29 Март, 2024
0.0305

Интервју Ванковска: Не е национализам да се бара почитување на меѓународното право

Објавено во: Интервјуа 09 Мај, 2019

Добивај вести на Viber

Кандидатурата на професорката Силјановска Давкова предизвика интересен феномен на негирање на социјалните мрежи токму од страна на активисти, феминистки и борци за човекови права кои го негираа нејзиниот легитимитет како натпартиски кандидат иако слични коментари не упатуваа на адреса на сега веќе новиот претседател Пендаровски. Слични напади имаше и на адреса на професорите кои застанаа зад „Гога“, па дури некој напиша дека сега „на Ванковска ѝ доаѓа да си ја исече раката што гласала за ВМРО-ДПМНЕ“. Токму со професорката Ванковска разговараме за поларизацијата во македонското општество, за поделбата на тие кои ги критикуваат договорите со соседите, а се наводно националисти и на тие кои безрезервно ги поддржуваат истите само за час поскоро да станеме членка на НАТО и ЕУ.

Не го криете отвореното разочарување што професорката Силјановска Давкова не победи на изборите за претседател. Пропадна ли нејзиниот обид да се претстави како натпартиски кандидат, и зошто не успеа да освои повеќе неопределени гласачи?

Ванковска: Иако на прв поглед можеби не изгледа така, сметам дека резултатот што го освои Силјановска, иако недоволен за победа, беше доказ за нејзиниот успех токму кај неопределените. Читав зајадливи коментари дека дури и „на Ванковска ѝ доаѓа да си ја исече раката што гласала за ВМРО-ДПМНЕ“, но вистината е дека преку 100 илјади гласови дојдоа од луѓе кои избираа личност, а не партиска платформа или идеологија. И партиските аналитичари знаат дека ВМРО-ДПМНЕ не може сите добиени гласови да ги „книжи“ на своето конто. Додека на другата (победничката) страна се создаде не само меѓупартиска синергија и пресудна улога одиграа „контингентите“, особено во вториот круг, опозицијата сѐ уште се опоравува (и тоа не до крај) од еден тежок политички и морален пад. Впрочем, неуспехот на Силјановска се должи на внатрешната поделеност внатре во самата опозициска партија, во делот на оние кои се сметаат за „вистински патриоти“, „стари вмровци“, а кои јавноста ги знае како Бојкотирачи (за разлика од движењето #Бојкотирам). Но, тука треба да се земе предвид и големиот број луѓе кои дозволија да ги поведе гневот и траумата, а не разумот, па одлучија да ја бојкотираат „Северна“. Објективно, Силјановска влезе во битката доцна и неподготвена, имаше дисонантни тонови и слабости на ПР-от (во обид да се привлечат сите граѓани), па нејзината личност не дојде сосема до израз. Сепак, превагна и нејзината чесност и одбивање да користи евтини популистички трикови за да добие гласови. Веднаш по првиот круг, еден пријател ми рече дека е воодушевен, но дека Македонија не е зрела за ваква личност и дека Силјановска е 10.000 км. над нашето поимање на политиката. За жал, беше во право.   

Што очекувате сега од претседателството на Стево Пендаровски, може ли да биде независен од агендата на актуелната извршна власт и да биде претседател на сите кој ќе придонесе во обединување?

Ванковска: Ако постоеше и се поттикнуваше сомнеж околу независноста на Силјановска, што да кажеме за човек чија кампања беше водена од пола влада, на чело со премиер, а кој самиот изусти дека се сложува со него 102.5%? Тоа беше бланко дадена заклетва за верност на партијата/партиите што го кооптираа (тој не беше избран низ демократски процес, туку Хилтон кандидат). Но, Пендаровски ќе има многу лесна задача сѐ додека е на власт оваа влада. Очекувам да биде поголем Иванов од Иванов. Начинот на кој го допре дното во негативната кампања покажа дека сите гласачи на опонентката ќе ги смета за гласови за Груевски и за криминалот, што е отворена дисквалификација и навреда за оние што не гласаа за него. Македонија останува поделена по сите основи, а во Пендаровски не гледам ни капацитет, ни желба да обединува.

Главната поента на премиерот Заев во вториот дел од кампањата беше „метлата“. Ќе се исполни ли ова ветување и што е потребно да се преземе во изградбата на независни професионални и одговорни институции?

