Добивај вести на Viber
Продолжува голготата на исклучените од системот за парно греење кои со месеци секоја сабота протестираат пред Регулаторната комисија за енергетика. Борбата велат граѓаните не е загубена иако повеќето од нив ги имаат изгубено судските случаи, а извршителите веќе тропаат на нивните врати за да ги наплатат долговите за услуга која не ја искористиле. Стресот е голем, понижувањето и нервозата уште поголеми, а најмногу боли што никој од надлежните не сака да им помогне на своите граѓани кои едвај крпат крај со крај- вели за Фактор
, Живко Аврамовски, еден од исклучените од системот за парно греење.
“Исклучен од централно греење, исклучен од правда, исклучен од правото на достоинствен живот, исклучен од сопствената држава. Исклучителите пред повеќе години од позиција на моќ ја реализираа својата идеја за зголемување на нивните материјални финансиски средства и во нејзината реализација ги вклучуваат органите и телата допирни со топлината. Пазарот на топлинска енергија го “зголемуваат“ со “нов“ субјект но со потполно иста мрежа за дистрибуција, а со Регулаторна комисија за енергетика ги преточуваат своите идеи во Правилник за топлинска енергија”- вели Аврамовски.
Секој месец, објаснува Аврамовски се засилува притисокот против исклучените. Па така сега компанијата ги тужи исклучените секои три месеци, наместо на шест месеци како што практикувала претходно. Правилата според граѓаните се спротивни на правото и уставните слободи со кои тие може да бираат како и со што ќе се греат и се спротивни на Законот за трговски друштва и понудата и побарувачката бидејќи се бара да се потпишат договори со трговецот на топлинска енергија без слободна воља на граѓанинот.
“Правилникот наметнува репресивен данок со кој не заплашуваат да плаќаме бидејќи сме непослушни, да мора да ги користиме услугите на здружените снабдувачи глумејќи либерализација на пазарот на топлинска енергија. Апсурдот да биде поголем внесуваат диктаторски член со кој исклучените кои нема да потпишат и склучат кориснички договор во нивно име регулаторот ќе го направи тоа. Со ова коруптивно и нелогично, неуставно и нечовечно “регулирање“ му даваат законска рамка да ја започне тортурата и кражбата на граѓаните – сопственици на станови кои не ги греат со системот на Топлификација – БЕГ. Оние граѓани кои ќе се одважат да се спротистават на нивните планови и не се од типот на “Трпе и Трпана“ но се ставени на црната листа, па со помош на овие неуставни понижувања им започнува животниот кошмар”-раскажува Аврамовски.
Вакви и слични одредби кои обврзуваат да се плаќаат пари за услуга која не се користи според него нема во ниту една друга држава. Затоа како што вели следат тужби за долгови кои во ниеден правен систем неможат да бидат процесуирани.
“Се прашувам како тужителот ги нашол личните податоци, зошто ги поседувал и ги злоупотребил и дали се предмет на коруптивни и противзаконски дејства? Одговорот се крие во ѕидот на молкот на институциите.Недокажани вредности на фиктивни фактури доставени во фотокопија, неразбирливи, различни податоци од месец до месец се прифаќаат од нотари без да се проверат со други документи и без да се произнесе и другата страна. Ако стигне налогот за извршување до граѓанинот тогаш тој со Приговор може да го одбие и процесот се префрла на Основен суд 2. Но многу често преку нотари налогот го пуштаат преку фирма –доставувач која не врши правилна достава и веднаш се извршува преку извршители со блокирање на сметките на граѓаните” -нагласува Аврамовски.
Илјадници семејства како што вели се на работ на егзистенцијата и со дополнително блокирање и кражба од сметките се доведени до глад и беда. Тогаш настануваат тешките докажувања на пропустите за да можат да си ги вратат незаконски одземените средства наплатени од страна на извршителот, нотарот, “доверителот“ и банките.
“Оштетениот граѓанин мора сам да бара поништување на Налогот за извршување и да ги посети сите субјекти по ред кои го испразниле неговото конто. Губење време, трауми, понижувања, исклучен од секојдневните обврски за да врати нешто што некој друг му го одзел. Ако предметот отиде на суд, само добива друг тек: подготвително рочиште, судија, адвокати од спротивната страна, а неможност за правна одбрана поради немање на финансии. Судскиот систем гомила трошоци за рочишта, поднесоци, застапувања. Се судираат аргументите, се измислуваат зборчиња како “исклучен потрошувач“, “ангажирана моќност“, “колективен објект“. Наеднаш сите стануваат експерти за термодинамика, а не признаваат судско вештачење од овластен лиценциран вештак во корист на исклучениот. Правниците станаа физичари”- потенцира Живко Аврамовски, еден од исклучените граѓани.
Тој им порачува на граѓани да се одважат и да го кренат својот глас, сите судии да се охрабрат, да судат по Устав и Закон и да се спротивстават на криминалот. Регулаторната комисија како што вели Аврамовски на јавноста треба да им ја соопшти вистинската потреба за донесување на овие правила, но очекува и Антикорупциска да се произнесе и да го спаси “исклучениот“ неправдата и притисокот.
С.Б