Добивај вести на Viber
Поранешниот директор во УБК Горан Митевски во интервју за Фактор смета дека последните случувања во МВР се вовед во целосно нефункционирање на полицијата, а во заложништво и опасност е безбедноста на целата држава. Одлуката на Владата за поништување на сите решенија на министерот Спасовски, Митевски вели дека е неуставна. Според него, ситуацијата е премногу сериозна и Претседателот Иванов мора да го свика безбедносниот врв во државата, оти страстите се зовриени.
Фактор: Кој раководи сега со МВР? Имаме ли две министерства за внатрешни работи?
Митевски: Со последните случувања во МВР, по поднесената оставка на министерот Оливер Спасовски која не беше доставена до Собранието на РМ од страна на премиерот Емил Димитриев пред неговото распуштање, министерот останува на чело на министерството со кое тој продолжува да раководи до изборот на нова Влада и назначување на нов министер. За жал, последните месеци бевме сведоци дека министерот и неговиот заменик даваат спротивставени изјави што доведува до привид дека имаме две министерства или МВР е поделено на два дела, еден со кој раководи министерот и друг со кој раководи неговиот заменик.
Фактор: Колку оваа хаотична состојба е ризична за безбедноста на државата?
Митевски: Ризикот од последните случувања, а посебно по поништувањето на сите одлуки и кадровски решенија од страна на Владата кои ги донесе министерот Спасовски претставува вовед во целосно нефункционирање на МВР. Во случај таквата ситуација да продолжи и понатаму тоа може да предизвика нарушување на безбедносната состојба на територијата на целата држава. Затоа, под итно, претседателот на државата треба да го свика Советот за безбедност за надминување на ваквата хаотична ситуација, со цел смирување на страстите и функционирање на правната држава.
Фактор: Дали, според Вас, министерот Спасовски во овој момент треба да си замине или да остане во МВР?
Митевски: Како што претходно кажав министерот треба да остане до изборот на нова Влада и назначување на нов министер. Во меѓувреме до колку тој не се појавува во МВР, неопходно е да им ги пренесе овластувањата кои ги има согласно законот за внатрешни работи, на едно или повеќе лица кои се должни редовно да ги извршуваат обврските и задачите по одредени прашања. Пренесените овластувања за кои одлучил лично министерот не смее да се рефлектираат врз редовната работа на вработените во МВР, односно сите вработени се должни навремено и одговорно да ги извршуваат поставените задачи .
Фактор: Демократскиот сојуз ја повика Владата да ги повлече поединечните кадровски решенија оти ќе предизвикаат парализа на највиталната институција. Дали според Вас одлуката на Владата е уставна и дали смее да му ги одземе надлежностите на министерот?
Митевски:Одлуката на техничката Влада е целосно неуставна. Согласно договорот од Пржино ние имаме Влада чиј мандат е да ги организира изборите и таа итно треба да ја поништи својата претходна одлука по предлог на заменик министерот Чавков. До колку тоа не се случи ќе дојде до дополнително усложнување на политичката криза во земјата која може да кулминира во негативен правец.
Фактор:МВР е класичен пример ( слушнавме во бомбите ) колку институциите се партизирани. Дали отсекогаш МВР било гнездо за партиски миленичиња и колкав е ризикот кога полицијата ја водат партиски кадри, а не стручен и професионален кадар?
Митевски: Од осамостојувањето до денес секогаш имало обвинувања од страна на опозицијата дека партијата на власт го партизира МВР. Но, најодговорно можам да потврдам дека последниве години се случуваше таква партизација што оправдано доведе до страв кај граѓаните за нивните основни права и слободи. Се стекна впечаток дека секој може да биде лишен од слобода без докази за сторено кривично дело што дополнително и гарантира на владеачката партија неконтролирано да владее без можност за парламентарна и судска контрола. За жал, таквата состојба доведува до масовно отселување, претежно на млади и образовани лица во странство. Само професионален и стручен кадар во МВР, но и во другите институции, може да ја врати довербата на сите граѓани во правната држава.
М.Ј.