Иванова: Погрешно е да се прави отпор за нови регионални депонии
Објавено во: Македонија 09 Јуни, 2020
И по две децении многу малку е променето во пракса во однос на постапувањето со отпадот. Тогаш, како и сега имаме само една депонија – Дрисла, која задоволува одделни стандарди. Тогаш, како и сега на улиците можеме да видиме отпад кој е расфрлан насекаде. Тогаш, како и сега, граѓаните се жалат на состојбата со отпадот, а општините бараат пари од Владата. Ова е став на Јадранка Иванова, експерт за приближување на нашето законодавство во областа на животната средина. Иванова во моментот е во Тирана, а разговорот го водиме во пресрет на обврските кои ги имаме од преговорите за пристапување кон Европската Унија. Иванова е поборник на изградба на регионални депонии какви што граѓаните одбиваа да се прават во земјава.
Иванова: Управувањето со отпадот е едно од десетте области што се вклучени во Поглавјето 27 – Животна средина и климатски промени. Нашето законодавство во оваа област е речиси целосно усогласено со она на ЕУ. Сепак, она што мораме да го промениме е примената на истото, како од правните субјекти, така и од граѓаните. За жал денешното управување со отпадот во Македонија, со мали исклучоци, задоволува само едно барање, а тоа е дека отпадот барем се собира од комуналните служби на општините, кои ја имаат примарната обврска за постапување со отпадот од домаќинстватаодносно комуналниот отпад. Гледајќи ја оваа состојба, сметам дека во управувањето со отпадот треба да почнеме од почеток односно најпрво да научиме дека отпадот мора да се остава на места определени за тоа. Тоа што нема доволно канти за отпад не смее да биде причина отпадот да го фрламе каде што ни е згодно. Мора во нашите навики и размислувања да биде вклучена грижата за отпадот. Граѓаните треба да ја остварат својата обврска, но и власта, особено локалната, треба активно да работи на подигнување на јавната свест и да не бара ослободување од одговорност за сегашната состојба со отпадот во однесувањето на граѓаните. Втората промена е во квалитетот на услугата што ја даваат комуналните претпријатија на општините, кои мора да создадат услови за одлагање и селектирање на отпадот. Постојните закони дваат доволно можности општините да обезбедат бесплатно садови за одделно собирање на отпадот. Најкомплексен дел е воспоставувањето на регионален интегриран систем за управување со отпад со потребната инфраструктура, вклучително и центар за отстранување на отпадот односно депонија. На крај промената треба да се случи кај секој правен субјект кој создава отпад. Во процесот на управување на една компанија треба да се воведат мерки за намалување на создавањето на отпадот, негова преработка и искористување на сите корисни компоненти на отпадот. Промената нема да се случи ако не биде поддржана со јасна стратегија и посветеност на Владата и на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), со финансиска поддршка на општините, но истовремено и барање на одговорност од општините и сите субјекти кои постапуваат со отпадот.
За управување со отпадот, кој дел ќе биде најпредизвикувачки за подобрување?
Иванова: По осамостојувањето, Република Македонија, во тоа време, од 1998 година воспостави добра законска рамка за управување со отпадот (Законот за отпад и Законот за одржување на јавната чистота, собирање и транспортирање на комуналниот цврст и технолошки отпад). Во 2004 година се донесе Законот за управување со отпад кој беше усогласен целосно со директивите на ЕУ. Но ако направиме споредба, ќе видиме дека многу малку е променето во пракса во однос на постапувањето со отпадот. Тогаш, како и сега имаме само една депонија (Дрисла) која задоволува одделни стандарди. Тогаш, како и сега на улиците можеме да видиме отпад кој е расфрлан насекаде. Тогаш, како и сега, граѓаните се жалат на состојбата со отпадот, а општините бараат пари од Владата. Не велам дека нема позитивни промени и исклучоци, но генерално земено многу малку е променето. Оттука, спроведувањето на законодавството во оваа област ќе биде вистински предизвик за многу чинители. Особено ја потенцирам потребата од подобрување на однесувањето на граѓаните. Не можеме да очекуваме промена во општеството ако сами не се промениме. Паралелно, сметам дека промената на политиките и практикувањето на власта на локално нови исто така е голем предизвик. Одговорноста за управувањето со отпадот мора да ја понесат политичарите. Фактот дека носењето на една одлука можеби во моментот е непопуларна, не треба да биде причина за неносење на истата, затоа што начинот како сега се управува со отпадот е штетен, како за животната средина, така и за здравјето на граѓаните. Бевме сведоци кога локалните власти поддржуваа одлуки да не се изгради депонија која ги задоволува сите стандарди за животна средина, која всушност е повеќе центар за постапување со отпад, но немаа проблем на подрачјето на нивната општина да постојат повеќе ѓубришта и отпадот што го собираат општинските служби да го депонираат на непрописна депонија. Начелото на блискост бара отпадот да биде депониран најблиску на местото на неговото настанување и секоја друга опција е неостварлива или премногу скапа.
