18 Декември, 2025
0.0218

ИНТЕРВЈУ Стефан Богоев: Десет години експерименти врз образованието, Доста е!

Објавено во: 08 Октомври, 2015 08:22

Добивај вести на Viber

Образованието не е привилегија,  ниту луксуз кој може да си го дозволи актуелната власт, кога пред нивните очи се случува масовно незадоволство на млади, храбри и паметни луѓе. Власта овојпат налета на тврд орев, млади луѓе кои мислат со своја глава и не се плашат да го кажат тоа јавно. Екстерното тестирање е само капка во морето од проблеми кои години наназад го тонат образовниот процес, под притисокот на лошо осмислените реформи и политики. Пленумите покажаа дека мора да се стави крај на катастрофалните политики. Тие се целосно независни и немаат никаква врска со партискиот дел од опозицијата и треба да бидат коректив и на  секоја власт-вели за Фактор пратеникот Стефан Богоев,  кој е и претседател на социјалдемократската младина.

Иако владејачкото мнозинство во Собранието гласаше против  предлог измените на Законите за основно и средно образование со кои опозицијата  бараше укинување на екстерното тестирање, борбата според Богоев допрва почнува. Екстерното е вели  модел на проверка во повеќе европски земји,  но не онака како што се спроведува кај нас бидејќи вака рестриктивен и ригиден концепт може да направи уште поголем рез кај младината и наставниот кадар  кој  забрзано и во иднина ќе  бара билет во еден правец.

“Прво, како тоа власта вели дека има огромна поддршка и ја сакаат граѓаните, а скоро сите општествени групи барем неколку пати протестираат масовно против нејзините катастрофални политики!? Второ, тактиката за прикривање на партиски активисти под маска на загрижени граѓани ја измисли и ја практикува само ВМРО-ДПМНЕ и никој друг. И трето, ова е главната дијагноза за разулавената власт и нејзините челници. Тие се смеетат себеси за безгрешни и не можат да поднесат критика и различно мислење. Но, овој пат налетаа на тврд орев, на млади, храбри и паметни луѓе кои се иднината на оваа држава. Млади луѓе кои мислат со своја глава и не се плашат да го кажат тоа јавно. Токму тие се една светла точка во поклопеното општество. Нивната борба е лекот за горенаведената дијагноза. Нашите ставови и барања се на иста релација, но тоа е така затоа што ние сме сите слободомислечки граѓани, а не затоа што припаѓаме на иста партија”-вели пратеникот Богоев.

Квалитетен образовен процес смета претседателот на социјалдемократската младина може да се гради само заеднички, односно со сите оние кои ќе ги осетат ефектите од измените во образовниот процес треба да бидат слушнати и нивните аргументирани предлози и критики да бидат прифатени.

Овој начин на проверка не е воопшто објективен и последиците веќе долго време се чувствуваат и еве зошто. Разбирањето, практичната примена, анализата, синтезата, вреднувањето и креирањето кои според Бирото за развој на образованието беа мерила за постигнувањата на учениците сега се заменети со помнење на голи бројки и факти. Односно, екстерното тестирање се базира само на меморирање на одговори на прашања кои учениците ги добиваат неколку дена пред самото тестирање. Да бидам по јасен, тоа е како двајца кандидати да одат на квиз, едниот има навистина широк спектар на знаења и практични и теоретски, а другиот е другар со водителот и однапред добива стотина прашања од кои дваесетина ќе се паднат на квизот. Секако, во најмала рака првиот и вториот кандидат ќе имаат ист број на одговори, а можеби вториот и ќе победи бидејќи ги научил на памет одговорите. Но, тоа не го прави попаметен ниту поспособен од првиот, бидејќи тоа што го научил ниту знае да го примени, ниту ќе му се најде во животот. Тоа му служи само да ги помине прашањата на квизот, односно краткорочно. Така и со екстерното, наместо да се проверува практичната примена што според Блумовата таксономија се цени со највисока оцена, тука се проверува голо меморирање што се цени со оцена 2. А ако решите се на екстерното ќе добиете 5, само врз база на меморирање што се оценува со оцена 2. Апсурд!”-објаснува Стефан Богоев.

Како и во скоро секоја сфера на општеството, така и во образованието, според него во континуитет десетта година се експериментира на штета на учениците. Тие  се запишуваат под еден закон и под едни услови, за само неколку месеци пред крај на училишната година да го променат тој закон и промените да важат веднаш.

“Во очајнички обид да претстават дека нешто работат го донесоа и екстерното тестирање. Веќе сите знаат кои се негативностите од ова тестирање, учениците и наставниците преку пленумите одлично тоа и го презентираа на јавноста. За жал владината коалиција  нема капацитет да им излезе во пресрет на овие луѓе кои аргументираа, протестираа, бојкотираа и кампуваа. Оваа власт секогаш практикува етикетирање и омаловажување на сите кои мислат спротивно и слободоумно. Тие се смеетат себеси за безгрешни и не можат да поднесат критика и различно мислење. Но, овој пат налетаа на тврд орев, на млади, храбри и паметни луѓе кои се иднината на оваа држава. Млади луѓе кои мислат со своја глава и не се плашат да го кажат тоа јавно. Токму тие се една светла точка во поклопеното општество. Нивната борба е лекот за горенаведената дијагноза. Нашите ставови и барања се на иста релација, но тоа е така затоа што ние сме сите слободомислечки граѓани, а не затоа што припаѓаме на иста партија”-потенцира Богоев.

Во отсуство на јавна дебата за образовните проблеми и индиферентен однос кон учениците, студентите и наставниот кадар, мора да се бараат алатернативни начини да се чуе гласот на најзасегнатите. Ова според Богоев  е следниот  чекор кон подобрување на состојбите.

“Власта во заминување тоа не го направи, ни со средношколците ни со наставниците. Не го прави ни со нас, опозицијата. Тие во континуитет бегаат од дуели, јавни дебати, размени на идеи и аргументи. Од друга страна пак, ние во СДСМ сме свесни дека не сме најпаметните во светот. Оттука, и порано во изготвувањето на секоја наша програма, но и сега со проектот "Визијата за Македонија" ние даваме предлози и идеи кои се само основа за широка дебата, критики, предлози и сугестии од граѓаните и од засегнатите страни. Нашите врати се широко отворени за граѓаните, и во пратеничката група и во партијата и во младината. На тој начин, ве убедувам дека ќе имаме квалитетни решенија не само во образованието, туку во секој аспект на општеството” -потенцира Богоев.

Укинувањето на екстерното тестирање во основното и средното образование е само еден од петте предлог закони на опозицијата. Останатите предлог измени  се за зголемување на минималната плата и за зголемување на буџетската транспарентност, односно поголем увид на граѓаните во процесот на трошење на нивните пари.