26 Ноември, 2024
0.0369

Интервју со Ирина од АРНО: Со поттикот на социјалното претприемништво ќе допреме во сржта на солидарната економија

Објавено во: Интервјуа 14 Ноември, 2020

Добивај вести на Viber

Социјалното претприемништво може да одговори на многу општествени проблеми со конкретен производ и услуга, а притоа да ја задржи хуманоста, социјалната и општествена одговорност и да отвори многу можности, како за посветените претприемачи, така и за многу групи на вработени кои својата шанса за напредок во кариерата би си ја нашле токму во ваков вид на компанија. Организацијата АРНО и годинава ќе ја реализира програмата RISe Journey за поддршка на повеќе тимови од С. Македонија кои имаат квалитетни бизнис идеи со голем потенцијал, а притоа обрнуваат и внимание на општествената одговорност како неизбежна компонента. За шансите за зголемување на социјално одговорните бизнис и нивен развој разговараме со Ирина Јаневска, претседателка на Здружението за социјални иновации АРНО, која вели дека особено во рамки на пандемија доаѓа до израз колку ние всушност сме исправени пред фактот колку е важно човекот да е центарот на економијата, да има бизнис модели во кои се поставени суштински вредности кои може да донесат нови решенија и подобрување на состојбите.


Фактор: Неодамна заврши повикот за пријавување на програмата Rise Journey наменет за поддршка на бизнис идеи за поттикнување на социјалното претприемништво. Каков е интересот на младите претприемачи за развој на бизниси кои тангираат општествено одговорни процеси и каков е нивниот потенцијал?

Јаневска: Програмата односно патешествието RISE Journey официјално започна со приемот на апликации, на кој се пријавија вкупно 40 тимови на млади со многу интересни идеи за социјални и зелени бизниси. Од вкупно 40, тимот на АРНО во октомври избра 8 тима кои ќе учествуваат во 4-месечна програма. Ние веќе и почнавме, она што следува се серија обуки и разни настани,  за сега интересот е одличен. Пријатно сме изненадени на проактивноста, дел од тимовите ни побараа и материјали за читање пред самите обуки. Голем е интересот и за менторскиот дел, изгледа навистина допревме во сржта на солидарната економија, а тоа е градење заедници кои си помагаат и кои имаат заеднички интерес сите да одиме напред. Имаме чувство дека правиме нешто поголемо, нешто можеби и неопипливо во моментов. Но, ќе видиме. Моментално општествениот пејсаж ни рефлектира една убава слика во која сите си подаваме рака и сме подготвени да отидеме чекор понатаму, ќе видиме на краток и долг рок до каде ќе стигнеме. Социјалното претприемништво, солидарната економија се нови феномени во светски контекст, и кај нас ние веруваме дека експериментираме, иновираме и гледаме кој е одговорот и кои се прашањата што овие нови концепти можат да ни ги понудат. Одлично е, и АРНО многу „навива“ што имаме млади луѓе во целата приказна, ослободени од страв, расположени да пробаат нешто ново, и што е најважно мотивирани да направат нешто добро за заедниците.

Фактор: Може ли да ни опишете како ќе се одвива програмата Rise Journey и која е финалната цел?

Јаневска: Проектот RISE има регионална димензија, станува збор за проект кој ќе се имплементира следните 3 години. Одлично е дизајниран, во него навистина е инвестирана европска експертиза и е убаво замислено како социјалното претприемништво може да е мост за регионот. Проектот е осмислен да се спроведува во неколку фази, од кои се почнува со фаза на „идеација“ во која младите луѓе во тимови развиваат идеи за социјални и/или зелени бизниси, додека втората фаза се однесува на процесот на инкубација во која 2 тима од секоја земја добиваат почетен капитал да ја доразвијат својата идеја и учествуваат на регионални настани. И сето ова ќе се случува два пати, значи ќе имаме две генерации на социјални и зелени претприемачи.

Крајната цел на проектот е да понуди знаење, експертиза, но и мотивација на младите од регионот да почнат свој бизнис кој прави добро за општествата и животната средина. Во поголемата слика проектот прави напори и да ги обедини младите од регионот, рефлектирајќи ги сличните предизвици и потреби кои ги имаат младите, укажувајќи им на потребата од вмрежување, соработка, врсничка размена и заедничка визија.

Фактор: Колку пандемијата со КОВИД-19 влијаеше на промена на фокусот на младите претприемачи, дали тие имаат решенија за новите предизвици и како истите може да придонесат во закрепнувањето?

