26 Ноември, 2024
0.0335

Елена Панова, директорка на продажба и маркетинг за приватни корисници во А1 Македонија

ИНТЕРВЈУ ПАНОВА: Остануваме посветени на истата цел континуирано градејќи инспиративна и интересна приказна на А1 брендот

Објавено во: Интервјуа 07 Септември, 2020

Добивај вести на Viber

Во услови на епидемија корисниците почнаа да користат многу повеќе интернет, ги сменија навиките. А1 Македонија во исто време постојано лансира понуди со намалени цени за купување смарт телефон преку дигиталните канали на продажба, но воведуваме и промотивни пакети со намалени цени за активација преку апликацијата Мојот А1, вели Елена Панова директорка за продажба и маркетинг за приватни корисници во А1 Македонија. Компанијата одбележа една година откако постои брендот А1 во земјава. За роденденот беа лансирани посебни пакети и нови тарифни модели.  

Каква година имате зад вас во однос на услугите и производите кои им ги понудивте на корисниците, на вашите клиенти?

Панова: Така е, помина една година откако го лансиравме А1 брендот на нашиот пазар - годината помина брзо, но можам да кажам дека го имам истото чувство на гордост и исполнетост што го имав на денот на официјално лансирање на брендот. А1 брендот е веќе присутен во скоро сите земји во кои А1 Телеком Австрија Групацијата има свои оператори и за нас беше посебен предизвик да ја дефинираме бизнис целта на А1 во нашата земја, а притоа да се вклопиме во групациската цел и стратегија. Уште при лансирање на брендот, една од главните задачи и цели кои сакавме да ги постигнеме беше да лансираме производи и услуги кои се иновативни, интересни за корисниците и со кои ќе задоволиме одредени потреби. Она што е особено значајно е дека таа приказна ја градиме во континуитет, остануваме посветени на истата цел и ја збогатуваме и надградуваме понудата градејќи приказна која има убав тек, во која секое следно поглавје се надоврзува на претходното и е уште поинспиративно и поинтересно. При дефинирање на продуктите и услугите организиравме процес на ко-креирање заедно со корисници - претставници од нашите целни групи со цел најдобро да разбереме кои се нивните потреби.  Особено сум задоволна што сите понуди кои ги овозможивме при лансирање на брендот беа одлично прифатени од корисниците и претставуваат добра подлога за понатамошен развој.

Во вашата најнова понуда која ја објавивте на роденденот, за корисниците понудивте и можност самите да го креираат својот A1 Combo пакет. Што всушност значи тоа? На кој начин може да се креира пакетот?

Панова: А1 Combo претставува пакет од комбинирани услуги - мобилни и услуги на фиксна локација, како широкопојасен интернет (за дома или канцеларија), телевизија и бесплатна фиксна линија. А1 Combo пакетот е дизајниран на принцип „комбинирај и заштеди“, што значи корисниците кои ќе се одлучат за користење мобилни и фиксни услуги кај нас во рамки на еден пакет имаат можност да си обезбедат големи заштеди на семејниот буџет. За овој роденден, за првпат овозможивме корисниците сами да го дизајнираат пакетот кој одговара на нивните потреби - тоа значи, доколку немаат потреба од телевизија, да креираат свој А1 Combo пакет само со интернет за дома со поголема брзина и мобилна телефонија - притоа да заштедат, затоа што им следува попуст за двете услуги. На веб страната постои посебна секција Креирај A1Combo каде можат да изберат услуги кои одговараат на нивните потреби, притоа да видат точно кој ќе биде месечниот надомест, месечната заштеда заради комбинирање на услугите во пакет и дополнителен попуст за нов уред - мобилен апарат или телевизор, зависно од потребите. 

Воведовте и нови тарифни модели по повод една година од постоењето на брендот во земјата. За што станува збор?

Панова: Следејќи ги потребите на корисниците за повеќе интернет и подобар смарт телефон, ја креиравме специјалната тарифа А1 Neo M+ со која промотивно им нудиме на корисниците мобилен интернет од 30GB покрај неограничените повици и СМС пораки кон сите национални мрежи, како и поголем попуст за набавка на мобилен уред. Дополнително, достапна е и услугата А1 Net Sef која ја воведовме со лансирање на А1 брендот, со која неискористениот месечен интернет се зачувува и корисникот може да го искористи во било кое време, кога има потреба од повеќе интернет. Сега, оваа опција ја надградуваме со дополнителна функционалност: откако ќе се акумулираат доволно гигабајти, може истите да се разменат за пакет според потребите - роаминг пакет за интернет кога патуваат во странство или пакет со минути за меѓународни разговори. Дополнително, надградено е и портфолиото на услуги специјално дизајнирани за активација преку онлајн каналот со воведување на тарифата А1 Neon+ со која корисникот добива и неограничен интернет за користење во вечерните часови. 

Функционирате во специфична ситуација, во услови на пандемија која ги промени очекувањата и навиките. Како ги прилагодивте вашите продукти на новите околности?

