19 Март, 2024
0.1076

Изборен молк- а ла Славе Биљбиљ

Објавено во: Колумни 16 Април, 2019

Добивај вести на Viber

Предизбориево  е вистинскиот момент да се потсетам на една епизода од серијалот шармантни и со дебармалски шмек случувања во кои главен јунак е оваа скопска легенда.Изборниот молк пред првите повеќепартиски избори во Македонија која во 90-те штотуку зачекори во независност и сувереност беше новитет што за многумина,за волја на вистината,беше равенка со повеќе непознати.

Но,не и за Славе Биљбиљ, кој покажа на свој и оригинален начин како тој го сфаќа и практикува овој прв урок во демократски плурални избори:влегуе во една дебармалска кафана у петок пред изборната недела со фластер преку устата(и дебелите мустаци,се разбира)ни помалку ни повеќе-мора да се ќути.Но, не издржало срце јуначко,велат очевидци,кога меѓу гостите го здогледал Слободан Чашуле.Го одлепил медицинското помагало, сега во улога и на предизборен инструмент,па му се истура рафално на елоквентниот новинар,кој не можел да дојде до збор, со тирада за наводната улога на неговиот татко во повоените случувања овде кај нас,завршил со АСНОМ и Ченто и повторно си го залепил фластерот.

 Легендата од улицата „Ѓорѓија Пулески“ во срцето на Дебар Маало на мојата генерација и стана познат по „Тениско“ во Градскиот парк,врталиште на младите рамно на сегашниве кафулиња, со далеку поскромен ентериер и угостителски асортиман,но со неизмерна топлина  и интимност што зрачеа на секој квадратен сантиметар од малиот како кутивче објект.Овде газдува Славе,најстариот син на Илија Кокиновски,познат скопски занаетчија-чешлар,а подоцна по природата на нештата му се придружува Васка,прекрасна жена која стави ред и поредок у „Тениско“.Тука се доаѓаше везден, стално имаше убави луѓе,да ти е мерак да поседиш на чашка муабет и мезе.Биљбиљ во џебот имаше црвен картон.Им го покажуваше на гостите што држеа цела маса, а порачуваа кока-кола или обично турско кафе(сега е македонско) се разбира и вратата-„со вакви нарачки ништо не праам,ај со здравје“.Црвен картон добиваа и постојани гости за кои ќе разбереше дека оделе и кај Стојче у Маракана или у Езерце.

Вистинско доживување беше неговото често навраќање кај Јоле и Почу откако ќе затвореше(Тениско не работеше до касно!). Им немаше крај на шегите и гласното смеење на сите,не само на тие што имаа среќа да го познаваат.Седна една вечер на масата кај што седеше Крле,прочуен гинеколог,со друштвото(подоцна ми стана зет за сестра) поседе малку и отрча до колата паркирана пред Клубот на уметниците.„Доторе“ знаеше во што е работата и си ја шмугна.Дојде Славе со телевизорче „Јуност“ со кое го прогонуваше кај ќе го види за да му го подари како знак на благодарност за успешното лекување на Васка што му ги донесе приновите во семејството.Крле не земаше рушвет-таква му беше sвездата.

Се израдував(иако не беше пригода за радување )кога по многу долга низа години го видов Славета на погребот на Андро Гигов-не се ракувавме,само си мавнавме со рака од подалеку.Си помислив ќе имам сигурно можност да го сретнам низ градов-разбрав сега престојува во Струмица,каде што, сигурен сум, става печат и врз тамошното градско битисување.

Приказнава со реални личности од скопското секојдневје е раскажана и објавена во 2016-та- една од изборните епизоди на тогашната република...се е, скоро, исто!!!!!! 


Mojсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?