26 Ноември, 2024
0.0259

ИНТЕРВЈУ ЗОРАН ЈОВАНОВСКИ: Да се фокусираме на економските прашања клучни за постковид периодот

Објавено во: Економија 11 Декември, 2020

Добивај вести на Viber

Брзината на економското заздравување ќе зависи од брзината на запирање на пандемијата. Во тој контекст, очекувам постепено нормализирање на здравствената состојба во развиените земји, како главни пазари за македонскиот извоз, и како резултат на тоа зголемување на оптимизмот и личната потрошувачка, вели во интервју за Фактор, Зоран Јовановски, советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија. 

За Јовановски кој во интервјуто зборува за актуелната економска ситуација, клучните проблеми со кои се соочуваат домашните компании, но и можните решенија важно е во моментов целосно да се напушти популизмот во водењето на економските политики. Тоа, вели, навидум дава резултати на краток рок, но ја поткопува долгорочната одржливост на економскиот развој на земјата и реалниот сектор. Бизнис секторот бара од државата силен и бескомпромисен фокус и ангажман во сузбивањето на сивата економија.  

Јовановски македонската економија и официјално е во рецесија отккао и во третит квартал кој е втор последователен беше забележан пад на БДП. Инаку  и во последните проекции кои Народната банка ги објави неделава, се очекува посилен пад од првично проектираниот, односно НБМ проектира падот на БДП да биде 4,9 проценти. Кои се вашите перцепции за домашната економија во оваа година?

Јовановски: Ваква брзина и силина на ударот врз светската економија во краток временски период се случува еднаш во сто години. Кога сте мала и отворена економија, како што е македонската, упатени да соработувате со остатокот од светот, не можете да ги избегнете последиците. На почетокот од пандемијата, тогашните креатори на економските политики, и покрај укажувањата, беа пооптимистички расположени од бизнис секторот во однос на проценките за последиците за економијата. Вториот бран на пандемијата беше очекуван и логично е дека сега се ревидираат надолу проекциите за растот на македонската економија. За годинава очекувам дека падот ќе изнесува околу 5 проценти. Истовремено, оценката на приватниот сектор е дека состојбата во македонската економија е тешка, но не е драматично лоша како што тој стравуваше дека ќе биде кога почна пандемијата.

Она што е важно е дека годинава дури и во услови на пандемија бизнис секторот од земјава не престана да инвестира. Пред некој ден „Алкалоид“ отвори своја мултимилионска инвестиција, „Брако“ произведе возило за чистење со погон на водород, Кам-Маркет и редица други фирми продолжуваат со своите инвестиции.


Кои се очекувањата за следната година?

Јовановски: Брзината на економското заздравување ќе зависи од брзината на запирање на пандемијата. Во тој контекст, очекувам постепено нормализирање на здравствената состојба во развиените земји, како главни пазари за македонскиот извоз, и како резултат на тоа зголемување на оптимизмот и личната потрошувачка. Оваа патека ќе ја следи и македонската економија. Следствено, во 2021 година ќе започне процес на економско заздравување на земјава, но тој процес ќе потрае. Според најверојатното сценарио, нивото на кое се наоѓаше македонската економија на крајот од 2019 година, пред пандемијата, најверојатно нема да биде достигнато во 2021 година. Сепак, мислам дека почнува период на растечки оптимизам.

Неделава Стопанската комора на Македонија ја промовираше брошурата за „Македонската економија во тековниот и во постковид 19 периодот“. Таму компаниите со свои размислувања практично креираат анализа на актуелната ситуација, но и препораки за следниот период. За каков документ станува збор и како настана?

