Интервју со М-р Сотир Сотировски: „Потребна ни е културна ренесанса на телевизискиот екран”
Објавено во: Македонија 16 Октомври, 2025 12:45
Во време кога медиумската сцена се менува со брзина каква што не сме ја познавале досега – од дигитализацијата до променетите навики на публиката – телевизијата останува најмоќниот, но и најпредизвикуваниот медиум.
Во интервју за „Маркетинг365“ зборува М-р Сотир Сотировски, кој дел од своето формално образование го завршил во САД, а денес магистер по меѓународен маркетинг и менаџмент, одличен познавач на медиумите со долгогодишно искуство во телевизискиот сектор, креативец и продуцент, со богата регионална и меѓународна кариера, особено во делот на маркетингот и комуникациите.
Состојбата и иднината на медиумската индустрија, што можеме да научиме од успешните модели во регионот и светот, и зошто токму телевизијата – кога е вистински разбрана – сè уште има моќ да обединува, едуцира и инспирира се дел од темите на кои се разговараше.
Господине Сотировски, телевизиската индустрија во последната деценија доживеа длабоки промени – од стриминг платформите до новите навики на публиката. Како некој што со години ја следи медиумската сцена и во регионот и во странство, како го гледате идентитетот и улогата на линеарните телевизии во оваа нова медиумска реалност?
Сотир Сотировски: Телевизиската индустрија, особено во последната деценија, навистина доживеа значителни трансформации. Стриминг платформите, како Netflix, Amazon Prime, Disney+, а во нашата држава Gley како и платформите на мобилните оператори кои овозможуваат гледање телевизија на барање (on demand), значително ја променија динамиката на гледање на телевизија. Љубителите на содржина сега можат да изберат кога и како ќе ја гледаат својата омилена серија или филм, што претставува значителен чекор напред во однос на традиционалниот линеарен модел на телевизија.
Исто така, во последните години, лесно достапни се огромен број информации на веб порталите и социјалните медиуми преку пишан текст или видео, што секако сериозно влијае на намалување на гледаноста на линеарните телевизии.
Во регионот и на глобално ниво, линеарните телевизии се соочуваат со сѐ поголем притисок, и тоа од неколку аспекти. Прво, постои значително намалување на телевизиската публика, која сѐ повеќе се преместува на интернет-платформи. Стриминг услугите на гледачите им нудат контрола, избор на жанрови и програми, а и можност за прбарување, што ги прави линеарните телевизии помалку привлечното решение, особено за помладите генерации.
Но, и покрај тоа, линеарната телевизија има неколку важни аспекти кои ја одржуваат нејзината релевантност. На пример, за живо прикажување на настани, како спортски натпревари, вести или специјални случувања, линеарните телевизии се и понатаму непроценливи. Доколку погледнеме на нив од аспект на идентитет и улога, тие се уште остануваат клучни за градење на заеднички културни искуства. Со оглед на тоа што телевизијата (како мрежа) нуди програми кои ги гледаат големи групи луѓе во исто време, ова „заедничко гледање“ не е лесно заменливо.
Дополнително, телевизиите, особено тие со силен национален или локален идентитет, се уште можат да играат важна улога во формирањето на јавниот дискурс и во регулирањето на информацијата. Многу национални телевизии сеуште се гледани заради нивната способност да прикажуваат квалитетна новинарска работа и локални вести, кои се непристрасни и важни за општествениот контекст.
Се разбира, постојат и многу предизвици пред линеарните телевизии – како што се промената на рекламниот модел, финансиските притисоци и глобализацијата на медиумите. Но и покрај тоа, важно е да се истакне дека тие се уште имаат свое влијание, особено во региони каде што постојат традиции на гледање телевизија и каде што инфраструктурата за интернет-стриминг не е целосно развиена.
Конечно, идентитетот на линеарните телевизии може да се адаптира, но ќе мора да се соочи со промените во потрошувачките навики, технолошкиот напредок и новите барања на публиката. Можеби комбинацијата на традиционалното телевизиско искуство и иновациите на дигиталниот свет ќе биде патот за да се задржи нивната релевантност во иднината.
Кога ќе погледнеме кон регионот – Словенија, Хрватска, Србија, па и Бугарија – некои јавни сервиси на пример успеаја да се реформираат и да изградат модерен имиџ, блиску до младата публика. Кои од тие искуства би можеле да ни бидат корисни и применливи кај нас?
Сотир Сотировски: Да, дефинитивно искуствата од регионот нудат конкретни примери за тоа како јавните сервиси можат да се реформираат, да се модернизираат, и да станат релевантни за новите генерации, без да ја изгубат својата јавна и образовна функција. Кога зборуваме за Словенија, Хрватска, Србија и Бугарија, не зборуваме за системи драстично различни од македонскиот, туку за општества со слични предизвици, што ги прави нивните решенија уште повредни како модел.
Иако најголем дел од јавните сервиси во регионот се во држави членки на Европската унија, ние како аспирант за европско членство мораме да го трансформираме и модернизираме јавниот сервис уште веднаш, користејќи искуства и практики што секако се применливи и во Македонија.
RTV Словенија на пример ја разви “RTV 365” платформа, што овозможува гледање на содржини on demand, подкасти, мобилни апликации и стриминг во живо. Создаде многу Програми за млади, како на пример “Infodrom” – младински информативен формат со јазик и теми блиски до младите, и секако инвестираше во Професионално присуство на социјалните мрежи со кратки, привлечни формати (Instagram, TikTok, YouTube).
Хрватскиот национален сервис HRT се насочи кон Создадавање на посебни канали како HRT3, насочен кон култура, филм, документаристика и едукативна содржина. Лансираше програмски содржини како “Školski sat” (училишен час), што беа клучни за време на пандемијата, но и по неа продолжија како образовен ресурс.
Исто така HRT во последните години вложува повеќе во драмски и документарни формати со локални приказни, што ја зајакнува поврзаноста со публиката.
RTS (Србија) Инвестираше во домашна анимација, детски серии и содржини, со јасен српски културен контекст.
Да не заборавиме дека ја создадоа “RTS Planeta” – платформа што нуди пристап до сите канали на RTS, подкасти и архивска содржина, достапни на гледаќите во целиот свет
Тие исто така многу вложуваат во вклучување на млади автори и иноватори во креирањето на програмската шема.
Ако погледнеме кон источниот сосед, таму БНТ (Бугарија) предводи во брендирање и визуелна модернизација
Тие во изминативе години направија: Целосно редизајнирање на визуелниот идентитет на БНТ: нова графика, современ тон, подобрени студија; Интегрирање на младински сегменти во постоечките информативни формати и воспоставување на повеќе содржини со интерактивни елементи, со вклучување на публиката.
Генерално, доколку се анализира состојбата на медиумскиот пазар во нашата држава, добиваме општ заклучок за политичко-економската и социјална состојба во која се наоѓаме и колку заостануваме зад телевизиите во регионот, а случајот не е само за јавниот сервис. Учејќи од искуствата на веќе трансформираните и модернизираните телевизиски медиуми во регионот, а особено јавните сервиси, можеме да ги користиме нивните искуства, не само за технолошко унапредување, туку имплементирајќи ги принципите при креирање програма, соодветна и модерна промоција на истата, како и прилагодување и почитување на европските стандарди и норми.
Мои согледувања во оваа насока:
- Модернизацијата не значи комерцијализација, туку подобра комуникација со граѓаните.
- Младите не ја одбиваат јавната телевизија – тие ја одбиваат нефлексибилноста и старомодниот пристап. Кога содржината е актуелна, визуелно модерна и со емпатичен пристап, тие реагираат позитивно.
- Дигиталната трансформација мора да биде стратешки приоритет, не само технолошки чекор.
- Регионалната соработка (копродукции, размена на содржини, тренинзи) може да донесе свежина и поголем досег.
Ако МРТ ги интегрира овие елементи – особено со фокус на локален глас + дигитален јазик + јавна вредност – постои реална шанса да си ја обнови улогата во македонското општество и да стане повторно централна медиумска точка, како за младите, така и за пошироката публика.
Повеќе детали на Маркетинг365Можеби ќе ве интересира
Пријава против поранешниот градоначалник на Демир Капија за контаминирање вода за пиење
ДЕНЕСКА ПОЧНУВААТ НОВОГОДИШНИТЕ ЗАБАВИ - градоначалникот најавува активности за сите генерации
ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ со контрарезолуција во Собрание дека СДСМ лаже за мигранти
Предлог за разрешување на главниот обвинител Коцевски утре на седница на Парламентот
Штип ќе им додели „бонус“ од 100 евра за Нова година на 100 пензионери
АКО ПАТУВАТЕ КОН ГРЦИЈА НЕ ОДЕТЕ НА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН ЕВЗОНИ - најавени нови блокади, еве кога
Дејан Манасков приведен во Охрид поради физички напад на противнички тренер
Од фирма од Битола до невладина од Скопје: кој стои зад „Зимзоленд“




