Интервју за состојбата со Македонците муслимани со Елмир Мандак: Пред секој попис расте притисокот врз нашиот етникум
Објавено во: Интервјуа 11 Јуни, 2021
На
претстојниот попис се очекува да продолжат обидите за асимилација на дел од
Македонците муслимани од кои ќе се очекува да се приклонат кон една или друга
етничка група или идентитет. Од друга страна самиот премиер Заев најави дека
постои можност во Уставот да биде додаден и терминот Торбеши кој иако во
минатото важеше за навредлив кон одреден број на Македонци муслимани сега
очигледно и не е толку проблематичен. Особено ако дел од Македонците муслимани
со потекло од Горанскиот крај го прифатат за да се издвојат и идентификуваат во
оваа посебна етничка група и на тој начин би се одвоиле и од македонското
етничко ткиво. За позициите и можните разврски околу колективните права на
Македонците муслимани разговараме со Елвир Мандак претседател на Горанското здружение.
Фактор: Каква е денес состојбата на Македонците со муслиманска вероисповед, колку ви пречи тоа што во минатото македонската држава не ви посвети доволно внимание како ентитет и колку тој простор го користат за влијание останатите ентички заедници, има ли обиди за асимилација?
Мандак: Нашиот етникум е присутен како автохтоно население во повеќето Балкански држави почнувајќи од Бугарија, Грција, Македонија, Косово и Албанија, познати како Горанци, Торбеши и Помаци, сите овие несомнено претставуваат еден етнички идентитет. Нивните состојби се проследени со етнички дилеми и предизвици настанати како резултат на мултиетнички и мултикултурни околности настанати со подвлекувањето на границите меѓу балканските држави по заминувањето на Османлиската империја од овие простори.
Поради непостоење на национална наша држава во тој период, нашата етничка заедница, кај нас именувана како торбеши, никогаш немала внатрешна засилена потреба да се определува етнички на начин како што етничката свест ги зафатила другите балкански идентитети. Но, покрај сето тоа со самиот факт што овој идентитет се одржал во рамките на Османската империја, а посебно после тоа во подоцнежните фази со формирањето на националните балкански држави, кога нашата етничка заедница е подлежна на големи искушенија попратени со систематски асимилаторски политики, ни зборува дека поседуваме значаен идентитет што не може да се занемари во различните дискусии било да се тие етнички, идентитетски, религиски и политички.
Не би се сложил дека македонската држава во минатото не посветила доволно внимание на нас како ентитет, посветила и тоа многу, но во погрешна насока и со погрешни проекти, сето тоа е како резултат на погрешните политики што во наше име се изјаснувале и решавале разни структури од оштеството наместо нас, секогаш зборувал друг во наше име. Но, и покрај сето тоа самата социјална конструкција на нашата популација во Македонија ни зборува за еден идентитет кој има длабоки корени. Како и да е можеме слободно да константираме дека Торбешите во Македонија никогаш немале сигурна политичка позиција, за себе доволна и загарантирана, за да се одржат како такви и да се интегрираат во еден поширок политички контекст. Сето тоа допринело за отворање простор на различни етникуми во државата да го наметнат своето влијание и политика на асимилација над нашата популација. Сепак, нема да погрешиме ако потврдиме дека ние многу повеќе знаеме што не сме отколку што сме, тој факт треба да го има секој во предвид што се занимава со нашето прашање.
Фактор: Кои се главните заложби на Горанско Здружение. Може ли да ни објасните што работите на терен и каде сте присутни?
Мандак: Горанското здружение постои и опстојува за зајакнување и застапување на горанската заедница, преку промовирање и негување на нашата култура и нашите пребогати традиции со сите свои вредности. Значајна цел и задача на нашето здружение е зачувување и афирмација на горанските културни и верски вредности, во еден организиран и институционален начин, како и развивање и јакнење на свеста кај младите горанци за нашиот богат културен идентитет.
Основната идеја околу која се собравме основачите на ова здружение е: грижа за правата и еднакви можности за секој горанец. Сакаме младите горанци и оние повозрасните да добијат шанса, да можат несметано да го изразат своето знаење и своите вештини и да добијат соодветно место во општествениот живот во нашата држава, со тоа да осигураме равноправна положба на нашата заедница и на нашата култура, и да дадеме свој допринос во мултикултурализмот и мултиконфесионализмот во Македонија.
Во тој дух одлучивме дека наши заеднички цели и стратешки интереси се;
- Праведна, целосна и правична застапеност на горанската заедница во сите нивоа на власта на национално и локално ниво во нашата држава, почитувајќи го принципот на застапеност на сите заедници.
- Поголема соработка и одговорност во спроведувањето на заеднички обврски и активности при исполнувањето на европските стандарди и интеграција на горанците во РСМ. Во таа насока соработка со политичките партии, граѓанскиот сектор, институциите, локалната власт и граѓаните заради исполнување на заедничките заложби и стандарди за унапредување на животот на горанската заедница.
- Промовирање и подржување на интегрирани и одржливи решенија кои што ги почитуваат мултикултурните вредности во општеството, кои одразуваат отчетност и транспарентност на сите вклучени страни во процесот.
- Директен и непосреден пристап на работа со горанската заедница при креирање на одржливи решенија кои што одат во прилог на решавање на конкретни нивни проблеми.
Исполнувањето на овие цели ќе придонесат на јакнење на поединецот и колективот во сите сектори , унапредување на животот на заедницата и реализирање на стратешките цели на горанците во РСМ како и нивна интеграција.
Во време на пандемијата на терен бевме присутни со интензивни акции од хуманитарна природа, поделивме топли оброци кои до денес продолжуваат и достинаа над 20.000 оброци, на социјално загрозени семејства, на наколку полициски станици низ Скопје, бидејки полициските службеници беа максимално ангажирани на терен за време на ограничувањето на движењето, на неколку здравствени установи, на Центарот за баратели на азил, Центарот на бездомници, Црвен крст и др.
Осумсто прехрамбени пакети поделивме на СОС детско село и на социјално ранливи семејства. Организиравме успешна крводарителска акција во нашите простории во соработка со Црвен крст.
Презентација и претставување на горанската култура во општина Центар. Во моментов работиме на повеќето проекти кои се во припремна фаза на одобрување.
Фактор: Неодамна премиерот Заев го употреби терминот "торбеш" кој е навредлив и погрден за Македонците муслимани. Сметате ли дека постои обид за поделби и креирање на тензии?
Фактор: Терминот Торбеш е нераскинлив дел од нашиот идентитет со длабоки историски корени. Во нашата држава има географски региони кои го носат топонимот Торбешија каде што живее нашата етничка заедница. Тие топоними се стари и ги среќаваме во најстарите пишани документи и секоја перцепција дека терминот торбеш е навредлив е погрешна перцепција. Од самото основање на Македонија како држава и со раѓањето на првите научните трудови од самите македонски државни научни институции, терминот торбеш се користи во нив при обработка во различни свери поврзани со торбешката етничка заедница. Како пример можеме да ја земеме и самата докторска дисертација на реномираниот научник и еминентен интелектоалец проф. д-р. Галаба Паликрушева, покасно објавена како книга со наслов „Исламизацијата на Торбешите и формирањето на торбешката субгрупа“.
Несомнено дека премиерот Заев е свесен на овие факти, и добро информиран за фактичката состојба меѓу ова население, особено што во последно време, голем број од торбешката заедница инсистираат на посебна етничка припадност на оваа група. Во оваа насока за да бидам полесно разбран ќе се изразам со една фраза; Можеби некој не знае и не е информиран што мислат торбешите за себе но, секој знае дека тие постојат.
Ако веќе излегол на површина еден идентитет, па макар се работело и за ранлив, зарем тоа не зборува за нешто што е реално и специфично за себе. Исто онака како што настанаа останатите идентитети на Балканот, така настанал и овој. Ако се почитува правото на самоидентификација тогаш не гледам причина терминот Торбеш некого да навредува.
Фактор: Како ќе се позиционирате на пописот кој е закажан за наесен, дали ќе има обиди да ве "вбројат" во другите националности?
Мандак: Секојпат кога на нашата популација ќе и се импонира некоја друга етничка припадност, а не индивидуална определба, се јавуваат контраефекти кај голем дел од нашите луѓе. Доказ за тоа е триесетгодишното искуство кога се преземани различни проекти ова население да се интегрира во друг етнички корпус. Тоа не вроди со никакви резултати. Секогаш некој друг се занимавал со нас во поглед на интеграцијата, а најмалку сме биле прашани и ни било дозволено да се занимаваме самите со себе. Поради ваквиот однос према нас некои структури од нашето население беа принудени преку различни етнички канали да се интегрираат во државните институции. Некои се вработија врз основа на албанската, а некои врз основа на македонската и турската национална и политичка агенда. Токму тука потфрлила државата во односот према нас во последниве триесетина години. На ова мислев кога спомнав дека државата посветила внимание на нас но, со погрешна политика и погрешна перцепција за нас.
Сẻ се сведува на тоа, на кој начин оваа популација да се вклопи во одреден етнички корпус, а при тоа воопшто да не се води сметка за проблемите и предизвиците пред кои е исправенa нашата етничка заедница. Интересно е да се спомне дека оваа популација се среќава со исти проблеми во сите балкански држави во кои е населена (Бугарија, Македонија, Грција, Албанија) од ова може да се издвои Косово бидејки таму ни е загарантирана интеграцијата во државните институции според планот на Ахтисари за уредување на политичкиот живот во оваа држава.
Што се однесува на Македонија притисокот врз нашиот етникум е зголемен особено пред секој државен попис на населението, било да се работи од македонска, албанска и турска провиниенција. Целта на сите е да се привлече голем процент од ова население кон својот етникум. Ова е најмногу иницирано од фактот што нема посебна графа во Уставот која би го опфатила ова население имајќи ја предвид неговата етничка специфичност. Значи, Торбешите не се уставна категорија иако по бројот се веднаш по Mакедонците и Албанците. Нашите анализи говорат дека ги има околу 80.000 само во нашата држава. Решение за присутното раслојување и поделбата на оваа етничка заедница е во овозможување на самоопределување преку посебна графа резервирана на овој етникум во Македонија познат како Торбеши, а потоа етничката определба за изразување на ова население сама по себе ќе дојде до израз, сите други решенија ќе претставуваат матење на вода.
Фактор: Досега функционирате како граѓанско здружение, со многу општествени активности, но со оглед дека се ближат избори дали би прераснале во политичка партија и дали би влегле во коалиција со некоја од големите партии?
Мандак: Платформата на нашето здружение е делување како граѓански сектор во функција на обезбедување на подобри услови на нашата заедница, да бидеме во нивна служба и нивен сервис. Немаме политички амбиции, преферираме сите достигнувања и права да ги постигнеме преку државните институции и механизми, без разлика која партија во моментот управува со нив. Веруваме во концептот на граѓански партии а не етнички, и оттука немаме намера да формираме етничка партија. Секој од нашата заедница е слободен својата политичка определба да ја бира во која сака партија. Најмаку што сакаме е политизација на нашите заложби и активности кои се од општествен карактер.
Х.С.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.