26 Април, 2024
0.0336

Интервју Пендаровски: Никогаш нема да амнестирам политичари како Иванов со масовната аболиција

Објавено во: Интервјуа 19 Април, 2019

Добивај вести на Viber

Претседателскиот кандитат Стево Пендаровски убеден е дека од „втора“ ќе победи на изборите и дека ќе добие најголема поддршка од сите гласачи бидејќи е поддржан од триесет партии без пазарења уште пред првиот круг, а тој смета дека сторил доволно за да ја увери јавноста дека ќе делува независно и натпартиски. Пендаровски досега во кампањата истакнуваше дека не постои друга алтернатива, освен прифаќање на договори со соседите за одблокирање на евротлантските интеграции, додека пак опозицијата демонстрира лажен патриотизам и е свесна дека не може да направи нешто повеќе. Со Пендаровски разговаравме и за негативните ефекти од грешките на актуелната власт, колку тие му одземаа гласови кај неопределените и разочараните и дали тој навистина ќе биде претседател на сите граѓани, односно како ќе се справи со политичките позиции на партиите кои му ја дадоа поддршката меѓу кои СДСМ, ДУИ, Алтернатива и други.

По што се разликуваат кампањата и заложбите споредено со тие во 2014 година. Тогаш Македонија „заслужуваше“ претседател, а дали денес ќе се тргне „заедно напред“?

Пендаровски: Политичката реалност е многу променета денес во споредба со 2014 година. Денес имаме демократска атмосфера и режимот кој беше на власт тогаш полека заминува во историјата. Ѓорѓе Иванов е практично последната останата трага од тој режим која за неколку недели ќе ја снема од политичката сцена. Она што е различно е пред се амбиентот во кој се одвиваат изборите денес споредено со 2014 година. Слободно можам да кажам дека ова се најдемократските избори кои сме ги имале досега. Што се однесува до самите пораки во кампањата, би рекол дека ја отсликуваат суштинската разлика помеѓу двата целосно спротивставени концепти. Од едната страна е мојот, кој повикува на обединување на сите граѓани кон заедничката цел а тоа интеграција во НАТО и ЕУ и другиот на Силјановска кој повикува на блокада и ревизија на се што досега постигнавме со меѓународните договори кои беа нужни за членство. И тука граѓаните имаат јасен избор. Јас сум убеден дека тие ќе го изберат патот на напредокот наспроти застој, нови блокади и поделби меѓу граѓаните.


Дали се потребни уставни измени за надлежностите кои ги има претседателот или пак промена на изборниот модел?

Пендаровски: Сметам дека уставни измени за надлежностите на претседателот не се потребни туку е потребна нова личност која ќе го врати достоинството на оваа институција. Многу новинари ми го поставуваат ова прашање и секогаш го давам истиот одговор. Цели десет години имавме претседател кој не делеше, кој работеше исклучиво во интерес на партијата и беше главен мобилизатор на конфликтите во државата. Додека владата на Груевски уште беше стабилна и силна, тој беше безгласна буква во македонската политика а се појавуваше во јавноста само како портпарол на ВМРО-ДПМНЕ. Заради ваквото делување на Иванов, граѓаните изградија мислење дека позицијата претседател е неважна, дека таа е само привезок на власта. Оттаму уставни измени не се потребни, потребна е промена на човекот на таа позиција кој ќе биде претседател на сите граѓани, кој ќе биде коректор на власта и партиите, кој ќе зборува гласно против неправдите и кој ќе ги обедини сите чинители во општеството околу главните стратешки определби на земјата. Таков претседател ќе нема потреба од повеќе ингеренции туку во рамките на постоечките ќе има многу позитивно влијание во политиката. Јас ветувам дека ќе бидам токму ваков претседател.

Исходот на овие избори ќе има големо влијание за следните парламентарни избори без оглед кога тие ќе се одржат. Ја „киднапираа“ ли лидерите на партиите кампањата со цел да ги зајакнат сопствените позиции меѓу членството и гласачите?

Пендаровски: Има голема разлика во присуството на Зоран Заев во мојата кампања и присуството на Мицкоски во кампањата на Силјановска. Ако ја погледнете мојата кампања, ќе видите дека со премиерот имаме неколку  заеднички настани, додека сите други денови јас се сретнувам со граѓани на непартиски трибини. Ако ја погледнете кампањата на Силјановска ќе видите дека Мицкоски е носител на таа кампања и дека практично сите пораки се пласираат преку него. Дури и главните спотови одат преку неговите профили. Тој е погласен и поприсутен во медиумите од самата Силјановска и тоа е многу различно од она што се случува во нашиот кампус. Тоа кажува дека Силјановска воопшто не успева да се издвои од партијата иако на почетокот ветуваше и независна кампања покрај партиската. 


Една од причините поради која не победивте пред пет години е недоволната поддршка од албанските гласачи. Дали сега ДУИ и останатите коалициони партнери се целосно посветени да ја добиете неопходната поддршка и како би постапиле во вториот круг?

Пендаровски: Јас од самиот почеток водам кампања која им се обраќа на сите граѓани од сите етнички заедници. Прв пат се случува некој кандидат да има поддршка од сите етнички заедници и од повеќе од 30 партии уште во првиот круг. Моите пораки се пораки на заедништво, напредок за сите и обединување околу заедничките цели. Тие допираат до сите, без разлика на нивната партиска или етничка припадност и затоа верувам дека ќе добијам масовна поддршка на изборите. Што се однесува до причините за поразот во 2014, одговорно тврдам дека на тие избори се случи брутален изборен фалсификат преку притисоци, поткуп и други форми на манипулација. Да беше амбиентот како што е денес, сигурен сум дека ќе победев.


Може ли да направите пресек на политиките кои ќе ги водите како претседател на републиката, какво лидерство ќе примените и како ќе ја обедините нацијата длабоко поделена по партиска и друга основа?

Пендаровски: Во самото ваше прашање практично се содржат постулатите на мојата политика и заложби.  Прво, јас ќе бидам лидер на нацијата и заштитник на граѓаните, нивните потреби ќе бидат мој приоритет. Никогаш нема да се водам од потребите на партиите или на оние кои ме предложиле. Потоа, ќе бидам претседател кој обединува, а не кој дели, таков имавме досега и се надевам никогаш повеќе. Етничката припадност за мене е непостоечки фактор кога станува збор за правата и интересите на граѓаните. И трето, јас ќе бидам баланс помеѓу партиите и коректор на сите политики. Мојата цел е да бидам вистински медијатор на политичката сцена со цел постигнување консензус околу клучните стратешки определби за напредок на земјата.


Вие силно се залагате за спроведување на Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија, додал пак опозицијата обвинува за предавство на националните позиции. Можно ли е надминување на оваа тензична атмосфера?

Пендаровски: Јас искрено се залагам за она што го зборувам, целосно ги поддржувам договорите кои се нужни за брзи евроинтеграции и обезбедување подобар живот за граѓаните. Опозицијата и Силјановска само лажно глумат патриотизам. Видете, во целата кампања од Силјановска се изнаслушавме правни флоскули и празни фрази околу правото и правдата, но не слушнавме што точно ќе направи таа ако биде претседател. Како ќе ги смени договорите и кога? Како ќе обезбеди подобри договори и кога? Што да прават граѓаните во меѓувреме и кога може да се надеваат на надминување на бариерите за влез во ЕУ и НАТО? Дали ќе има дестабилизација и нови поделби во меѓувреме? Бидејќи внимавајте, тие велат ние сме за НАТО и ЕУ, но не ви кажуваме како. Нивната кампања се темели на лажен патриотизам со кој се обидуваат да ги злоупотребат чувствата на граѓаните. И тоа е навистина срамно и неетички, но верувам дека граѓаните го препознаваат тоа и дека ќе ги казнат за ваквата лажна политика на 21 април.


Членството во НАТО е речиси загарантирано. Што може да направиме за максимално да ги подобриме нашите меѓународни позиции?

