25 Ноември, 2024
0.0501

Интервју со Поповски - Дака холдинг: Прво бидете човек, а потоа бизнисмен

Објавено во: Интервјуа 05 Јануари, 2021

Добивај вести на Viber

Компанијата Дака холдниг постои 30 години, а од минатата година излезе со свој производ во Европа - микропроцесори за сите типови лифтови со бесконтактни системи на управување што придонесува да се избегне бучавата. За таа цел беше формирана и посебна компанија Microdel GMBH со седиште во Берлин, Германија. Во интервју за Фактор, Димче Поповски, сопственикот на Дака холдинг вели дека преку германската компанија на светот му нудат уште една иновација која е единствена во светот. Станува збор за Trinity Smart Display System со чија помош луѓето кои се во лифтот добиваат информација од самиот микро-процесорски систем, дали е лифтот исправен, кога последен пат е извршено стручно сервисирање и дали поседува техничка дозвола за негово користење.

Улогата на бизнисот во едно општество и во една држава, зошто е значајно?

Поповски: Во Македонија, поимот бизнисмен е повеќе на црната отколку на белата листа. Тоа, за жал не е необично, зошто бизнисот кај нас се врзува секогаш за негативни асоцијации. И тоа е една од поголемите трагедии на нашето општество. Имено, претприемачите се двигатели на секоја заедница и средство за развој на било која средина, бидејќи тие се подготвени нешто да преземат-тие го менуваат светот, го преобликуваат и создаваат иновации. Истражувањата покажуваат како еден од дванаесет луѓе на светот е природен претприемач. Тоа значи дека тие се ретки личности кои имаат натпросечна храброст и силна желба за развој и напредок. Додека многумина имаат изразена потреба за сигурност, во смисла да работат за некој без ризик, претприемачот е тој кој сака да биде „сам свој мајстор" и да управува со своето време и со животот, а од друга страна сака да ги собери ресурсите за реализација на неговите идеи.

Најуспешните стопанства ширум светот во најголема мера зависат од бизнис иницијативите, посебно од малите и средните компании, кои чинат околу 90 отсто од работодавачите во развиените земји. Но, не е само тоа. Тие се важни заради создавање на средната класа која е важна, не само во стопанска смисла туку и во политичка. Имено, тоа се луѓе кои ги менуваат нештата, кои не сакаат да трпат глупости и заради тоа се, во финишот, поборбениот дел од популацијата. Не се устручаваат да го кажат своето мислење, не се плашат да се залагаат за своите интереси. Врзано за Македонија денес, мислам дека ова е многу голем проблем. Претприемачкиот слој е истенчен! На дело е запоставувањето на средната класа и фрлањето на црна сенка на бизнисот како мафија и зло во свеста на просечниот жител и тоа се два сериозни проблеми со кој цел систем треба да се позанимава ако сакаме брзо да тргнеме некогаш напред. 

Кај процесот на менување на перцепцијата за бизнисмените во јавноста - треба ли државата да прави повеќе или тоа зависи од самите граѓани?

Поповски: Секако, граѓаните е нужно да се запознаат со бизнис културата воопшто. Државата прави напори да ги дефинира своите долгорочни стратегии за развој во таа сфера, но и бизнисмените мораат да учат како да препознаат знаци на развој кои државата би можела да ги поттикне. Лошо е во секоја една држава во која најголем вработувач е државата. Наместо тоа, треба да се создадат услови во кои многу мали инвеститори ќе тргнат да ангажираат и време и енергија и приватен капитал и да стартуваат нови бизниси. 

Ќе се послужам со еден наш пример. Фондот за иновации на самиот старт ми даде надеж дека можеби нешто кај нас ќе се менува, но кога видов што се случуваше од старт, кој се доби средства за иновации, искрено се смеев. Проекти кои не се базирани на вистински иновации, а резултатот е евидентен, само мал број на исклучоци кои зедоа средства успеале да направат turnover.

Неодамна бев гостин на еден настан кој го организираше Амбасадата на САД во Македонија, каде зборував на тема за мојот пат на успехот и за предизвиците. По мојот настап ми се јавија многу млади луѓе кои раскажуваат како и покрај доброто образование и знаењето, тешко можат да бидат тука препознаени. Мојот одговор за тие млади луѓе се сведува на сугестијата да не чекаат „големиот брат" нешто да реши. Овде не се создадени услови да се препознае вреден ресурс. Овде мора да се борите сами. И во вакви околности и колку грубо да звучи, ги мотивирам паметните млади луѓе да излезат надвор од границите, буквално да заминат.