Кој ќе ги сноси трошоците за овие промени во животната средина за отпадот?
Иванова: Македонија ги користи ИПА фондовите на ЕУ од 2007, а претходно PHARE и CARDS, кои овозможуваат да се изгради инфраструктура за постигнување на стандардите за животна средина, која поради слабата економска моќ, граѓаните не можат самите да ја платат. ЕУ, но и другите билатерални донатори, даваат финансиска поддршка за изградба на потребната инфраструктура за управување со отпад што обезбедува заштита на животната средина и здравјето на луѓето, која е најскапиот дел во воспоставувањето на еден систем на управување со отпад. Од искуствата од последните проширувања на ЕУ, додека земјите се уште имаа кандидатски статус, голем дел од потребната инфраструктурата за заштита на животната средина се изгради со финансиска помош на ЕУ која речиси трипати се зголеми со зачленувањето во ЕУ. Еднаш воспоставениот систем, потоа треба да биде управуван и одржуван со средства од наплатената услуга за постапување со отпадот од граѓаните. Едноставно речено, ЕУ и другите донатори ви даваат пари за да купите возило, но неговото одржување и управување морате сами да го платите. Затоа е многу значајно расположливата финансиска помош од ЕУ и другите донатори, како и домашните средства да бидат добро и целисходно планирани и користени, земајќи ги во предвид приоритетите на државата и процесот на преговарање со ЕУ.
Дали овој труд за животна средина ќе доведе до зголемени давачки за граѓаните?
Иванова: Ова прашање не може правилно да се одговори ако го гледаме само монетарниот аспект, односно колку граѓанинот реално плаќа како трошок за услугата што ја добива за постапувањето со отпадот. Правилното управување со отпадот има многу повеќе индиректни придобивки кои не се сите реално видливи. На пример ако имате куќа која е покрај некое ѓубриште, со чистењето на истото, куќата веднаш добива повисока цена. Воедно, ако одгледувате зеленчук во регион во кој постојат многу ѓубришта и непрописни депонии, тешко дека ќе добие иста цена како зеленчукот кој е одгледуван во регион во кој постои добро управување со отпад или е еколошки. Колку граѓаните ќе плаќаат за отпадот најмногу зависи колку давателот на услугата во општината, т.е. јавното комунално претпријатие, успева да го селектира и искористи отпадот, кои трошоци ги вклучува во цената на услугата, колку е далеку трансфер станицата односно депонијата каде го отстранува отпадот, воедно и колку вработени има во претпријатието. Сите овие аспекти имаат влијание во утврдувањето на конечната цена што ја плаќа граѓанинот за услугата за постапување со отпад. При подготовката на регионални планови за управување со отпад се утврди дека во моментот граѓаните само за услугата за собирање на отпад плаќаат помалку од 1 процент од просечен приход по домаќинство. Имено, отпадот во моментот само се собира и транспортира до депонија, каде се преземаат многу мали мерки на заштита по депонирањето. Со воспоставување на регионален современ систем на управување со отпад цената би изнесувала не повеќе од 1,5 отсто од просечен приход по домаќинство, што е воедно просечен трошок на Европско ниво. Локалната власт, и кога е тоа реално потребно, само затоа што не е популарно, не е спремна да ја зголеми цената на услугата и го подобри управувањето со отпадот. Но од друга страна имаме и случаи каде, иако постои можност за намалување на цената, истото не се прави поради превработеност во јавните претпријатија. Во вакви услови, би препорачала дека е најдобро цената на услугата за постапување со отпад да биде утврдена од независен регулатор, односно Регулаторната комисија за енергетика, на која пред некоја година и беше дадена и обврската да ги регулира цените за услугите поврзани со водите. На овој начин би се постигнала поголема заштита на граѓаните каде во цената на услугата за постапување со отпад би биле вклучени само реалните трошоци кои придонесуваат во реализацијата на услугата.
Постои ли проценка за степенот на штета по здравјето на населението од несоодветното управување со отпад?
