ИНТЕРВЈУ СО ГОРАН АТАНАСОВСКИ, ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР НА ПРОДАЖБА И НАБАВКИ ВО АДИНГ: Од кризата научивме многу, идниот кадар ќе биде сериозен предизвик
Објавено во: Интервјуа 13 Декември, 2023
Деновиве разговаравме
со еден од помладите луѓе на АДИНГ кој е на висока менаџерска позиција и член
на Управниот одбор.
Горан Атанасовски е одговорен за Продажбата, Дистрибуцијата и Набавките во
компанијата. Дипломиран економист и кадар создаден во АДИНГ, компанија која за
некој месец ќе обележи 55 години постоење, која е стабилен регионален бренд во
градежната хемија и успешна македонска акционерска приказна.
Фактор: Како е да се биде економист во компанија која се декларира како претежно инженерска, каде доминираат градежните инженери, технолози, хемичари, архитекти? Вашата кратка биографија покажува дека професионалниот пат сте го почнале токму овде. Раскажете ни на кратко.
Атанасовски: Започнав во комерцијалната служба која подоцна се обедини со набавките и застана под еден чадор. Тука ги учев секојдневните операции и движења на процесите, затоа што тоа е служба која тесно соработува и се координира со производство и со продажните тимови од терен. Доаѓам од Економскиот факултет во Скопје и сум повеќе од 12 години во компанијата. Професионално пораснав овде и можам да кажам дека ние сме специфични како компанија по многу нешта. Точно е дека кај нас доминираат инженерските кадри, но имаме одлични тимови и поединци во финансиите, правните работи, маркетинг операциите, инвестиции и одржување, комерција, дистрибуција, во набавките, каде 90% од луѓето се вон техничките професии и кои даваат дополнителна креација во работата на техничките лица.
Фактор: Како е да се има одговорна позиција во ваква дејност?
Атанасовски: Системот на АДИНГ е составен од мали децентрализирани тимови со посебна одговорност на првите луѓе и широка оперативна слобода. Ова знае да создаде товар и притисок, но и задоволство од сработеното. Позицијата бара добра координација, способност да примите многу информации и умешност да се искоординирате со останатите тимови. Додека инженерите се јавуваат од терен среќни дека успеалe со апликативните или индустриски проби, вие веќе треба да планирате репро материјали и да се координирате со тимовите од производство. На крај, треба да се погрижите навремено да се дистрибуира до крајната дестинација, и можеби најважното, сето тоа навремено да се наплати.
Па така, овде неминовно ќе научите и по некое хемиско соединение, ќе се фатите себе си како невешто користите градежна терминологија или гледате со око на архитект, а кое го немате. Сепак, горд сум што сум дел од индустрија и компанија кој бара мултидисциплинарност, каде никогаш не е здодевно и која бара креативен напор од поединецот. Секојдневно се соочуваме со нови предизвици и решаваме проблеми на нашите клиенти.
Фактор: Што всушност продава АДИНГ?
Атанасовски: Накратко, Адинг е компанија за производство на хемиски материјали за градежништвото. Од широката палета на групи на производи би ги издвоил: адитиви за бетони, адитиви за цементна индустрија, материјали за заштита и санации на бетонски и армирано-бетонски конструкции и широка палета на материјали за завршни работи во градежништвото (Хидроизолации, Лепила, Фасадни материјали, Индустриски подови и тн.). И ова беше поедноставната дефиниција, а она што всушност продаваме е технологија, знаење и применски искуства преточени и вградени во хемиски производ создаден да реши некој специфичен градежен проблем.
Кога денес купувате во АДИНГ, вие добивате стандардизиран и европски сертифициран производ, лабораториски тестиран и докажан во пракса. Значи кога сте се одлучиле за нас, вие веќе сте решиле да додадете вредност и сигурност на објектот. И ова е така, затоа што нашите материјали се вградувани, тестирани, подобрувани, модификувани повеќе од половина век. Искуствата на луѓето од нашата Техничка примена и R&D тимовите се акумулирани во тие формулации и токму затоа сме препознатливи и повикани дома и надвор.
Фактор: Дали и колку се соочувате со конкуренција?
Атанасовски: Секако дека да. Присутна е сериозна конкуренција, главно тоа се реномирани балкански и светски компании меѓутоа се соочуваме и со нелојална конкуренција на домашниот пазар, каде што се појавуваат безброј компании кои произведуваат производи без да ги имаат обезбедено сите потребни лиценци и дозволи за таква дејност. Тоа ве тера да сте будни, агилни, адаптибилни и да негувате интрапретрпиемничка култура во компанијата. Нашите тимови се подвижни и расфрлани низ регионот по големите инфраструктурни објекти, но и низ секој малопродажен објект и даваат драгоцена поддршка на клиентите.
Благодарение на таа конкуренција, во изминативе години го доутврдивме нашиот „Tailor-Made“ пристап и доколку повеќе од 100 производи се редовни и се дел од стандардното производно портфолио децении наназад, дополнителни 50 производи се прават наменски и се „кроени по мерка“ само за специфични потреби на нашите партнери.Некои од нив го завршиле нивниот животен циклус и ја исполниле својата мисија, но повеќето се користат во континуитет до денес. Веројатно определбата за оваа стратегија е резултат и на самата традиција на компанијата, едноставно тој е начинот на работа. Затоа што градежништвото е полно со изненадувања и предизвици, па морате да понудите брзо и соодветно решение на проблемот и притоа да е исплатливо за клиентот.
Фактор: Ви следи јубилејна година и 55 години откако компанијата е основана. Колку е ова предност, ве прави ли горди?
Атанасовски: Долгогодишната традиција е предност но од друга страна и обврска да се одржи високото ниво на квалитет и континуитет во тоа што го работиме. Да, тоа значи падови и подеми низ времето, изграден систем на вредности, акумулирани искуства, но во малку поширок контекст онаму каде играат поголемите играчи, ова целото е занемарливо. Ние сме релативно нов пазар, нова држава и покрај наследството од периодот пред 90-тите, мораме неколкукратно повеќе да работиме за да некому се докажеме и да фатиме приклучок. Секојдневно вложуваме напор и трошиме енергија како да сме на почеток. И знаеме да се жалиме, дека не важат истите стандарди, дека не е секогаш фер, дека државата не прави доволно да не` заштити од нелојалната конкуренција дома или да не` поддржи надвор, но станавме жилави се бориме, се докажуваме и уживаме во тоа.
Фактор: Со оглед дека компанијата котира на Берза, вашиот финансиски извештај заклучно со третиот квартал покажува одлични резултати од работењето. На што се должи ова, продолжува ли тенденцијата до крај на 2023-та?
Атанасовски: Да, продолжува. Заклучно со третиот квартал, вкупните приходи бележат раст за околу 17% во однос на истиот период лани, имаме 8% раст на расходите и добивка која е поголема за околу 46%. Генерално ова се должи на инвестициите во производствените погони кои ни овозможија да го зголемиме производниот капацитет и рационализацијата и намалувањето на трошоците. Секако мора да се напомене и влeгувањето на неколку поголеми инфраструктурни проекти во регионот и се поголемото присуство на домашниот пазар кој традиционално е и најголем пазар на Адинг. Во 2023та имавме и добар прв квартал, кој пак историски гледано е проблематичен период за градежништвото, а имавме и континуиран раст на извозот.
Тука е за потенцирање одличното работење на компанијата АДИНГ Белград, како и на АДИНГ Бугарија која има сопствени производни погони, кои бележат одлични резултати и раст на продажбите.
Но ние сме посебно задоволни што овој резултат доаѓа и покрај определбата на менаџментот, да бидеме одговорни кон заедницата и нашите партнери и максимално да сме дефанзивни во нагорната промена на цените. Мислам дека успеавме во ова и оваа коректност е препознаена од нашите соработници. Од друга страна, се трудиме да одговориме на инфлаторните движења кои не погодија сите нас и да вршиме корекција на платите на вработените.
Фактор: Забележителен е растот на цената на акцијата на компанијата, а важите за компанија со редовна и стабилна дивидендна политика. Дали можете да кажете нешто повеќе околу ова со оглед дека не` следи инвеститорската јавност?
Атанасовски: Во последниот период имаше некакво померување на цената на акцијата но станува збор за мали трансакции и не би рекол дека тоа е некаков показател. Во последните 10 години редовно исплаќаме дивиденда на нашите акционери која од година во година расте, и ја прати добивката на компанијата.Трендот на декарбонизација на планетата и целите на развиените земји за нулта емисија на јаглеродни гасови до 2050-та година, отвараат безброј можности за нас како компанија. Градежната и цементната индустрија имаат сериозен удел во целото ова и тука имаме огромно поле за напредок и би рекол дека тоа е она што ветува за во иднина.
Фактор: Кое е вашето гледање на актуелните состојби, се бележи пад на градежните активности, влошени се економските услови. Како АДИНГ го чуствува ова?
Атанасовски: Работиме во некои три последователно тешки години од објективни причини кои ни се познати и точно е дека ова влијае на градежните активности. Но имам впечаток дека во јавноста поимот градежништво е премногу тесно перцепиран. Иако по професија сум вон областа, сепак градежништвото е многу повеќе од само високоградбата и можности постојат многу, особено ако се погледне и излезе надвор од нашите граници.
АДИНГ настојуваше максимално да го оптимизира работењето. Будно го следиме движењето на цените на репро материјалите и можностите и начините да се стигне до нив. Минатата година бевме сведоци на огромни пореметувања во синџирите на набавки и беше секојдневен предизвик да се успее да се оствари планираното. Мислам дека од тогаш има некакво стабилизирање на состојбата, но гледајќи околу нас, вистинското прашање е до кога ќе потрае.
Од друга страна многу поважно е што ние научивме од оваа криза. Во едно сум сигурен, дека ги подобривме секојдневните операции внатре во компанијата. Неминовно беше да бидеме подобро меѓусебно координирани, да влеземе во некоја вонредна состојба, па преку кратка и брза комуникација во текот на денот, успешно да жонглираме помеѓу барањата на пазарот, производниот процес и добавувачите.
Фактор: Како ја толкувате негативната тенденција со иселувањето, недостаток на млада работна сила? Ова е прашање кое го засега целото општество и дали го чуствувате како проблем?
Атанасовски: Дефицитот на човековиот капитал допрва ќе станува сериозен предизвик за државата, за компаниите, за сите нас. Сведочиме за процеси кои неповратно се случуваат и за кои е потребна акција. Поразителни се бројките на новозапишани студенти на повеќето од техничките факултети и итно е потребно заедничко и сериозно делување на државата, образовните институции и бизнис заедницата.
Ние вложуваме во доедукација на нашите луѓе, поддршка за нивниот личен развој, баланс меѓу работата и приватниот живот, менторство за новите стручни кадри и тн. И навистина, условите на пазарот не` натераа на драстични промени, онака како што е променето времето од пред само 3-4 години и денес, а да не зборуваме колку е ирелевантна споредбата со времето кога започнував јас или пак пред тоа.
Фактор: Резимето на компанијата кажува за решенија кои треба да помогнат во одржливиот развој на АДИНГ но и на клиентите. Како го спојувате ова?
Атанасовски: Ние имаме поставено 2 позначајни цели до 2030 година и работиме на тоа. Првата цел е фокус кон развој и истражување на производи кои ќе придонесуваат за одржлив развој. Ова е насочено кон индустријата за производство на бетони, цементната индустрија, материјалите за санации и заштита на бетонските конструкции и производите за завршни градежни работи. Втората цел е воведување на корпоративни практики за одржлива иднина на компанијата. Ова ќе значи производство базирано на 100% сопствени извори на енергија и кон ова се приближуваме, потоа целосна енергетска ефикасност на објектите, рационално користењето на ресурсите и суровините и производи базирани на еколошки компоненти.
Фактор: На крај, каде вие како млад човек ја гледате компанијата во иднина?
Атанасовски: Како компанија претпознатлива по својот квалитет и пристап кон купувачите пред се`, респектирана и претпознатлива како дома така и надвор. Потенцијалот за раст го гледам повеќе во пазaрите надвор од нашата држава, меѓутоа и на домашниот пазар во кој имaме голем простор за напредок, а тоа посебно важи за производите за широка потрошувачка кои ги решаваат проблемите на обичниот човек во секојдневното живеење.
АДИНГ го гледам и како компанија која ќе ја задржи „Tailor - Made“ стратегијата, со унапредување на стандардното производно портфолио и засилување на деловите наменети за крајните потрошувачи. Компанија која е партнер во остварувањето на зелените цели на цементна индустрија и индустријата за производство на бетони. Јаглеродно неутрална компанија, која ќе води со сопствен пример за останатите. Компанија на експерти во областите, богат и развиен R&D сектор, со автоматизирани и дигитализирани процеси. И оставено на крај, но само заради подолготраен впечаток, компанија со компетентни и задоволни вработени!
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.