Изел 20 чоколади и канта крем за да се самоубие
Објавено во: Балкан 25 Мај, 2016
Во Ургентниот центар во Лесковац лекарите спасувале човек на возраст од 30 години, кој за едно попладне изел 20 чоколади, канта крем и испил шест литри „Кока Кола“.
Овој настан се случил минатиот викенд, а лекарите не можеле да потврдат туку само изразиле сомнеж дека човекот се обидел да изврши самоубиство, пренесува порталот „Југмедија“. Тој западнал во хипергликемична состојба, а лекарите морале да пронајдат начин како да му ја стабилизираат состојбата за да не западне во кома.
„Работата e во тоа што од покачениот шеќер во крвта не се умира баш толку лесно. Најлошото што можело да му се случи на момчето е да падне во кома. А ваков случај досега не сме имале, се обидувале да се убиваат така што испиваат есенција или со голтање на повисоки дози на лекови за смирување, а ова е веќе посебен случај“ - изјавил докторот на лесковачката општа болница, Небојша Димитријевиќ.
Најнеобичниот обид за самоубиство во Лесковац се случил пред само два месеци, кога маж дури три пати се обидел да се самоубие во еден ден. Тој прво се обидел да се отруе со лекови, потоа да се обеси, и на крајот одлучил да испие големо количество на есенција.