04 Мај, 2024
0.0266

Интервју со Стефан Ханџиски, директор на ASURA Group: Нашата работа е речиси невидлива, но кога не ја работите добро, недостатоците се многу очигледни

Објавено во: Економија 02 Април, 2024

Добивај вести на Viber

Групацијата АСУРА e основана 2005 година. Главно дејствувате во Јужна и Југоисточна Европа. Од кога работите кај нас?

ХАНЏИСКИ: Во Македонија сме од крајот на 2009 година, а тоа се веќе 15 години деловно работење. Горди сме што обезбедуваме сложени решенија за различни индустрии: малопродажба, логистика, производство, канцеларии итн. Навистина имаме широк спектар на услуги.

За Вашата дејност се вели дека е работа што е невидлива, но која најмногу доаѓа до израз кога недостига. Кој е фокусот на дејствување на групацијата АСУРА и кажете ни нешто повеќе за Вашата компанија.

ХАНЏИСКИ: Да. Нашата работа е речиси невидлива, но кога не ја работите добро, недостатоците се многу очигледни. Да го земеме за пример техничкото одржување на објектите. Деловните простории се пријатни сè додека функционираат клима-уредите или греењето, осветлувањето и кога можете да ги измиете рацете во тоалетот. Освен техничкото одржување, тука е и хигиената. Нашите работници вредно работат преку ден, а по потреба и во текот на ноќта за корисниците да можат да влезат во безбеден и чист простор или да гледаат во околина каде што дрвјата се поткастрени и нема ѓубре, или во зима да биде исчистен снегот на патиштата. Кога би нè немало и кога не би ја работеле својата работа, тогаш зградите многу бргу би станале непријатни за живеење и престој, нечисти, со скршени прозорци и темни.

Досега сте познати како компанија која се грижи за комплетно одржување на деловни објекти. Кажете ни нешто повеќе за искуството на Вашата компанија во оваа област кај нас?

ХАНЏИСКИ: Во Македонија, како и на другите активни пазари: Србија, Црна Гора, Хрватска и Словенија, нудиме услуга што ја нарекуваме интегрирано одржување на објектите. Услугата што им ја нудиме на нашите партнери опфаќа: техничко одржување, инфраструктурно одржување (хигиена и околина) и физичкo обезбедување на објектите за кои се грижиме. Идејата е на сопственикот или на корисникот на недвижноста да му се понуди еден добавувач, едно место за комуникација што ги обединува сите овие услуги. Едноставно кажано, се грижиме за сите делови на зградата од покривот до подрумот, како и за безбедноста и здравјето на лицата во тие згради со одржување на хигиената. Сето ова е многу важно за сопствениците кои сакаат да уживаат во придобивките на својот имот, знаејќи дека нивната сопственост е безбедна и во сигурни раце. Нашата цел не е само одржување на вредноста на имотот, туку неговото функционално подобрување и зголемување на неговата вредност.

Ние опслужуваме различни индустрии. Во Македонија многу сме посветени на малопродажната индустрија каде што се грижиме за целиот трговски центар „Ист гејт мол“ и голем број други објекти во сопственост на групацијата „Балфин“, како и за неколку објекти во сопственост на нашиот партнер „Тинекс“, моловите „Лиса“, „Зебра“ и „Годи центар“. Исто така, го поддржуваме и канцеларискиот сегмент од индустријата за недвижности, каде што се грижиме за голем број канцеларии на странски и домашни компании.На пример, минатата недела договоривме одржување на деловните центри „Челзи“ и „Менхетен“ во сопственост на СМС Шопс. Меѓу нашите поранешни и сегашни клиенти се и: ОБСЕ, „Триглав„, „Нестле“, „Ериксон“, НЛБ, Граве, САВА Осигурување, ЦИСКО и многу други регионални и глобални компании. Еден сегмент, кој е особено развиен во Хрватска, каде што сме лидери на пазарот со повеќе од 300.000 квадратни метри за коишто се грижиме, е одржувањето на логистичките центри. Логистиката допрва почнува да се шири во Македонија и верувам дека тука ќе имаме многу успеси во иднина.

По што се разликувате од другите конкурентски компании?

ХАНЏИСКИ: Заради силниот пораст на деловно работење во последниве неколку години, ние првенствено го гледаме и се концентрираме на нашиот развој, што не ни остава многу простор да зборуваме за конкуренцијата. Не можам да Ви кажам како се разликуваме од другите, но можам да Ви кажам на што се фокусираме. Прво − нудиме безбедна услуга и се обидуваме да водиме на пазарот во одредени сегменти. Ние сме „продавница за сѐ“. Не нудиме само одржување хигиена, ниту само техничко одржување, туку имаме севкупно решение кое е целосно приспособено на нашиот клиент. Ние, во голема мера, сме ориентирани кон технолошката трансформација на нашата компанија и се обидуваме на клиентите да им понудиме нови, иновативни пристапи за решавање на нивните проблеми. Второ – веруваме во нашите луѓе. За потребите на нашето работење вработуваме управители на објекти (инженери по градежништво и по електротехника), техничари (греење, вентилација и разладување, водоинсталатери, електричари) и лица за одржување хигиена. Внимаваме да ги избереме најдобрите и најквалификуваните работници кои се достапни во моментот и добро се однесуваме со нив. Убаво е да се работи во групацијата АСУРА. Работата понекогаш може да биде многу напорна, но бидејќи атмосферата е добра и често се смееме, сѐ оди лесно. Затоа велиме дека нашата работа ја движат нашите луѓе (анг. PoweredByPeople). Трето − не се занимаваме со работи кои не се исплатат. Не мора да добиеме ангажман по секоја цена и кога се договараме внимаваме двете страни, и клиентот и ние, да бидат задоволни. Од друга страна, многу сме флексибилни и се приспособуваме кон клиентите, како кон нивните потреби, така и кон нивниот буџет.

Од неодамна групацијата АСУРА започна нов сегмент на дејствување и работење, а тоа е грижата и одржувањето станбени простори. Како дојде до ова и што тоа претставува?

ХАНЏИСКИ: Па да. Од неодамна е завршен „Ист гејт ливинг“ со кој групацијата АСУРА ја продолжува успешната соработка со групацијата „Балфин“, којашто започна пред две години кога потпишавме договор за целосно одржување на „Ист гејт мол“. Со ова го означуваме влезот на групацијата АСУРА во нов резиденцијален сегмент − грижа за станбен простор. Целиот проект е извонредно осмислен од страна на инвеститорот, но пред нас постави нови предизвици. Некои од сопствениците на станови во „Ист гејт ливинг“ не се секогаш во Скопје и не можат редовно да ги земаат сметките од поштенското сандаче. Од таа причина, заедно со партнерите од „Амала солушнс“, на сопствениците им ја понудивме апликацијата „МојаЗаедница“. Постојниот софтвер, кој овозможуваше комуникација на сопствениците, финансиска транспарентност, огласна табла и можност за пријавување проблеми во зградата, го надградивме со интегриран систем за наплата преку интернет и сега апликацијата овозможува достава и плаќање сметки преку мобилно банкарство, дури и кога станарите се на пат или се во странство. Со оваа имплементација уште еднаш успешно решивме еден сложен проблем. Со нашата стручност на сопствениците им заштедивме пари и време, им го олеснивме животот и го намаливме деловниот ризик. Им благодариме на инвеститорите за повторно дадената можност и за досегашната успешна соработка.

Кажете ни нешто за индустријата во која работите и кои се последните трендови во неа?

ХАНЏИСКИ: Малопродажниот сегмент од пазарот во Македонија е сè уште многу силен и очекувам дека тоа така ќе продолжи. За разлика од Западна Европа, каде што бројот на малопродажни места е во пад, луѓето во Македонија и воопшто на југот од Европа, културолошки се разликуваат од оние на северот. Ние Македонците сакаме да излеземе од дома за да пазаруваме. Сакаме да ги пробаме работите пред да ги купиме и да се дружиме со нашите пријатели и со семејството во пријатна средина.

