Добивај вести на Viber
Субвенции за сончеви колектори, апели за промена на апаратите за домаќинство и обичните светилки со енергетски ефикасни промена на фасадите и прозорците – ова се дел од мерките со кои власта се обидува да ја спроведе енергетската ефикасност на терен, за да се намали потрошувачката на струја. Според експерите, овие мерки се недоволни и неопходно е промена на легислативата, особено на Законот за градење каде ќе се воведат точно утврдени стандарди за градење на енергетски ефикасни објекти, старт на гасификацијата, како и мерки со кои ќе им овозможи на компаниите во своето производство да вклучат технологија која е високоефикасна.
Енергетската ефикасност треба да почне да се спроведува од градежниот сектор. Таму е неопходно да се воведат стандарди за градење на новите објекти кои ќе треба да бидат енерегетски ефикасни.
Поранешниот заменик министер за транспорт и врски,
Скендер Палоши смета дека, сето она што сега се прави е само шминка. Нема посериозни чекори со кои реално би се спровеле мерките за енергетската ефикасност на терен.
„Во Законот за градење воопшто не се обрнува внимание на енергетската ефикасност на објектите. Иако во последните неколку години често се случуваа измени и дополнувања на законот, сепак оваа проблематика воопшто не е чепната. Меѓутоа, како се состојбите во државата, мислам дека и доколку законот би предвидел такви решенија, невозможно би било истите практично да се спроведат на терен“, вели Палоши.
Тој додава дека спроведувањето на ваквите мерки би значело и комплицирање на постапките за издавање на одобренија за градење.
„А како второ не верувам дека практично инвеститорите би се придржувале до истите затоа што спроведувањето на мерките за енергетска ефикасност на објектите во голема мерка би влијаело на крајната цена на градењето. Затоа мислам дека освен козметичките интервенции на министерството за економија, нема посериозен обид да се влијае во спроведување на оваа доста потребна мерка при градењето“, посочува Палоши.
Според него искуствата од развиените земји покажуваат дека самата држава треба да учествува во спроведувањето на овие мерки.
Важечкиот Закон за градење, вклучува само изјава на инвеститорите или градежниците, новите градежни објекти да ги проектираат и да ги изградат на начин кој е енергетски ефикасен, но, Законот не вклучува конкретни упатувања за инвеститорите или градежниците новите градежни објекти да ги проектираат и изградат на начин кој е енергетски најефикасен. Меѓу барањата за техничка документација, важечкиот Закон за градење не пропишува ниту барање за задолжително поднесување на проценка на потрошувачката на енергија за конкретниот објект пред издавањето на дозволата за градба.
Иако и во самата државна Стратегија за енергетска ефикасност, е наведено дека е непоходно да се донесат измени и во градежниот сектор кои ќе придонесат за изградба на енергетски ефикасни објекти, а со тоа и заштеда на енергија, сепак таа препорака се уште е само на хартија.
Препораки во Стратегијата за енергетска ефикасност за Законот за градење?
Измени на Законот за градење за да се пропише задолжително изготвување на студија за енергетска ефикасност во текот на фазата на проектирање на објектот, како предуслов за добивање на дозволата за градење. Комплетирање на Правилникот за енергетска ефикасност на градежните објекти за да се почне процесот на означување на градежните објекти во подглед на нивните енергетски карактеристики и контрола на котлите за топла вода и системите за климатизација. Изготвување на Енергетски кодекси за градежните објекти за новите градби со што ќе се гарантира дека новите објекти се градат на начин кој е енергетски ефикасен и со разумна економичност. Постапки за енергетски контроли и овластување на енергетски контролори. И покрај сево ова наведено на Стратегијата за енергетска ефикасност како препораки, сепак досега ништо не сторено.
Нема интерес за формирање на ЕСКО компаниите
ЕСКО фирмите всушност нудат енергетски услуги, и функционираат на тој начин што тие на компаниите им прават проект со кој им помагаат да ја намалат потрошувачката на енергијата, што потоа го наплаќаат зависно од договорот со компанијата. Но, во земјава се уште не е обезбеден терен за функционирање на ЕСКО фирмите и можноста тие да станат атрактивни.
“Дополнително на сите институционални и финансиски ограничувања, најголема пречка за ЕСКО во моментов е економска клима каде се бара брз поврат на инвестициите, токму поради перципираните ризици на подологрочните инвестиции. Моменталната политичка, социјална и бизнис средина не нуди поддршка за формирањен индустрија за енергетски услуги. Нејасноста и отсуството на политичка волја за политика за енергетска ефикасност со соодветен финансиски стимуланс, во комбинација со ограничената транспарентност и доверба во договорните аранжмани, го отежнуваат појавувањето, па и опстојувањето на ЕСКО “ пишува во Стратегијата за енергетска ефикасност.
Дополнително потребна е правна рамка за ЕСКО и договорите за енергетски услуги. Компаниите да добијат даночни стимуланси за набавка на енергетски ефикасна опрема.
Гасификација, клучен проект за енергетската ефикасност кај крајната потрошувачка
„Гасификацијата е важен основен елемент во реализацијата на сите предвидени мерки за енергетска ефикасност. И тоа не само од аспект на промена на енергенсот, туку напротив клучната мерка е поголема енергетска ефикасност на апаратите кај крајната потрошувачка. Гасификацијата ќе гарантира значително зголемување на енергетската ефикасност кај крајната потрошувачка, бидејќи домаќинствата ќе имаат можност да користат апарати со поголем перформанс, се наведува во стратегјата.
Сепак, освен континуираните најави за гасификација, физибилити студии и проекти досега на терен не е сторено ништо а за годинава државта одвои 4 милиони евра за гасификацијата. Единствено досега се гасифицираа само Струмица и Куманово.
Мерките што сега се превземаат се само шминка
Познавачите коментираат дека препораките на власата до граѓаните за превземање мерки за енергетска ефикасност со промена на светилките, фасадите, прозорците, како и употреба на сончевите колектори, се само дел од мерките што една држава треба да ги превземе за спроеведување на активности за енергетска ефикасност. Ефектот ќе биде поголем ако државата превземе посериозни чекори со промена на одерени закони неопходни за регулирање на повеќе сфери каде треба да се спроведе енергетската ефикасност, како и воведување на одредени олеснувања за компаниите кои треба активно да се вклучат во овој процес и да ја намалат потрошувачката со воведување на софистицирана опрема која е високоефикасна.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.