26 Април, 2024
0.0287

Каде плови Европскиот брод?!

Објавено во: Колумни 13 Декември, 2019

Добивај вести на Viber

Секоја  супранационална  заедница/ конгломерат има свој почеток и свој крај. Потрошеноста на моделот на Југославија и Советскиот Сојуз (СССР), во дваесеттиот век, значеше и крах на овие наднационални заедници. Причинско-последичните врски доведоа до тоа, но најголем причинител  беше  внатрешниот политички и економско-стопански  систем, кој не можеше да го фати  текот на времето. Во седумседесетгодишниот јубилеј  на НАТО алијансата, и полавековната  Европска унија, врвни европски челници денеска го поставуваат токму тоа прашање: дали овие алијанси се веќе застарени, и дали нивниот перпетуирачки модел не е адекватен на времето. Тоа изискува  сериозни реформи внатре во организациите, за да не им се случи трагичната судбина на поранешните  тоталитарни комунистички супрасистеми. Колку  од  денешна перспектива, да бидат обвинувани некои надворешни центри на моќ, кои работеле на урушување на Југославија и СССР, ноторен факт е дека внатрешните проблеми со кои се соочувале политичките естаблишменти во комунистичките заедници им  пресудиле и својот крај го дочекале во дамнешната 1989 година.

Тврдокорност во позициите за внатрешни реформи!

 Па така, францускиот претседател Емануел Макрон, нималку наивно го поставува прашањето за опстанокот на НАТО и Европската унија, барајќи сериозни реформи, бидејќи според него „ НАТО е клинички мртво, а ЕУ е на работ на опстанокот“. Авторитаризмот, популизмот и национализмот е „ светото тројство“ кое сериозно се заканува да го сруши европскиот проект на либерални вредности и  почитување на различноста. Впрочем  Унгарија и Полска се детерминирани како „ лоши момчиња“ во самата ЕУ, бидејќи ја негуваат линијата на „ една нација, една религија, една држава“, не дозволувајќи  во нивните  земји, по системот на квоти да бидат доселени мигранти од блискоисточните и африканските држави. Либерлната политика на германската канцеларка Ангела Меркел, за прием на  вакви доселеници, го подигна  рејтингот на антиимигрантската, популистичката и националистичка  Алтернатива за Германија. Вакви политички партии и движења  се веќе факт и реалност низ целиот европски континент. Во Франција, единствено усојузувањето на сите политички фактори против  националистката Марин Ле Пен, спречува оваа политичарка да стане претседател на француската република, а со тоа да постане и една од најмоќните жени во светот. Од друга страна пак, извесно е дека идната влада во Италија ќе биде предводена од Матео Салвини, истомисленик на Ле Пен. На островот, токму тие центрифугални антиимигрантски и популистички сили, ја извадија Велика Британија од ЕУ структурите, создавајќи сериозен потрес на  европската сцена и поткопувајќи го  навистина европскиот проект на сеевропско обединување. Вакви политички партии, слични по својот авторитарен и националистички наратив, кои во суштина се и анти ЕУ  расположени се  веќе утврден и многу значаен играч, кој од избори на избори добива се повеќе и повеќе гласови, а со тоа и легитимитет од  европските граѓани. Се поставува прашањето: каков против одговор на сето ова ќе дадат старите европски политички елити, кои во својата баналност и  неподносливата леснотија на фунцкионирањето ги губат своите позиции кај европските гласачи. Дали  возот е тргнат и враќање назад нема, па само прашање на време ( на години) е кога европскиот проект ќе се распадне како кула од карти, во еден даден историски момент, или пак се ова е само „ криза на европскиот идентитет и легитимитет“ е прашање на кое ќе почекаме за да го видиме вистинскиот одговор.

Европско проширување, или европска дезинтеграција?!

 Едно, сепак е сигурно. Проблемите со кои се соочуваат европските челници, ќе бидат трансферирани и негативно ќе влијаат врз желбите и посакувањата на балканските држави и нации кои сакаат да се интегрираат и приклучат кон европскиот проект. Тоа веќе го почувствувавме на своја глава, пред  скоро време, кога токму поради овие погоре опишани проблеми францускиот прв човек, ни ја затвори европската врата пред нос, нам и на соседна Албанија. Европскиот меден месец, со голема веројатност  веќе заврши. Во  европскиот брак од интерес, сега веќе на сцена се секојдневните караници и незадоволства од функционирањето на еу домот и на европската заедница. Колку и да сакаат да се себезалажуваат европските челници дека се е како што треба, и дека се функционира нормално, тоа на очиглед на целата европска и светска јавност и е јасно дека не е така. Доколку се мудри, одлучни и доколу имаат чувство на одговорност за спас на европската идеа, ЕУ естаблишментот ќе мора да ги прифати повиците за реформи и реструктуирање на самата Европска унија. Многумина аналитичари и политичари од денешната историска дистанца, велат дека доколку се имало сенс за внатрешно реформирање и  решавање на напластените проблеми, фаќање во костец со новото време, можеби денеска и Југославија и СССР би биле реалност. Како и да е, има една вистина , а тоа е дека  реверзибилност во  историските настани нема. Подобро е да се спречи, бидејќи после распадот ( „ смртта“) , на една заедница, не може ни да се лечи.  Единствено може од подалечна временска дистанца само и само да се жали по едно минато, изгубено време, во кое граѓаните кои живееле, евоцираат спомени дека им било убаво и живееле среќно. Последно, анкетата во која, мнозинството од сите земји членки на ЕУ, освен граѓаните на Полска, изјавиле дека подобро би живееле внатре во Унијата, отколку надвор од неа, дава надеж дека европската тврдина ќе остане се уште во заедништво, но доколку ги прашате граѓаните на југословенските републики пред самиот распад на Југославија, и тие веројатно ќе одговореле дека им  е подобро да живеат како дел од самата Југославија, одошто надвор од неа. Сепак Југославија се распадна, во крв и пепел. Европската унија нека учи од примерите во „ соседството “ , но и од сопствените грешки во историјата, кои воопшто не се малку. 


Благојче Атанасовски, политиколог

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД