23 Април, 2024
0.0245

Како да се одбере вистинската банка?

Објавено во: Колумни 29 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Современите услови на живеење и работење неминовно ја наметнуваат потребата од воспоставување на деловна соработка помеѓу претпријатијата и граѓаните од една страна и банките од друга страна. Секој од нас има деловен однос барем со една банка. Ако некој има деловен однос со повеќе банки, тоа значи дека тој субјект има многу пари или многу долгови.

          Со оглед на тоа што банките се финансиски моќни институции, нивните реклами се секојдневно застапени во средствата за јавно информирање. Од тие причини, постојано сме „бомбардирани“ со најразлични понуди на банкарски производи и услуги – од депозити и кредити со поволни каматни стапки до дополнителни услуги со кои секоја банка настојува да биде подобра од конкуренцијата. Во такво опкружување, сосема е нормално секој од нас да си го постави прашањето дали ја одбрал вистинската банка со која (ќе) соработува. А тоа воопшто не е лесно. Треба да се има во предвид дека секој субјект има потреба од широк асортиман на банкарски производи и услуги. Кога на тоа ќе се додаде фактот дека најголемиот дел од понудите на банките се слични помеѓу себе, а разликите се мерат во нијанси, веднаш станува јасно дека изборот на вистинската банка претставува исклучително комплексно прашање. Со оглед на тоа што желбите и потребите на субјектите (правни и физички лица) се многубројни, а најголемиот дел од нив можат да се остварат со помош на парите, многу е лесно да се премине прагот на објективноста и да се залута во светот на илузиите. Добар дел од граѓаните посакуваат голема куќа или стан, луксузен автомобил или патувања од соништата. Добар дел од претпријатијата посакуваат решавање на финансиските проблеми преку ноќ, отворање на нови производствени капацитети и ширење на продажната мрежа. Дали е тоа реално или претставува илузија? Со пари од банките во вид на кредити сите работи стануваат реални. А што потоа? Што кога треба да се враќаат кредитите? Е тогаш сфаќаме дека вчерашната реалност претставува илузија од денешен аспект. Покрај тоа што секој субјект треба реално да ги согледа своите желби и потреби, при изборот на вистинската банка во предвид треба да се земат и многу други фактори. Еден од нив е секако финансиската состојба на субјектот. Мора внимателно да се разгледаат трошоците (во вид на камати по кредити и банкарски провизии) и приходите (во вид на камати по депозити) од работењето со одредена банка. Ако cost – benefit анализата покаже дека тој субјект има финансиски, односно економски интерес да работи со одредена банка, деловната соработка ќе продолжи. Во спротивно, субјектот мора да размислува за промена на постојната банка и избор на нова банка која многу повеќе ќе одговара на неговите финансиски потреби. Многу е битна и репутацијата на банката со која субјектот соработува. Под добра репутација не се мисли на рекламите со кои секоја банка настојува да се прикаже во јавноста во најдобро светло. Добрата репутација на одредена банка може да се побара во мислењата на експертите, издржаните економски анализи во медиумите и сл. Во крајна инстанца, секој субјект дава свој придонес во градењето на репутацијата на одредена банка. Ако тој субјект е задоволен од својата банка, тоа ќе го сподели со своите пријатели и деловни партнери. Нормално, ако субјектот не е задоволен, тоа исто така ќе биде споделено и негативно ќе влијае врз репутацијата на банката. Следен фактор кој треба да се разгледа е локацијата на банката, а посебно локацијата на нејзините експозитури и банкомати. Можеби овој фактор некој ќе го прифати со резерва затоа што ние сме мала земја, а и големината на градовите е „прилагодена“ на големината на земјата. Но, да се потсетиме колку пати сме се нашле во ситуација кога итно ни требаат готови пари, а најблиската експозитура или банкомат на нашата банка се оддалечени со километри. Затоа, развиеноста на „продажната мрежа“ мора да биде земена во предвид многу сериозно при изборот на банката. Електронското банкарство е секако еден од елементите кој треба да се разгледа. Во секојдневната трка со времето и парите, многу често немаме време да одиме по шалтерите или службите на банката. Токму затоа, плаќањето од дома или канцеларија значи огромна заштеда во време, а тоа е квалитет плус што може да го понуди одредена банка. И сосема на крај, не треба да се заборави човечкиот фактор. Сеедно дали станува збор за правни или физички лица, голем дел од субјектите се врзуваат за одредени банкарски службеници што ги познаваат од порано или со кои воспоставиле добра деловна соработка. Токму затоа, со право се тврди дека вработените се најголемото богатство на една банка. Личниот однос помеѓу службеникот и клиентот може во голема мера да влијае врз стекнувањето на лојалноста на тој клиент. Како да се одбере вистинската банка? Едно прашање, многу одговори. Секој од нас треба самиот да дојде до вистинскиот одговор. А ако погреши во изборот, ништо страшно. Ретко кој погодил од прв пат. д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок