26 Ноември, 2024
0.0326

Интервју Зибери: Реформите во образованието без стратегија и анализа не доведоа до ниските меѓународни рангирања

Објавено во: Интервјуа 24 Декември, 2020

Добивај вести на Viber

Реформите во обрзованието станаа нова жешка тема, и тоа во година кога најосновно е да се спроведе наставата на безбеден начин, и притоа да не трпи квалитетот на наставата, а со тоа да им се наштети на самите ученици. Професорот Башким Зибери од Државниот Универзитет во Тетово, уште во април кога бувна пандемијата алармираше дека наставата, особено таа во основно и средно образование мора да се прилагоди за онлајн услови и да се подобри комуникацијата помеѓу учениците, наставниот кадар и родителите.

Зибери е Фулбрај стипендист кој бил на истражувачки престој во Харвард, па дел од ова искуство го пренесе и во конкретни наставни материјали. Со проф. Зибери разговаравме за причините за ниското меѓународно рангирање на македонското образование и што треба да преземе научната фела и академската заедница, но и како за подобри услови за учениците и создавање услови за нивно брзо прилагодување на потребите на пазарот со што ќе се намали и опасниот тренд на иселување на кадрите.

Фактор: Професоре како образованието се справи со пандемијата. Наставата како на факултетите така и во средните и основни училишта претежно се одвива онлајн. Трпи ли образовниот процес и што може да направат професорите и наставниците за да обезбедат најдобри услови за одвивање на наставната година во вакви вонредни околности?

Зибери:Секако дека се тешки времиња за целото општество па и образовниот систем трпи во насока на реализација на целите, особено на одржување на квалитетот. На универзитетите наставата претежно се одвива комбинирано, и да бидам искрен не гледам многу изостанување на наставниот процес поради тоа што практичната настава се одвива со физичко присуство, а и многубројните алатки што ни стојат на располагање, брзото прилагодување и полесно комуницирање со студентите, ни овозможуваат успешно да ги реализираме целите.

Поголеми тешкотии гледам во реализација на наставата во основните и средните училишта особено во однос на развивање на комуникацијата со учениците помеѓу себе и со наставниците, неподготвеноста и неприлагодувањето на наставната методологија за онлајн наставата. Оваа ситуација создава многу стрес и тензија за која наставниците треба да внимаваат да не биде на штета на учениците, да бидат пофлексибилни во вклучување на разни алатки за евалуација, почесто комуницирање со родителите која барем во овие услови мислам е полесно да се реализира. На сите треба да ни е јасно дека треба да дадеме многу повеќе од себе за да имаме донекаде успешна школска година. На пример уште во април годинава на моја иницијатива и со помош на колегите и студентите ние преведовме на албански јазик околу 100 практични вежби, за ученици од основно и средно образование за предметите физика, хемија, биологија и географија, од phet.colorado.edu страницата (со нивно официјално одобрение) во ХТМЛ5 верзија за да можат да се реализираат и од мобилен уред.

Фактор: Вие сте Фулбрајт стипендист, бевте на истражувачки престој на Харвард. Колку ова искуство, мрежата на контакти и пристапот до напредни образовни алатки ви беа од корист во вашето работење за време на пандемијата и воопшто колку од овие алатки се достапни и применливи во македонското образование?

Зибери: Па секако, такви искуства те прават поотворен за нови методи и методологии на настава, полесно комуницирање со колегите во другите земји. Тие веќе ја аплицираат онлајн наставата и симултаното пренесување на предавањата во дел на студиските програми па и затоа не им било тешко да преминат на целосно онлајн настава. Многу од овие алатки се применливи и кај нас, а за дел од нив ние професорите треба самите да вложиме напор да ги спроведеме. Јас веќе неколку години употребувам графички таблет поврзан со компјутерот што ми овозможува да ја имам белата табла цело време со мене.