Јовановски: Најпрвин, треба да се има предвид кого всушност го претставува Комората, дека според една анализа направена врз основа на податоците од Централниот регистар, дури половина од вкупниот промет и половина од нето добивката на приватниот сектор во земјава се остварени од страна на членките на Комората, а тие го вработуваат и секој трет вработен во приватниот сектор. Имајќи го ова предвид, документот „Македонската економија во тековниот и во постковид 19 периодот“ претставува исклучително релевантна колекција на изворни, автентични ставови на компаниите членки и на претставници на разните тела и органи на Стопанската комора на Македонија. Во документот се вклучени ставови на бизнисмени, академици, професори, банкари и економски експерти.

Документот има за цел јасно да ги идентификува клучните прашања за бизнис заедницата, нејзината оценка за тековната состојба и нејзините погледи во однос на тоа што треба да се прави во тековниот и идниот период. Притоа, суштински е важно сега да се размислува и за периодот после завршувањето на пандемијата и соодветно да се делува. Затоа, мотото на документот е: За посилна македонска економија во постковид 19 периодот! Врз основа на овој документ и самата Комора ги идентификува приоритетите на своите активности во претстојниот период со цел тие да бидат во линија со потребите на бизнис секторот.  

Инаку, самиот документ е јавно достапен и може да се види на интернет страницата на Комората на следниот линк.


Од овој аспект, а како претставник на Стопанската комора кои според вас се клучните проблеми на домашниот реален сектор во моментов?

Јовановски: Македонската економија има свои слабости кои се од структурен карактер и присутни со децении. Академик Беџети тоа убаво го презентира во брошурата, посочувајќи го трендот на деиндустријализација, неуспехот да се креира одржлив модел за економски раст што ќе обезбеди и една постојаност на економските политики, слабите институции, асиметричната состојба на пазарот на трудот со недостиг на технички и стручни профили кои ги бара пазарот, а прекумерност на профили со дипломи, остварувањето на раст на македонската економија базиран на учество на работната сила и мал придонес на продуктивноста на трудот, односно технолошки напредок, итн.  Овие слабости не се предизвикани од пандемијата, таа само побрзо ги извади на површина и ги потенцираше. Тука може да се додаде и релативно ниската конкурентност на ниво на целата економија. Во услови на тековниот силен технолошки развој во светот и глобалното поврзување, доколку ништо не се преземе овој проблем само ќе се продлабочува. Затоа е неопходно да се креираат поттикнувачи во македонската економија за нејзино преструктурирање и премин кон бизнис модели што ќе ја подобрат конкурентноста. Тие поттикнувачи за бизнис секторот треба да бидат креирани од носителите на економските политики. 

Кои од друга страна се ризиците за следниот период,  во кој пункт најмногу треба да се стравува – ликвидонста на компаниите е ниска, а и покрај стабилноста на финансискиот систем се претпоставува дека кризата лесно може да се прелее од реалниот кон овој сектор?

Јовановски: На оперативно ниво, бизнис заедницата посочува две приоритетни прашања во тековнава ситуација. Едно од нив е да се сочува проодноста на транспортните коридори, што е особено важно кога се случува „заклучување“ на цели држави и ова е особено важно за транспортот на енергенси. Второто приоритетно прашање е сочувување на ликвидноста на компаниите. За таа цел, во постојниве околности многу е важно јавниот сектор, на сите нивоа – централна власт, локална самоуправа, јавни претпријатија, да ги измирува своите обврски кон приватниот сектор навремено и во целост. Сочувувањето на својата ликвидност ќе им овозможи на компаниите да ги регулираат навремено и своите обврски кон банкарскиот сектор, со што ќе се избегне прелевање на проблемите од реалниот во финансискиот сектор.  

Владата донесе досега четири пакети економски мерки со кои се стимулираше потрошувачката, им се помагаше на ранливите категории граѓани, но и се делуваше кон помош на компаниите преку обезбедени кредити. Има ли според вас ефект од овие мерки и во кои аспекти се уште државата може да помогне? Кои се всушност вашите препораки, како полесно да се преброди оваа криза?