Доаѓаме до прашањето: Како системот да создаде услови во кои претприемачите во Македонија ќе се почувствуваат пожелни и добредојдени, да се поттикнати и да даваат резултати? Преку Фондот за иновации?!? Преку начинот на кој тој демотивира иновации? 

Кај вистинските успешни бизниси нема успех преку ноќ. Обично зад таков успех има десет години на работа и труд. За жал заради финансирање на квази иновативни идеи, живееме во култура на Big Brother Reality заради кои постои уверување за успех "преку ноќ" со "наградување" на неиздржани идеи. Во нормалните општества, тоа не е така. 

Затоа мора да создадеме атмосфера на еднакви шанси. Бизнис културата се развива токму во култура на еднакви шанси, каде што секој препознава дека условите за игра се фер, дека се поттикнува квалитет, се цени вистинска иновација и се мерат резултатите...и конечно дека успехот не зависи од политиката, непотизмот или било какви други циркуси. Кај нас со години, многу години има премногу такви циркуси, а недоволно вистински претприемачки иницијативи. Заедно со недостатокот на таква бизнис клима имаме и голема бирократија заглавена во времето на диносаурусите. И во спрега со различни интереси, се трупаат "лажни" претприемачи. Во тој правец мораме да се одлучиме за радикални резови, инаку уморни сме и ние кои веќе имаме место на глобалниот пазар, ќе ги спакуваме компаниите и ќе ги преселиме кај оние кои таму сме ги создале на здрави основи во опкружување со вистинска бизнис култура.

Корона кризата запре некои процеси, инаку во овој период мојата компанија, која беше селектирана од Бостон Универзитетот во соработка со Американската агенција за поттикнување на бизнис и иновации и веќе имаше презентација пред бизнис-ангелите на другата страна од Атлантикот, ќе беше целосно насочена кон тој научно-истражувачки свет кој му се поклонува на бизнисот ако е во сферата на иновациите. 

  

Вашата компанија постои 30 години, а од минатата година излезе со свој производ во Европа. За таа цел формиравте своја компанија Microdel GMBH со седиште во Берлин, Германија. За каков производ станува збор?

Поповски: Станува збор за микропроцесори за сите типови на лифтови со бесконтактни системи на управување што придонесува да се избегне бучавата која досега произлегуваше од самите контактори. Поедноставено, микропроцесорското контролно управување претставува мозок на лифтот бидејки преку него се изведуваат сите операции. Тој е најглавна компонента и без него лифтот не може да функционира. Досега сите микропроцесорски управувања во составот имаa контактори (компоненти) кои што извршуваа одредена активност во состав на микропроцесорското контролно управување и правеа одреден звук. Сега го имаме првото микропроцесорско контролно управување со безконтакторски систем кој што при работа не произведува никаков звук. Тоа значи дека во објектите каде што се поставуваат лифтовите се бесшумни. Досега овој наш иновативен систем е имплементиран во повеќе од 800 лифтови.

Со нашата германска компанија на светот му нудиме уште една иновација, можам слободно да речам единствена во светот. Станува збор за Trinity Smart Display Systemсо чија помош луѓето кои се во лифтот добиваат информација од самиот микро-процесорски систем, дали е лифтот исправен, кога последен пат е извршено стручно сервисирање на истиот и дали истиот поседува техничка дозвола за негово користење. Важни информации за да знаете дека сте безбедни.

Во моментот активно работиме на микропроцесорското управување и во фаза на тестирање ни се лифтовските LCD дисплеи кои што се дел од системот наречен IQ лифт, систем коишто овозможува непречена директна говорна и визуелна комуникација помеѓу патникот во лифотот и сервисната лифт служба во случај ако дојде до заглавување на лифтот. Истиот тој дисплеј преку интернет конекција, која што ја има во себе, се конектира со мобилниот телефон на сервисерот за лифтовии преку него може да се врши мониторинг наработата на самиот лифт.

На кои пазари конкретно се пласираат вашите производи?

Поповски: Иновативните системи на ДАКА (дисплеј, микро-процесорско контролно управување иа аugmented reality) во моментов ги пласираме во Германија, Данска, Шведска, Грција, Србија. Австрија, Швајцарија, Тунис, а преговараме и со една мултинационална компанија која што во моментов е заинтересирана комплетно да го откупи системот на augmented reality. Исто така веќе неколку месеци активно работиме за пласман во Америка, што претставува огромен потенцијал.

Што очекувате од Вашите иновации во Новата 2021?

Поповски: Од Trinity Smart Display System очекуваме да ни порасне продажбата на лифтови за најмалку 100 отсто оваа година. На пазарот сме и единствената компанија која што нуди можност за мултимедијални лифтови. Станува збор за дигитално рекламирање во новото време - Multimedia Digital Signage. Лифтовите сакаме да бидат убав, а не клаустрофобичен простор за транспорт. И времето поминато во лифт да биде корисно. Патниците да добиваат информации, да слушаат музика, да имаат опции за бирање што сакаат да гледаат или слушаат. А на оние кои се задолжени за лифтовите, а тоа се станбените заедници, компаниите или приватни лица, да можат да заработуваат од рекламирањето во нивните лифтови. Во тој случај одржувањето на лифтовите им станува бесплатно, а може да носи и екстра профит. Целта ни е да создаваме голем круг на задоволни клиенти и тој круг да завршува и повторно започнува со можност да се профитира. Со доработка на софтверскиот дел одлучивме да влеземе во една друга сфера на дигитален маркетинг, нешто што во моментот го движи светот, па преку германската компанија нудиме IQ дисплеи за аеродроми, метро станици, болници, јавни институции, шопинг центри. Наскоро ги носиме и првите такви дисплеи на Балканот, па тогаш ќе споделиме нови интересни информации, наменети токму за овој пазар.

Сега веќе минатата 2020 година, беше необична година. Како вие ја оценувате?

Поповски: Ако го колнеш мракот, пробај запали барем една свеќа. Живееме во опкружение во кое сé се базира на страв. На страв од мислење, страв од јавен говор, страв од решавање на проблеми, страв од Ковид 19, страв од луѓе, страв од вистина... 

И се чекаме од некој друг. Некој друг да дојде и со волшебно стапче нешто да реши. Јас сум од луѓето кои не чекаат, туку превземаат активности. Првата промена започнува со работа на себеси. Познатиот афоримзам вели: Биди промената за која сонуваш!

За мене животот е игра. Затоа обожавам музика и свирам клавир. Го имам клавирот во мојот деловен објект, за да ме олабави од мислите. А ако животот ми е игра, тогаш бизнисот ми е шах игра. Уживам додека работам. Но, жал ми е што на Балканот се пати од ограничени амбиции. Затоа мора да ги инспирираме барем младите генерации дабидат амбициозни и подготвени за глобалнипредизвици. 

Неодамна бев судија на Демо Денот на ПРЕДАплус фондацијата каде 12 нови стартап идеи пишуваа презентации кои ги оценувавме и врз база на тоа се избраа најдобрите три. Ги следев со внимание. Некои од нив имаат шанси, некои мора да продолжат да работат на себеси. Морада ги насочиме луѓето на креативна работа и да го јакнат својот багаж на самодоверба. Толку многу потребен. Од личен пример знам дека тоа е возможно. Се враќам на ПРЕДА и Демо Денот за проектот "И од Битола се може". 

Сјаен дечко со иновација за апликација за пристап во згради. И креативност и иновација. Но, најважното доаѓа....како да се пренесе тој концепт на пазарот.

Ни доаѓаат странци и ни зборуваат, на пример, како Охрид е прекрасен, како Пелистер е фантастичен, како нашите млади информатичари се генијалци....а ние сами во себе си не веруваме.

Да се вратам на прашањето, каква беше 2020? За мене оптимистичка. Оптимизмот е природа на бизнис делувањето.

Во ДАКА во изминатата 2020 работевме на иновација како да ги направиме лифтовите безбедни од бактерии и вируси. Ние во кризата видовме шанса. Затоа цврсто тврдам дека нема глупост во бизнисот, има само храброст. Иако не успеете имате секогаш нова шанса. Кај нас за жал уште еден парадокс. Ако еднаш не успееш како претприемач, доаѓа до социјална дисквалификација, никој повеќе не ти верува. Во Америка, храбрите деловни промашувања ги прават попаметни, а грешките им се средство за учење. Таква култура мора да развиваме. Темеле на на супероптимизам и нанадеж. Со други зборови: ако не успеам овој пат, ќе успеам следниот.

Сакам да живеам во Македонија во која оптимизмот ќе биде еден од главните извори на бизнис енергијата и во опкружение во кое државата создава услови за да се реализираат амбициите и личниот потенцијал на паметните луѓе.

Бизнисот се темели на меритократија, односно на успех според заслугите и во праведна борба во која сите имаат исти шанси и важат исти правила. Ако играме фудбал и вие сте во водство, сигурно не би сакале да се сменат правилата и вие да изгубите, зошто во второто полувреме ќе играме ракомет. Вистинското претприемништво нужно вклучува ферплеј.

Задача на граѓаните во една нормална држава е освен вложувањето во претприемништво, со своето дејствување да создадат услови во кои способноста, работата и знаењето ќе даваат резултат, и ништо друго.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.