Канцеларискиот сегмент е исто така силен. По ковид-пандемијата, Европа, за разлика од Америка, се врати повторно во канцелариите. Враќањето во канцелариите го забележавме уште на почетокот од минатата година. Исто така, со нетрпение го очекуваме отворањето на „Ист гејт офис“ во следните неколку години, што ќе обезбеди нови 50.000 квадратни метри канцелариски простор во прекрасен амбиент.

Среднорочно, во следните пет до седум години, очекуваме големо проширување на полето на логистиката бидејќи во целото подрачје недостигаат логистички центри. Анкетата направена на „Проперти форум ЦЕЕ“ (анг. Property Forum CEE), кој собра повеќе од 800 експерти за недвижности од Централна и Источна Европа, а се одржа на крајот на септември 2023 година, во Виена, покажа дека 71% од учесниците се многу оптимистични кога се работи за инвестирање во логистички недвижности.

Вашата визија за иднината на компанијата?

ХАНЏИСКИ: Ќе продолжиме внимателно да се грижиме за имотот и сопственоста на нашите досегашни партнери, не само со одржување на постојната состојба, туку и со зголемување на нејзината вредност. Гледаме кон иднината и кон Европската Унија каде што работиме, а во чиешто опкружување се наоѓа Македонија. Сакаме предизвици и особено сме заинтересирани за партнери кои се сериозно подготвени да инвестираат во својот имот и имаат јасна визија за тоа што сакаат да постигнат со него, без разлика дали се тоа финансиски институции, домашни и странски компании или богати поединци. Секогаш сме отворени за нови прашања од потенцијалните клиенти, а во моментот активно бараме можности за проширување во Грција, Албанија и Полска.

На сите потенцијални клиенти им предлагам да ни се обратат на www.asura.mk

Можеби ќе ве интересира

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

Гаспром забележа нето загуба од 6,4 милијарди евра во 2023 година, прва во последните 14 години

Гаспром забележа нето загуба од 6,4 милијарди евра во 2023 година, прва во последните 14 години

НОВ СКОК НА ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА ВО АПРИЛ - најскапо месото

НОВ СКОК НА ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА ВО АПРИЛ - најскапо месото

ПАДНА СПОГОДБА - Џонсон и Џонсон ќе плати 6,475 милијарди долари по многубројните тужби за добиен рак од нивната пудра

ПАДНА СПОГОДБА - Џонсон и Џонсон ќе плати 6,475 милијарди долари по многубројните тужби за добиен рак од нивната пудра

„ПЛАТАТА НА КЕЛНЕРИТЕ ВО ХРВАТСКА 1.200 ЕВРА, ВО АВСТРИЈА 3.000 ЕВРА“: ќе работат само луѓе од трети земји

„ПЛАТАТА НА КЕЛНЕРИТЕ ВО ХРВАТСКА 1.200 ЕВРА, ВО АВСТРИЈА 3.000 ЕВРА“: ќе работат само луѓе од трети земји

„Да се напушти вештачкото надувување на капиталните инвестиции“: еве што велат економистите за изборните ветувања на партиите

„Да се напушти вештачкото надувување на капиталните инвестиции“: еве што велат економистите за изборните ветувања на партиите

ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ: Колку маслиново масло произведува Шпанија?

ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ: Колку маслиново масло произведува Шпанија?

СИНОТ НА СВЕТОЗАР, ЈАНЕ ЈАНЕВСКИ, СТАНУВА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УО НА „АУТОМАКЕДОНИЈА“ - и оттаму заминува Џон Илија Јоновски

СИНОТ НА СВЕТОЗАР, ЈАНЕ ЈАНЕВСКИ, СТАНУВА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УО НА „АУТОМАКЕДОНИЈА“ - и оттаму заминува Џон Илија Јоновски