Иванова: Постојат многу студии, направени од ЕУ и земјите членки на ЕУ, кои укажуваат дека непрописното управување со отпадот навистина има негативно влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето. Доколку немаме селективно собирање на отпадот, тоа значи дека на исто место може да се најде опасен и неопасен отпад. Непрописното одлагање на отпадот доведува до загадување на почвата и водите кои потоа ги користиме за наводнување и одгледување на земјоделски производи. На крајот истите ги консумираме, и сите опасни и штетни супстанци во отпадот ги внесуваме во нас. Ова е едноставно прикажување на ланецот како се пренесува загадувањето од отпадот што треба да предизвика аларм кај надлежните органи веднаш да започнат да преземаат мерки за управување со отпадот согласно законски утврдените барања.
Што треба да се направи и што итно ќе промениме во врска со отпадот во земјата?
Иванова: Наједноставен одговор е да се започне со спроведување на законите од областа на животната средина, а особено на Законот за управување со отпад (ЗУО). Примарната обврска за управување со отпад ја имаат општините. ЗУО предвидува соработка на општините во еден регион заради воспоставување на систем на регионално управување со отпад кој е еколошки оправдан и кој граѓаните можат да си го дозволат, односно можат да го платат. Што имаме во моментот? МЖПП со помош на ЕУ изработи регионални планови и техничка документација за 6 региони во Република Северна Македонија. Локалната власт е должна да ги спроведат овие планови и да преземе целосна одговорност. Треба да се следи примерот на општините од Источниот и Североисточниот региони кои успеаја да се договорат и сега веќе се во фаза на добивање на околу 40 милиона евра финансиска помош од ЕУ за воспоставување на современ регионален систем за управување со отпад. Секогаш е полесно да се најдат проблеми во понудените решенија дадени во изработените документи. Најчесто дадените забелешки воопшто не засновани на стручно мислење или направена анализа. Не можеме повеќе да бидеме задоволни со тоа како во моментот постапуваме со отпадот. Мораме да носиме одлуки кои се засновани на експертско мислење. Затоа сметам дека МЖСПП треба да покаже лидерство и да бара одговорност од општините за тоа како постапуваат со отпадот и да преземе итни мерки за воспоставување на регионалните системи за управување со отпад.
Какво е вашето мислење за алтернативното гориво или енергија од отпад? Дали верувате дека ова би можело да се искористи и кај нас?
Иванова: Како држава, согласно нашето и ЕУ законодавството, треба да обезбедиме услови кои ќе овозможат отпадот максимално да се искористи. Жалам што се донесе одлука за забрана на увоз на отпад, кој може без последици за животната средина и здравјето на луѓето, да се искористи како алтернативно гориво или енергија. Циркуларната економија, која сега е тренд и обврска во ЕУ, бара да постои непречено движење на отпадот заради негова преработка и искористување коешто придонесува во заштитата на природните ресурси. Ние имаме добра регулатива како отпадот може да се преработува и искористува и истата треба да се почитува. Претпоставувам дека граѓаните стравуваат дека немаме доволно добра администрација која може да го следи и контролира искористувањето на отпадот односно неговиот третман. Но, сметам дека тоа не треба да е основа за донесување на некоја одлука. Ако граѓаните имаат недоверба кон администрацијата во однос на спроведувањето на законите, тогаш тоа треба да биде знак за Владата, а и за МЖСПП, под итно да преземат мерки за зајакнување на капацитетите на администрацијата во оваа област, не само во нејзино зголемување како бројка туку, многу повеќе, во зголемување на експертското знаење и способност. Јас лично, во 2000 година во Осака, Јапонија, бев сведок на инсталација за согорување на комунален отпад лоцирана во урбана населба, 100 метри оддалечена од првите станбени згради. Единствената забелешка на жителите беше бучавата од камионите кои вршеа дотур на отпад и побарале истиот да започне не порано од 6,30 часот наутро и да се врши до 11 часот навечер. Од оваа инсталација, се обезбедуваше топлинска енергија за целата населба и пошироко, а нејзините жители, заради близината имаа многу повисока температура на водата, што за нив резултираше со пониски сметки.
Сметам дека треба да ја искористиме и најмалата можност за искористување на отпадот, да го вклучиме приватниот сектор секаде каде е можно, при што паралелно мораме да ги градиме капацитетите на администрацијата која треба да го контролира целиот процес. Впрочем, ние не сме доволно богати за само да го фрламе ѓубрето.
Која би била вашата препорака за најефективно решение за проблемот со отпадот?