Пендаровски: Прво, потребно е да се забрзаат реформите и да се донесат законите кои се нужни за да добиеме датум за преговори. Ова е првата цел која мора да ја постигнеме и на ова ќе работам од прв ден како претседател. Итно ќе ги потпишам законите кои сега ги блокира Иванов и ќе ги откочам процесите. Второ, потребно е да се подготвиме за преговорите со ЕУ и да ги исполниме стандардите на НАТО. За преговорите со ЕУ мора да мобилизираме многу човечки ресурси кои ќе работат на ова, а тоа бара голема посветеност. Во овој дел исто така ќе работам за да дадам максимална поддршка. Понатаму, мора да продолжиме со внатрешните реформи во сите сфери, демократија, судство, слобода на медиуми. Не очекува многу работа, но претстојниот период е многу важен за иднината на нашата земја. Ние сме тие кои ќе го трасираат патот за подобар живот на идните генерации и горд сум што ќе бидам дел од тие процеси.

Не очекува оценка од ЕК и потоа одлука од Европскиот совет за започнување на преговори. Дел од реформите не се донесени ниту се спроведени, а недостасува и реформа на администрацијата, тајните служби, владеење на правото и борбата со корупцијата. Дали тие недостатоци на владата лошо се одразија врз вашата кампања. Од друга страна па, ако не ги почнеме сега преговорите што понатаму, како вие како претседател би постапиле?

Пендаровски: Токму тоа е нашиот главен предизвик во претстојниот период и јас како претседател ќе бидам целосно во поддршка на овие процеси. Наша определба е рамноправно членство во ЕУ и НАТО, друга алтернатива за нашата земја не постои. Видовме колку е ризично да бидеме надвор од големите сојузи како мала балканска земја. Оттаму со сите сили и знаење треба да се посветиме во најкус можен рок да ги завршиме реформите и да пристапиме до европски фондови кои ќе значат подобар живот и повеќе пари за граѓаните. Што се однесува до процесите досега се согласувам дека тие не се одвиваа со најдобра динамика и тука имам критики за власта. Но, она што ме радува е искрената определба на владата да се посвети на ова. Не смееме да заборавиме дека имавме и сериозна политичка криза и многу бавно преземање на власта кое ги закочи сите реформи и процеси. Верувам дека по завршување на изборите и конечна победа на претседателските избори со сите сили ќе се посветиме на преговорите и подготовките за членство во ЕУ. 


Вие бевте советник на претседателите Трајковски и Црвенковски двајцата од различни партии. Што научивте од нив и како навистина ќе делувате независно и непартиски?

Пендаровски: Многу научив и многу ми значи искуството на овие позиции. И двајцата претседатели за кои работев беа луѓе со интегритет и независно ја вршеа функцијата. Претседателот Трајковски сите го паметат како човек кој се спротивстави на партијата која го кандидираше тогаш кога почувствува дека тоа е потребно. Од двајцата научив дека независноста на претседателот е една од најважните одлики кои мора да ги штитам. Ова е моја главна заложба и во кампањата и многу често ова им го зборувам на граѓаните. Претседателот не смее да биде партиски послушник, претседателот мора да биде гласот на разумот во општеството и претседателот мора да се грижи за сите подеднакво. Токму на овие три постулати јас ја поставив мојата кампања.


Заев започна процес на помирување со делумна амнестија за учесниците во Крвавиот четврток и обвинетите и осудени во предметите на СЈО. Како претседател ќе имате право на помилување и аболиција. Би ги користеле ли во политички цели?

Пендаровски: Никогаш. Одговорно тврдам дека нема теоретски шанси да го злоупотребам правото на помилување како што тоа го направи Иванов. И уште нешто, некои се обидуваат да ја поистоветат аболицијата за 27 април со масовното помилување на Иванов. Тие две работи воопшто не се исти. За 27 април се донесе закон кој го потпишаа сите партии а амнестијата се направи согласно јасно утврдени принципи. Иванов со еден потпис направи целосна аболиција на криминалци осудени за тешки кривични дела без да се консултира со никој ниту да има било какво правно објаснување за тоа. И тука има голема разлика. 


Х.С.

Можеби ќе ве интересира

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“