Јаневска: Искрено, тешко е проектирање на било каква бизнис идеја во време на пандемија во која на секој чекор сме во неизвесност и без опции да се предвиди иднината на било што. И ние тоа го валидираме и искрено го дискутираме со младите од програмата. Но, во рамки на пандемија ние всушност сме исправени пред фактот колку е важно човекот да е центарот на економијата, да има бизнис модели во кои во центарот се поставени вредности. Тажно е што гледаме како бизниси секој ден згаснуваат, ама не’ радува кога ќе слушнеме дека социјални бизниси успеваат жилаво да се изборат за својот опстанок. Имаме пример за еден зелен и социјален стартап од Сараево. Станува збор за млади луѓе со чиј бизнис се запознавме преку регионалниот натпревар „Зелени идеи“ (АРНО го администрира овој натпревар во С. Македонија од 2015-та). Млади луѓе од Сараево кои собираат искористени пластични ќеси (оние што ги користиме во големите прехранбени маркети) и ги рециклираат правејќи серија на производи за секојдневна употреба (несесери, мантили за дожд, футроли за сако и сл.). За време на пандемија овие млади луѓе нудат иновација и од рециклираните ќеси прават заштитни одела и друга опрема за борба против КОВИД-19. Знаеме сите (особено во почетокот) колку беше хистерична и тешка набавката на заштитна опрема, па кога разбравме за решението на kesa.bа само рековме-генијално!

Фактор: Дали за поголем развој на социјалното претприемништво е потребна промена на бизнис регулативата и има ли иницијативи како извор на креирање на политики кои треба да се поддржат?

Јаневска: Ова е многу големо прашање кое го дискутираме долго и широко со години. И тоа е во ред- само преку дискусија, споредби, добри и лоши практики ние можеме да кроиме политики. Во рамки на проектот RISE минатата недела се презентираше регионалната студија во која се прави преглед и  компарација на различните екосистеми на државите од регионот. Има и дел во кој се дискутираат и препораки, и секако се презентираат успешни приказни. На настанот јас споделив пар лични согледби и пресеци за состојбата и иднината на социјалното претприемништво. Кај нас во моментов се финализира стратегија за развојот на социјалното претприемништво, која е одличен документ со сеопфатни пристапи. На краток рок верувам дека овој документ може да е патоказ и платформа која ќе обедини многу актери и ќе даде свеж ветер на солидарната економија. На долг рок сметам дека треба дополнително да инвестираме напори да видиме дали и каква законска рамка би функционирала. Во моментов во земјата исто така го имаме проектот „Поддршка за социјалните претпријатија  (имплементиран од Ептиса во конзорциум со фондацијата Барка од Полскаи ЕКОРИС)  кој исто има амбиција да обедини многу чинители и да понуди свежи пристапи, крос-секторски партнерства и да трасира пат во кој сите би оделе во насока на градење нешто што е одржливо и обединувачко.

Без воздржување сакам да споделам (ова го посочив и на настанот) дека има толку многу елементи и пристапи што влијаат врз развојот, што немаме изговор да не работиме. АРНО соработувајќи со средни училишта од кај нас и од Европа прави напори социјалното претприемништво да влезе „на поголема врата“  во формалното образование. Не само преку нудење обуки за учениците, туку и преку креирање на дополнителни содржини, прирачници, наставни планови, обуки и за професорите. За крај, тука се и потрошувачите и свесноста за поддршка на социјалните претпријатија. Сите ние како потрошувачи секојдневно правиме избори што и од каде ќе купиме. Сметам дека во блиска иднина потребна ни е кампања во која ќе освестиме дека и кај нас има бизниси кои својот профит го користат за повисоки цели. Ете, во моментов зелениот стартап Treebanks објави дека за секое зачленување на нивната мејлинг листа тие ќе садат дрво во нашата земја. Поддршката некогаш почнува и со еден клик, со една пријава за про-боно менторство, медиумски прилог за стартапите и сл.

Х.С.


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ИНТЕРВЈУ ЛАЗЕ КАМЧЕВ, НЛБ ФОНДОВИ: Инвестициските фондови не се само за богатите, тие нудат опции за секој инвеститор

ИНТЕРВЈУ ЛАЗЕ КАМЧЕВ, НЛБ ФОНДОВИ: Инвестициските фондови не се само за богатите, тие нудат опции за секој инвеститор