19 Април, 2024
0.0244

Јаткасти плодови „произведени“ на македонски автохтон начин

Објавено во: Колумни 29 Ноември, 2019

Добивај вести на Viber

Една веќе „ легендарна“ поранешна министерка, често пати во своите јавни настапи го користеше терминот „ согласно Уставот и законите“. Нормално дека во ваква криминализирана, корумпирана и  на периферијата на Европа држава, се е според  Уставот и законите. Всушност самиот Устав, а и законите внатре во него се креирани и создадени да бидат заштитници на криминалот на  „ елитите“ во оваа земја. Согласно Уставот и законите, Бонева Силванева и Мира Дизел „ лапаа“ илјадници евра од патни пратенички трошоци, согласно истиот тој Устав и законите , членовите на  Државната комисија за спречување на корупцијата си делеа бонуси, па требаше американскиот амбасадор да биде тој кој ќе го обелодени овој скандал, и на крај ете согласно Уставот и законите, обвинителите во Специјалното јавно обвинителство на чело со невработената самохрана мајка си поделиле баснословни бонуси во илјадници евра. Не постои кабаница, ниту никаква наметка која може да го покрие и сокрие севселенскиот срам на „ сењора“, и не постои никаков аргумент, ниту оправдување на една од специјалните јавни обвинителки ( таа со брендираните чанти од неколку илјадници евра), кои можат да го релативизираат или пак не дај боже да го оправдаат нахалното и безобразно арчење на македонски народни, буџетски пари. За лешниците и јаткастите плодови и не ми се зборува. Убаво еден  популарен активист на социјалните мрежи констатираше: „ ние јавни обвинители сме имале, или пак верверици“?!

Не Вардар, туку  Нил не го пере срамот!

Во држава, во која секој  посериозен случај на здравствен проблем на граѓанин , фондот за здравство не е капацитетен да ја покрие потребната сума за лекување, се собираат со смс донации  средства за лекување на болни деца, млади и возрасни, вие да ја имате историската улога и шанса да ја донесете толку очекуваната и толку посакуваната правда во оваа криминална земја , и  да ја прокоцкате на овој начин, не ви преостанува ништо друго, освен да се пријавите на мисијата на Илон Маск и да се населите на Марс, да исчезнете од планетата Земја, бидејќи не постои катче, ниту место на кое може да се населите  на нашата планета, и да го исперете срамот кој го носите и „ јадете“. Па таа алатка на Министерството за финансии, за отворени финансии, ни покажува дека т.н и самопрогласени  „ борци против режимот“  , новинари, ќерки, синови, снаи и зетовци на јавни обвинители, на јавни функционери биле на платен список  на СЈО. Се трошело и аздисувало по српското „ шаком и капом“ бидејќи било државно,а државното во оваа земја се смета за нешто туѓо, нешто кое треба да се заграба, да се земе, да се украде. Не верувам во случајности. Најмалку во  развојот и создавањето на една нација и една држава низ еден историски процес. Затоа често пати сум тврдел, дека фактот кој Македонија ја става во редот на земјите кои последни ( дури и последна од своите соседни балкански држави) создаде своја државна заедница, и тоа не независна туку во рамките на една поширока заедница после Втората светска војна, не е нималку случаен. Си има причинско-последични врски зошто е тоа така. Израелецот Сем Вакнин, кој живее  во Македонија долго време, своевремено во едно свое интервју за неделникот Фокус, психолошки ги детерминира Македонците и констатира дека уште од време „ турско “, односно кога македонското население било под Отоманско ропство, народот државата како една организирана заедница ја гледа како нешто туѓо, нешто кое треба да се „ зафркне“, да и се направи штета, да се открадне од неа нешто. Сепак, ние создадовме наша македонска држава, дури и независна но за жал, таа наша менталитетна дисциплина остана. Што добивме како своевиден резултат од тој македонски ориентален и реакционерен менталитет?

Македонецот се краде(л),  секогаш самиот себе!

Тие кои требаше да ја делат правдата, станаа најголеми неправедници, тие кои требаше да ја спречуваат корупцијата, тие корумпирале, тие кои требало да ја спречуваат кражбата на рибниот фонд во Охридското езеро, тие ги краделе рибите и многу други неброени примери, каде што разумот не постои, а царува лудоста- таа во оригинерен и оригинален македонски вид. Еден графикон од Евростат, покажува дека во изминатата деценија , повеќе од 250.000 граѓани на Македонија, трајно ја напуштиле земјата и емигрирале во некоја од западноевропските земји. Тоа се официјални податоци од односните земји и од европските институции кои се занимаваат со ова прашање. Другото прашање пак е, уште колку други по неофицијален „ канал “ граѓани на Македонија се имаат иселено од најзагадената земја во Европа, и својот живот продолжиле да го градат и трасираат во некоја земја која ќе им понуди шанса и можност за себереализација. Македонија демографски умира, Македонците умираат и од најзагадениот воздух и почва, а се разболуваат од разни болести причинети и од загаденоста на воздухот и од стресот со кој секојдневно се соочуваат. Една моја професорка по биологија во средно училиште, цели три години ни предаваше лекции по биологија со главна тематика- стрес, велејќи и констатирајќи дека стресот е  директен или индиректен причинител на 80 % од сите болести во човечкото  тело. Па така, Македонците станаа „ екпериментални глувци “ во лабараторијата на нивните политички елити, кои секојдневно еве веќе три децении им дозираат во различен интензитет „ порција стрес“. Нашите источни соседи, или како што тие милуваат да кажат не наречат „ нашите братја “ , за да си ја опишат општествената голгота во која се наоѓаат ( бидејќи и тие не се нешто поарни од нас  во секој поглед) го користат изразот „ Тешко ни, горко“, или на македонски  слободен превод „ крајот не може да си го најдеме“. За жал, или за среќа, стотици илјади македонски граѓани, без разлика на нивната етничка или религиска определба, крајот си го најдоа – во уредените и нормални функционални  и развиени  прекуокеански и западноевропски земји. 


Благојче Атанасовски - политиколог

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок