26 Ноември, 2024
0.0309

Јане Алтипармаков: Културолошкото самоубиство не стави во гето!

Објавено во: Интервјуа 08 Октомври, 2020

Добивај вести на Viber

Бучава, енергија, романтизим и поезија, волја и ентузијам. Како само почетоците на македонската држава паралелно може да се гледаат низ изразот на рокенролот од македонската рок и пост-панк ера од 90-тите. Дисторзија на звуци, навирање на спомени од еден убав почеток на македонската приказна, проследени низ хаосот на првите години од последната декада на 20-от век. Сите овие елементи може да ги погледнете во музичкиот документарен филм The Hip-Brainstormво режија на Јане Алтипармаков, кинематографија на Наташа Гелева, со Михаил Димитров и монтажа на Зоран Чаневски и Димитар Илиевски. Премиерата во рамки на Cinedays беше одлична шанса за лансирање на сведоштвото за култната македонска рок група The Hip која сигурно е непозната за многу од помладите генерации. По тој повод разговаравме и со режисерот Јане Алтипармаков, за изгубениот елан во културата. Можеби премногу го романтизираме минатото, но ако го гледате The Hip-Brainstorm сигурно ќе ве полазат морници од повеќе моменти, импресивните музички изрази на бендот од Куманово, првите чекори на независноста, и неизбежно е да направите споредба со денешните состојби. Дали го изгубивме рајот на патот поплочен со златни „намери“, изгубен во шумата на ниските страсти, шундот и кичот.


Фактор: Колку е важна оваа приказна на бендот Hip гледано низ еден историски контекст, на 90-тите, создавање на нова нација, со нова енергија, придружена со енергијата на рокот и специфичниот музички звук. Што беше мотивацијата за вас да ја преточите оваа приказна во документарен филм?

Алтипармаков: Мотивацијата беше тоа што во 90-тите со албумот Songs about books and flowers бев средношколец и ја купив касетата како музучки љубител. Бев максимално фасциниран од содржината бидејќи немав дотогаш слушнато македонски бенд кој звучи на таков начин. Сме имале супер бендови и се уште имаме, беа спомнати и во филмот како Архангел, Мизар и други, но немав чуено баш ваков бенд кој звучи и македонски и истовремено британски или американски. Во тој момент не бев свесен за тоа што текстовите сакаат да го кажат, нешто подлабоко од рокенрол лирики. На самиот почеток од документарниот филм историскиот контекст го немав во предвид, но снимајќи ги интервјуата и посетувајќи ги културолошките часови кои беа еден вид на подготовка, сфатив дека тие две работи се поклопуваат. Создавањето на Македонија како држава и постоењето на Hip како бенд. Тоа ми се виде многу битно и затоа некако решив заедно со останатите креaтивни учесници во проектот да го вклопиме во една целина. Јас ако смеам да си дозволам да кажам, овој проект не го гледам само како музички документарец, туку и како социолошки па дури и филозовски коментар со една подлабока анализа на текстовите, на песните на бендот, за нивната поезија и естетика.


Фактор: Низ филмот се провејува една нишка, особено со текстот Suicide на бендот Hip за пост периодот на 90-тите, за едно самоубиство во културолошка смисла, за умртвување на културата и естетиката на еден народ и нација. Ако направиме паралела на таа енергија во 90-тите која била присустна во ентузијазмот за создавање на сопствена држава и сопствена култура и музика, дека се создава нешто ново, со денешните состојби, дали културата може да биде одговор на кризата во општеството, апатијата и немањето визија?

Алтипармаков: Тоа самоубиство културолошко за кое зборува вокалистот на Hip за жал се случи. Ако ние во тие години сме имале бендови како Hip, Мизар, Архангел, и уште многу други, ако имало клуб во Куманово каде што свиреле ЕКВ и Електрични оргазам, за жал во остатокот од Македонија тоа сега го нема. Се случи тоа културолошко самоубиство и како што кажува Кичо од ТБ Трачери во еден момент, „драгите богаташи со нивниот кич и невкус“ ја наметнаа генералната естетика кај нас, а тие кои што сакаат малку поезотерични и поспецифични изрази се затворија во едно сопствено културолошко гето. За жал таа, порака која ја упати Сале од Hip се оствари. Бев сведок на тие настани, тогаш беше подинамично и подобро отколку сега.

Скопје можеби беше помал град, ги немаше овие велелепни градби како денес, но тој „вајб“ сега е изгубен. Културата едноставно треба да биде движечка сила, погон на нови идеи, на нови генерациски движења, на нови проекти. Треба да се врати креативноста, да се работи со повеќе посветеност и елан, публиката и јавноста тоа да го восприеми, да има доволно канали за пренесување на тие идеи и секако треба да се овозможи пристап до соодветните финасии за поддршка на алтернативни изрази кои имаат сопствена вредност и цел.

Фактор: Кои се плановите за следниот период, најавивте дека можеби ќе има и продолжение кое повеќе ќе се посвети на вториот студиски албум на Hip, во кој правец планирате да се движи, има ли тематска замисла во која ќе одвива следниот документарен филм?

Алтипармаков: Добар дел од досегашната публика на филмот е млада и нема претстава за тоа дека постоел бенд како Hip. Тоа не поттикнува да направиме и трет дел од серијалот кој повеќе ќе биде видео есеј со анализа отколку стандарден музички документарен филм. Идејата е некои скриени пораки кои се наоѓаат на вториот албум на Hip преку културолошко објаснување да излезат на површина. Бидејќи се наоѓаме сред пандемија, и сите сме свртени целосно со начинот на живот, јас се надевам, но не можам со сигурност да тврдам кога точно би излегол следниот филм. За жал, вториот албум се појави нешто подоцна, некаде во 2001 година и немаше доволен импакт кој креаторите и бендот го очекуваа. Затоа во овој дел на тој албум му посветивме помалку внимание, но ако се се одвива се добро ќе го прикажеме во третиот дел.

Х.С 

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ИНТЕРВЈУ ЛАЗЕ КАМЧЕВ, НЛБ ФОНДОВИ: Инвестициските фондови не се само за богатите, тие нудат опции за секој инвеститор

ИНТЕРВЈУ ЛАЗЕ КАМЧЕВ, НЛБ ФОНДОВИ: Инвестициските фондови не се само за богатите, тие нудат опции за секој инвеститор