23 Јули, 2019
0.0113

Интервју со Мислав Галер, извршен директор на Вип: Градиме компанија во која младите луѓе ја гледаат својата иднина

Објавено во: Интервјуа 27 Март, 2019

Компанијата Вип во 2019 година влезе со амбициозен план за раст, нови инвестиции и нови функционалности. По турбулентниот период и по спојувањето, финансиските резултати од минатата година покажуваат импресивност во одлучноста на менаџментот да оствари значаен продор на пазарот, раст на приходите и на добивката. Мислав Гaлер потекнува од медитеранска Хрватска и моментално е главен извршен директор на Вип. Во интервјуто за „Фактор“ вели дека неговиот менталитет му помогнал веднаш да се приспособи на македонските услови за работа, но сепак, амбициозноста го води до успехот за напредок на компанијата и повеќе од очекувањата. Вип, компанијата што е дел од Групацијата А1 Телеком Австрија, наскоро ќе се ребрендира, а нов предизвик се и активностите во врска со 5G-мрежата.

„Ние ќе бидеме компанија во која луѓето ќе сакаат да се вработуваат, затоа што градиме сè според високи европски стандарди. Нашата цел е младите да не одат за да работат надвор во светот, туку светските услови и корпоративната култура да ги донесеме овде“, вели Мислав Галер и оваа негова амбиција преовладуваше во текот на интервјуто. Го прашав за финансиските резултати на компанијата за минатата година, според кој, 2018 година е една од најуспешните во работата.

Дали овој резултат значи стабилизација по турбулентниот период на спојувањето на компанијата?

Галер: Особено сме горди сме што реализиравме една наша амбиција, која растеше во текот на 2018 година од квартал до квартал во 2018 година. Во 2017 година поставивме реална цел,  но предвидовме скромен раст. Зошто? Компанијата беше во фаза на транзиција, со многу неизвесности, со стигма во однос на квалитетот на мрежата. Затоа проектиравме одржлив раст што може да се оствари. Веќе во првиот квартал стана јасно дека резултатите ќе бидат над проектираното, па ги зголемувавме проекциите. Обично приспособувањата одат надолу, затоа што тешко е да се оствари амбицијата, но сега, за наша среќа, тоа не беше случај. Успеавме да постигнеме значителен раст во сите финансиски сегменти и повеќе од очекуваното. Приходите од 119 милиони евра пораснаа за 4,5 проценти. Она што е фантастично е тоа што имаме постигнавме двоцифрен раст или попрецизно 17,7% на EBITDA, достигнувајќи 35,4 милиони евра EBITDA. Пред оданочувањето и каматите направивме вистински пресврт, завршувајќи ја годината со 9 милиони евра што споредено со минатогодишната негативна цифра пред оданочување и камати. Како компанија бевме одговорни и одмерени, рационални и балансирани. Направивме рестрикции што не ги почувствуваа ниту корисниците, ниту нашите вработени. И покрај тоа, во 2018 година инвестиравме идентичен износ во нашите операции во споредба со претходната година, дополнително оваа година постигнавме големо достигнување во нашата долгорочна стратегија, се вселивме во нови простории што ги доведоа нашето работење на повисоко ниво имајќи го предвид фактот дека повеќе од 700 вработени сега работат во еден од најмодерните  објекти во земјата.

Значи, да сумирам, имаме значителен раст на приходите што доаѓа од двата сегменти ‒ од мобилниот и од фиксниот сегмент. Од фиксниот сегмент е логично затоа што и инвестираме повеќе, бидејќи во овој дел имаме повеќе можности за развој. Ние забележавме раст на приходите во мобилниот сегмент, па, оттука, создадовме предиспозиција да може да реинвестираме. Имаме стабилни финансиски резултати, што се резултат на иновативниот пристап што го имаме прифатено, конкурентните понуди и грижата за корисниците и постојаните вложувања во нови и подобри производи и услуги за нашите корисници. Уверен сум дека ќе го задржиме позитивниот тренд во работењето и дека ќе ги оствариме очекувањата на Групацијата.

Ова е една солидна база. Кои се вашите очекувања за 2019 година? Кои се вашите планови за оваа година?

Галер: Кога дојдов овде, немав високи амбиции, односно поентата беше да се спаси компанијата. Се консолидиравме и природно беше сами да ја поставиме високо нашата амбиција. Луѓето добро менаџираа, јас исто така и растевме побрзо од очекуваното. За 2019 година повторно ја кренавме границата реално високо.

