28 Мај, 2020
0.0488

Италијанска врска

Објавено во: Колумни 10 Мај, 2020

До колку окото не ме лаже,скопјани се повеќе и се почесто како премин од автомобил кон велосипед во секојдневниот густ и нервозен градски сообраќај  користат веспи! Да убаво прочитавте-веспи.И тоа не мали,подвижни и евтини превозни средства туку „ѕверови“ од машини со неколкупати зголемен надворешен имиџ на некогашните романтични и бавни прпелешки што служеа за чалам и превоз на најубавите девојки,одовде до онде.Кога ќе се земат предвид задолжителните кациги и јакните, како заштита од студениот воздух што удира во градите при брзини над стотка, се добива впечатокот дека скопските ионака тесни за сообраќај улици се повеќе наликуваат на патеки за мото-трки и за покажување на моќта на машините, во кои се скоцкани десетици коњи.

А што се однесува до веспите во Скопје се започна во далечните шеесетти.Веспаџиите се броеја на прсти,а нивните горди миленици секојдневно беа паркирани пред Ванила и Македонија или со гас до даска не зобиколуваа по патеките околу Кермез.Модата како поплава ги донесе веспите,се чини,од Трст каде што повеќето шизици купуваа облека на Понте росо,„бувљакот“ преполн со стока примамлива за шверц-комерц и за лична потреба,се разбира.Курентни беа фармерките „супер рифле“и„леви штраус“, ролките,патиките „стар“(кинески) и задолжителните мантили „шушкавец“(едвај чекаш да подзароси па да го извадиш од торбичката мантилот изгужван и испревиткан,па да се опашаш со коланот како да си гестаповски агент и да прошеташ по корзо-што да ти кажам!!!).

Ни самиот не знам на кој начин го привлеков наставникот по музичко во осмо одделение-ниту пеев во хор,а не знаев ни да ја држам мандолината,а камоли да свирнам барем некоја нота.Се викаше Страхиња Михајловиќ,убав млад нишлија кој предаваше во моето школо „Карпош“ и многупати со веспата знаеше да дојде пред нашата куќа во Циган маало,да свирне и да ме собере за на школо.Не можев да се соберам од што бев надуен и важен на седиштето зад шармантниот и секогаш мангупски раположен музички педагог по уличките низ Дебар маало и Карпош еден.Но,се што е убаво кратко трае-ја спобркав Елена по ходник за да и ставам бемка од мастило на лицето за да заличи на нејзината миленичка Џина Лолобриџида,но го изумив фактот дека дежурен во ходник е мојот пријател.Ме запре и ме укори,а јас пак се вртам на една пета и се свртев како дундарак кога ми врза една машка шлаканица,а потоа ме потегна за косата околу десното уво и ми се учини дека ме подигна до некречениот плафон.Моментално престана веспа-периодот од мојот живот,а продолжив да ги гледам веспите и веспаџиите со завист,но и со каење(што ти требаше својот израз на симпатија да го покажуваш на таков неизделкан начин,дрво дрвосано).

Одненадеж се појавија постери(плакати)за првиот музичко-моден спектакл „Љубав и мода“ со Десанка Беба Лончар во лесно развиорено фустанче,со најлон шарпа од Трст на вратот качена,погодите на што!(на задното седиште на веспа).Филмот предизвика земјотрес-го гледаа и старо и младо,и машко и женско,а критиката во „Филмски свет“ и „Илустрована Политика„ го направи партал. Навикната само на партизански и филмови за повоената изградба на земјата сметаа дека тоа е неуметнички израз на моментот што ја расипува југомладината.Велат дека на затворена сеанса филмот го гледал и Маршалот ,кој наводно многу се воодушевувал на манекенките(„мајку ти божју како су лепе ове цурице“)што на политкомесарските апаратчици им било сосема доволно да дадат зелено светло за остварувањето од кое како хит излезе и песничката „Девојко мала...(а ја пееше актерот и одличен интерпретатор Властимир Ѓуза Стоиљковиќ).

Неодамна гледав на некоја од  тв станиците од бивша југа изјава на  современичка на филмот што направи ршум и во СССР, која поентираше со исказот-„ И Трст изгледа јадно откако ја снема нашата  некогашна држава“.... 

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Тоне ли извозот и извозните компании: Битиќи vs Лазаров

Тоне ли извозот и извозните компании: Битиќи vs Лазаров

Денот на младоста

Денот на младоста

Уште долго време, крајот нема да ни се наоѓа!

Уште долго време, крајот нема да ни се наоѓа!

Украина фатална за Трамп и Бајден

Украина фатална за Трамп и Бајден

Предизборен маркетинг или помош: За најактуелните теми Битиќи vs Лазаров

Предизборен маркетинг или помош: За најактуелните теми Битиќи vs Лазаров

Кој е доктор Но во македонската правна регулатива?

Кој е доктор Но во македонската правна регулатива?