Иванова: Воспоставување на регионално управување со отпад, согласно законот и изработените регионални планови и техничките документи. Регионалното управување не подразбира само формирање на центар за отстранување на отпад. Намерно не го употребувам терминот депонија, затоа што согласно направената документација, во овие центри најпрво отпадот ќе биде селектиран, потоа оној дел што може ќе биде преработен, и само еден мал дел од отпадот би бил депониран. Регионалното управување со отпад треба да ја има и останата потребна инфраструктура, како што се трансфер станици, доволен број на канти и контејнери за селективно одлагање и собирање на отпадот и возила за транспортирање на отпадот. Воедно, потребно е да има добра евиденција за количините на отпадот што се собрани, преработени и депонирани. Нашето законодавство забранува депонирање на органски отпад. Воедно, со преговорите на ЕУ треба да се обезбеди систем кој ќе овозможи постигнување на целите за собирање, рециклирање и преработка на отпадот. Сета ова води кон потребата од зголемување на грижата и одговорноста за постапување со отпадот на сите чинители.
Што е со индустрискиот отпад? Дали верувате дека Македонија ќе ги има предвид капацитетите за третман на индустриски отпад?
Иванова: Индустрискиот отпад за сега најчесто се отстранува на депонии во рамките на самите инсталации (индустриски капацитети) кои го создаваат, или пак тој се презема од комуналните претпријатија и се меша со комуналниот отпад. Индустрискиот отпад може да биде опасен и неопасен, поради што е потребно различно управување за секоја компонента. Некои од местата каде се одлага индустрискиот отпад претставуваат еколошки жаришта, поради што државата заедно со сопствениците на инсталациите, треба да најде начин за решавање на овој проблем. Искуството во некои земји покажува дека вклучувањето на приватниот сектор е добро решение за справување со индустрискиот отпад. Кај нас постоеја одделни инцијативи за ова но не би можела да кажам како истите се развија. МЖСПП треба да има стратегија во однос на ова прашање односно да даде јасна насока како планира да се справува со овој отпад, дали предност ќе даде за јавно управување или пак ќе ги поттикне приватните инвестиции. Во секој случај, секое решение треба да ги запази бараните стандарди за заштита на животната средина и здравјето на луѓето.
Според вас, како Македонија ќе се справи со проблемот со регионалните депонии што локалното население не ги прифаќа во нивна близина?
Иванова: Неприфаќањето на локалното население да се воспостават депонии во нивна близина не е нешто ново ниту неочекувано. Иста реакција имале и граѓаните во земјите на ЕУ можеби пред повеќе од 20 или 30 години. Ние имаме предност затоа што можеме да видиме во реалност како се управува со една депонија, и со тоа да донесеме подобри одлуки. Стравот на граѓаните верувам е повеќе резултат на немање доволно информации за тоа што значи депонија воспоставена согласно современите стандарди. Сепак она што не можам да го прифатам е неодговорното однесување на некои локални власти односно политичари кои не можат да ја согледаат реалноста ниту да ја преземат одговорноста за донесување на одлуки кои ќе значат долгорочно подобрување на состојбата со животната средина, но и давање на можност за нови вработувања за локалното население. Најмногу сум изненадена и ме зачудува што се славеа одлуките за референдум со кои се одбиваше формирање на регионална депонија во одделно подрачје. Сите граѓани имаат право на референдумско изјаснување, што во крајна линија значи дека сите граѓани на Македонија можеме преку референдум да се изјасниме дека нема да дозволиме формирање на депонија во нашата општина. Во тој случај можеме да заклучиме дека единствена опција е извоз на отпадот. Но такво решение е речиси невозможно и воедно спорно, затоа што нашето, а и законодавството на ЕУ, дозволува извоз/увоз само на отпад кој може да се преработи. Ако пак е можно тогаш граѓаните ќе ги чини многу скапо. Воедно, воведовме и забрана за увоз на отпад, што им дава право на другите земји да воспостават реципроцитет и забранат увоз од нашата држава. Затоа сметам дека поддржувањето на ваквите одлуки е погрешно, без оглед кој го прави тоа. Во моментот, но и во иднина единствена опција е регионалното управување со отпадот. Тоа е еколошки најбезбедно, но и најевтино за граѓаните. Во процесот на преговарање со ЕУ ќе мораме да донесеме одлука за ова. Колку порано донесеме одлука толку подобро затоа што неспроведувањето на законодавството во областа на управувањето со отпадот може да го одолговлечи членството на Северна Македонија во ЕУ.
Александра Томиќ* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.