Интервју Ристо Гуштеров: Поданичкиот менталитет е длабоко всаден во душата на македонскиот бизнис.
Објавено во: 08 Ноември, 2012 07:44
ФАКТОР: Во истовреме не запира проектот “Скопје 2014“ . Kој е Вашиот став за овој проект?
ГУШТЕРОВ: Мое мислење е дека проектот “Скопје 2014“ се реализира во погрешно време. Во време кога кризата ја атакува Македонија и однадвор и одвнатре. Порационално ќе беше средствата предвидени и потрошени за овој проект, да бидат употребени за реализација на некои важни инфраструктурни проекти во енергетиката, во гасификацијата, во патната инфраструктура кои што на долг рок ќе бидат во функција на позасилен економски раст, а со тоа ќе допринесат и за повисок стандард на граѓаните на Македонија. Можеби крајно време беше и да се почне со некои нови градби во централното подрачје на Скопје, но не на начин како што е тоа направено на УРА и без некоја метрополитенска естетика.
Најевтино но во исто време и најубаво ќе беше да го ангажираме и го платиме главниот архитект на Париз или Рим или Виена, да ни направат вредно архитектурно решение за централното подрачје на Скопје, од ова што сега е направено со тој проект, кој што е и многу скап, но е и без вкус, со многу нешта на куп.
Тоа е мое лично мислење како човек кој го прошетал светот, што пак незначи дека треба истото да се совпадне со мислењето на пошироката публика.
ФАКТОР: Бизнисмените упорно молчеа дека државата им должи за пари, на крај Владата призна дека им должела. И покрај тоа што власта не ги почитувала законите во делот на враќањето на парите за ДДВ, сепак бизнисмените и натаму упорно молчат. На што се должат вакавите состојби во бизнисот?
ГУШТЕРОВ: Тоа што Вие го зборувате се должи на поданичкиот менталитет, кој што длабоко е всаден во душата на македонскиот бизнис. Во услови кога Владата е најголема фирма во држвата, кога Владата е најголемиот вработувач, кога Владата е најголемиот инвеститор и бизнис партнер, нормално е да постои тој страв за опстанок на фирмите и тој поданички менталитет кај стопанствениците. Стопанствениците мора да смогнат сили за да креират нови модалитети како да се спротистават на таквите политики. На долг рок таквата економска политика ќе биде погубна за македонското стопанство.
Срамно и девалвирачки беше да се биде дел од бизнис елитата на Македонија, на собирот што го имаше Премиерот со македонските стопанственици, на кој што Премиерот зборуваше за актуелноста во македонската економија. Премиерот им одржа една незаборавна лекција, за тоа како треба да се води бизнис, за тоа како треба да се превзема и оценува ризикот. И за тоа како се станува инвентивен. И замислете, наместо да отворат поширока дискусија и да ги кажат своите ставови по однос на Владините политики и за тоа што го зборуваше Премиерот, стопанствениците со наведнати глави ја покажаа нивната богата инвентивност на која алудираше Премиерот.
Излагањето на Премиерот го наградија со силен и долготраен аплауз како од времето на Сталин, кога никој немаше право на свое мислење. Мислам дека тука и лежи одговорот на вашето прашање. Би сакал навистина да верувам дека Премиерот и очекува да се смени тој поданички менталитет кај стопанствениците, инаку како би можел да очекува Македонија да има посилна и покреативна економија.
ФАКТОР: Во економски моќните држави по прaвило бизнисот ја диктира политика, кај очигледно е обратно. Бизнисмените се во грч од владините политики. Што е неопходно за да се промени вакавата состојба ?
ГУШТЕРОВ: Потребно е независно Судство и Обвинителство. Потребна е разумно бројна и професионална администрација. Потребен е брз влез во НАТО и започнување на преговори за полноправно членство во ЕУ, со што Македонија ќе добие позасилен мониторинг. Потребна е совест и враќање на етичките вредности во нашето секојдневие.
ФАКТОР: Опозицијата остро го критикува растот на јавниот долг, а Владата се држи до ставот дека Македонија е меѓу најниско задолжените земји во Европа. Што мислите Вие, може ли македонската економија среднрочно да се бори со оваа задолженост, чиј тренд изминативе години покажа раст?
ГУШТЕРОВ: Статистички Македонија не е високо задолжена земја. Но фактички со сегашното ниво на јавниот и приватниот долг, Македонија плива во турболентни води кои што лесно може да го насукаат бродот наречен Македонија. Тоа е од причина што сегашниот капацитет на нашево стопанство и нискиот раст на БДП не даваат сигурност и надеж дека без посериозни потреси или без нови задолжувања, дека ќе бидеме во состојба да го сервисираме долгот во годините што доаѓаат. Ако Македонија не обезбеди брз влез во НАТО и брзо започнување на преговори за полноправно членство во ЕУ, тешко дека ќе излеземе на крај со нашата задолженост и тешко дека ќе дојдеме до поевтини извори на финансирање.