Јовановски: Се разбира дека владините пакети на економски мерки генерално ја ублажија силината на ударот предизвикан од пандемијата, особено во делот на исплатата на платите и сочувување на работните места. Кризата може полесно да се преброди со се’ што ќе помогне да се сочува ликвидноста на реалниот сектор. Но, тука мораме да ја истакнеме и важноста на тоа да се размислува и за постковид периодот. Мора да им се помогне на сегментите од македонската економија што беа конкурентни пред кризата да го пребродат ударот од кризата, кој за нив е само привремен, за да продолжат успешно да работат во постковид периодот. Ова значи да се обрне посебно внимание во спасувањето на извозниците и индустријата, бидејќи тие ќе бидат локомотивата што ќе го повлече напред процесот на заздравување на македонската економија после завршувањето на пандемијата. Со оглед на тоа што ресурсите за помош на економијата се скудни и ограничени, прашањето за ефикасноста во насочувањето на помошта е исклучително важно и носителите на економските политики треба да му обрнат големо внимание. Како што реков претходно, мотото на документот е: За посилна македонска економија во постковид 19 периодот.

Едно од клучните прашања е проблемот на ликвидноста која ја наведувате и како ризик. Но како да се реши овој долгогодишен проблем?

Јовановски: Има една перцепција за македонската економија која вели тука не е проблем да продадеш, проблем е да наплатиш. Решавањето на прашањето на ликвидноста на системска основа, бара и системски пристап. Треба да се зголеми транспарентноста на сите нивоа на јавниот сектор за тоа кој, колку и во колкав период должи некому. Потоа, треба да се воведе ефикасен механизам за наплата на побарувањата што ги има приватниот сектор од јавниот сектор. Има разни модалитети, како што се задолжница која би важела и за јавниот сектор, воведување фискален сертификат, итн. Исто така, треба да се направи соодветна измена и во Законот за извршување затоа што одредени негови делови во моментов ја кочат наплатата на приватните фирми од општините.


Барате попис, долгрочна економска стратегија, но и суштински реформи во повеќе сегменти. Што точно треба да се стори?

Јовановски: Документот за кој разговараме посочува редица на системски прашања кои заслужуваат посебно внимание во наредниот период, ќе споменам само неколку. Тука спаѓаат потребата од неодложно одржување попис, којшто е статистичка операција, но дава вредни информации за бизнис секторот и за носителите на економските политики. Треба да се интензивира процесот на децентрализација за да се обезбеди порамномерен економски развој и да се поттикне развојот на приватниот бизнис којшто е лоциран надвор од главниот град. Треба целосно да се напушти популизмот во водењето на економските политики којшто навидум дава резултати на краток рок, но ја поткопува долгорочната одржливост на економскиот развој на земјата и реалниот сектор. Бизнис секторот бара од државата силен и бескомпромисен фокус и ангажман во сузбивањето на сивата економија. Понатаму, некои прашања на кои Комората посебно ќе се фокусира во наредниов период се ревизија на постојната регулатива за царинска тарифа и преиспитување на парафискалните давачки, со вклучување на ефикасен механизам на контрола за нивно воведување, и сл. Се’ се ова прашања со чие решавање индиректно се подобрува конкурентноста на македонската економија и нејзините компании.

Еден од клучните проблеми во домашната економија, ама со години е обемноста и неефикасноста на јавната администрација. Од аспект на реформирање, Владата најавува и префрлување на дел од вработените во јавниот сектор во приватниот, но планира и со пензиски реформи и задолжително пензионирање да ја оптимизира бројката. Како може и дали може воопшто да се реформира овој сектор?

Јовановски: Реформата на јавната администрација не е астрофизика. Погледнете компании во приватниот сектор што имаат голем број вработени, а сепак успеале да ги оптимизираат своите работни процеси. Значи, се’ може да се направи доколку се сака. Но, треба да се има јасна визија што се сака да се постигне. Од една страна, јавната администрација е столбот на било каква реформа и затоа треба да биде квалитетна и соодветно платена. Но, од друга страна, кај работењето на јавната администрација треба да се применат истите принципи како и во приватниот сектор. Тоа значи вработување и напредување во кариерата исклучиво според компетентноста и остварените резултати, продуктивност, испорака на квалитетна, навремена и ефикасна услуга кон корисниците на нејзините услуги, и, се разбира, одговорност за евентуалната (не)успешност во работата. 

