Јасмина Дуриќ: Достоинството нема цена!
Објавено во: Македонија 15 Ноември, 2016
“Целиот прогон против мене
почна кога излегов првиот ден на граѓански протести вон работно време против
аболицијата на Претседателот на РМ. За кратко време добив прекоманда од
Министерството за одбрана Скопје во Касарната во Кичево и тоа во мошне краток рок
да предадам должност и да се јавам на нова должност.Претходната должност беше
референт за логистика во Одделението за односи со јавност во Министерството за
одбрана и оттаму добив прекоманда како
ракувач во Кујната во касарната во Кичево. Останаа неодговорени побарувања за
закупнина, кое според Законот за служба во АРМ ми следуваше како додаток во
службата, потоа ми ја блокираа присилно електронската картичка за влез и излез
во воени простории, телефонскиот број кој го користев 3 години, барав годишен одмор
без објаснување не ми беше одобрен, барав неплатен, исто така премолчено без никаков пишан документ.”- раскажува за Фактор, Јасмина Дуриќ,
подофицерката во АРМ која доби отказ од работа поради учеството во протестите
на Шарената револуција.
Во меѓувреме вели и пристигнало по пошта Решението за дисциплинска мерка дека го нарушила угледот на АРМ, потоа 10% од месечниот надомест за плата и на крај добила отказ, но сеуште не знае по кој основ бидејки како што вели “традиционално долго патуваат” документите од касарната Кичево. Јасмина не се плаши јавно да проговори за реалните проблеми, но со години ги гледа дел од нејзините колеги како молчат пред заканите и притисоците. Со својот пример сака да ги охрабри да не потклекнуваат пред притисокот, бидејќи достоинството и слободата како што вели немаат цена.
“Мое лично доживување е дека молчат и надлежните и колегите. Едните заради добра положба и некакви минорни овластувања, а колегите најчесто заради станбен кредит, страв од отказ, извршители, сметки, прекоманда, сигурна плата, несогледување на друг избор во живот, некои поради ,,задолжување,, кај партијата поради одредени бенефиции–мировни мисии, специјализации, добивање повисок чин /квалификација и дошколувања во странство,. Но, секој човек секако има избор и никако, според мене не треба да е несреќен и незадоволен, а да е принуден да работи против својата чест, општествена и лична углед, права или работни услови надвор од неговиот интегритет. Поедницот го создава општеството-општеството го создава поединецот. Взаемната врска е нераскинлива”- објаснува Јасмина.
Повикувајки се на Правилото на служба, раскажува Дуриќ, одредени претпоставени го злоупотребуваат и им служи како манипулативно средство за тренирање на партиска дисциплина.
“Низ лични разговори, исто и низ мое лично искуство многу личности кои не се никаков одлучувачки фактор во Армијата или МО добиле прераспределба врз основа на тоа дека се политички неистомисленици исто како јас самата. Многу од нив премолчиле од лични причини и многу од моите колеги се истрајни борци кои трпат притисоци, патуваат, работат несоодветна работа и ја издржуваат ,,казната,, и се надеваат на подобро утре баш со промена на власта. Би сакала да кажам оваа појава за тринаедет години работен стаж не ми била позната дека некој се трудел и се надевал во АРМ за промени преку промена на владеачка партија, АРМ и МО не смее и не треба да биде партиски определено за било која политичка постава во иднина”- смета Дуриќ.
Битката за правда вели ќе ја бара на суд. Денеска е првото подготвително рочиште, но подготвена е правна и праведна разрешница да бара и во Стразбур.
“Јас лично, сум убедена дека има сериозни прекршувања не само на Законот за работни односи, туку и на Законот на служба во АРМ, како и на Уставот на РМ. Поради тие убедувања сум решена да одам до ,,крај,, ако мислите дека крајот е судот во Стразбур, до таму сум спремна да одам заради тоа што мислам дека неправедно ја добив прекомандата и отказот и дека неправедно трпев притисоци. Ако остане оваа власт не очекувам правда, да бидам искрена. Тој сомнеж ми е наметнат токму поради препреките со кои се соочува СЈО, потврден преку автентичните прислушкувани разговори и на кој начин биле поставувани судии и тој случај сеуште нема разрешница кој прислушкувал , а кој слушал. Но, надежта сепак постои , постои 11.12.2016г. каде секој граѓанин самостојно ќе одлучи какво судство сака да има”- додава Јасмина.
Според неа многу е лесно кога човек има избор, а изборот е во одлуката дали да сте послушни или да се спротивставите. Одлуката вели носи одговорност, лична и општествена, но и морална сатисфакција за вредност и знаење, што треба да биде база за градење на иднината на младите.
“Тоа што имаме фабрики за да работат граѓаните за 200 евра ( потпросек во ЕУ) без синдикати, без никакво тело за заштита на работниците и нивните работнички права и без пружање на можност за напредок и развој не е просперитет или успех. Ако се неистомисленици секако дека најдобра опција им е државна администрација каде пак, влегуваат со иста позиција, плата и гратификација за личниот труд од почетокот до крајот на кариерата. Неисполнети, неиплатени за трудот , неценети, а пак на платниот список за плата исто како некој кој ништо не сработел со години ништо. Затоа секој еден граѓанин треба да сфати и разбере дека секој еден глас одлучува и дека доколку е уценет, позади параванот може и треба да го даде својот глас слободно без никакви притисоци”- потенцира Дуриќ.
По тринаесет години служба во армијата, Јасмина вели не е разочарана, ниту несреќна за одлуките кои ги донела. Верува во себе и својата способност чесно да го заработи тоа што го сака и умее. Како граѓански активист верува дека се бори за подобро општество бидејки сака Македонија да биде земја на посреќни и позадоволни луѓе. Изборите на 11 декември вели се нејзина но и надеж на граѓаните, не само за промена на владеачката партија, туку референдум дали да се остане во Македонија или да се продолжи животот надвор од земјава.
С.Б.