Интервју со Хамати од EDYN: Младите од регионот само солидарно може да ги надминат поделбите и проблемите со притисок врз властите за итни реформи
Објавено во: Интервјуа 02 Декември, 2020
Сонот за влез во
ЕУ и ветувањето за европска интеграција сами по себе ниту ќе ги решат клучните
проблеми во Македонија и земјите од Западен Балкан, ниту сами по себе треба да
се единствен мотив и патоказ за преземање на сериозни реформи. Регионот се соочува
со слични проблеми на системска и длабока корупција, одлив на млади и
бесперспективност. Младите кои се носители на следната генерација на
општествени чинители и фактори, без оглед на идеолошката, политичка, партиска и
социјална припадност мора да работат заеднички за изнаоѓање на решенија на
проблемите, надминување на балканските спорови од минатото. За перспективите на
македонската и регионалната ЕУ интеграција разговараме со Џуела Хамати од
Албанија, претседател на Европската демократска младинска мрежа. EDYN е
организација за млади поддржана од УСАИД, ИРИ и НДИ, со над 50 членови. Хамати
вели дека треба да работиме напорно за да живееме во просперитетни и слободни
општества.
Фактор: Колку Европската демократска младинска мрежа (EDYN) како нова иницијатива која на едно место собра многу млади луѓе од регионот и пошироко може да промовира европски вредности, дијалог, изнаоѓање решенија и поврзување?
Хамати: Ова е всушност нашата мисија. Промовирање и охрабрување на дијалог, демократски вредности и инклузивност се основата на EDYN . И никој подобро од младите луѓе со отворен ум не може да го стори тоа. Соработката што ја гледаме секојдневно во EDYN помеѓу луѓе кои доаѓаат од земји кои до пред некое време војуваа едни со други како Косово и Србија, на пример, го докажува тоа. Се разбира, за надминување на ваквите силни историски поделби е потребно време, но нашата генерација е таа што ќе го направи тој прв чекор. Има многу простор за напредок во однос на овие прашања затоа што, на крајот на краиштата, сите го сакаме истото - да живееме во просперитетни и слободни општества каде што секоја личност ќе биде во состојба да ја трасира својата иднина. Сите веруваме дека демократијата е почетно место за тоа.
Фактор: Кои предизвици во актуелното окружување во соседството, особено на земјите на Западен Балкан кои не се членки на Европската Унија, треба да ги адресираат младите со оглед на проблемите со миграцијата, одливот на мозоци и намалување на човечкиот потенцијал и капитал?
Хамати: Секако, одливот на мозоци е најзагрижувачкото прашање со кое се занимаваме сега на Балканот. Тоа е нешто за што сите можеме да се согласиме. Но, повеќе би сакала да се фокусираме на причините за одливот на мозоци, наместо само да ги дискутираме како проблем. И мислам дека како и со многу други прашања, основната причина за овој проблем е недостаток на економски можности, како и неефикасни државни институции. Во подиректна смисла - младите луѓе заминуваат затоа што не веруваат дека ќе имаат добра кариера, дека можат да ја променат политичката ситуација во нивната земја дури и да учествуваат во политиката и дека власта нема да ги оштети на некој начин.
И токму тука е можноста каде што младите луѓе, како членовите на EDYN, можат да играат улога за да го намалат одливот на мозоци. И покрај тоа што понекогаш не изгледа така, младите навистина имаат голема моќ да ги преземат работите за да се сменат на ниво на политики, затоа што ние буквално сме иднината на земјата. Треба само да се организираме поефикасно, покрај традиционалните поделби во општествата и меѓу земјите што не спречуваат како млади, заедно да ја примениме нашата моќ. Но, точката за солидарност меѓу младите е клучна - сама така ние ќе можеме да извршиме вистински притисок врз политичките сили и власта, да ги преземеме политиките што сакаме да се остварат, само доколку работиме заедно.
Фактор: Во EYDN членуваат млади од различни политички, општествени и економски провениенции, што претпоставувам е обид за поттик на различноста, плурализмот на ставови и мислења. Може ли тоа да се преслика и во решавање или барем ублажување на поларизираноста на општествата во регионот и недостигот на дијалог и заеднички решенија?
Хамати: Апсолутно да! Ова е една од нашите главни цели. И, како се обидуваме да го сториме тоа? Со здружување на луѓе од различно потекло што вие ги спомнавте за да работат на проекти заедно и да споделуваат искуства под една мрежа. Во EDYN, оставајќи ги настрана своите разлики, тие треба да соработуваат едни со други секој ден за да им се посветат внимание на различните прашања што влијаат на младите. А, членовите на EDYN можат самите да увидат колку е лесно да соработуваат со оние со кои имаат различни гледишта, се додека се со отворен ум и се конструктивни. Несогласувањето е всушност потребно и корисно за демократијата навистина да функционира - но никогаш одбивањето на разговор и дебата со луѓето од другата страна за некое прашање или одбивање на соработка не се решение.
Постојат конструктивни начини на несогласување во демократијата. Но, тој процес започнува со тоа што треба да се биде доволно отворен за да се открие за кои работи вие и вашата опозиција всушност се согласувате - колку и да се тие основни. Само што започнавме да зборуваме за ваквиот пристап кон политиката во нашите земји. Затоа EDYN е многу важна мрежа, затоа што покажува преку примери како да се бориме против поларизацијата.
Фактор: Колку пандемијата со КОВИД-19 влијаеше на вашите активности, и кои лекции според вас треба да ги научиме од периодот кој измина за побрзо закрепнување како на економијата, здравствените системи, така и на унапредување на демократските процеси?
Хамати: Искрено, имаше големо влијание врз активностите што ги планиравме за 2020 година. Но, ние брзо се прилагодивме, благодарение на технологијата, успеавме да одржиме виртуелни верзии на многу од планираните активности и да ги одложиме останатите. Но, нашата мрежа никогаш не престана да работи. Во однос на научените лекции, би рекла дека многу јасно видовме што значи глобализацијата. И со неа, доаѓаат предности, но и предизвици како КОВИД-19. Глобалните предизвици бараат глобално координирани одговори. Она што е јасно е дека, без оглед дали е преку ЕУ или слични тела, треба да се координираме преку границите за ефикасно справување со ваквите предизвици.
Фактор: Како до побрза интеграција на Северна Македонија и земјите од Западен Балкан во Европската Унија, колку процесот на проширување е приоритет во овој момент?
Хамати: Јас исто така доаѓам од земја која се обидува да влезе во ЕУ со години наназад, Албанија. Јас би рекла дека одговорноста на носителите на одлуки е да прават што е најдобро за нивните земји на долг рок, а не само да го прават тоа што е најдобро за нивната политичка кариера. Во таа смисла, ЕУ очигледно сè уште претставува голема можност за подобрување на животот на луѓето во нашите земји, особено економски. Но, надвор од тоа, мислам дека не треба да гледаме на интеграцијата во ЕУ како единствениот поттик за решавање на проблемите што ги имаме во нашите земји и регионот на Западен Балкан. Не треба да постои само ветувањето за интеграција во ЕУ, туку треба самите да сакаме да ги решиме проблемите како корупција, судски реформи и слобода на медиуми. Надминувањето на овие проблеми ќе биде од голема корист за нашите општества, без оглед на статусот во ЕУ, каде со нетрпение очекуваме да се приклучиме.
Х.С.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.