Изборите се можност за Македонија, но мора да бидат фер
Објавено во: Македонија 17 Ноември, 2016
Изборите мора да бидат веродостојни и кредибилни, констатираа денеска учесниците на 13 состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Комитетот на региони на ЕУ и Република Македонија.
Состанокот е во организација на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), Министерството за локална самоуправа и Комитетот на региони на ЕУ.
Изборите во декември се можност за Македонија, за политичарите да ја извлечат државата од кризата и да ја придвижат напред, кон евроатлантска интеграција, кажаа учесниците на настанот.
Лукаш Холуб, претставник на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија истакна дека единиците на локална самоуправа имаат многу важна улога во процесот на проширување и во интеграцијата на земјата во ЕУ. Вели дека мислите на граѓаните и политичарите се фокусирани на изборите во декември.
„Јасно е дека изборите се можност за земјата, за политичарите да ја извлечат земјата од кризата и да ја придвижат напред, кон евроатлантска интеграција. Меѓутоа изборите мора да бидат веродостојни, кредибилни и се надеваме дека по изборите ќе можеме да соработуваме со новата влада за реформите и да дискутираме за тоа како можат да се подобри ситуацијата. Се надеваме дека тоа ќе има добро влијание и на општините“ - кажа Холуб.
Потсети дека ЕК повторно препорача отворање на преговорите за зачленување на Македонија меѓутоа, како што нагласи, тоа е условено од кредибилни избори и спроведување на потребните реформи.
Жан-Франсоа Истас, копретседател на Заедничкиот консултативен комитет рече дека имаат одлична соработка со ЗЕЛС, општините и градоначалници и додаде дека таа треба да помогне Република Македонија да пристапи кон ЕУ.
„Во рамки на сегашните политички услови во однос на меѓународните односи, јасно е дека Македонија има потреба од ЕУ, но исто така јасно е дека и ЕУ има потреба од Македонија“ - кажа тој.
Според него, потребна е политичката волја за да се завршат овие преговори и за да се дојде до конечниот чин на пристапување.