25 Декември, 2024
0.0355

ИНТЕРВЈУ СО ВИКТОРИЈА И ХРИСТИНА МЕХАНЏИСКИ: Компанијата Зегин – синоним за иновација, грижа и лидерство на фармацевтскиот пазар

Објавено во: Интервјуа 24 Декември, 2024

Добивај вести на Viber

Со три и пол децении историја, Зегин е синоним за стабилност, иновација и грижа на фармацевтскиот пазар. Компанијата, која почна како визија за подобрување на здравјето и благосостојбата на граѓаните, денес е лидер со препознатлив печат во Македонија. Но, како се одржува врвната позиција во еден конкурентен и динамичен сектор?

Зад секој успех стојат луѓе кои со својата посветеност и визија ја водат компанијата напред. Во ова интервју со менаџерките на Зегин, Викторија и Христина Механџиска, ќе откриеме како компанијата се справува со предизвиците на денешницата, ја одржува довербата на потрошувачите и се адаптира на светските трендови.

Од иновации и воведување нови услуги, до етичките принципи и хуманитарните мисии на Фондацијата „Д-р Верица Механџиска,“ Зегин покажува како една компанија може да биде повеќе од само бизнис – да биде двигател на позитивни промени во заедницата.

Ова е приказна за успех, одржливост и инспирација, споделена од оние кои го живеат секојдневието на Зегин.

Компанијата Зегин е препознатлива како лидер на фармацевтскиот пазар. Кои се главните предизвици со кои се соочувате за одржување на таа позиција?

Викторија Механџиска:Како и во секој бизнис, така и во фармацевтскиот потребно е многу работа и труд за да останете на  врвот. Зегин постои 35 години и во текот на сите тие години постоење предизвиците се постојано присутни. Успехот на една компанија се должи во правилното менаџирање на сите предизвици- конкуренцијата која е постојано присутна нас нѐ мотивира да продолжиме со иновации и да понудиме нешто што ќе не издвои од останатите; будно ги следиме промените на светскиот пазар и се адаптираме на истите. Постојано вложуваме во иновации и нови технологии. Сето ова резултира со градење на доверба. Граѓаните ни веруваат и очекуваат одлична услуга во нашите аптеки како и пристапни цени. Тоа е она што се трудиме да го одржиме и уште повеќе да го подобриме.  А сето ова не би било возможно без нашите колеги, нашиот тим. Тимската работа во оваа професија е клучен фактор за успешна организација. Секој поединец со своето знаење и професионалност придонесува за чекор понапред до врвот, а ние секогаш се трудиме тоа да го признаеме и наградиме.

Во Зегин значајно место имаат етиката и корпоративната одговорност. Како овие вредности влијаат врз вашиот секојдневен менаџмент?

Христина Механџиска: Етичкиот пристап кон работењето преку етичките норми и вредности се дел од нашето секојдневно работење. Тие се базираат на чесност, доверба, лојалност и интегритет и се одраз на нашата корпоративна култура. Вербата во нашите вредности е втемелена во работењето со нашите пациенти, партнери, вработени и во нашето функционирање на пазарот, а во исто време обезбедуваат дух на фер пристап со конкуренцијата

Мисијата и визијата на Зегин се засновани на здравје, грижа и иновации. Можете ли да споделите некои нови иницијативи или проекти кои ја рефлектираат оваа визија?

Христина Механџиска: Сите наши проекти ја рефлектираат визијата за иновации, ефикасност и подобрување на услугите за пациентите и потрошувачите кои ни се многу важни.

Како компанија постојано инвестираме во континуирана едукација на нашите вработени, применување на нови трендови како и техники за подобра комуникација со потрошувачите,  особено на фармацевсткиот персонал кој е на првата линија до потрошувачите.

Во нашите аптеки нудиме и бесплатни здравствени консултации за различни проблеми, како што се контрола на шеќер во крвта, проверување на минерален статус во организмот, применување на тестови за проверка на коскена маса, сето тоа пропратено со бесплатни совети за понатамошен третман.

Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“е често присутна во нашето општествено живеење во насока на хуманитарна мисија. Кои активности би ги издвоиле како највлијателни во заедницата?

Викторија Механџиска: Хуманоста како гранка е карактеристична за компанијата Зегин уште од самите почетоци и продолжува да расте и да се развива.

Фондацијата Д-р Верица Механџиска со својата хумана мисија помага онаму каде што е најпотребно, следејќи ги чекорите и визијата, добрината и хуманоста кои самата Д-р Верица Механџиска ги поседуваше.

Во фокус на своето работење, Фондацијата го става подобрувањето на квалитетот на живот на ранливата категорија на лица. Со тоа во јавноста се испраќа важна порака, дека со заедничко вклучување на сите хумани поединци и компании се придонесува кон создавање на позитивни промени и вредности за заедницата во целост.


Фондацијата континуирано донира во болници и медицински установи, за потребите на медицинскиот кадар или на пациентите, социјално загрозени семејства, разни организации и здруженија и на сите оние на кои им е потребна подадена рака.

