20 Април, 2024
0.0247

Јагоди и локум

Објавено во: Колумни 18 Мај, 2019

Добивај вести на Viber

Имам испробан рецепт за бегање од секојдневницата (колку и ако се може): штракам со далечинското по спортските канали до изнемоштеност. Бегам од енормната контаминација со турски серии, но и од контактните емисии на кои се точкаат едни те исти ликови наречени(главно) аналитичари.

Гледам од се по нешто,но главно тенис (турнири со разна јачина колку сакаш,кои ми се совпаѓаат и со режимот на малку спиење,ги има во секое време и во секое катче на земјината топка. Некој ќе рече шо има овие од У 70 (и некоја) да зборат за врвен тенис кога цел живот глеале фудбал и навивале за Вардар или Работнички?

 Фудбалот ни беше главен,но гледавме редовно ракомет и навивавме за Вардар, Работнички, Графичар, Југ и Пролет, бевме редовни на кошарка кога играа Работнички, Вардар, Слога и Трговски, одбојката ги задоволуваше нашите пробирливи вкусови по адреналински доживувања.....и да не набројувам тука се пинг-понгот,боксот ,борењето, кајакот на диви води, мечувањето.....па и тенисот. Читавме за успесите на тогашните асови на белиот спорт од бившата држава на тогашните турнири-Пилиќ, Јовановиќ, Франуловиќ, Иванишевиќ, а дома низ жичената ограда на ТК Југ во Градскиот парк ги гледавме Штериев, Ночев, Пота, Цинцар, Сашо Панов....и грицкавме кисело-весело, ползавец што го имаше насекаде. Ја гледавме и Билјана Арсова, но и  неколку девојки- ќерки на високи офицери на ЈНА кои демонстрираа солидно знаење од тенисот но и поседуваа шарм и убавина,да признам што не носеше секојдневно  на тениско.

Вимблдон се доближува –турнирот од рангот на гренд слем е и неофицијално светско првенство. Секој што нешто значи во овој популарен спорт специјално се подготвува за турнирот на годината(заедно со другите три од истиот ранг). Ај што тука е се што моменталн нешто значи во тенисот,туку и џет-сетот со сите модни лудории и екстремни однесувања се со една цел да се привлече светското внимание. Во текот на секој меч помалку или повеќе важен се точка народ на трибините –влези излези, седни стани, како да е дојден за се само не за гледање врвен тенис. А врв на се се чашата шаманско во раката и чиничето јагоди со шлаг(за мезе, можеби, кој знае).

Ништо чудно, си велам,па и ние пред годиништа, навистина не на тенис туку на фудбал, главно, не влегуваваме на стадион ако претходно не се напиеме сода или клакер од кај Благоја содаџијата кој ги држеше ладни во корито со издробен мраз, додека не се вооружиме со семки солени од семкарите кои ги имаше во големи количества со корпи и зембили околу Градски, но и со варена ченка(со чебленките започнувавме војна на трибините со ривалските навивачи). Купишта остатоци од солените грицки остануваа на трибините како резултат на навивачката нервоза и возбуда од важноста на утакмицата.......е овде доаѓа како потсетување и Шарко со стомната вода и локумот......„локуми ладна вода“ беше извикот што одекнуваше постојано, но и тресокот на скршената стомна кога Вардар ќе постигнеше гол или ќе утнеше, понекогаш тоа значаше испаѓање во понизок ранг.„Оф што ми е убаво“, ќе речеа дебармаалци во Идадија-„Вардар у втора“, а нема врска што нивниот миленик игра во републичката лига....

Одамна не сум бил на Градски(одамна не се вика така) и не знам ништо од тие придружни манифестации, но едвај чекам да почне Вимблдон, тоа ти е! 

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок