19 Април, 2024
0.0292

Интервју Силјановска: Еден режим се претвори во друг, Заевизмот ме мотивира да се борам

Објавено во: Интервјуа 19 Април, 2019

Добивај вести на Viber

Професорката Гордана Силјановска Давкова влезе во трка за претседател како независен кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ но, добар дел од либералите не и дадоа јавна поддршка, па дури многумина се обидоа да ја изедначат со политиките кои досега ги водеше опозициската партија. За Силјановска досега најважни аспекти во начинот на кој би ја вршела функцијата се правната држава и почитување на уставот и меѓународното право, додека пак кон владата на Заев ќе биде позиционирана како коректив, а не кочничар. За прв пат имаме обиди партиите да покажат дека кандидатите не се зависни од партиските лидери, туку луѓе со сопствен интегритет и авторитет. Сепак, нема еквивалентност кога е во прашање Силјановска бидејќи активистите, невладиниот сектор и добар дел од редовните експерти во медиумите протнуваат тези дека таа не стои добро со албанските гласачи, дека не се залага доволно за женските и воопшто човековите права и дека постои ризик да ги продолжи ретроградните политики на Иванов. За сите овие дилеми и полемики директно разговараме со Силјановска за нејзините заложби за евроинтеграции, владеење на правото, поддршка за реформи и независното извршување на функцијата претседател на републиката.

Во текот на кампањата уште од најавата на кандидатурата речиси и да немате пораки кои се наменети кон етничките Албанци. Според досегашните избори секогаш во вториот круг пресудно било за кого мнозинството од албанската етничка заедница ќе ги даде гласовите. Што очекувате вие, можна ли е поддршка од некоја етничка албанска партија, или пак од истакнати личности кои би ја дале довербата за вас како иден претседател?

Силјановска: Ако добро ја следите мојата кампања, ќе забележите дека се обраќам до граѓаните, без оглед на етничка, верска, расна, социјална или друга припадност. Значи, се обраќам како и секогаш порано кога сум настапувала како интелектуалка или професорка. Идејата за „етнички контингенти“ и пазарења ми е туѓа, и ценам дека секој глас вреди еднакво, особено на претседателски избори на кои не избираат партиите, туку поединците, граѓаните. Освен тоа, во повеќе мои обраќања сум ги споменувала Албанците, ама во контекст на сите други етнички заедници, и тоа со порака дека „сите сме на ист брод“, а бродот тоне, и тоа поради немање кормилар (а не сидро) - кој би се водел според компасот! Компасот за секоја модерна држава е нејзиниот устав, односно втемелените уставни вредности. Немаштијата, корупцијата, заминувањето на младите и вредни кадри е нешто што ги засега сите, а не само една или друга етничка група. Јас сум против етничка сегрегација и етнизирање на политиката, и тоа го имам елаборирано безброј пати и во јавни настапи и во научни трудови. Поради етнички пазарења дојдовме во ситуација на ерозија на правната држава, амнестија на криминал, итн. Мислам дека и на сограѓаните Албанци, како и на сите други им е преку глава од политиката на неказнивост која најпластично ја опишува партијата која од 2002 година до денес е најдолго на позиција на власт. Впрочем, по тие прашања мојата агенда е многу блиска до онаа на колегата Блерим Река. Кога станува збор за поддршка од еден или друг етнички блок, јас ја имам, но верувам за медиумите многу поголемо значење е ако таа доаѓа од некоја позната личност. Ете, за мене, многу поголема важност има тивката ама постојана поддршка на многуте мои студенти Албанци, нивните родители и пријатели, кои низ практиката виделе дека етикетите за наводна албанофобија, која ми ја припишуваат некои провладини медиуми во екот на кампањата, едноставно не држи. Не е битно што човек зборува, туку како се однесува кон луѓето во секојдневниот живот. Во вториот круг од претседателските избори, и сограѓаните Албанци, како и сите останати жители на Македонија, ќе мораат да си одговорат на прашањето: дали ни е добро? Дали животот ни се подобри под власта на оваа сегашна коалиција? Дали ќе веруваме со флоскулите за „Живот за сите“ додека децата си заминуваат со билети во еден правец? Верувам дека одговорот сам ќе им се наметне, бидејќи јас ниту тврдам дека сум чудотворец, ниту им ставам розови очила. Само ги прашувам дали сакаат заедно да свртиме нов лист? Сега еден, а од утре-задутре и друг, и така до конечното трансофрмирање на земјава во пристојно место за живеење (како што велеше еден мој почитуван професор и колега).

Голема конфузија вашите противници сакаат да покажат со ставовите кои ги имате кон Договорот од Преспа, од обвинувања дека вие ќе ги уништите односите со меѓународните партнери и евроинтеграциите, до тврдења дека напразно ветувате некаков вид на „ревизии“ иако сте свесни за реалноста за промена на името. Може ли да ни дадете објаснување што конкретно може да преземете за Преспанскиот договор, што понатаму со градењето на добрососедски односи и партнерство со сојузниците, како и за очекувањата на македонскиот народ за кој се тврди дека е предаден и продаден?

Силјановска: Не верувам дека постои голема конфузија. Напротив, јас ги кажувам нештата како што се, како што ги чувствуваат граѓаните, особено Македонците. Уште поважно, за разлика од оние кои преферираат политички аргументи, јас зборувам со правни факти - и за акти во кои божем се колнеме како држава. Зборувам за кршење на уставните и законските норми во текот на целиот Преспански процес, но и за кршење на нормите на задолжителното меѓународно право за колективни и индивидуални права. Интересно е што во земја која божем чекори напред, кон европска/западна цивилизација, се покажува толкава подготвеност да се жртвуваат сите вредности на кои таа почива, а тоа се токму владеењето на правото, слободата, еднаквоста и солидарноста. Како да во читанката сите застанале на Тукидид, и на неговата теза дека „моќните прават што сакаат, а слабите трпат она што мораат“. Кога би била поклоник на реал-политиката тогаш прво би требала да си ја скинам дипломата и запалам докторатот, и не би смеела да им излезам пред очи на студентите: бидејќи не можете да бидете дволичен, па како професор (или декан како што ми препорачаа) да се залагате за едно, а во практиката да правите друго. Јас не сум таква личност и не ги лажам граѓаните. Прво, никогаш не ветив нека имам волшебно стапче или дека сум монарх со апсолутна власт: мојата функција, ако ја добијам, ќе биде предмет на многу ограничувања, но сепак ќе ја имам моќта да не дозволам некои прашања да се затворат според политиката на „свршен чин“. Постојат конвенции, постојат меѓународни институции, постојат врвни експерти (за кои за жал некои мои колеги не ни слушнале, иако се во истото научно поле) - и темата за правните дубиози околу Преспанскиот договор се повеќе од јасни. Тоа што нам ни се наметнува капитулација и на акцијата и на духот е друга работа. Свесна сум дека некои очекуваат од мене да сум порадикална во ова што го нудам, ама лесно е да сте популист и да ветувате, а потешко е да бидете човек од збор, кој дава беса, и кој ќе се држи до кажаното. Би било премногу неодговорно да речам „Гласајте за мене и јас наредниот ден по стапување на функција ќе го укинам Преспанскиот договор“ - така би добила гласови, ама би го изгубила образот и кредибилитетот. Јас велам, знам зошто и како, знам и со кого, дајте ми доверба и во текот на мојот мандат ќе ги испитам сите можности за измена на оние одредби кои од нас прават не само понижен народ, туку и држава од втор ред - без еднаквост во меѓународните односи, без суверенитет и држава на која други држави ѝ се мешаат во внатрешниот поредок. Манипулацијата со јавното мислење повеќе ја гледам кај оние кои велат дека нештата се вечни и непроменливи, и дека сигурно ќе добиеме датум за преговори иако тоа не е така, и дека влезот во НАТО ќе донесе мед и млеко, инвестиции и ќе ни ги врати децата од странство.

Досега бевте предмет на многу дискредитации за личниот изглед, возраста, полот, детето. Очекувавте ли ваква валкана игра во претседателската трка. Од друга страна пак кој е вашиот придонес за фер и коректна трка со слични обвинувања кои ги добија противкандидатите?

Силјановска: Искрено, иако очекував валкана кампања, сепак ме изненади степенот на мизогинија и тоа кај оние кои се декларираат како прогресивни, па дури и кај колеги-професори. Тоа дури го нотираше и ОБСЕ. Ударот по мојот син е посебна тажна приказна, која за среќа им се врати како бумеранг на оние кои ја започнаа таа хајка. Ете, тројца кандидати сме, а ниту едно друго дете на кандидат не е ни допрено. Мојот придонес во кампањата е аргументираната полемика со моите противкандидати, без да преминам некои линии на пристојност. Не знам на што конкретно алудирате кога велите „слични обвинувања“? Јас не користам недоличен речник и ad hominem напади ни за кандидатите ни за нивните семејства, ниту пак импутирам нивна поврзаност/задоеност со криминал (како што тоа секојдневно ми го прават мене и тоа од врвот на власта, од премиерската канцеларија), ниту пак велам дека некој од нив залутал во политиката. Се разбира, поради набиената агенда и интензивната кампања која е поврзана со контакти со граѓаните, јас немам можност да модерирам коментари на социјалните мрежи, но мојот тим има добиено инструкции да внимава многу да не се дозволи говор на омраза или лични навреди кон противкандидатите. Признавам, тоа е исклучително тешко и за мене, ама и за моите противкандидати, па затоа не им се лутам ним за она што партиските ботови го сметаат за придонес во борбата за победа на изборите. И за жал, додека ние зборуваме за ниска култура на комункација за време на изборите, некои медиуми со висока репутација се вклучија во хајката наместо да бидат пример за етичко новинарство.


Вие иако сте првата жена кандидат од двете најголеми македонски партии, сепак од женските здруженија надвор од Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, како и од феминистичките активисти не добивте јавна поддршка, напротив сомнежи и обвинувања. На што се должи ова, недоверба дека ги почитувате одредбите за право на слободен абортус како избор на жената, поддршка на процесите за надминување на патријархалните стереотипи за општеството и семејството?

Силјановска: Па, зависи како гледате и како ја одмерувате таа поддршка. Јас, на пример, сум среќна што во моето најтесно окружување, во тимот на кој се потпирам, се наоѓаат помлади и повозрасни жени со различни идеолошки ориентации, но исклучително способни во она што го работат. Бидејќи сум одамна активистка во женското движење и ги знам состојбите, можам со жалење да заклучам дека поделбите, и тоа по политичка и етничка линија, се присутни сѐ уште. Некои од најнедоличните напади, па дури и закани, ги имам добиено од жени-активистки за човекови права. Но, ќе повторам, јас помалку се осврнувам на некакви колективни поддршки на здруженија (некои женски здруженија станаа доживотни и партиски обоени експозитури), а повеќе ми значи обраќањето до поединци, граѓанки и граѓани, од кои барам доверба. Вашето последно прашање е само ехо на одредена пропаганда која се води против мене: ако добро ја погледнете ТВ емисијата во која бев директно прашања за правото на абортус, ќе сфатите дека грешите, длабоко грешите што воопшто и се обидувате да ми припишете нешто што не сум го рекла, затоа што никогаш и не било мое кредо. Јас сум возрасна, ама сум жена која пораснала во слободен дух на целосна еманципација на жените, па дури е и тажно сега во 21 век да се враќаме назад на некои женски слободи и права кои биле освоени од генерациите пред нашите. Моето семејство е најдобар доказ за тоа како во практика се негуваат слободата на личноста, еманципацијата и уривањето на стереотипите и патријархалните сфаќања.

Имате ли доверба во Мицкоски, кој еден ден може да стане премиер на државата. Како ќе се однесувате кон таква влада и може ли да направиме паралели со постапките на Иванов кој воопшто не беше критичен кон политиките на Груевски, напротив беше негов сојузник, па и затоа многумина сметаа дека не е независен?

Силјановска: Соочени со предизвикот на неодговорно владеење и самовластие, коешто го нареков заевизам, сметам дека сите опозициски, критички и свесни субјекти и граѓани треба да се обединат околу справувањето со она што не смееме да го дозволиме, без оглед како се оправдува. Односите со Мицковски и со ВМРО-ДПМНЕ се крајно коректни, и тоа од самиот почеток кога јас директно и јавно, дури и на изборната Конвенција во Струга, кажав дека се нафаќам да бидам предводник на оваа политичка битка, но без никакво ветување дека ќе спроведувам нечија партиска политика, програма или да „враќам долгови“. Мојот противкандидат Пендаровски вели дека нивната единствена партија е Северна Македонија, а нас на оваа страна нѐ обединува Република Македонија, правото и правдата. Во изминатите години сум ги критикувала и политиките на Груевски и потезите на Иванов (еден од тие примери беше поврзан со реформите во високото образование и јавноста се сеќава дека бев во кабинетот на Иванов заедно со студентите за да апелираме на вето), така што мојата независна позиција и во однос на секоја сегашна и/или идна власт не може да се доведе во прашање. Во програмата неслучајно наведов дека ќе бидам проактивен претседател кој ќе се обраќа кон пратениците, кон јавноста, владата итн. секогаш кога ќе смета дека е повреден уставот и уставните вредности.

Што ќе се случи доколку во првиот круг заостанувате со гласови, очекувате ли опозициската ВМРО-ДПМНЕ да излезе со сценарио кое уште сега одредени противници го предвидуваат, односно дека ќе има обвинувања за масовни нерегуларности и одбивање да се излезе во вториот круг за да пропаднат изборите?

Силјановска: Сценарија нема, односно има едно сценарио: одиме до 5 мај, со верба дека ќе ја добијам поддршката на најголемиот број граѓани на Македонија. Примери за масовни нерегуларности видовме и на 30 септември минатата година, и видовме дека минаа неказнето, така што јавноста има основа да покаже сомнеж и да изврши притисок врз сегашната власт која е единствено одговорна за организирање фер и демократски избори. Но, нерегуларности гледаме и сега за време на кампањата, гледаме учество на премиер и министри во кампањата на страна на еден кандидат, а со напади на другите двајца. Тоа не е во согласност со највисоките меѓународни стандарди, и убедена сум дека посматрачите на ОБСЕ тоа ќе го забележат, ама и нашите партнери во Брисел. Ние сме агилни и во сите средби со амбасадори со претставници на меѓународната заедница, но и со странски медиуми, укажуваме колкаво е значењето на овие избори во светлина на стратегиските цели на државата. Се надевам дека премиерот Заев е свесен за сопствената одговорност, додека пее стари шлагери на предизборни собири.

Припадниците на партијата која ви даде поддршка обвинуваат дека има политички прогон во Македонија, дека се изрекувале драконски казни за осудените од насилствата на Крвавиот четврток, а дека СЈО гони само според партиска припадност и по нарачка. Дали ВМРО-ДПМНЕ прерасна во партија која не може да се соочи со тоа што дел од нејзините членови вршеле криминал и дека прераснува во партија која станува нивни заштитник?

Силјановска: Овој рефрен е стар, од времето на бившиот лидер на партијата, но е очигледно многу популарен кога на противникот треба да му се импутира дека е со папочна врвка поврзан со криминалот. Притоа, оние кои се „најзагрижени“ молчеа и молчат пред флагрантното кршење на сите правни прописи во оваа земја, која стана банана република, а со цел да се испорача промена на името по секоја цена, па и по цена на кршење на Копенхагенските критериуми. Селективната правда се гледа на секој чекор, вклучително и при изрекувањето и одмерувањето на казните за смртта на младата Фросина (да наведам само еден најнов пример), читањето поезија и филозофија при изрекување казни за настаните од 27 април, донесувањето на скандалозен закон за амнестија (под претекст дека се работи за помирување) заради обезбедување на двотретинско мнозинство за промена на уставот, неказнивоста на директорот на Службен весник за објавување закон без потпис на претседателот, и да не набројувам... Една стара изрека вели: правдата треба да биде извршена, и тоа да биде видено/евидентно. Граѓаните на Македонија чувствуваат правна несигурност, бидејќи законите не се применуваат на сите еднакво, па дури и содржат „каучук норми“ за нивно флексибилно применување. Од друга страна, инсистирање на принцип на некаква колективна вина (на партија, етничка или друга група) е правен нонсенс: во правото владее принцип на индивидуална одговорност, којашто треба да се докаже низ правична и фер постапка. Ако на Мицковски или мене лично ми се припишува некаква поврзаност со криминал, тоа треба да биде поткрепено со докази и да се процесира низ институциите - се друго е политика без принципи и демонизација на противникот! Особено кога тоа доаѓа од премиер кој бил аболициран и кој за време на вршење на таа функција е ослободен од вина за нешто што јавноста го виде на видео снимка, тоа е тешко за граѓаните да го прифатат како чесно и правично однесување.

Подолго време се заговараат можни измени на Уставот во начинот на кој се избира претседателот на Републиката, кој иако има огромен легитимитет од гласачите се соочува со ограничени ингеренции. За што вие се залагате, зголемени ингеренции или пак избор на претседател во Собранието со негов заменик, и како овие концепти ќе се одразат врз политичкиот живот и уредувањето?

Силјановска: Видете, јас не разбирам како може некој кој сериозно трча во претседателската трка да се залага за укинување на непосредниот начин на избор?! Тоа е нелогично! Ако веќе сме се нафатиле и се вложуваме целосно и искрено обраќајќи им се на граѓаните, тогаш не знам која би била логиката да се тврди дека е ова безначајна функција која треба да му се додели на некој за којшто ќе се договорат партиите во парламентот. Непосредниот избор на претседателот е контратежа на партизираниот систем, на партитократијата. Цел живот се залагам за воведување внатрепартиска демократија и за партиципативна демократија. Знаеме каков е изборниот систем и дека при гласање за изборни листи (на парламентарни или локални избори) граѓаните немаат можност да изберат личност, туку партија. Ова е ретка можност граѓаните, а не партиите, да го кажат својот глас и да му дадат легитимитет и право да зборува во нивно име, дури и како совест на општеството, на еден човек/жена. Свесна сум дека евентуално неуспешни избори можат да водат кон таква дебата, а таква веќе најавуваат, за жал, и некои мои колеги уставни правници. Она што јас го посочувам уште од многу одамна е дека воведувањето цензус во вториот круг е решение кое го нема во другите уставни системи и дека тоа треба да се смени. Но, изборот на претседателот на Републиката треба да остане во рацете на граѓаните.


Постои еден обид да се занемари вашето учество во Професорскиот пленум кој му се спротивстави на Груевски и на министерот Тодоров, како и залагањата кои ги имавте во Шарената револуција. Дали со ваква ревизија на ваквите ставови се загрозува поддршката која ја очекувате од неопределените гласачи, како и тие кои не се симпатизери на ниту една партија, односно дека сте биле и сте „вмровка“?

Силјановска: Велат, во љубовта и војната, сите средства се дозволени. Се чини, така го сфаќаме и политичкиот натпревар, за жал. Да, јас стојам зад сите мои минати ангажмани и ставови кои се забележани и од медиумите. Далеку пред Професорскиот пленум, уште при реформата на високото образование која ја наметна Никола Тодоров, се вклучив активно бранејќи го најдобриот интерес на науката, студентите и професорите. Тогаш формиравме едно уникатно здружение „Сократовци“ коешто функционираше околу една година, во обид да отвори дијалог помеѓу студентите и професорите, и се разбира, властите - но, останавме неслушнати. Студентскиот пленум од 2014 година беше голем предизвик за нас, професорите, бидејќи помладите се покажаа побудни и поагилни во одбраната на универзитетската автономија. Во Професорскиот пленум се здруживме од сите универзитети од Македонија, со различни статусни позиции во нашата фела, ама и со различни идеолошки и политички уверувања: важен беше интересот на високото образование! Ние дури и издејствувавме мала, ама важна победа: го натеравме тогашниот премиер Груевски да ги ревидира законските решенија кои беа донесени само неколку недели претходно, во почетокот на 2015 година. Но, тоа беше бурно време, време на длабока политичка конфронтација, „бомбите на Заев“ и „вистината за Македонија“, па она што беше интересовно здружување се претопи во протесно движење. Лично, не учествував во Шарената револуција, но како и дотогаш, отворено ги искажував моите критики кон потезите на тогашната власт, но и непринципиелните решенија и кршењето на уставот коишто произлегоа од Пржинските пазарења и преговори. Последиците ги живееме и денес, затоа што политиката надвор од границите на правото никогаш не дава позитивни резултати. Што се однесува до етикетата „вмровка“, спремна сум да ја носам гордо ако таа е поврзана за симболот на ВМРО низ нашата историја. Јас сум внука на илинденец и ќерка на партизан, па нормално е да бидам и вмровка.

Посебен третман имате кон премиерот Заев кого често ги напаѓате во јавните настапи. Дали ако победите и бидете принудени на кохабитација со актуелната влада би вршеле опструкции но, и како би биле конструктивни со оглед на важечките ингеренции?

Силјановска: Да не беше оваа власт концентрирана во рацете на еден човек и неколкумината околу него, и еден режим да не се претвореше во друг, заевизам кој едно кажува, а друго прави, веројатно немаше ни да бидам толку мотивирана за оваа борба. Ние имаме проблем со персонификација на власта во рацете на неодговорен и некадарен човек, кој не се срами секогаш кога ќе настапи пред странски медиум или форум. Со сиот респект за Стево Пендаровски, сепак противникот кој треба да го ограничиме во вршењето на власта се вика Зоран Заев и СДСМ (заедно со ДУИ). Околностите кои се вонредни прават и изборите да наликуваат на парламентарни. Свесна сум дека во настапите зборувам за потребата од деконцентрација на власта и за нешта кои не се во рацете на претседателот, но отворено зборувам дека треба да си ги вратиме институциите кои (о)станаа заробени. Кога велам ние, не мислам на една партија, туку на граѓаните и на широк фронт на критички настроени личности кои не гледаат друг излез од оваа бездна.

Х.С. 

Можеби ќе ве интересира

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“