Како се стопија и државни пари со стечајот на ТЕ-ТО
Објавено во: Економија 21 Септември, 2018 07:04
Не само Топлификација АД, Комерцијална банка и турската компанија Гама Гуч, туку долга е листата на компании и институции на кои ТЕ-ТО им останал должен во времето кога е правен планот за реорганизација годинава. Сега, откако овој план и судски е прифатен, сите тие остануваат со празен џеб, затоа што согласно одредбите, долговите кон необезбедените доверители се бришат за дури 90 отсто. Она што е симптоматично е што во листата доверители на гасната централа во стечај се и државни институции. Во планот за реорганизација кој Фактор го има, стои дека заклучно со 1 март долгот на компанијата само кон Управата за јавни приходи (УЈП) изнесува над 16 милиони денари или над 260.000 евра. Тоа се пари кои УЈП нема да ги наплати воопшто односно од нив ќе земе само десет отсто или само 1,6 милиони денари (26.000 евра). Останува прашањето дали со планот за реорганизација на ТЕ-ТО за кој доверители веќе тврдеа дека е со низа пропусти не се злоупотребуваат и народни пари. ТЕ-ТО има долг и кон Водовод и канализација, МЕПСО, телекомуникациски компании, адвокати, нотари, осигурителни фирми.
УЈП всушност е во доверителите кои се со необезбедени побарувања. Кон сите нив, ТЕ-ТО должи речиси 170 милиони евра.

„За побарувањата на необезбедените доверители ќе се направи целосен отпис на сите камати, како законски казнени така и договорни како и отпис на главниот долг во висина од 90 отсто. Останатите десет отсто од главниот долг ќе бидат исплатени во текот на 2028 и 2029 година, односно после целосната исплата на обезбедените доверители и за нив не се пресметува никаква камата, стои во Планот за реорганизација на ТЕ-ТО.
Според ова, УЈП за долгот кој ТЕ-ТО го имал пред стечајот во вредност од 260.000 евра, во 2028 и во 2029 година ќе добие само по 13 илјади евра или вкупно 26.000 евра. Така ќе бидат обесштетени и сите други доверители кои се во класата необезбедени.

Во другата група, пак има доверители чии побарувања се обезбедени, а ним ТЕ-ТО им должи 54 милиони евра.
За случајот со стечајот на ТЕ-ТО, најгласно рерагираше Топлификација, но и акционери. Сите тврдат дека стечајната постапка е водена низ незаконски процес. Како што веќе објави Фактор, Апелациониот суд ги одби жалбите на Топлификација, Комерцијална банка и Гама гуч и ја потврди одлуката на првостепениот суд, според која ТЕ-ТО може да оди во стечај и да работи по предложениот план за реорганизација. Овие поголеми доверители тврдат дека и одлуката на апелација е скандалозна. Ним, ТЕ-ТО им должи околу 40 милиони евра, а само кон Топлификација долгот е 30 милиони евра. За случајот веќе се поднесени кривични пријави, а на него работи и Управата за финансиска полиција. Инаку во текот на судската постапка од страна на друг доверител беше предложен алтернативен план за реорганизација, кој предвидуваше целосно надмирување на сите доверители, без никаков отпис а истиот беше одбиен од судиката Сашка Трајковска. Тогаш се тврдеше дека по тој план немаше да има никаква штета за ниту еден доверител.
Од ТЕ-ТО вчера реагираа на ставовите на доверителите со тврдење дека планот за реорганизација е изготвен според објективни критериуми, согласно сите законски процедури и дека предвидува рамноправен третман на сите доверители. Велат дека со планот за реорганизација, не само што не се оштетени доверителите, како што се тврди неосновано, туку напротив овозможува најдобра заштита на интересите на доверителите, поради што тие го подржале со огромно мнозинство.
А.Т.
Можеби ќе ве интересира
Добро платени работни места за луѓе кои мразат состаноци
Украинските напади и санкции го земаат својот данок – ова не се случило со Русија од 2022 година
Историски максимум: Од почетокот на годината, цената на овој метал се зголеми за 113 проценти
Што кажува банкротот на iRobot за глобалниот пазар на роботски правосмукалки?
Кои се најуспешните земји во ЕУ во однос на наплатата на ДДВ?
Најлоши во ЕУ: Оваа земја е најзависна од парите што ги праќаат иселениците
Зошто се намалува вредноста на доларот во однос на еврото?
Најголемиот германски производител на челик привремено го запира производството во две големи фабрики - 1.200 работни места во опасност