Како и секогаш, нашите корисници може да очекуваат услуги што соодветствуваат на нивните потреби и барања. Деталните анализи што ги правиме ни овозможуваат на секој корисник да му понудиме услуга што соодветствува на неговите потреби за комуникација и да добие севкупно врвно корисничко искуство. Ќе продолжиме да ги нудиме на пазарот најновите достигнувања во мобилните уреди, да нудиме иновативни производи и понуди за корисниците. Ни претстои навистина возбудлива година во однос на новитетите што планираме да ги воведуваме со уште повеќе иновации, повеќе вредност, и верувам дека Вип ќе биде прв избор за комуникација меѓу македонските корисници.

Ќе бидеме одговорни, а што се однесува до инвестициите во мрежата – откако ја стабилизиравме мобилната мрежа, нештата сепак не застануваат тука. Имаме уште неколку клучни области, а доаѓа и 5G-мрежата. Секако, оваа година дел од инвестицијата ќе биде и за подготовка за 5G-мрежата.

Сега се фокусираме на фиксната инфраструктура.

Кои се тие инвестиции? Треба ли да се очекува зголемување на понудите на фиксните услуги?

Галер: Ние ги нудиме сите услуги од мобилната и од фиксната телефонија во смисла на услуги за разговори, интернет и ТВ, а во ТВ-услугите сме доминантни на пазарот. Она што ќе го направиме е унапредување на одредени функционалности на нашите сегашни услуги, со тоа што ја менуваме  LAN-мрежата за DOCSIS, односно кабелската инфраструктура ја заменуваме со оптичка и на местата каде што немаме сопствена мрежа, а  планираме да поставиме оптичка инфраструктура во нови  12,5 илјади домаќинства оваа година.  Кога имате оптичка инфраструктура, вие практично работите со „future proff“ технологија  и можете да воведете некои услуги од типот IPTV, со сите функционалности, односно можности за снимање, враќање од почеток, и опцијата „Pay-per-view“. Ова ќе биде воведено годинава.

Сè повеќе се зборува за 5G-мрежата. Може ли да се очекува наскоро?

Галер: 5G-мрежата е комплетно нов начин на живот. Тоа е една револуционерна промена, многу пореволуционерна од промената од 2G на 3G и од 3G на 4G. Револуцијата на 4G-мрежата ја почувствуваа корисниците затоа што и паметните телефони прилично еволуираа во последните десет години, па корисниците добија нови функционалности. 5G-мрежата носи нешто сосема друго. Ќе има поголема брзина, буквално во реално време ќе успевате да репродуцирате некоја содржина или некој волумен. 5G-мрежата е предиспозиција за конечно комплетна синхронизирана комуникација помеѓу машините и луѓето. Сите уреди во нашето домаќинство ќе може да комуницираат со нас и, дефакто, ќе предвидуваат кои се нашите навики и што всушност ние сакаме. Денес ги имаме Сири и Алекса, но утре ова ќе биде секојдневна работа во секое домаќинство. 5G-мрежата ја носи токму таа можност. За денес да ги ползувате сега достапните предности, вие треба да имате скап уред, но со 5G-мрежата, тие ќе бидат навистина распространети, како што го дишеме воздухот. Машините ќе учат, ќе комуницираат. Кога ќе биде имплементацијата? Лично не очекувам многу брзо, затоа што пазарите не се технолошки подготвени да го искористат целиот капацитет на 5G-мрежата, но се разбира дека ќе започне имплементацијата, затоа што ние веќе во 2020 година очекуваме дека во одредени сегменти ќе може да ја користиме нашата 5G-мрежа, односно инфраструктурата што ќе работи на 5G-мрежата. Во 2019 година ќе тестираме некои решенија.


А кога е во прашање дигитализацијата, што прави Вип во таа насока?

Галер: Тоа е популарно, поимот дигитализација се всади во нашиот вокабулар. Сите учиме за тоа. Што сакаме да постигнеме? Ние може да се дигитализираме интерно за да успееме на некој начин да создадеме додадена вредност за нашите корисници; може да се дигитализираме за да бидеме пример и репер за пазарот, но важно е да тргнеме од почеток. Да создадеме платформа, па да се менуваме. Во секоја смисла. Ако гледаме интерно во рамките на компанијата, тоа може да биде технолошки, но и културолошки, па да се воведат нови вредности на работењето. Ако се дигитализирате само технолошки, а луѓето не се снаоѓаат во тие решенија, тоа ви е како да имате супер машина, но не знаете да ја управувате. Не е едноставно, па затоа мора паралелно да учиме. Она што може да го направиме е да го поедноставиме нашето работење преку дигитализацијата. Телекомуникациите се комплексни, нудиме производи и услуги кои додека се активираат, поминува огромен број точки што се меѓусебно поврзани. Ако се прескокне една, тоа подоцна ќе се покаже како грешка. Важно е да се напомене дека ако има, на пример, 50 чекори од почетокот до завршниот дел на производот, со новите дигитални апарати треба да има, на пример, пет чекори. Тоа е еден начин на дигитализација и трансформација. Откако ќе го постигнеме тоа, може да се фокусираме на некои други работи, затоа што целиот процес се поедноставува. Инаку, нашата крајна цел е да стигнеме до еден клик за активација. Целта на дигитализацијата и на трансформацијата е да дојдеме до фаза во која нашиот корисник ќе ги користи услугите на сосема едноставен начин.