Фактор: Ограничените можности, но и се помалата доверба во институциите придонесуваат младите луѓе да не ја гледаат својата иднина во Македонија. Постојано се пишува и дебатира за одливот на кадри и мозоци, за високата стапка на иселување. Вие сте практично постојано во контакт со млади луѓе, можете одблизу да процените како размислуваат. Како да се задржат младите квалитетни кадри?

Зибери: За жал добар дел од младите се гледаат себеси и нивната кариера надвор од државата. Една таква одлука се основа на општата перцепција што е развиена кај нас и која за жал е вистина, дека едно работно место може да се најде само преку интервенции, фамилијарни врски или други методи што немаат врска со професионалната подготвеност на кандидатите, а најмалку здравата конкуренција. Ни требаат посебни програми за поттикнување на конкурентноста и вработување на младите, на пример субвенции за компаниите кои вработуваат млади кадри или субвенции за стартап претпријатија, а особено за нивната одржливост. Фондот за иновации и технолошки развој е еден добар пример, но недостасуваа одржливоста на субвенционираните стартапи. Од друга страна добар дел од наставниот кадар особено на универзитетите се пред пензија, недостасува програма за финансирање на асистенти и демонстратори.

Фактор: Како би го оцениле нивото на реформи во образованието. Донесени се неколку нови законски решенија во изминатиот период, но и натаму ниско котираме на светските ранг листи, додека пак бизнис заедницата упатува критики дека новите кадри тешко и бавно се адаптираат на потребите на пазарот. Што вие како дел од академската заедница сметате дека треба да се подобри, а уште поважно како?

Зибери: Ние многу заостануваме во сите сектори на образованието од основното па се до високото образование. Континуираните реформи често без некоја сериозна анализа и долготрајна стратегија ориентирана врз пазарот на трудот, направија да имаме толку лошо меѓународно рангирање. Еве да го земеме високото образование, освен првичната верзија на Законот за високо образование донесен во април 2018 година, и што требаше служи како платформа за понатамошни реформи, до ден денес не е направено ништо повеќе. Недостасува една целокупна стратегија за развивање на високото образование, а органот што најмногу треба да придонесе, имено Националниот совет за високо образование и научно истражувачка дејност, кој и покрај тоа што постои законска обврска цели две години не се формира. Недостасува Закон за финансирање на јавните Универзитети, а академската заедница ги има најмалите плати во регионот. Недостасува Законот за научно-истражувачка дејност со кој би се регулирале и финансирале научно-истражувачките проекти и лаборатории.

Да бидам искрен, ситуацијава е уште поалармантна ако се гледа дека органите за квалитет на високото образование како што се Одборот за акредитација и одборот за евалуација на високото образование работат со правилниците и одредбите донесени со стариот закон, а кои по основањето на новите одбори не важат. Ова е само мал дел од проблемите и тешкотиите што постојат.

Инаку, деновиве се гледа каква дебата се води за реформите во основното образование. Секој се согласува дека ни требат реформи но, се противат на измени во сопствената област, ама за ова во некоја друга прилика.

Фактор: Исто така сте и активен член на организацијата Macedonian-American Alumni Association. На кои проекти работите во изминатиот период во делот на образованието?

Зибери: MAAA како една од најактивните алумни асоцијации во земјата поддржува и учествува во различни програми во делот на образованието. На пример, организиравме бројни такви активности преку Alumni rapid response fund програмата или small grant програмите. Во овие тешки времиња, сме биле во можност да споделуваме искуства во делот на справувањето со предавањата, зачувување на квалитетот во образованието, земајќи примери не само во земјата туку и на меѓународно ниво. Во рамки на одбележување на 20-годишнината на МААА организиравме и донација во училиштето „Искра“ во Штип, во организацијата  на „Отворете ги прозорците“ од Скопје и планирана е донација на книги во село Стенче и Гургурница во општина Брвеница. Исто така редовно ги поддржуваме и поттикнуваме членовите на Aсоцијацијата во нивните активности поврзани со образованието преку споделување на истите и употреба на платформата и брендот МААА.

Х.С.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.