Панова: Пандемијата ни наметна една поинаква реалност на која моравме да се прилагодиме и на приватен и на професионален план. Се бара од сите нас да бидеме многу пофлексибилни, да ги менуваме нашите навики и однесувањето, со цел да се заштитиме самите и да ги заштитиме нашите најблиски. Во вакви услови она што беше првично забележливо е дека корисниците започнаа да користат многу повеќе интернет, бидејќи подолго време поминуваа дома и дигиталниот начин за комуникација подолг период беше и единствен начин да се биде во контакт со блиските. Корисниците сè повеќе купуваат онлајн избегнувајќи ги физичките канали на продажба и радикално се менува начинот на кој работат, при што голем број од компаниите одлучуваат да им овозможат на вработените услови за работа од дома. 

Во овој процес, ние како компанија чиј главен фокус е дигитализација на општеството и обезбедување на висококвалитетни услуги, целосно сме насочени да одговориме на овие брзи промени во однесувањето и навиките и да ги прилагодиме нашите производи и услуги со цел да излеземе во пресрет на променетите кориснички барања. Првиот чекор беше овозможување бесплатен интернет за сите мобилни корисници во време кога сите бевме загрижени за ситуацијата во која се најдовме и најважно од сè беше брзиот пристап до информации. Понатаму, постојано лансираме понуди со намалени цени за купување смарт телефон преку дигиталните канали на продажба и воведуваме промотивни пакети со намалени цени за активација преку апликацијата Мојот А1. Главната цел е да го поттикнеме користењето на дигитални канали, како и активација на електронска сметка, со цел да овозможиме брз пристап до услуги и да ја намалиме неопходноста од контакт со физичките канали. 

Дигитализацијата доби предност, па кои новитети ги воведовте од овој аспект?

Панова: Како телекомуникациски оператор, нашата главна цел е дигитализација на општеството - со други зборови со сите производи и услуги кои ги лансираме се фокусираме на олеснување на дигиталното корисничко искуство. Во таа смисла, новитет кој го воведовме овој период беше лансирање А1 Live Shop, првата виртуелна продавница во нашата држава, која претставува хибриден модел на продавница и во која  постои можност за контакт со продажен агент од удобноста на домот, а притоа да се доживее корисничко искуство како да сте во продавница - преку web видео сигнал може да се разгледаат производи изложени во студио кое изгледа како вистинска А1 продавница. Буквално сите производи кои може да се купат во регуларните продажни салони, може да се купат и преку овој продажен канал. Откако ќе се договори продажбата, корисникот го врши плаќањето електронски, и го добива уредот кој го набавил на домашна адреса без трошоци за испораката.

За граѓаните е важно впрочем да добиваат нови корисни услуги за помалку пари. Какви инвестиции направивте и со каква ценовна стратегија влегувате во следниот период?

Панова: Како дел од А1 Телеком Австрија Групацијата имаме постојана поддршка за инвестиции во нашиот пазар за континуирано подобрување на услугите и воведување иновации кои ќе го придвижат општеството напред и ќе овозможат да бидеме во чекор со сите европски трендови во областа на телекомуникациите. И во следниот период ќе се насочиме кон овозможување одлично корисничко искуство преку сите производи кои ќе ги понудиме, а соодветно ценовната стратегија ќе биде базирана на обезбедување дополнителна вредност за корисникот. Во таа смисла, во главен фокус ќе останат А1 Combo пакетите со кои корисниците добиваат најмногу вредност за најповолни цени. 

Ќе останеме доследни на стратегијата за зајакнување на користењето на дигитални услуги - и понатаму ќе нудиме посебни бенефиции за активирање услуги преку дигитални канали - попусти за набавка на смарт телефон преку веб страната, како и посебни бенефиции за активација на пакети преку апликацијата Мојот А1. 

Какви афинитети имаат граѓаните во однос на услугите и какви производи планирате за следниот период? 

Панова: Корисниците бараат едноставни услуги кои ќе им го олеснат животот или работата и ќе им ја направат комуникацијата едноставна и брза, а притоа ќе добијат најмногу вредност за нивните пари. Во фокус ќе ни остане таа парадигма на иновативност, достапност и релевантност - важно е да сме технолошки напредни и притоа корисниците да препознаат вредност во производот кој им го нудиме. А нашата задача ќе остане преку каналите за комуникација кои ни се на располагање, постојано да ги поттикнуваме корисниците на користење дигитални алатки со кои ќе станат поефикасни, а со тоа ќе имаат повеќе време за себе и за свој личен и професионален развој. 

Ќе има ли олеснителни опции за продажба на уреди?

Панова: Постојано работиме на проширување на портфолиото на уреди со воведување на најактуелните модели на телефони на светскиот пазар. Дополнително, постојано го зголемуваме портфолиото на уреди на рати со што овозможуваме секој корисник да го добие уредот кој одговара на потребите, а во исто време одговара и на неговиот расположлив буџет. И понатаму ќе бидат достапни поволни услови за набавка на уреди преку дигиталните канали.

Како се позиционирате во однос на конкуренцијата и кој е планот за следниот период?

Панова: А1 е тука да го предизвика пазарот со нови идеи, нови производи и нови технолошки решенија со кои ќе биде секогаш подостапен и поинтересен за корисниците. Ќе останеме и понатаму доследни на таа заложба овозможувајќи најдобра вредност за вложените пари. Духот на А1 брендот се потврдува и во време на криза, кога будно ги следиме сите тековни потреби и го менуваме нашиот пристап со цел навремено да одговориме на очекувањата и да бидеме секогаш во чекор со технолошките трендови. 

Александра Томиќ

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.