Сметате ли дека реалниот сектор е доволно вклучен во процесот на креирање на државните мерки? Нели е потребна поголема усогласеност и што точно ви пречи?

Јовановски: Вклучувањето на реалниот сектор во процесот на креирање на државните мерки и економските политики јас не го гледам како механички процес во кој само се дава можност да се даде мислење. Тоа не е цел сама за себе, треба да се гледа суштината, а не формата. Оттаму, поентата е креаторите на економските политики да го посветат потребното внимание на укажувањата на приватниот сектор затоа што тоа на крајот ќе донесе попрактични решенија, подобра регулатива, а со тоа и поголеми можности за создавање вредност и напредок за сите.

Александра Томиќ

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ЈСП распиша тендер за набавка на гориво

ЈСП распиша тендер за набавка на гориво

ВОЗАЧИ, ЕВЕ ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕТЕ КОГА УТРЕ ЌЕ ОДИТЕ НА БЕНЗИНСКА - Регулаторна со нови цени на горивата

ВОЗАЧИ, ЕВЕ ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕТЕ КОГА УТРЕ ЌЕ ОДИТЕ НА БЕНЗИНСКА - Регулаторна со нови цени на горивата

Еве ги најголемите економски патриоти! Кои се најголемите македонски извозници меѓу котираните компании?

Еве ги најголемите економски патриоти! Кои се најголемите македонски извозници меѓу котираните компании?

МИЦКОСКИ КАЖА КОГА КОНЕЧНО ЌЕ СЕ ДЕФИНИРААТ УСЛОВИТЕ ЗА УНГАРСКИОТ КРЕДИТ: Еве што најави

МИЦКОСКИ КАЖА КОГА КОНЕЧНО ЌЕ СЕ ДЕФИНИРААТ УСЛОВИТЕ ЗА УНГАРСКИОТ КРЕДИТ: Еве што најави

ШТО Е ТОА ШТО ГИ РАЗЛИКУВА „ТЕМУ“, „АЛИЕКСПРЕС“ И „ШЕЈН“: Голема трка за новиот кинески император

ШТО Е ТОА ШТО ГИ РАЗЛИКУВА „ТЕМУ“, „АЛИЕКСПРЕС“ И „ШЕЈН“: Голема трка за новиот кинески император

ВО СРЕДА ЌЕ ИМА ЈАВНА БЕРЗАНСКА АУКЦИЈА ЗА 9,83 ОТСТО - кој ќе искешира 7,34 милиони евра за акции на „Македонијатурист“

ВО СРЕДА ЌЕ ИМА ЈАВНА БЕРЗАНСКА АУКЦИЈА ЗА 9,83 ОТСТО - кој ќе искешира 7,34 милиони евра за акции на „Македонијатурист“

БАНКРОТ НА ЕВРОПСКИОТ ГИГАНТ ЗА БАТЕРТИИ: Директорот поднесе оставка откако се тргна надолу

БАНКРОТ НА ЕВРОПСКИОТ ГИГАНТ ЗА БАТЕРТИИ: Директорот поднесе оставка откако се тргна надолу

Должник на МЕПСО од Косово пред суспензија од пазарот за електрична енергија

Должник на МЕПСО од Косово пред суспензија од пазарот за електрична енергија

ОВА Е НАЈОМРАЗЕНИОТ ЧОВЕК НА ВОЛСТРИТ: Трамп го номинираше за министер за трговија

ОВА Е НАЈОМРАЗЕНИОТ ЧОВЕК НА ВОЛСТРИТ: Трамп го номинираше за министер за трговија