За да ги менуваме работите, мора да постои тој технички момент, но и едукативен момент, а ние во тоа вложуваме многу. Постои огромен јаз помеѓу традиционалниот и новиот начин на работа. Затоа мора да имаме платформа за овој начин на учење.

Градиме компанија во која работат луѓе што создаваат корпоративна култура базирана на едноставни вредности, но и постење на желба за учење, организација во која не постојат бариери да се менуваат работите, способност да го слушнеме гласот на нашите вработени, да бидеме флексибилни. Едноставно, градиме компанија во која младите луѓе ја гледаат својата иднина. Вип е модуларна компанија, бидејќи има просторија во која слободно можам да се одморам. Не постојат рамки, нема класични состаноци.

Веќе споменавте дека се преселивте во нова зграда. Зошто и што ви значеше тоа?

Галер: Традиционалниот начин на работа е корпорацијата да биде над сè, а сè да биде во служба на корпорацијата. Сфативме дека тоа не може така. Новите начини на работа и новите генерации не може да бидат затворени во некакви ригидни системи. Во новата зграда го отворивме просторот, нема бариери помеѓу катовите, помеѓу луѓето, помеѓу хиерархијата, ниту, пак, има бариери со надворешниот свет. Работиме според агилен начин на работа. Нашите врати се отворени за нашите корисници и за секој оној што сака да дојде. На тој начин се поврзуваме и со пазарот.

Кога ќе се случи ребрендирањето и што ќе донесе?

Галер: Ние го најавивме и ќе се случи наскоро. За нас, тоа е нова етапа и логична екстензија на сето она што го направивме во претходните три-четири години. Споивме три моќни компании на пазарот и спроведовме исклучително комплексна операција на која многу се посветивме, бидејќи сите три компании беа различни, а ние создадовме една, и тоа со успешна приказна и една корпоративна култура. Да, ребрендирањето допрва ќе следува и ќе има многу изненадувања за корисниците.

Вие сте од Хрватска. Како се приспособивте овде, како гледате на условите за работа во оваа земја?

Во Македонија сум година и половина, а инаку не сум од континентална, туку од медитеранска Хрватска. Затоа можеби и се приспособив побрзо, затоа што тој менталитет е поблизок до вашиот. Станува збор за вашата гостопримливост, и го потврдувам тоа. Тоа многу ми помогна за да се приспособам. Во Македонија е лесно да дојдеш и да бидеш прифатен, и тоа на повеќе нивоа, отколку на кое било друго место. Работев и на други пазари, но овде е одлично ако мериме според тоа како бев прифатен, односно немав бариери за да се борам и за да се приспособувам. Колегите се шегуваат со мене дека јас сум поголем Македонец од сите други. Лесно е да се работи, но има и тешки моменти. Сакам да нагласам, на вработените им треба повеќе за да покажат одлучност дека некои работи може да се променат. Ние го докажуваме тоа и ни оди брзо. На секое дружење им велам: „Ова е ваша компанија“. Јас сум на мандат, па затоа ги советувам дека компанијата треба да се чува, треба да критикуваат, но и да бидат одлучни во менувањето на работите. Сакам да се опуштат, ама вистински да се опуштат. Со сигурност можам да кажам дека ги имаме најдобрите кадри на македонскиот пазар, а како една од најголемите странски инвестиции во Македонија, нудиме и одлична можност за професионален развој, и тоа не само во рамките на Вип во Македонија, туку и во рамките на Групацијата А1 Телеком Австрија.

Како компанија, ние даваме поддршка на државно ниво и, економски гледано, ги поддржуваме сите иницијативи – имаме намера и натаму да инвестираме.


Александра Томиќ

Можеби ќе ве интересира

Јовановски: Независноста на судиите е најслабо оценета, неопходни се темелни реформи

Јовановски: Независноста на судиите е најслабо оценета, неопходни се темелни реформи