Ванковска: Добро забележувате: во вториот дел од кампањата заигра „метлата“! Тогаш кога се соочија со јасната порака од електоратот, тој посегна по едно очајничко средство! Би рекла предоцна (и покрај победата на Пендаровски), бидејќи тоа е човекот кој го паметиме по изјавата дека не може да разрешува луѓе од својата близина затоа што ќе нема со кого да работи. Второ, по системската логика по која функционира оваа држава уште од 2002 година, премиерот нема силна пзоиција во кабинетот, т.е. не може да разреши функционери предложени од коалициските партнери (поточно, од ДУИ). Две години сведочиме на кршење на принципот на меритократија и репартизација. Конечно, самата употреба на термините и метафорите за „метла“ и „чистка“ укажуваат на длабоко авторитарна матрица на владеење, бидејќи демократските општества почиваат на принципите на одговорност како секојдневен modus vivendi, а не како ветување дека оние одозгора ќе „чистат“ надолу. Таквите акции или завршуваат со нови неправди или со жртвени јарци. Одговорна влада тргнува од себе, и се „чисти“ од оние со највисока позиција, а не од опашката. Не можам да сфатам како е можно во здравството да ви се случува катастрофа, а одговорност да не понесе никој. Културата е паричка за поткусурување и пазарење. Од земјата да ви бега најбараниот човек, а вие да немате ни извештај од истрагата! Оваа влада веќе влегува во подготовки за наредните (најверојатно, редовни) избори, и може да се каже да изгуби драгоцено време за остварување на демократските и економските ветувања - затоа ќе гледаме повторно повеќе пи-ар отколку работа.

Вие имате слични ставови со Силјановска за договорите со соседите. Таквото критизерство ви навлече бран на реакции дека сте националист. Како да се „спаси“ македонското достоинство кое е погазено како што велите?

Ванковска: Да ве поправам: иако имав забелешки за начинот на кој нетранспарентно (дури и за пратениците) беше склучен договорот со Бугарија, тој не предизвика таква бура како Преспанскиот договор. На етикетирања сум навикната, бидејќи во авторитарната логика која доминира, сѐ уште важи онаа изрека од комунизмот „кој не е со нас, мора да е против нас“. И јас и Силјановска, но и значаен дел од интелектуалната и академската заедница, безуспешно се обидуваше да укаже на потребата од транспарентност, делиберација, промислување и создавање општествен консензус пред да се донесат вакви одлуки. Со цел да избегнеме конфронтации, семе на омраза и делби - но, попусто. Владата остана глува и слепа, и начинот на коj се донесе Преспанскиот договор, се промени Уставот и сега се имплементира, зборува дека колатерална жртва се токму вредностите во кои се колнеме: темелните вредности на уставниот поредок (вклучително и единаесеттата - почитувањето на меѓународното право) и европските/Копенхашките критериуми. Накусо, власта ги погази темелите на кои почива нашата политичка заедница, наводно за „повисоко добро“. Лично избегнувам да користам зборови како „македонско достоинство“ (можеби и затоа што поимот достоинство веќе беше девалвиран од партии кои се сега дел на власта, а и генерално поради емоционалниот набој кој не е добар советник во рационалната политика). Она што секој граѓанин има право да го очекува и бара е да биде третиран со должна почит, а неговата држава да не биде посебен случај и држава од втор ред. Не е национализам да инсистирате на Повелбата на ОН, на меѓународните пактови за човекови права и конвенциите. Впрочем, централната критика, но и Ахилова пета на Преспанскиот договор е токму прекршувањето на одредбите на Виенската конвенција за договорно право. 

Професорке, веќе одреден период сте на тапет на одредени критичари и јавни личности кои ви налепија неколку етикети. Тешко ли е да се докаже дека човек може да има различен став, да биде критичен и убоит, а не нужно близок до одредена партија. Вие наводно сте блиски до ВМРО-ДПМНЕ, иако и ваши колеги се блиски до СДСМ и други партии па не добиваат такви напади?

Ванковска: Нападите доаѓаат синхронизирано: едните тврдат дека сум „шарена“, либерал, сум го уривала Груевски со пленумите, итн., додека другите го тврдат обратното. Никако да се договорат, и никако да ми го фатат крајот. Припаѓам на крајната левица (не на партијата Левица, да се разбереме), и мојата критика, на пример, за НАТО, ЕУ (Легзит) и за Преспанскиот договор се токму од таа лева позиција. По овие прашања многу подобро се разбирам со западните, и особено со грчките колеги, отколку со македонските „инфлуенсери“. Една позната дефиниција гласи: демократија е кога си слободен да кажеш нешта кои не му се допаѓаат на мнозинството! Ние сме светлосни години далеку од таквото сфаќање на слободата на мислата и на убедувањата. Почнавме со Силјановска, па да завршам така: иако безрезервно ја поддржував во оваа битка, јас и таа имаме сосема различни позиции по низа прашања, а првенствено по однос на САД, НАТО и ЕУ, надворешната политика, мигрантите, па и екологијата. Но, тоа не ни пречи да разговараме, да спориме, да дебатираме - и да се почитуваме. Јас немам зошто да се обидувам да бидам популарна, му се допаднам секому или да докажувам дека сум своја. Ударите ги примам како нешто нормално за ваква недемократска средина (што би рекол мојот драг пријател Жарко Пуховски, „старо магаре навикло на батине“). Јас сум сосема небитна во пошироката приказна, освен како показна вежба за обидите како ќе помине секој кој ќе мисли со своја глава. Сепак, жално е што и после 30 години демократизација зборуваме за елементарни принципи на слободата на личноста и за закани, па и лов на вештерки. 


Х.С.