А како најголем проект кој ја одбележа оваа 2024 година е големата кампања посветена на лицата со Аутизам преку која со организирање на хуманитарната трка ЗЕГИН Спектратон дониравме средства за реконструкција на првиот регионален социјален клуб за адолесценти со аутизам, а со организирање на големиот меѓународен конгрес успеавме на едно место да обединиме локални и меѓународни експерти со цел вмрежување и споделување на искуства за подобра иднина на лицата со аутизам.

Зегин постои повеќе од 35 години. Како се развива компанијата во контекст на современите технологии и дигиталната трансформација?

Христина Механџиска:За да се олеснат процесите на продажба, комуникација со клиентите и мониторинг на бизнис активностите, но и за да можеме да одговориме на потребите на современиот потрошувач, Зегин ги следи и применува сите дигитални технологии.


Преку нашата онлајн страна станавме уште подостапни и поблиски со нашите ценети потрошувачи, а наскоро ќе биде достапна и нашата мобилна апликација за уште подобро, полесно и подостапно потрошувачко искуство. Доказ за нашиот квалитет и како онлајн аптека се бројните награди и признанија кои Зегин континуирано ги добива  за веб страницата www.zegin.com.mk.

Се разбира, тука се и сите останати дигитални канали на кои сме присутни и мошне активни заради тоа што помладата публика е најприсутна во дигиталниот простор, а нам подеднакво ни е важен секој еден потрошувач.

Вашиот тим се стреми кон одржлив развој. Како ги имплементирате еколошките стандарди и како се грижите за животната средина?

Христина Механџиска:Како општествено одговорна компанија ја почитуваме животната средина преку усвојување и имплементација на конкретни проекти за заштита на животната средина. Бевме меѓу првите компании кои го поддржаа и применија Законот за управување со пакување и отпад од пакување, па веднаш од употреба ги отстранивме пластичните кеси и започнавме со употреба на еколошки кеси. Се разбира, тука е и ISO стандардот кој во Зегин се применува повеќе од 20 години.

Зегин постојано се шири низ Македонија и регионот. Кои се вашите стратегии за експанзија на нови пазари?

Викторија Механџиска: Новите пазари се несомнено голем предизвик за секоја успешна компанија, особено кога ќе се постигне максималниот успех во една средина, секако дека е потребно проширување на пазарот и соработките и тоа е нешто што ќе биде во нашиот фокус во новата 2025 година.

Каква улога игра тимската работа во успехот на Зегин и како го одржувате мотивирањето на вработените?

Викторија Механџиска: Тимската работа овозможува поделба на задачи и одговорности, што води до побрзо извршување на обврските и побрзи резултати. Тука е и добрата комуникација меѓу членовите на тимот која е клучна за успешна координација на активностите. Се трудиме да одржуваме позитивна работна атмосфера во која секој вработен може да ги покаже максимално своите таленти.

Во нашата компанија активно функционира и проектот Зегин Младина кој е наменет за сите нови и идни вработувања кај нас. Имаме талент програма, нудиме програма за практикантство и стажирање, менторска програма, учење преку игра или гемификација за полесно совладување на задачите, успешно функционира и нашиот тренинг центар, а нудиме и можност за стипендии.

Накратко, ги поддржуваме нашите вработени во своето кариерно патување, ја креираме новата генерација на млади професионалци, обезбедувајќи практичност во работата и постојана поддршка во работењето, преку разни проекти и програми за унапредување на работењето во делот на човечките ресурси. За најпосветените вработени кои постигнуваат извонредни резултати доделуваме признанија и пакет аранжмани со патувања на различни дестинации по нивен избор.

Кој совет би им го дале на младите кои сакаат да изградат успешна кариера во фармацевтскиот сектор?

Викторија Механџиска:Како и во секој сектор и во фармацевтскиот сектор доколку сакате да изградите успешна кариера треба постојано да учите и да се развивате. Фармацевтскиот сектор е многу динамичен, со постојано напредување на технологиите и нови откритија. За да останете релевантни и конкурентни, важно е да продолжите со учење и да се информирате за новите трендови, лекови, терапевтски методи и научни истражувања.

Понатаму, во фармацевтската индустрија, клучна улога има комуникацијата, особено кога се работи со информации за лекови и здравствени состојби. Младите треба да бидат отворени за различни можности и да не се ограничуваат само на една област. Развојот на лидерските и деловните вештини е исто така многу важен, но секако најважна е етиката и интегритетот. Работата во фармацевтската индустрија носи голема одговорност, бидејќи директно влијаеврз здравјето на луѓето. Професионалниот интегритет и етика се основите во оваа индустрија. И секако за крај, треба да ја сакате оваа професија- фармацевтската индустрија е многу повеќе од само работно место; таа е поврзана со здравјето и благосостојбата на луѓето.

Анита Буховски

фото: Вангел Тануровски

Можеби ќе ве интересира

ИНТЕРВЈУ МИТРЕВ: Вредноста што Пивара Скопје ја креира во македонската економија е поголема од компаниските резултати!

ИНТЕРВЈУ МИТРЕВ: Вредноста што Пивара Скопје ја креира во македонската економија е поголема од компаниските резултати!