Како да го препознаете ниското ниво на шеќер во крвта?
Објавено во: Стил 21 Мај, 2014
Хипогликемијата народски кажано претставува пад на концентрацијата на шеќер во крвта. За разлика од хипергликемијата која претставува зголемено количество на шеќер во крвта и се јавува како подмолна состојба која во почетокот не прави никаков проблем, хипогликемијата претставува ургентна состојба која се јавува моментално и бара итен третман.
Концентрацијата на шеќерот во крвта во нормални услови треба да изнесува некаде од 3,5 до 5,5 mmol/l, сепак референтните вредности зависат од лабораторијата. Генерално кажано кога концентрацијата на шеќерот во крвта ќе падне под 3 mmol/l, доаѓа до состојба позната како хипогликемија. Општи симптоми кои се јавуваат кај хипогликемијата се: ненадејно интензиво чувство на глад, потење, тресење на телото, неможност за стоење, интензивна нервоза и забрзана работа на срцето. Човечкиот организам претставува сложена целина, која функционира по точно определени параметри. Па така, концентрацијата на шеќерот во крвта мора да се одржува во рамките на референтните вредности, во спротивно таквата состојба ќе му наштети на организмот. Централниот нервен систен (CNS) има потреба од интензивна исхрана, односно тој најпрво ќе реагира доколку нивото на шеќер во крвта се намали. Во такви случаеви, нервните клетки неможат правилно да се исхрануваат, а со тоа неможат да ја извршуваат својата функција и најчесто доаѓа до губење на свеста. Мораме да нагласиме дека секое губење на свеста од било која причина прави неповратни оштетувања на централниот нервен систем, бидејќи многу неврони изумираат, а мозокот нема можност истите да ги надокнади. Хипогликемијата е состојба која се јавува најчесто кај дијабетичарите кои користат инсулин, бидејќи обично неможат да ја прилагодат дозата која треба да ја употребуваат секојдневно. Инсулинот е хормон кој го складира шеќерот од крвта во црниот дроб и некои други ткива, така одржувајќи ја концентрацијата на нормално ниво. Но, доколку инсулинот е во голема количина, тој ќе ја намали концентрацијата на шеќер до критично ниво и ќе предизвика хипогликемија. Сепак, хипогликемија не се појавува само поради неадекватна терапија со инсулин, таа може да се јави и од други причини, која најчеста е поради гладување, но може да се јави и кај луѓе кои имаат оштетувања на црниот дроб, надбубрежната жлезда или прекумерно користат алкохол.
Доколку сте сведоци на хипогликемија на некој пациент, првата помош која треба да ја примените е давање на продукт кој содржи прости јаглехидрати кои брзо ќе ја подигнат концентрацијата на шеќер во крвта и ќе помогнат состојбата на пациентот да се нормализира. Најдобро е конзумација на сок, по можност да е газиран, но и било каков сок би завршил работа само треба да се даде што побрзо.