлата“ е приказна за мали деца во која никој не верува. Доколку се одлучат на вториот чекор, тогаш според мене стануваат заложник на ДУИ и на нивните интереси, нешто во што веќе се претворија во последниве две години. СДСМ одамна не е самостоен, препознатлив политички субјект и тоа може да предизвика сериозни внатрешно-партиски проблеми, кои заради нереалните амбиции и начинот на владеење на мала група актуелни функционери веќе се на повидок.

Долго време се разговара за реформи внатре во ВМРО-ДПМНЕ, за расчистување на партијата со поранешни и сегашни членови и функционери обвинети и осудени за криминал, корупција и кршење на човековите права. Гледано според освоените бројки освен верното членство, ВМРО-ДПМНЕ нема поголема поддршка кај македонската јавност, која не е доволна за наметнување на опозициско расположение и потреба од смена на актуелната власт на СДСМ и ДУИ, па постои ли подготвеност за вистински реформи и промена на штетните политики?

Одговор. Доколку убаво ги погледнеме резултатите ќе видиме дека и тоа како има опозициско расположение во Република Македонија. Народот ги казни штетните политики на власта, 2/3 од мапата е обоена со црвено. Но сметам дека тоа не е крајниот резултат кој ВМРО ДПМНЕ може да го реализира на следните избори.

Затоа она што во овој момент е неопходно е да продолжат процесите на реформи во самото ВМРО-ДПМНЕ. Имено, час поскоро треба да се усвои новиот партиски Статут и да се изврши избор на сите партиски тела и органи по тој Статут. Доколку ВМРО-ДПМНЕ го направи тоа и ја продолжи линијата на тивко, континуирано оддалечување од криминогените поранешни функционери, дел од кои се веќе во прегратките на СДСМ од каде и што дојдоа пред десетина години, со сигурност може да се каже дека довербата кај народот ќе продолжи да расте, а со тоа ќе биде поизвесна и победата на следните парламентарни избори.

Вие претходно ги споменавте гласачите кои апстинираа во првиот круг, односно дека околу 70 илјади гласачи на ВМРО-ДПМНЕ се решија за бојкот. Навистина ли овој корпус се факторизира, како неформална група која вели „никогаш Северна“ но, и не сака да учествува во политичките процеси што е штетно за ВМРО-ДПМНЕ бидејќи се покажува дека Мицкоски баш и нема контрола или влијание врз овие гласачи а со тоа штета има и демократијата?

Малчески: Доколку добро ги погледнеме резултатите од првиот и вториот изборен круг, можеме да забележиме разлика во корист на ВМРО ДПМНЕ од некои 62000 гласа. Дали беше тоа доволно професорката да победи - видовме дека не е. Треба да се направат сериозни анализи за тоа што ќе се прави понатаму. Според мене, во овој момент ВМРО-ДПМНЕ мора да понуди сериозни решенија за проблемите кои ги тиштат граѓаните на Република Македонија. Исто така, партијата и понатаму треба да биде отворена за професионалци со соодветно искуство кои може многу да придонесат. Само со конкретни чекори, остварливи решенија и вистински професионалци може да се поврати довербата кај дел од електоратот. Повеќе од јасно е дека сегашната гарнитура која е на власт во Република Македонија нема капацитет да спроведе сериозни и квалитетни реформи ниту во судството, ниту во здравството, а да не зборуваме за реформи во образованието или некој друг сектор кој е од витално значење за подобрување на квалитетот на живеење на сите граѓани на Република Македонија.


Х.С.

Можеби ќе ве интересира

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“