18 Април, 2024
0.0282

Историјата ја создаваме ние, преку чинење или нечинење во сегашноста!

Објавено во: Колумни 15 Мај, 2020

Добивај вести на Viber

Како и се во животот, а особено во меѓународните политички односи, нема случајности, односно за се си има причинско-последични врски.  Имено, не постои историски настан, случен на конкретен  и  одреден историски датум, кој нема свој редослед од  причини, настани, односи и луѓе кои го предизвикале истиот. Но, како што човечкиот живот е материја, чиј тек може да се креира, обликува и менува , така и историјата е река која нема однапред одредено корито во кое тече. Всушност, историјата се менува секој ден со чинење/ нечинење.

Некогаш од  неколку луѓе, зависи текот на светската историја!

Многумина велат дека  само присебноста на првите луѓе на  ЦИА и КГБ пред шеесетина години, го спасиле човештвото од нова,  овој пат можеби најстраотна нуклеарна катастрофа, кога двете биполарни најголеми геополитички сили во тогашните меѓународни односи САД и СССР биле на работ на нуклеарна војна ( операцијата во „ Заливот на свињите“ на Куба).  Сепак, разумноста  надвладеала и историјата добила сосема друг тек, а  не предизвикување на трета светска војна, дваесетина години по завршувањето на Втората. Ако извлечеме аналогија од тоа дека историјата се менува, т.е се креира од чинителите, тогаш  македонското национално прашање денеска би имало сосема друга конотација, или пак не би било поставено како такво- спорно. Имено, во веќе многу далечната 1876 година, во тогашен Ревал ( денешен Талин, Естонија ), министерот за надворешни работи на Австро- Унгарија, грофот Андраши и рускиот император Александар Први, потпишале спогодба со која се договориле да се создаде автономно кнежество Македонија во нејзините етногеографски граници, со центар во Солун, и во тесна царинска унија со Хабсбуршката монархија. Тој официјален договор, за кој малкумина во јавноста во Македонија знаат, не е испочитуван од страна на Русите, и тие место да работат на создавање на автономијата на Македонија, истата ја „ ослободија“ во рамките на Санстефанска Бугарија, како составен дел од големата новосоздадена бугарска држава. Замислете, доколу само руската дипломатија, го испочитуваше тој Договор, денеска Македонија би била во своите етногеографски граници, „ стара “ веќе околу век и половина, а не само 75 години, од кои триесетина независни. И замислете истата како би се развивала инфраструктурно, културолошки, стопански и економски како дел од една царинска унија со Австро-Унгарија? Ако ништо друго, барокот во Македонија ќе се појавел пред  150 години, и ќе заштедевме стотици милиони евра, за задоволување на  психопатологијата на „ Иван Михајлов“ од Будимпешта, Скопје да го преоблече во ново убаво барокно руво, за жал од стиропор!

Дали Македонија би ги имала денешните проблеми со соседите!?

Дали јужните соседи би имале проблем со името Македонија на својот северен сосед? Веројатно не, бидејќи во рамките на грчката држава, не би се наоѓала територија која го носи името Македонија. Дали  источните соседи би претендирале дека македонскиот народ е „ вештачки создаден“ и дека македонскиот јазик е само југозападна  регионална норма на бугарскиот? Веројатно не, бидејќи Македонија би се легитимирала како држава дури и порано од создавањето на бугарската држава, така што таквите тврдења денес би биле тотално беспредметни и без аргументирани. Таа една одлука на нечинење на Русите, за кои денес  стотици илјади Македонци и пола политичка елита има особени позитивни чувства, без да ја знае нивната улога во упропастувањето на позитивната разврска  на македонското  национално прашање, денес не чини многу. Историјата е позната понатаму, како бел ден. Македонија е оставена да биде последна отоманска империја, без да и се даде право на автономија и внатрешно политичко организирање на македонскиот народ, и сите национални и етнички заедници кои припаѓале во неа. Во добропознатите балкански војни, таа етногеографска територија на последната отоманска провинција- Македонија беше поделена воено и политички меѓу соседните Србија, Грција и Бугарија. Бидејќи на еден, а не на сите три дела, се создаде подоцна македонската државност, а следствено на тоа и политичка нација, посебен организиран етнос , и подигнување на националниот бит и култура на Македонците, историјата зазема друг тек. Во деведесеттите години на минатиот век, повторно излезе на површина „ македонското прашање“, односно негација на новата држава и нејзиното право на користење на атрибутите : македонски, македонско! Зошто? Колку и апсурдно да звучи, и колку според меѓународното право  да немаа такво право, Грците, токму поради поседувањето на половина од етногеографската територија на Македонија, ( нејзиниот јужен „ антички“) дел, на светот му ја продаваа нивната приказна. Значи, ако одиме наназад во историјата пред 150 години, таа одлука на нечинење на Русите во денешен Талин, предизвикала ваков бизарен распоред на развојот на македонското национално прашање, нормално штетен по нас и нашите интереси.

Историјата ја креираме ние, секој ден!

 Ако се водиме по оваа аналогија, замислете доколку во 1993 година не влезевме во Обединетите нации, и Македонија не се легитимираше како посебна земја, вцртана во светската мапа? Дали можеше да претрпи инвазија од север од страна на војските на Слободан Милошевиќ? Многу веројатно. Дали можеше да се случи воен конфликт во сите тие хаоси помеѓу македонската држава и националистичкото албанско малцинство, кое би барало свој сопствен ентитет во рамките на Македонија? Исто така, многу веројатно. Како денеска би изгледала Македонија? Нешто налик на внатрешната конституција на Босна и Херцеговина, Кипар, или нешто полошо. Дали со влезот во ООН, се сменил некој тек на историјата?  И тоа како да. Затоа, како што напоменав, во се во животот се креира „ историја“. Самиот живот на секој поединец е еден вечен крстопат со милион патокази, низ кои треба да се движиме, но претходно треба да донесеме одлука накаде ќе продолжиме. Секоја таква одлука  отвара нови видици и страници од истиот, но ги затвора старите. Историјата е завршена  доколку е минато. Но и денешната сегашност, во едно идно време ќе биде своевидна историја. Нека да учиме од грешките од минатото, и денес  секој ден да ја креираме нашата сегашност многу мудро и одмерено, за во иднина, да не се жалиме повторно дека „ историјата не била на наша страна“. Барем денес кога имаме сопствена и независна држава, се зависи од нас самите. 

Благојче Атанасовски-политиколог

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок