20 Април, 2024
0.0270

Каде да инвестираме?

Објавено во: Колумни 05 Февруари, 2014

Добивај вести на Viber

Деновиве се објави веста за отворањето на новата државна видео лотарија со која ќе се овозможи интернет игрите на среќа да се организираат во Македонија, а не во странство како досега. Многумина ќе се запрашаат зошто на вакви интернет казина им се дава легитимитет во Македонија кога се знае дека од игрите на среќа само 1-2% учесници добиваат или поточно онолку проценти поврат им се враќа на играчите од уплатите колку што организаторот на играта однапред ќе сетира во самата игра? А кој нормален, би сетирал машината да врти во негов зијан? Сепак подобро е и ваквите игри на среќа да бидат легални отколку играчите на среќа грубо да ги наречам “коцкарите” , да се изложуваат на ризик да учествуваат на странски интернет портали со сомнителен карактер, потоа да изнаоѓаат разни нелегални или полулегални начини за трансфер на парите во странство надвор од легалните парични токови а на крај на краиштата и кајмакот од тој бизнис да го собираат странски држави и организатори на игри на среќа. Не сакам да ги рекламирам игрите на среќа , а особено таканаречените хазардерски игри , ниту хазардерството кое е страшен порок од кој секој би требало да се пази, но кога веќе оваа негативна човечка активност, која постои од памтивек, е присутна подобро е да биде легализирана и донекаде контролирана отколку да биде забранета, табуизирана и како таква изрекламирана до ниво несакајќи да привлече уште повеќе приврзаници. Настрана муабетот за коцката како страшен порок, сепак оваа активност кога веќе е присутна подобро е оние кои не можат да се ослободат од порокот да го прават тоа во земјата отколку да го прават некаде надвор. Како за пример можам да ги споменам коцкарниците во Гевгелија каде посетители се претежно граѓаните на соседната Република Грција, страсни љубители на игри на среќа. Од нивната коцкарска активност огромен бенефит имаат граѓаните на Гевгелија, економијата на Гевгелија и регионот, а сигурно големи бенефити има и нашата држава преку собирање на даноци, гранични такси и слично. Што би кажале дежурните душегрижници настроени да критикуваат се и сешто ако ги запрашам што би се случило ако работата беше насадена обратно, та казината да беа забранети од нашата страна на границата а да можеше да се коцка во соседна Грција? Дали тогаш нашите хазардери ќе одеа на вечерен аџилак во соседните градови од таа страна на границата и ќе оставаа големи суми на кеш кај соседите? Дали тогаш ќе бевме морално поисправни не дозволувајќи легализација на хазардерството во нашата земја? Но, вистинското прашање кое како економска заедница треба да си го поставиме е каде се македонските граѓани легално може да инвестираат. Дали нашите финансиски пазари се равиваат во вистинска насока и колку бргу се развиваат? Дали постојат многу можности за оплодување на капиталот или органичени ни се можностите? И додека кладилниците и игрите на среќа се појавуваат на секој чекор како печурки после дожд, вистинските можности за инвестирање  во Македонија, каде парите вистински би можеле да се оплодат се далеку од нас. Илузорно е да споменувам  колку лесно можеме да отидеме до првата кладилница и да ставиме например 100,000 денари на некоја непозната екипа од петтата англиска дивизија или третата лига на Норвешка например, а од друга страна да не можеме за ист износ да инвестираме во инвестициско злато,  да инвестираме во цената на нафтата, позначајните метали и стоки,  потоа на индексите на главните светски берзи или пак сеуште да не сме во можност да си купиме од акциите на Apple, McDonalds, Samsung, VW и други глобални брендови. Каква е сегашната ситуација? Освен класичното штедење во банка, вложувањето во акциите и обврзниците на македонската берза коe во моментов е екстремно неатрактивно, потоа тргувањето со државните записи издадени од страна на Министерството за финансии на РМ не постојат многу други инвестициони можности за македонските граѓани. Дури и класичното форекс тргување не е развиено и распростането како инвестициска можност иако веќе се појавија некои online агенции. Бидејќи берзата ни е сеуште малку ликвидна и неатратктивна во моментов ги споменувам класичните банкарски депозити,  државните записи и другите обврзници за денационализација со фиксен принос во кои може да се вложува, но сите овие инструменти во последно време се се помалку атрактивни за малите инвеститори заради се пониските каматни стапки. Во голема мера причината за малиот дијапазон на инвестициони можности лежи во регулаторните органи и нивниот страв дека со евентуалната можност да дозволат користење на модерните светски глобални инвестициски иструменти  ќе се испразни капиталната сметка на државата со тоа што резидентите ќе го иселат својот капитал на другите странски берзи.  Иако финансискиот систем во Македонија е најдобро развиениот и контролиран организиран систем во земјава простор за натамошно подобрување во оваа насока мора да има. Исто така и финансиските субјекти кои треба да нудат таква услуга во услови на регулаторни празнини не се чувствуваат сигурни во развивање на  такви финансиски дејности. Сепак ако добро се погледне како денес во голем дел тргува светот, а тоа е пред се преку “Mаргинално левериџ тргување” и преку “Договори за разлика во цена” ( Contract of differencies) непотребен е стравот за одлив на капиталот од Македонија затоа што преку маргина тргувањето потенцијалниот износ кој клиентите би го инвестирале е многу помал а со тоа и ризикот од загуба за клиентите е многу помал од класичното тргување каде постојат и ризици од содоговорната страна и порамнувањето (губењето) на парите во платниот промет. Од друга страна преку Контрактите за разлика во цена инвеститорот не мора физички да располага со одредена актива туку едноставно тргува со цената на инструментите, а не реално и да ги купува истите и да ги држи во своја физичка сопственост.  Затоа стравот од селење на капиталот од Македонија не треба да постои а од друга страна не можеме вечно да стоиме хибернинарни во свој мал свет без да ги следиме светските инвестициски канали. Капиталот во светот од поодамна се врти со рапидна брзина и доколку не ги следиме модерните финансиски текови реален е фактот дека сите земји во светот ќе не претекнат а да потоа не можеме долго време да го достигнеме нивниот развој. Покрај стравот за селење на капиталот уште едно образложение во финансиските кругови со кое се поткрепува оваа хибернација е дека на светските берзи инвеститорите во најголем дел, демек,  губеле многу пари. Би рекол дека сепак се работи за инструменти чија цена понекогаш оди нагоре понекогаш оди надолу и потенцијалниот инвеститор може да заработи и кога берзите растат но исто така и кога тие паѓаат. Златото неколку години рапидно растеше, но оваа година губи од вредноста, сепак долгорочно тоа порасна од 37 долари за унца во 1970 на над 2000 долари за унца во 2011-та.. Исто така погледнете како во 2013-та поминаа главните светски берзи кои доживеаја рапиден раст и како тоа би го коментирале со стагнацијата на македонската берза?. Понекогаш вреди да се тргува со никел, понекогаш со сурова нафта, а некогаш е добро да се купуваат акции на растечките пазари како што се БРИКС земјите. Понекогаш се добиваат пари, понекогаш и се губат, но само кога не тргувате со ништо ниту добивате ниту губите, односно да бидам попрецизен и тогаш губите бидејќи најтрагичното е тоа што не ни учите како треба тоа исправно да го правите. А кога сте завршиле со учењето во животот, тогаш навистина сте завршиле со себе, ако ме разбирате. Затоа можности за профит стојат на располагање на сите страни, само некој треба да ги искористи финансиските пазари, за разлика од коцкарниците каде се е чиста среќа и ништо повеќе.Затоа не е точно дека само се губи на берзите. Односно тоа е точно само доколку инвеститорите неорганизирано сами приоѓаат да тргуваат на берзите. Доколку тоа го прават преку професионални и бонитетни  институции екипирани со професионални инвестициони советници и персонал кој има искуство и солидни  познавања од инвестициското банкарство и кој ќе може квалитетно и концизно да им ги објасни основните правила на инвестирањето и тргувањето како и ризиците на кои се изложени доколку тоа го прават без план и стратегија, потенцијалните загуби се минимизираат. Во ваков случај загубите би биле лимитирани  бидејќи инвестирањето ќе може да го наречеме дека е вистинско тргување а не коцкање. Последните неколку години кај нас се отворија неколку инвестициони фондови кои понудија одредени инвестициони продукти  но за жал не успеаја да привлечат поголемо инвестициско портфолио пред се бидејќи се појавија во лош момент, односно , во екот на Кризата. Исто така нивниот досегашен неуспех е резултат на фактот што македонските инвеститори во најголема мера беа депримирани поради крахот на нашата Берза. Заради ваквите инхибирани берзански состојби живееме во една инхибирана психоза и страв од инвестирање. Дури и Мартин Скорсезе да дојде едно 3 месеци да поживее кај нас сакајќи да подготви продолжение на “Волкот од Вол Стрит” , кога би ги видел нашите финансиски пазари, претпоставувам би го сменил планот и би снимил класичен детски анимиран филм со наслов  “Јагнето од Желкиното сокаче”. Дарко Стојкоски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок