Интервју со министерот Хоџа: Корона кризата ја покажа важноста на домашно произведената храна, и за граѓаните и за земјоделците
Објавено во: Интервјуа 27 Октомври, 2020
Земјоделството како една од најзастапените гранки во
македонската економија се соочи со сопствени предизвици со корона кризата. Од
една страна се зголеми побарувачката за храна, особено за таа од домашно
производство за време на карантинските месеци, а од друга постоеше неизвесност
околу транспортот, набавката на суровини и репро материјали за преработувачките
капацитети, како и за начинот на организирање на сезонската работа. Овој период
донесе и многу предизвици за новиот министер за земјоделство Аријанит Хоџа,
предложен од БЕСА во коалиционата влада. Меѓу нив беа проблемите на лозарите и
откупот на грозјето за што неопходна беше државна интервенција. Со Хоџа
разговаравме за стратешките цели за развој на земјоделството во пост-корона
периодот, за најавената дебата за приватизација на државно земјоделско земјиште
и условите за инвеститорите, за моделот на субвенции во поглед на раст, а не
само како социјална мерка, како и за искористеноста на ИПАРД средствата и
капацитетите на земјоделците да аплицираат на проекти.
Фактор: Почнувајќи го мандатот прв поголем предизвик со кој се соочивте беше откупот на грозјето и проблемите со кои се соочуваат лозарите. Ова се наталожени последици од минатите години со недостиг на квалитетна стратегија за поддршка на лозарите и нивна заштита при откупот од самоволието на поединци кои станаа премногу моќни. Како сега им помагате на лозарите но, и каде го гледате долгорочното решение на овој проблем?
Хоџа:Лозаропроизводството последните три години се стабилизира, грозјето се откупуваше од винарските визби и се плаќаше редовно. Субвенциите се исплаќаа навреме, се користеа мерки од ИПАРД за модернизирање на производството, се донесе законот за мали семејни винарии, се воведе „Зелена нафта“ и други мерки во интерес на лозарите. Проблемите за кои вие зборувате се однесуваат на годините пред тоа кога земјоделците буквално беа препуштени на самоволието на некои винарии кои го земаа грозјето, а не го плаќаа во законски предвидениот рок. Ова прекршување на договорите и законот беше толерирано од страна на минатата власт која не им ја одземаше лиценцата и на тој начин ги штитеше винариите кои не плаќаа. Таков беше случајот со ВВ „Повардарие“ од Неготино и Винаријата „Стефани“ од Кавадарци кои на лозарите им должеа близу 2 милиони евра, пари кои лани им ги исплати новата Влада.
Годинава откупот на грозјето беше предизвик поради проблемите кои ги создаде корона кризата и пореметувањето на пазарот на грозје и вино. Винариите изјавија дека имаат залихи непродадено вино и намален интерес за откуп. Оваа состојба дополнително ја влошија неповолните климатски услови кои предизвикаа да се намали квалитетот на грозјето, а со тоа и ниски откупни цени или воопшто да не постои интерес за откуп. Знаејќи ја ваквата состојба на терен од моите директни посети со премиерот Заев, како и податоците од институциите, донесовме мерки со кои го помогнавме откупот. Интервениравме во две насоки. Прво субвенции за грозјето кое се откупуваше за вино и втор пакет на субвенции за грозјето кое беше наменето за дестилат.
Грозјето е собрано, субвенциите ќе дојдат до лозарите и можеме да кажеме дека извлековме максимум од ситуацијата која годинава беше прилично неизвесна.
Фактор: Колку македонските земјоделци се погодени од КОВИД-19 пандемијата. Имате ли преглед на состојбите во изминатиот период и кои мерки се преземени?
Хоџа:Пандемијата уште еднаш ја потврди важноста на земјоделското производство, односно производство на храна. Нашите земјоделци, особено градинарите и овоштарите во текот на целата сезона имаа добар пласман и одлични цени. Добро поминаа и житариците, пченицата речиси да е откупена, а одлична цена имаа и ајварските пиперки. Во тек е бербата на јаболката кои исто така имаат обезбеден пласман. Не очекуваме проблеми и со откупот на оризот и тутунот.
Единствено на почетокот на пандемијата имаше проблем со зелката и откупот на јагнето за што повторно интервенираше државата. Зелката годинава покрај 30% повеќе насадени површини од лани, стаса за берба токму пред карантинот и додека сите држави беа затекнати од новонастанатата состојба. Ист случај беше и со откупот на јагнето но, и овде се покажа грижата на Владата, која во соработка со откупувачите и трговците, изнајде поволно решение за сточарите.
Фактор: Побарувачката на храна факт е дека е зголемена, особено во екот на карантинот и во првите квартали преработувачките капацитети работеа добро, исто и домашните брендови за храна. Има ли сега пречки во синџирите на добавувачите на домашните производители и проблеми со производството наменето за извоз?
Хоџа:Во земјоделското производство наменето за извоз и за домашниот пазар, досега нема евидентирано никакви пречки ниту пак имаме застој. Преработувачките капацитети работат непречено. Сите проблеми и застојот кој го имавме од почетокот на кризата сега се надминати и целокупното производство на храна се одвива непречено.
Фактор: ИПАРД програмата за поддршка на руралниот развој и земјоделството е многу значајна за Северна Македонија, но досега имаше проблеми со процентот на искористеност на достапните средства. Како ќе ги зајакнете капацитети на земјоделците да аплицираат за овие средства?
Хоџа:Искористеноста на средствата од ИПАРД Програмата 2014-2020 е значителна, што впрочем е нотирано и во најновиот извештај за напредок на Европската Комисија. Имајќи ги предвид прогнозите на АФПЗРР за одобрување и реализација на поднесените барања (проекти) на јавните повици во 2019, 2020 и 2021, се очекува да се искористат сите средства од Програмата.
Капацитетот на земјоделците (барателите на средства) постојано се зајакнува преку спроведување на кампања за информирање и учество на нивни претставници (земјоделски здруженија) во работата на Комитетот за следење на ИПАРД. Советниците на АПРЗ имаат дадено советодавна поддршка на преку 2.000 баратели на среадства од ИПАРД.
Фактор: Системот на субвенции долго време е критикуван дека е повеќе социјален отколку развоен и дека треба да се променат моделите за финансирање на ефикасност и производ особено во висок квалитет како за домашен така и за странски пазар. Дали според вас треба промени во опфатот на субвенциите и на кој начин тие би се реализирале?
Хоџа:Земјоделското производство секаде се субвенционира бидејќи е нископрофитабилна гранка но важна, стратешка за секоја сериозна држава. ЕУ дури 40% од буџетот го одвојува за земјоделското производство и руралниот развој. Нашите производи се наоѓаат на исти пазари со земјите членки на унијата и оттука субвенционирањето е неминовно за да имаме конкурентно производство. Социјалниот аспект мора да постои, но главно програмата е насочена кон обезбедување на развојна компонента на субвенциите. Последните три години се воведоа доста измени во делот на мерки со што се стимулираат семејните агробизниси, потоа привилегии и повеќе пари за младите земјоделци, руралните жени, за поголем развој на договорното производство или култури кои се бараат на странските пазари. Значи се води сметка субвенциите да доаѓаат до вистинските земјоделци и да се вложуваат во производството во модернизирање и зголемување на приносот и квалитетот на производите.
Во план е да имаме поголема контрола на површините, дали се обработуваат, да се исклучи можноста за злоупотреба на субвенциите без да има производство и тие да се насочат таму каде реално се искористуваат. Новите мерки и висина на субвенционирањето и овој пат ќе се носат во соработка со земјоделците преку нивни претставници како и во соработка со науката.
Фактор: Ќе биде ли потребна нова стратегија за развој на земјоделството во еден пост-корона период. Како оваа гранка ќе се развива, кои ќе бидат темелите на одржливост и како вие го гледате закрепнувањето?
Хоџа:Корона кризата дефинитивно ќе влијае врз земјоделското производство преку диктирање на трендови, да се произведува она што има поголема побарувачка, да се наоѓаат нови пазари, да се прилагодува производството на потребите на домашниот пазар и домашните преработувачи. Факт е дека домашното производство е најсигурно за граѓаните и за домашните преработувачи. Ова се надевам ќе придонесе за поголем развој на договорното производство, на кооперантските односи во кои земјоделците ќе знаат за кого произведуваат и по однапред договорена цена. На тој начин ќе има поголема стабилност и сигурност.
Исто така се надевам дека со наша помош преку мерките на МЗШВ ќе ги мотивираме земјоделците да се здружуваат, да формираат земјоделски задруги, кооперативи и на тој начин заеднички да делуваат, да зајакнуваат.
Преку алатката на МЗШВ – „Понуда – побарувачка“ ќе им помагаме да продаваат онлајн, ќе имаме едукативни работилници, медумски кампањи и други начини на промоција на мерките на Владата како и за новитети во производството, предлог бизниси, идеи за самовработување, за започнување на сопствен агробизнис или мерки како да го зголемат профитот од постоечките бизниси.
Фактор: Премиерот Заев ја начна темата за условите за приватизација на државното земјиште. Дали ќе работите во оваа насока и понатаму, државното земјоделско земјиште да биде максимално искористено со сите потенцијални, а притоа да се постават јасни критериуми за инвеститорите?
Хоџа:Отворена е јавна дебата за можноста за продажба на земјоделско земјиште. После сите анализи ќе постапиме во насока на развој, со цел целокупното земјоделско земјиште да го ставиме во функција, особено што светската пандемија ни покажа на сите дека и кога целиот свет застана, само производството на храна не смееше да сопре. Нашата држава има многу поволна клима, плодна почва, многу сончеви денови со што сите услови за земјоделско производство се исполнети. Затоа нашите идни постапки се во правец на целосно искористување на расположивото земјоделско земјиште во државна но и во приватна сопственост.
Колкава закана се климатските промени врз домашното земјоделство. Дали се спроведуваат препораките од ескспертите за мерки за прилагодување, како и за одржување на веќе воспоставените системи за наводнување капка по капка и имате ли во план нови проекти од ваков вид?
Хоџа:Климатските промени се наша реалност. Колку и порано да сме мислеле дека нема да имаат толкаво влијание врз нашето земјоделско производство, последниве години временските непогоди не демантираа. Поплави, суша, појава на град, рани и доцни мразеви…имавме во речиси сите региони. Една од мерките која се покажа како исклучително добра е авионското засејување на облаци со што се спречија огромни оштетувања од град. Исто така во мерките од ИПАРД има можност за апликација за 60% грантови за системи за наводнување, технологии против измрзнување, поставување заштитни мрежи од град и други мерки наменети токму за намалување на штетите од климатските промени.
Секако дека се работи и на прилагодување на културите кон новите климатски услови, се бараат сорти на овошки со покасно цветање со што би се намалиле пролетните мразеви или сорти кои се издржливи на суша и други карактеристики на регионот.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, грижата за влијанието на климатските промени врз земјоделското производство ја покажува и преку проекти кои се однесуваат на делот на наводнувањето и водоснабдувањето. Освен изградбата на две брани и нови системи за наводнување кои се тековни проекти, како и најава на изградба на уште една брана, МЗШВ во насока на борба со негативните ефекти од климатските промени има предвидено изработка на две студии, кои ќе бидат дополнителна основа за инвестиции во системите за наводнување со цел борба за намалување на штетното влијание на климатските промени.
Во делот на националната стратегија 2021-2027 ќе имаме јасни предлози и рамка во делот на адаптирање на производството со климатските промени.
Во земјоделството е многу присутна сезонската работа, но евидентирани се повеќе ограничувања за електронска пријава во АВРМ пред се кај помалите семејни фирми и поединци кои немаат средства за дигитален сертификат. Планирате ли вклучување во процесот на законски измени за регулирање на сезонската работа во земјоделството и што може да се подобри во системските решенија?
Хоџа: За ова прашање сме комуницирале со Министерството за труд и социјална политика и тие веќе работат на надминување на проблемот со сезонските работници, во делот на прифаќање и унапредување на нивните права што ќе биде заштитено со закон.
Х.С.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.