КАКО „ПАЃА“ НЕКОГАШ ПОПУЛАРНИОТ ТРГОВСКИ - загубите се таложат, лани минус од 580 илјади евра
Објавено во: Економија 16 Март, 2022
Градскиот трговски центар продолжува да книжи загуби во работењето. И минатата 2021 година, исто како и претходната, оваа компанија ја завршила со негативен финансиски резултат, иако загубата лани е малку намалена во однос на 2020 година.
Билансот на успех кој акционерското друштво ГТЦ го објави преку Македонската берза говори дека таа компанија ланската година ја завршила во зоната на негативата, прокнижувајќи минус од 581 илјада евра.
Воопшто не е утеха фактот што и 2020 година акционерското друштво ја завршило со загуба, и тоа поголема од лани, односно 661 илјади евра.
Во образложението кое ГТЦ го дава до Берзата нема многу детали зошто и во 2021 година, како и претходно, упорно се продолжува со трупање на загуби, иако тој отворен шопинг центар се наоѓа на најатрактивната локација во главниот град на државата. Очигледно е дека некогаш многу популарниот „Трговски“ ја губи конкурентската битка со модерните молови од затворен тип кои никнаа во метрополата, и кои се наполнија со познати модни брендови, ресторани, но и други содржини кои го привлекуваат вниманието на се попробирливите потрошувачи.
Она што е охрабрувачки за ГТЦ во минатата година во однос на претходната, е дека приходите се зголемени повеќе во однос на расходите.
„Во дванаесетмесечното работење во 2021 година, друштвото оствари вкупни приходи од 230,29 милиони денари, кои се поголеми за 12 отсто, во однос на претходната 2020 година, а вкупните трошоци изнесуваат 266,015 милиони денари, кои се за 8 отсто поголеми во однос на претходната 2020 година. Остварен е негативен финансиски резултат во бруто износ од 35.,723 милиони денари“, се вели во образложението на ГТЦ на остварениот финансиски резултат прикажан во билансот на успех.
Од компанијата најавуваат уште и дека целта на нивното работење е да остварат позитивни резултати во наредниот период, односно во оваа 2022 година, со максимално ангажирање и целосно искористување на капацитетите со кои располага друштвото.
Дали тоа ќе успее со оглед на тоа што годинава ќе биде една од најтешките економски години, барем како што прогнозираат економистите, ќе се види во наредниот период.
Инаку, билансот на успех говори дека ГТЦ лани остварил приходи од продажба од 209 милиони денари, се разбира сите на домашниот пазар. На останати оперативни приходи отпаѓаат околу 15 милиони денари.
Кога станува збор за расходната страна, пак, најголем дел е ставката трошоци за вработените од 104 милиони денари, додека ставката набавна вредност на продадени материјали, резервни делови, ситен инвентар, амбалажа и автогуми, изнесува 73 милиони денари, додека, пак, 44 милиони денари се издвоени за амортизација. На останати расходи, пак, отпаѓаат 43 милиони денари.
Кон крајот на минатата година Градскиот трговски центар беше атрактивен и по тоа што прво таму имаше голема истрага дека се краде струја, бидејќи наводно во подрумите на трговскиот се копале биткоини, но потоа МВР експресно го затвори случајот, утврдувајќи дека таму немало кражба на електрична енергија.
Од МВР наведоа дека претставници на ЕВН и одговорни лица од ГТЦ биле повикани за да се направат проверки. Тие посочиле дека нема кражба, а со тоа полицијата констатирала дека нема сторено кривично дело од ничија страна.
„Денеска, во 14.45 часот, во СВР Скопје, А. М. пријавил дека во магацините на ГТЦ имало поставено машини за копање криптовалути, односно дека заради наводна интернет-трговија со криптовалути, извесни лица извршиле кражба на електрична енергија со цел да го опслужат неопходниот капацитет на нивните компјутерски машини неопходни за трговија со криптовалути. Полициски службеници веднаш излегоа на самото место во согласност со пријавата, извршија разговори со одговорни лица на ГТЦ и со претставници од ЕВН, при што утврдија дека за броилата, кои се во приватна сопственост, не е утврдена каква било кражба на електрична енергија по што е утврдено дека не постојат елементи за сторено кривично дело казниво во согласност со Кривичниот законик“, изјавија тогаш од МВР, додавајќи дека на истата локација, по пријава за сторено исто дело, било постапувано пред три месеци, а и тогаш не било констатирано дека има кражба на електрична енергија преку копање криптовалути.
Сепак, порталот МКД.мк во декември објави текст дека последната сметка за струја која сопствениците на дуќани во ГТЦ ја добиле, за нив била пријатно изненадување, затоа што била помала за најмалку 40 отсто.
Наводно, според порталот, сметките за струја биле намалени бидејќи од ноември, во подрумите на ГТЦ, наводно, не биле веќе браќата Бајрам, кои, како што пишуваше порталот, наводно таму копале биткоини, користејќи струја која не ја плаќале.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.